среда, 19 август 2009

Вечер: Бесплатен интернет има, сурфери ни за лек!

Скопјани не ги користат поволностите од бесплатни интернет - зони што пред триесетина дена им ги овозможија градските власти. Ниту во паркот Жена - борец, ниту во Градскиот парк спроти бараките на администрацијата на Град Скопје не можат да се видат граѓани со лаптопи в раце кои сурфаат по веб страниците. Безжичната конекција иако е достапна во текот на 24 часа, ретко се користи и преку мобилни телефони.
На бројните посетители на паркот, ништо не им значат ни информативните табли на кои пишува дека се наоѓаат во слободна интернет зона.
- Гледате и сами, во парков доаѓаат повозрасни луѓе, пензионери или родители кои ги шетаат своите деца. Ние доаѓаме за муабет, за дружење, за партија шах со другариве, за малку одмор во зеленилово. Не знам да работам со компјутер, а да ти кажам право и да знам тоа не би го правел овде во парк, туку дома. Можеби тоа е модерно, ама не сум видел никој овде да седи со компјутер - ни рече чичко Стојан кој е еден од најредовните посетители во Жена Парк. Младите пак, кои без исклучок се зависници од интернет комуникацијата и редовно се приклучени на популарните скајп, месинџер, на блогови, ги поддржуваат ваквите проекти, но велат дека треба да помине време да се створи навика кај населението.


- Во светот лаптопите се многу поевтини од кај нас, така што таму може да си дозволи да си купи секој. Кај нас најчесто ги користат деловните луѓе, а за нив е можеби малку социјално да седнат на клупа за да завршат некоја работа на интернет. Препоставувам дека попрво би седнале во кафуле. Сепак добро е што вакви проекти почнаа да се реализираат и кај нас, што ми дава надеж дека и ние ќе го стигнеме светот - вели студентката Мирјана Анчева.
Од Градот Скопје велат дека се уште е рано за конкретни заклучоци околу позитивните или негативните резултати на проектот бидејќи во моментов течел тест периодот во рок од месец. Сепак, задоволни се од досегашното функционирање и најавуваат дека догодина слободните интернет зони ќе ги прошират уште на неколку локации.
Безжичниот интернет-пристап е слободен, без лозинка и може да го користи секој што има пренослив компјутер или пак, мобилен телефон што има можности за безжична конекција. Минималната брзина на преземање на податоци од Интернет е четири мегабита во секунда, а минималната брзина за испраќање на податоци е биде 512 килобита во секунда. Вкупните трошоци на проектот за двете локации изнесуваат 24.800 денари месечно или 298.000 денари на годишно ниво. Овој проект е предвидено да заврши во 2010 година.

Извор: (19.08.09). Бесплатен интернет има, сурфери ни за лек!. Вечер.

Нема коментари: