Се прикажуваат објави со етикета информатика. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета информатика. Прикажи ги сите објави

понеделник, 18 мај 2009 г.

Дневник: Се' побарани курсевите за информатичари

Поради дефицитот на кадри во индустријата за информациски технологии (ИТ) сертификатите на „Мајкрософт“ и на мрежниот гигант „Циско“, стануваат се' поактуелни бидејќи овозможуваат брза квалификација и можност за вработување.Димитар Коцевски (20) од Скопје вели дека завршил средно градежно, по што една година неуспешно трагал по работа.

- Наместо на факултет, се решив за квалификации во ИТ. По завршувањето на курсот се вработив во скопска фирма, каде што сум дел од тимот што ја одржува мрежната инфраструктура - вели Коцевски.

Од центрите за обука сертифицирани за ваков тип едукација тврдат дека специјализираните курсеви се занает на модерното време, кои нудат практика и конкретни знаења.Валентина Тасева, директор на „Семос едукација“, вели дека бројот на студентите што се решаваат на неформално образование постојано се зголемува за лани да достигне речиси 900 слушатели.

- Од овој број 40 проценти се лица што се преквалификуваат, а другите се вработени во ИТ-индустријата, кои се дообучуваат - рече таа.Според центрите за обука, кои сепак не гарантираат вработување, тврдат дека над 60 проценти од курсистите веќе се вработиле. Иако се очекувало економската криза да влијае негативно на уписите, бројот на слушателите се зголемил, бидејќи студентите гледаат можност за брза квалификација.

Најбарани се пакетите курсеви за систем администратори и за одржување бази на податоци. Пакетот МЦСА, кој содржи пет курса и четири испити, трае меѓу пет и шест месеци, а оние за бази на податоци околу три. За да се стекнат со соодветниот сертификат, студентите треба да ги положат и испитите, што се врши преку интернет.Игор Поте, тренинг-менаџер за „Циско“, вели дека изминативе три години пораснала побарувачката на курсевите на кои слушателите се оспособуваат за одржување мрежна инфраструктура.

- Појавата на новите телекомуникациски компании и порастот на услугите во оваа област создадоа нови работни места - објасни Поте.Александар Марјановиќ од „Александрија“, додава дека нивна целна група се луѓе што завршиле средно образование, но решиле да не продолжат со формално образование.

- Пазарот на работна сила во ИТ-секторот бара конкретни и практични знаења - изјави Марјановиќ, кој додава оти и во овој обучен центар најбарани се курсевите за компјутерски мрежи.

Следуваат оние за графички и Веб-дизајнери, а најмал интерес има за програмирање, иако токму тие се и најбаран кадар.За работодавците идеални кандидати се оние што имаат и факултет и се сертифицирани професионалци, но истакнуваат оти на конкурсите за работа треба да се покаже и практично знаење со што сите кандидати добиваат шанса.

- ИТ-индустријата е многу динамична, а формалното образование не е толку флексибилно за да ги следи промените - објасни Герасим Ванев, директор на „Семос“.

сабота, 8 декември 2007 г.

Дневник: Претприемачите учат информатика и комуникации

Во рамките на проектот „Зајакнување на претприемништвото, конкурентноста и иноваторството“ на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија, во тек е кампања за подобро запознавање на претприемачите со важноста од воведување на информатичко-комуникациската технологија во нивното работење.

Партнер во кампањата е Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, а се реализира во соработка со Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија, како и општините од неколку градови. Целта на кампањата е да се запознаат што е можно поголем број претприемачи за важноста од воведување на оваа технологија.

Јавните презентации во рамките на кампањата се состојат од два дела. Во првиот се презентираат позитивните страни и искуства за улогата на информатичко-комуникациската технологија за подобрувањето на конкурентноста на малите и средните претпријатија, а во вториот дел се врши презентација на компании од регионот.

Извор: (8.12.2007). Претприемачите учат информатика и комуникации. Дневник.