Се прикажуваат објави со етикета Софтвер. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Софтвер. Прикажи ги сите објави

четврток, 20 декември 2007 г.

Вест: Нов софтвер за читање на македонски текстови

Четириесет и тригодишниот Коце Димов е со оштетен вид, член на Сојузот за слепи лица во Македонија. Коце вчера беше среќен оти за првпат читаше компјутерски текстови напишани на македонски јазик и отвори своја имеил адреса. Со проектот на дневниот весник "Дневник" и "Семос" кој вчера официјално беше промовиран, се обезбедени компјутерски програми за слепите лица со кои тие ќе можат од компјутер да читаат македонски текстови, да испраќаат мејлови, да пребаруваат по интернет. Компјутерските програми се составени од електронски читач на екранот НВДА и гласовен синтетизатор "и- спик". Гласовниот синтетизатор "и- спикот" е прилагоден да ги изговара македонските кирилични букви, броевите и правилно да ги акцентира зборовите. Втората програма, пак, читачот на екранот НВДА ќе ги пренесува соодветните текстуални информации од екранот до корисникот.
Двата програми за читање бесплатно ќе им бидат достапни на слепите лица, а поставени се на веб страниците на Сојузот на слепи лица и "Семос". Проектот предвидува и обука за членовите на Сојузот на слепи.
Слепите лица досега користеа читачи на екран набавувани од странство со гласови од други земји, кои не може да ги читат македонските букви. Една програма купена оттаму чинела до две илјади евра. Од вкупно 2.500 членови на Сојузот на слепи лица, само триесетина имаат комјутер.

Извор: (20.12.2007). Нов софтвер за читање на македонски текстови. Вест.

петок, 30 ноември 2007 г.

Утрински: Софтверот на „Семос“ најдобар за преносливост на броеви

Речиси по двомесечно натегање, конечно, заврши изборот на компанија за изработка на софтвер за системот преносливост на броеви. Директорката на Агенцијата за електронски комуникации, Лилјана Денковска, пред три дена ја потпиша одлуката со која фирмата „Семос“ е избрана за најповолен понудувач што ќе го изработи софтверот. Со тоа практично се прекина неизвесноста околу тендерот за преносливост на броеви. Неколку месеци се тактизираше со официјалното објавување на името на фирмата за софтверот. Комисијата за јавни набавки, по одлука на Второстепената владина комисија, мораше да го повтори бодирањето на компаниите кои учествуваа на тендерот за избор на компанија за изработка на софтвер, а на која како најдобар понудувач беше „Семос“, кој побара 147.000 евра за услугата, или околу 100.000 евра помалку од второрангираниот „Искрател“. И по повтореното бодување на фирмите, Комисијата за јавни набавки ја оцени понудата на „Семос“ како најдобра, но работата со официјализирањето на одлуката се натегнуваше.

Од „Семос“ се жалеа дека станува збор за политички игри и за намерно одолжување на работата, со цел тендерот да се уништи, бидејќи на актуелната владејачка гарнитура не и' одговара фирмата, во која како акционер се води сопругата на претседателот Бранко Црвенковски, да го изработи софтверот за системот преносливост на броеви. Во јавноста дури и се шпекулираше дека е можно тендерот да се урне, бидејќи практично со имплементирањето на услугата ќе се нарушат бизнис-интересите на операторите, затоа што се проценува дека некои од нив ќе имаат загуба од по неколку милиони евра годишно доколку почнат корисниците да се префрлаат од еден кај друг оператор.

Портпаролот на Агенцијата за електронски комуникации, Виолета Цветковска, вчера потврди дека директорката на АЕК ја потпишала одлуката со која се потврдува дека „Семос“ е избран за најповолен понудувач по повтореното бодување. Цветковска појаснува дека преостанатите фирми што учествуваа на тендерот имаат право на жалба во рок од 7 дена. Доколку нема жалби, тогаш договорот со „Семос“ ќе биде потпишан. Покрај „Семос“, на тендерот учествуваа и „Искрател“, „Сивус“, „Неоком“, хрватската „Тис кис“ и „Пексим“.

За целиот случај околу изборот на компанија за софтвер за системот преносливост на броеви се заинтересира и европретставникот Ерван Фуере, бидејќи Македонија има законска обврска да ја имплементира оваа услуга, особено поради фактот што сме држава која е кандидат за членка на Унијата. Преносливост на броеви е услуга која овозможува корисниците да го задржат префиксот, односно постојниот телефонски број на еден мобилен или фиксен оператор, а да ги користат услугите на друг оператор.

Извор: В.Г. (30.11.2007). Софтверот на „Семос“ најдобар за преносливост на броеви. Утрински.