сабота, 15 август 2009

Дневник: Битката во ДУТ и преку интернет

Официјалната интернет-страница на Универзитетот во Тетово се злоупотребува за политички цели, обвини новото раководство на ДУТ. Со ова продолжуваат караниците меѓусебните обвинувања меѓу старото и новото раководство на Универзитетот.

В.д. ректорот, Агрон Река, вели дека е запознаен со случајот.

- Имаме показатели дека се прави фалсификат на нашата интернет-страница и на податоците објавени на неа - рече Река. На интернет-страницата на Универзитетот, www.unite.edu.mk, има соопштение со кое се информира јавноста дека разрешеното раководство на ДУТ покрај, како што пишува во соопштението, многуте злоупотреби за време на раководењето со ова институција, продолжува со уцени и фалсификувања.

„Врвот е достигнат со фалсификувањето на службената интернет-страница на Државниот универзитет во Тетово. Најлошото во сево ова е во тоа што тие што се навикнале на постојани финансиски злоупотреби и службената страница на Државниот универзитет во Тетово ја фалсификувале и ја регистрирале со комерцијален домен“, пишува во соопштението. Разрешениот ректор Агим Вела ги отфрла обвинувањата.

- Некој регистрирал слична интернет-страница како официјалната на Универзитетот. Тоа би можел да биде кој било, студент, на пример. Нека го пронајдат кој е и нека го казнат во согласност со законите. Ние немаме ништо со тоа. Мене ме загрижува фактот што истата страница се злоупотребува за политички маркетинг, што не прилега на една академска институција. Апелираме да прекинат со тоа - рече Вела. Тој го повтори ставот дека не го признаваат актуелното раководство и оти тие се единственото легитимно тело на Универзитетот. Најави дека преку институциите на системот ќе ја продолжат борбата за докажување на нивните тврдења.

- Поднесовме претставки и ги користиме сите правни лекови до сите можни судови и надлежни тела во државава за преиспитување на целата постапка. Го известивме и министерот за образование Никола Тодоров да ја разгледа целата постапка и одлуката на неговиот претходник, кој за политичката одлука доби награда амбасадорско место. Исто така, стапивме во контакт и со претставниците на „Магна карта“ како тело во кое се обединуваат сите универзитети во Европа и побаравме да го разгледаат целиот процес. Околу 20 ректори од универзитети од Европа ќе го разгледаат нашето барање и ќе одговорат дали постапката е законска - рече разрешениот ректор, Агим Вела. Од Државниот просветен инспекторат велат дека контрола на работењето на Универзитетот ќе се изврши за десет дена и откако ќе се направи увид, инспекторатот ќе реагира.

Извор: (15.08.1990). Битката во ДУТ и преку интернет. Дневник.

Нема коментари: