Се прикажуваат објави со етикета студенти. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета студенти. Прикажи ги сите објави

четврток, 16 октомври 2008 г.

Дневник: И годинава студентски ваучери за компјутери

Сите студенти што најдоцна до 15 ноември ќе се запишат во четврта година на универзитетите во земјава, од Владата ќе добијат вредносни ваучери од 15.500 денари за купување компјутер, соопшти вчера Иво Ивановски, министер за информатичко општество.

Ваучерите, како што додаде тој, се наменети за редовните студенти што првпат во последна студиска година ќе се запишат во учебната 2008/2009 година на кој било државен или акредитиран приватен факултет во Македонија, како и студентите што се евидентирани како лица со посебни потреби. Во програмата може да се вклучат сите ИТ-фирми во земјава, а се очекува првпат во последната година од студирањето да се запишат меѓу 13.000 и 14.000 студенти.

- Целта на програмата е ширење на информатичката технологија меѓу семејствата, пријателите и подоцна на работното место - изјави Ивановски. Лани во рамките на проектот „Македонија - земја на информатичари“ се доделени 12.222 ваучери, а вредноста на еден ваучер изнесуваше 12.300 денари.

Извор: (16.10.2008). И годинава студентски ваучери за компјутери. Дневник.

среда, 19 декември 2007 г.

Дневник: Над 12.000 студенти купиле компјутер

Точно 12.099 студенти купиле компјутер со владините ваучери од 200 евра, а само 129 останале неискористени, информираа вчера од Владата.

Министерот за развој на информатичкото општество, Иво Ивановски, ја оцени акцијата како многу успешна, но Владата не планира да ја продолжи и в година.

Продажбата на компјутерите преку ваучери се вршеше во 218 фирми, за што беа издвоени околу 2,5 милиона евра од државниот буџет.

Извор: Д.Т. (19.12.2007). Над 12.000 студенти купиле компјутер. Дневник.

четврток, 13 декември 2007 г.

Нова Македонија: Реализирани 7,547 ваучери за компјутери

Владата информира дека досега се реализирани 7.547 ваучери за компјутери. Владиниот портпарол, Ивица Боцевски, напомена дека рокот за реализирање на ваучерите истекува и апелираше до студентите што поскоро да ги искористат ваучерите.
Ваучерите ги доделува Владата на сите студенти кои за прв пат запишале апсолвентска година и се во вредност од 200 евра.

Извор: (13.12.2007). Реализирани 7,547 ваучери за компјутери. Нова Македонија.

вторник, 27 ноември 2007 г.

Дневник: Плаќање со ваучер во рокот, а подигање на компјутерот може и подоцна

Плаќањето на компјутерите со ваучер студентите треба да го завршат до 15 декември, а испораката може да биде и подоцна од овој рок, велат од Владата. Смирувачките пораки доаѓаат по стравувањата на дел од компјутерските фирми дека нема да успеат да одговорат на побарувачката до крајниот рок, поради што ваучерите ќе пропаднат.

Некои од компјутерските фирми се разочарани бидејќи одѕивот на студентите за купување со ваучер засега бил многу слаб, односно досега реализирале едвај дваесетина отсто. Дел од сопствениците се исплашени дека студентите ќе навалат неколку дена пред истекот на рокот, поради што нема да имаат доволно компјутери за сите заинтересирани. Други фирми, пак, тврдат дека акцијата се одвива според планираното и оти досега продале поголем број компјутери, особено лаптопи.

Во Владата велат дека се' уште немаат точна информација како оди продажбата.

- Очекуваме деновиве да ја добиеме таа информација. Важно е студентите да ја завршат паричната трансакција до крајниот рок, односно до 15 декември. Целата процедура ќе биде под контрола на Управата за јавни приходи и на Министерството за финансии - вели владиниот портпарол Ивица Боцевски.

Според Законот за издавањето вредносни бонови, компјутерските фирми треба да ги достават реализираните ваучери до Владата најдоцна до 22 декември, а краен рок за да ги наплатат е четири дена подоцна.

Со последните измени во Законот се предвидува вредносни бонови за купување компјутер да добијат сите студенти што до објавувањето на измените во „Службен весник“ запишале завршна година од студиите.

Извор: Д.Т. (27.11.2007). Плаќање со ваучер во рокот, а подигање на компјутерот може и подоцна. Дневник.