петок, 7 август 2009

Нова Македонија: Интернет-измамници ги злоупотребуваат имињата на загинатите од „кингерот“

И Македонија се најде на мапата на белосветските измамници. Ако досега на електронските пошти низ светот вообичено стигнуваа писма од „богат нигериски вдовец, на кого му треба помош да го подигне наследството од почината жена“, сега измамниците безобѕирно го користат името на загинатиот македонски дипломат Миле Крстевски, но и на Борис Трајковски и на Бранко Црвенковски.

Измамничките писма биле откриени од интернет-страницата „Фрод уач“, која се занимава токму со вакви работи. Електронските писма стигнале на многу адреси во САД, но „Фрод уач“ не известува дека некој наседнал. За разлика од овие писма, пред две години светските агенции известија дека повеќе Австралијци загубиле милиони долари наседнувајќи на „нигериската измама“.

Извесен Марк Андерсон, наводно службеник во Бангкок банката во Сингапур, тврди дека дипломатот Миле Крстевски имал депозит од 9.600.000 американски долари, но парите морало набргу да се подигнат, бидејќи ако стоеле подолго од три години на сметката, сингапурската влада, според тамошните закони, ќе ги запленела.

Како „доказ“, измамникот поставил линк до страницата „Антивар“, каде што е поставен текст од Кристофер Делисо за загинувањето на Трајковски, датиран од 26 февруари 2004 година. Електронското писмо масовно било испраќано на електронски адреси низ САД, во март 2007 година. Андерсон драматично ги повикува своите жртви да реагираат брзо, за „Сингапурците да не ги земат парите“. Тој бара од жртвата да му даде домашна адреса, име и презиме и број на банковното конто. Потоа, адвокат што тој го најмил ќе направел документи со кои жртвата ќе се претставува пред сингапурските власти како роднина на Миле Крстевски и на тој начин да ги подигнат парите. Андерсон ветува 25 отсто од парите на жртвата, 5 отсто ќе оделе за трошоци, а 70 отсто од деветте милиони долари ќе биле за него.

Јасно е дека измамникот Андерсон, или тој што се крие зад ова име, игра на картата што накратко се резимира во позната изрека „секоја минута во светот се раѓа по еден наивец“.

Во МВР велат дека досега ниеден македонски граѓанин не се пожалил дека е жртва на ваква измама.

- Мора прво да имаме пријава, а потоа, доколку има потреба, да се ангажира одделение за борба со компјутерски криминал - вели Иво Котевски, портпарол на МВР.

Сепак има одредени сознанија за македонски граѓани што наседнале, не на оваа туку на позната „нигерска измама“. Израелскиот аналитичар Сем Вакнин во своите колумни во „Нова Македонија“ тврдеше дека повеќе македонски граѓани му се обратиле за помош, токму како жртви на ваква измама. Тој пишуваше дека компјутерските системи во државава се очајно слабо заштитени од хакерски упади и непожелна пошта и пораки.

Покрај писмото на Андерсон, низ Интернет циркулира уште едно, во кое се бара роднина на „новоизбраниот претседател на Федерална Република Македонија, Бранко Црвенковски“. Тој роднина преку Комерцијална и Инвестициона банка од Куманово (сегашна Статер банка) требало да добие 650.000 американски долари. Како потписник се јавува некојси Џон Бут, шеф на одделот за кредитни картички на кумановската банка. На оваа измама со сигурност никој не наседнал, бидејќи во банката велат дека досега никој не се појавил да бара пари со такво писмо. Сепак, некои банкари со кои разговаравме велат дека пред десетина дена се појавувале граѓани со вакви писма и барале пари.

Нема коментари: