недела, 30 август 2009 г.

Нова Македонија: Киро Глигоров според Гугл е Бил Клинтон...

Кога некој странец што не знае македонски, а би сакал да го чуе мислењето, на пример, на македонските колумнисти, и притоа би го користел електронскиот преведувач на „Гугл“ од македонски на англиски, промовиран пред два дена, би можел да помисли дека претседател на Македонија е Бил Клинтон или дека македонските стоматолози и наплаќаат казни на државата.

Решивме малку да се забавуваме со долгоочекуваниот македонски превод на алатката на „Гугл“, но слабиот квалитет на овој електронски преведувач може да предизвика конфузија кај странците, иако од компанијата велат дека преведениот текст ќе биде разбирлив.

Том Стоки, директор на одделението за менаџирање на производи на „Гугл“ за ирскиот весник „Ајриш тајмс“, изјавил дека преводот „не е совршен, но му дава јасен преглед на корисникот“.

Не е познато како стојат работите со ирскиот јазик, кој исто така од пред два дена е ставен на преведувачот, заедно со македонскиот, но директорот Стоки можеби би требало да ги разгледа следниве примери.

Преведувачот „Гугл транслејт“ добро ги преведува обичните вести, на пример од тикерот на МИА, но кога ќе се стави текст на некој македонски колумнист чиј начин на изразување е покреативен, се добиваат вакви преводи. На „Гугл транслејт“ ставивме пасус од колумна што се однесува на атентатот на Глигоров.

„Така, една недела пред 10 октомври, за кога беше закажана седницата за ратификација, но и големите демонстрации во организација на вонпарламентарната опозиција (ДП и ВМРО-ДПМНЕ), на 3 октомври „случајно“ се случи атентатот врз Киро Глигоров.“

Иако името на поранешниот македонски претседател „Гугл“ најчесто точно го преведува, Глигоров стана Вилијам Џеферсон Клинтон (полното име на поранешниот претседател на САД Бил Клинтон).

„Со, а њеек бефоре Оцтобер 10, њхен хе њас сцхедулед меетинг фор ратифицатион, бут тхе ларге демонстратионс организед бѕ оппоситион вонпарламентарната (ДП анд ВМРО-ДПМНЕ), он Оцтобер 3 „ацциденталлѕ“ цаме тхе ассассинатион оф Њиллиам Јефферсон Цлинтон“.

Како вештачкиот мозок на „Гугл“ го превел Глигоров како Клинтон, па уште и дека бил вршен атентат врз него (врз Клинтон немаше атентат) - е непознато.

Навредливите зборови Гугл“ не ги преведува, но го задржува сочниот оригинал. Но, англицизмите го „побудалуваат“.

„Директивата е 10 до 15 проценти од буџетот да се дополни од казни и лавина репресија се прошири (270 приватни дентисти се драконски казнети, за тетратка за потписи се сечат 15.000 евра казна, таксисти, сообраќајни прекршоци, инспекции, инспекции...)

Во превод на англиски, стоматолозите ја казнуваат државата.

Дирецтиве ис 10 то 15 перцент оф будгет то супплемент тхе аваланцхе оф пеналтиес анд репрессион спреад (270 привате дентисти драконски бе пунисхед фор нотебоок фор сигнатурес цут 15,000 еурос фине, таџи дриверс, траффиц виолатионс, инспецтионс, инспецтионс...

Извор: (30.08.09). Киро Глигоров според Гугл е Бил Клинтон... . Нова Македонија.

вторник, 25 август 2009 г.

Утрински: „Т-хоум“ го доби државното фиксно ало, „Космофон“ ќе се жали

Откако Владата ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација, „Космофон“ излезе со став дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи.

Компанијата „Космофон“, воедно, ќе поднесе и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени што се дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени.

„Космофон“ ќе поднесе и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. „Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на ’Т-хоум‘“, се вели во соопштението од компанијата.

Реакциите на „Космофон“ вчера веднаш ги отфрлија од избраната компанија „Т-хоум“ на тендерот за фиксна телефонија во државната администрација. „’Македонски телеком‘ ги отфрла реакциите наведени во соопштението на ’Космофон‘ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. ’Македонски телеком‘ смета дека поднесената понуда на тендерот не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот на фиксни говорни телефонски услуги“, се вели во соопштението на „Македонски телеком“.

Во него се наведува дека понудената цена била во согласност со бараните критериуми во тендерот што го распиша Владата и се во согласност со обврските кои „Македонски телеком“ ги има како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги, а кои произлегуваат од одредбите од Законот за електронски комуникации и одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Дневник: Државата ќе врти преку „Т-хоум“

Владата и државната администрација во следната година ќе зборуваат преку фиксната телефонска мрежа на „Македонски телеком“. Понудата на „Т-хоум“ беше оцената како најповолна во трката за избор на фиксен оператор за административците. На тендерот вреден неколку милиони евра, кој го распиша Службата за општи и заеднички работи на Владата, учествуваа со посебни понуди и „Космофон“ и „Он.нет“, иако двете фирми најавија дека наскоро ќе се спојат.

Операторот „Космофон“ вчера најави дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи со која ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација.

- Ќе поднесеме и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени. За ваквото однесување на операторот со значителна пазарна моќ во фиксната телефонија, ќе поднесеме и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на „Т-хоум“ - соопштија од „Космофон“.

Според неофицијалните информации, „Т-хоум“ на тендерот понудил 3.800 денари претплата и цена кон фиксен телефон за минута 0,49 денари, а 2,9 денари кон мобилен. Понудата на Космофон е: 3.000 денари месечна претплата, 0,99 денари за минута кон фиксен телефон и 5,99 денари минута за мобилен. „Он-нет“ бара 2.400 денари претплата, 0,89 за фиксен и 5,99 денари за минута кон мобилен.

Во одговорот од „Македонски телеком“ велат дека понудената цена е во согласност со бараните критериуми во тендерот и е во согласност со законските обврски кои ги имаат како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги.

- Ги отфрламе реакциите на „Космофон“ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. Сметаме дека поднесената понуда не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот - велат во телеком.

Ова е втор обид за избор на фиксен оператор. Првиот, кога најниска цена понуди „Космофон“, беше поништен во април, поради, како што изјавија од Службата за општи и заеднички работи, низа пропусти во подзаконските акти. „Космофон“ пред неколку месеци го доби тендерот за владините и државни мобилни телефони. Мобилниот оператор „Вип“ тогаш се жалеше дека „Космофон“ ја урива конкуренцијата со предаторски цени.

Извор: (25.08.09). Државата ќе врти преку „Т-хоум“. Дневник.

среда, 19 август 2009 г.

Вечер: Бесплатен интернет има, сурфери ни за лек!

Скопјани не ги користат поволностите од бесплатни интернет - зони што пред триесетина дена им ги овозможија градските власти. Ниту во паркот Жена - борец, ниту во Градскиот парк спроти бараките на администрацијата на Град Скопје не можат да се видат граѓани со лаптопи в раце кои сурфаат по веб страниците. Безжичната конекција иако е достапна во текот на 24 часа, ретко се користи и преку мобилни телефони.
На бројните посетители на паркот, ништо не им значат ни информативните табли на кои пишува дека се наоѓаат во слободна интернет зона.
- Гледате и сами, во парков доаѓаат повозрасни луѓе, пензионери или родители кои ги шетаат своите деца. Ние доаѓаме за муабет, за дружење, за партија шах со другариве, за малку одмор во зеленилово. Не знам да работам со компјутер, а да ти кажам право и да знам тоа не би го правел овде во парк, туку дома. Можеби тоа е модерно, ама не сум видел никој овде да седи со компјутер - ни рече чичко Стојан кој е еден од најредовните посетители во Жена Парк. Младите пак, кои без исклучок се зависници од интернет комуникацијата и редовно се приклучени на популарните скајп, месинџер, на блогови, ги поддржуваат ваквите проекти, но велат дека треба да помине време да се створи навика кај населението.


- Во светот лаптопите се многу поевтини од кај нас, така што таму може да си дозволи да си купи секој. Кај нас најчесто ги користат деловните луѓе, а за нив е можеби малку социјално да седнат на клупа за да завршат некоја работа на интернет. Препоставувам дека попрво би седнале во кафуле. Сепак добро е што вакви проекти почнаа да се реализираат и кај нас, што ми дава надеж дека и ние ќе го стигнеме светот - вели студентката Мирјана Анчева.
Од Градот Скопје велат дека се уште е рано за конкретни заклучоци околу позитивните или негативните резултати на проектот бидејќи во моментов течел тест периодот во рок од месец. Сепак, задоволни се од досегашното функционирање и најавуваат дека догодина слободните интернет зони ќе ги прошират уште на неколку локации.
Безжичниот интернет-пристап е слободен, без лозинка и може да го користи секој што има пренослив компјутер или пак, мобилен телефон што има можности за безжична конекција. Минималната брзина на преземање на податоци од Интернет е четири мегабита во секунда, а минималната брзина за испраќање на податоци е биде 512 килобита во секунда. Вкупните трошоци на проектот за двете локации изнесуваат 24.800 денари месечно или 298.000 денари на годишно ниво. Овој проект е предвидено да заврши во 2010 година.

Извор: (19.08.09). Бесплатен интернет има, сурфери ни за лек!. Вечер.

вторник, 18 август 2009 г.

Вечер: ТВ програми во живо преку мобилен

Гледање на телевизиски програми во живо преку мобилен телефон е најновата услуга која мобилниот оператор Космофон ја воведе на македонскиот телекомуникациски пазар. Сашко Србаков, менаџер за продукти и решенија во Космофон појаснува дека во почеток корисниците на Ливе ТВ услугата ќе можат во реално време на дисплејот на својот мобилен телефон кој ја поддржува 3-Г технологијата да ги следат програмите на телевизиите Сител, А1, Канал 5 и ЕРА, а листата ќе се проширува во наредниот период.
-За да ја користат оваа услуга, корисниците треба да го посетат нашиот новоотворен мобилен портал њап.планет.цом.мк и да ја изберат опцијата Ливе ТВ и телевизискиот канал кој сакаат да го гледаат - вели Србаков.
Преку порталот, корисниците можат да пристапат со други корисни линкови: Гоогле пребарувач, Гмаил, Фацебоок, Ѕахоо маил и Ливе сцорес.
-Со 3-Г сигнал се покриени речиси сите градови во земјава или околу 90 проценти од населението. И на останатите места каде е покриеноста е со сигнал на ЕДГЕ и ГПРС корисниците можат да ги гледаат ТВ каналите - истанува Србаков.
Од Космофон велат дека оваа услуга е достапна за тарифни модели Го нет со месечна претплата од 342,2 денари со вклучен 1 гигабајт бесплатен интернет и 0,71 денар за секој искористен мегабајт. За месечна претплата од 578,2 денари може бесплатно да се користат 4 гигабајти и 0,47 денари за секој мегабајт, додека за претплата од 1.050,2 денари се добиваат бесплатни 8 гигабајти интернет и 0,24 денари за секој искористен мегабајт.

Вечер: Пазете може да ви го украдат идентитетот

На вашата е-маил адреса стигнала порака дека сте среќен добитник на некоја лотарија од странство? Пријатно сте изненадени, но сепак, се сомневате. Тоа е добро затоа што станува збор за измама. Како луѓето во ваквите случаи се измамуваат.
Личноста добива е-маил дека е добитник на нешто а со тоа добива и молба односно упатство на оснивачот на наградната игра кој најчесто е од Велика Британија или Шпанија, да му ги прати своите лични податоци, односно копија од пасошот или возачката дозвола, адреса, број на телефон, и сметката на која би можела да се уплати наградата.
Доколку "среќниот добитник" ги прати податоците, повторно добива порака, но овој пат му се сугерира да му се јави на некој од европската комисија за добивки од игри на среќа, врзано се разбира за одобрување на исплатата на добивката. "Среќниот добитник" и овој пат е замолен да ги прати своите лични податоци, кои се разбира се исти со оние кои претходно ги пратил на лотаријата.
Откако добитникот уште еднаш ќе ги прати бараните податоци, исчекувајќи ја својата награда, таканаречената комисија ќе му побара плаќање на надокнада, по што ќе му се исплати добиената сума.
Ако се случи "добитникот" да ја плати бараната сума, измамниците се "на коњ", затоа што ја постигнале целта. Во истиот момент кога "добитникот" ќе ја исплати браната сума секој контакт со другата страна престанува, затоа што измамниците успеале во својата намера, односно успеале некој наивен "добитник" да го убедат да поверува и да им даде пари.
Знаејќи дека бројката на ваквите пораки кои дневно поминуваат низ нашите е-маилови е голема а во светот таа се мери со милиони тогаш и може да се претпостави колкава е добивката на измамниците.
Најтешко е да им се влезе во трага затоа што располагаат со голем број лажни лични податоци, а имињата на лицата кои организираат лотарија брзо се менуваат. Најдобра заштита е да не наседнувате на такви ласкави пораки, а ако сепак се случи да пратите свои податоци застанете тука затоа што е најважно да пратите пари за таканаречениот надомест.

КРАЖБА НА ИДЕНТИТЕТОТ


Во случаите кога една особа ќе ги прати своите лични податоци, најчесто се случува по некое време почнува да ја мачи совеста дали сето тоа е легално, можно ли е некој да и ја злоупотреби сметката или пак да и ги фалсификува податоците.
Опасност од таков вид постои, но реално, шансите се многу мали, затоа што е многу полесно да го навлечеш "добитникот" да уплати надокнада отколку да му ги фалсификуваш податоците и тоа врз основа на фотокопирани документи. Иако понекогаш и малата шанса може да стане преголема. Имено, врз основа на податоците кои "добитникот" ќе ги достави како што се личните податоци, адресата на живеење и работното место, информации за поблиската фамилија и слично можат да се искористат за правење на фалсификат документи и на тој начин може да се "украде идентитетот" на дотогашниот среќен добитник. Полицијата советува уште од самиот старт да се бришат таквите податоци и на тој начин да се спречат ваквите измами. Вашите лични податоци се само ваши па немојте да ги давате на непознати лица особено преку интернет.

НИГЕРИСКИ ПИСМА


Уште еден пример на имама на кој можете да наседнете и тоа на едноставен начин, и тоа отварајќи пристигната пошта од таканаречените нигериски писма. Во првиот момент ќе помислите дека станува збор за "бизнис понуда" кои ги праќаат различни сегашни и поранешни државници од африканските земји кои бараат помош при трансфер на пари, обавезно станува збор за значаен износ кој останал на нивната сметка кога ги исфрлиле од владата или од земјата, се разбира со примамлива надокнада од 20 до 35 проценти од целокупниот износ од нивната сметка во моментот кога парите ќе легнат на вашата сметка. Таканаречените африкански моќници до имињата на потенцијалните жртви доаѓаат преку различни извори, односно медиуми, бизнис списанија, интернет страници и слично. Се концентрираат на поединци а не на фирми, затоа што на тој начин ги избегнуваат сложените процедури при договарањето на работата. Кога пристигуваат таквите писма во првото се бара помош и лични податоци, па податоци од банката и сметката во неа а во останатите се договараат и деталите од самиот трансфер. Така што кога жртвата ќе наседне и се нуди одреден процент како и надокнада за услугите направени за трансферот. Но трансфер всушност нема, а жртвата се навлекува на име на такси и слични давачки да плати поголеми износи како би се наводно олеснило исплаќањето на парите. На пример, измамникот предложува да допатува во земјата на жртвата како би се договориле околу деталите, но поради тоа што му е блокирана сметката жртвата треба да му плати авионска карта и додатни трошоци. Кога жртвата ќе ги прати парите таканаречениот африкански државник никогаш повеќе нема да се јави затоа што го добил тоа што на почетокот го барал а тоа се пари.
Неодговарање и бришење на ваквите пораки е најдобра заштита од ваквите видови измами.

Извор: (18.08.09). Пазете може да ви го украдат идентитетот. Вечер.

понеделник, 17 август 2009 г.

Вест: Ако не платиш за оштетен компјутер нема упис на факултет

Матурантите денес нема да можат да се запишат на факултет ако не ја платат оштетата на компјутерите во училиштата каде што го завршиле средното образование. Родителите од повеќе средни училишта во државата беа уценувани и мораа да платат од 400 до 900 денари за да ги земат свидетелствата на нивните деца.
Парите ги собираат класните раководители во кеш, без уплатница. На родителите кои се бунеле им било кажано дека забраната за плаќање ќе важи од наредната година.
Директорот на Државниот просветен инспекторат Џорџе Арсов вели дека ќе испрати инспектори на терен само ако добие писмена пријава.
"Ако добијам официјална пријава, тогаш инспекторите ќе одат. Не можеме да ги малтеретираме инспекторите сега со тоа, тие имаат друга работа", изјави директорот Арсов.
Министерот Никола Тодоров тврди дека никој родител не смее да се условува со плаќање, а доколку постои објективна штета, тогаш треба да се посочат поединци и постапката да се води преку суд.
"Доколку некој директор условува тогаш инспекторите ќе констатираат прекршок, а градоначалникот на општината мора да постапи, зашто тие ги именуваат директорите на школите", изјави вчера министерот Тодоров.
Ниту еден инспектор од Државниот просветен инспеторат не направил контрола во средните училишта, за да провери дали и покрај забраната, родителите плаќаат за оштетените компјутери од владиниот проект "комјутер за секое дете".
Наставничките совети на средните училишта уште пред почетокот на учебната година ќе носат одлука што ќе прават со комјутерите што ги добија од Владата со проектот "компјутер за секое дете".

сабота, 15 август 2009 г.

Дневник: Битката во ДУТ и преку интернет

Официјалната интернет-страница на Универзитетот во Тетово се злоупотребува за политички цели, обвини новото раководство на ДУТ. Со ова продолжуваат караниците меѓусебните обвинувања меѓу старото и новото раководство на Универзитетот.

В.д. ректорот, Агрон Река, вели дека е запознаен со случајот.

- Имаме показатели дека се прави фалсификат на нашата интернет-страница и на податоците објавени на неа - рече Река. На интернет-страницата на Универзитетот, www.unite.edu.mk, има соопштение со кое се информира јавноста дека разрешеното раководство на ДУТ покрај, како што пишува во соопштението, многуте злоупотреби за време на раководењето со ова институција, продолжува со уцени и фалсификувања.

„Врвот е достигнат со фалсификувањето на службената интернет-страница на Државниот универзитет во Тетово. Најлошото во сево ова е во тоа што тие што се навикнале на постојани финансиски злоупотреби и службената страница на Државниот универзитет во Тетово ја фалсификувале и ја регистрирале со комерцијален домен“, пишува во соопштението. Разрешениот ректор Агим Вела ги отфрла обвинувањата.

- Некој регистрирал слична интернет-страница како официјалната на Универзитетот. Тоа би можел да биде кој било, студент, на пример. Нека го пронајдат кој е и нека го казнат во согласност со законите. Ние немаме ништо со тоа. Мене ме загрижува фактот што истата страница се злоупотребува за политички маркетинг, што не прилега на една академска институција. Апелираме да прекинат со тоа - рече Вела. Тој го повтори ставот дека не го признаваат актуелното раководство и оти тие се единственото легитимно тело на Универзитетот. Најави дека преку институциите на системот ќе ја продолжат борбата за докажување на нивните тврдења.

- Поднесовме претставки и ги користиме сите правни лекови до сите можни судови и надлежни тела во државава за преиспитување на целата постапка. Го известивме и министерот за образование Никола Тодоров да ја разгледа целата постапка и одлуката на неговиот претходник, кој за политичката одлука доби награда амбасадорско место. Исто така, стапивме во контакт и со претставниците на „Магна карта“ како тело во кое се обединуваат сите универзитети во Европа и побаравме да го разгледаат целиот процес. Околу 20 ректори од универзитети од Европа ќе го разгледаат нашето барање и ќе одговорат дали постапката е законска - рече разрешениот ректор, Агим Вела. Од Државниот просветен инспекторат велат дека контрола на работењето на Универзитетот ќе се изврши за десет дена и откако ќе се направи увид, инспекторатот ќе реагира.

Извор: (15.08.1990). Битката во ДУТ и преку интернет. Дневник.

среда, 12 август 2009 г.

Утрински: Уште 15 нови бесплатни Интернет-клубови

Охрид - Нови 15 бесплатни Интернет-клубови ќе се отворат во повеќе градови низ Македонија - Струга, Велес, Дебар, Делчево, Македонски Брод, Демир Хисар, Валандово, Струмица, Крушево, Штип, Пробиштип... Ова вчера го најави заменик-министерот за информатичко општество, Мирјана Секуловска.

„Досега отворените 15 клуба го постигнаа саканиот ефект. Се покажа дека веќе две години успешно ја исполнуваат предвидената намена, посебно за граѓаните кои не можат да си дозволат Интернет-конекција“, рече Секуловска по посетата на владиниот бесплатен Интернет-клуб во Охрид.

Според неа, најчести посетители на Интернет-клубовите се деца на возраст од 6 до 18 години, но не е мал бројот и на возрасни лица. „Досега имаше ограничување во однос на старосната група, но сега тоа не е случај. Секој може да го посети клубот, од 6 до 78-годишна возраст“, истакна Секуловска.

Малолетните најголем интерес покажуваат за игрите, а возрасните го користат пристапот до Интернет најмногу за барање стипендии, кредити, информации околу сместувањето во студентските домови, за онлајн-аплицирање, за контактирање со роднини во странство, пријатели или колеги. Воедно, имаат можност да користат и стручна литература.

Извор: (12.08.2009). Уште 15 нови бесплатни Интернет-клубови. Утрински весник.

вторник, 11 август 2009 г.

Утрински: Во МРТ се крстат во заживување на претплатата

Наскоро граѓаните на домашните адреси ќе почнат да добиваат сметки за плаќање на радиодифузната такса, најавуваат првите луѓе на Македонската радио-телевизија. Подготовките се при крај, па се очекува веќе од септември до околу 480 илјади домаќинства, колку што ги имаат во евиденција во МРТ, да се дистрибуираат решенија за плаќање на радиодифузната такса, и тоа за 12 месеци наназад.

Тоа веќе беше направено и со околу 70 илјади правни лица, со тоа што таму на МРТ и' се поткрадна грешка во жиро-сметката, при што има една нула повеќе, па сега апелира до фирмите сами да ги исправат сметките. Без оглед на овој пропуст, многумина, и во фирмите и обичните граѓани, реагираат на потегот таксата да се плаќа ретроактивно за измината година. Од МРТ тоа го образложуваат со нивната законска обврска, но и со потребата јавниот сервис, конечно, да застане на здрави нозе, барем кога е финансирањето во прашање.

„Основен услов да се направи што било се финансиите. Сите сме свесни дека без соодветни финансии многу е тешко да се реализира нешто“, вели извршниот директор Петар Каранаков. Тој додава дека согласно со Законот за радиодифузија, кој ја регулира оваа област, Македонската радио-телевизија има големи ограничувања во поглед на можноста за емитување реклами, а претплатата со години наназад е на многу ниско ниво, речиси незначително. Згора на се', досега, поради законските ограничувања, немале можност принудно да ја наплатат, но во иднина е отворена и таквата можност.

„Она што сега претстои е ажурирање на списоците на претплатниците, за што веќе се преземени активности“, вели Каранаков, имајќи предвид дека во меѓувреме се изградени многу нови станови кои практично не се опфатени во евиденцијата на МРТ.

Сметките за мај, јуни и јули минатата година се по 390 денари, а потоа по 130 денари, што се должи на законските измени. Токму поради новата драстично пониска цена на претплатата, во МРТ очекуваат процентот на наплата значајно да се зголеми. Доколку заживее плаќањето на радиодифузната такса, во МРТ се убедени дека приходите од претплатата ќе бидат доволни оваа куќа конечно да застане на здрави нозе и да ги реализира програмските содржини на квалитативно повисоко ниво со кое ќе им конкурира на другите телевизии.

„Факт е дека наплатата на радиодифузната такса изминатите години била на незадоволително ниско ниво. Има повеќе причини и не ги наоѓаме само кај плаќачите, туку во неажурирањето, во ненавременото информирање на граѓаните итн.“, вели Каранаков. „Од септември минатата година таксата е само 130 денари. Се надеваме дека барем овие 130 денари ќе бидат платени“, вели Каранаков.

Што се однесува до намалувањето на бројот на вработените, првите луѓе на МРТ велат дека моментно ги има околу 800, а според новата систематизација, се предвидени да бидат 748, што е незначителна разлика.

„Сметаме дека дури и со 130 денари, односно со три пати пониска цена на радиодифузната такса, доколку се плаќа, МРТ може да функционира апсолутно само од тие приходи, иако дел од радиодифузната такса е наменет и за Македонската радиодифузија, која е посебно претпријатие, и за Советот за радиодифузија. Од вкупната цена на таксата, за МРТ се предвидени 72 отсто.

„Мора да ги запознаеме граѓаните што плаќаат со овие 130 денари, но и да обезбедиме подобра програма и подобра продукција“, вели Каранаков. Во таа насока, Управниот одбор веќе донел одлука за заживување неколку продукциски делови, како што се оркестарот на МРТ и музичката продукција. Дополнително, се прават подготовки да започне и филмската продукција, а внимание се посветува на чувањето на архивите, кои се непроценливо богатсво, како и нивна дигитализација.

Извор: (11.08.2009). Во МРТ се крстат во заживување на претплатата. Утрински Весник.