Се прикажуваат објави со етикета МТВ. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета МТВ. Прикажи ги сите објави

среда, 6 август 2008 г.

Дневник: Отпуштените од МТВ без испратнини

Запрена е исплатата на испратнините за околу 300 работници на МРТ кои во април договорно биле отпуштени. Тие досега добиле само надоместоци за април, мај и јуни, а нема најава кога ќе ја добијат испратнината за јули. Со спогодбеното раскинување на работниот однос овие вработени требаше да добијат 21 плата во 12 еднакви месечни рати почнувајќи од 15 април. Не знаеме зошто ни е прекината исплатата на надоместоците. Дојдовме во ситуација да не можеме да ги платиме месечните сметки. Таа испратнина ми е единствен извор за егзистенција, бидејќи мажот ми е стечаец - вели поранешна вработена во МРТ. Во МРТ вчера не можеше да се добие одговор за тоа кога ќе бидат исплатени испратнините. Собранието неодамна донесе промени во Законот за радиодифузијата со кои се овозможува стечај и ликвидација на овој јавен сервис чии загуби се движат од 10 до 15 милиони евра. Но, се' уште не е соопштено дали наскоро ќе се покрене стечајна постапка.

Извор: Б.Ѓ. (06.08.2008). Отпуштените од МТВ без испратнини. Дневник.

петок, 20 јуни 2008 г.

Утрински: Вработените во МРТВ добиjа плата за април

Вработените во Македонската радио-телевизија вчера добија плата и надоместоци за храна и превоз за април откако менаџментот се справи со компликациите што настанаа при исплатите. Менаџментот на јавниот сервис успеа да ги исплати платите за вработените по неколкучасовна расправија во банката. Како што објаснува Јанез Сајовиц, еден од двајцата директори на МРТВ, еуфоријата настанала поради тоа што Управниот одбор на јавниот сервис го овластил секретарот на Кабинетот на директорката Маја Мишовска, Сашо Ѓуровски, за сите трансакции преку налози. Според извори од јавниот сервис, Ѓуровски се води како хонорарен соработник во МРТВ, а е редовно вработен во компанијата „Макпетрол“. „Чудно е тоа што Ѓуровски, кој е во МРТВ на одредено време, по налог на претседателот на Управниот одбор, Леонад Наков, добил надлежност во банката. Тоа за мене нема смисла“, рече Сајовиц. Тој додаде дека се случувало неколкупати да има упад во жиро-сметката и оти морало да се најде начин да се надмине. Сајовиц оцени дека сето ова има заднина што почнала завчера со затворањето на санитарните јазли и дел од просториите. Извршниот директор на МРТ изрази надеж дека наскоро ќе може да се исплатат и другите две заостанати плати и заостанатите хранарини и превоз.

Извор: (20.6.08). Вработените во МРТВ добиjа плата за април. Утрински Весник.

сабота, 17 мај 2008 г.

Дневник: Секој против секого во Македонската радио-телевизија

Управниот одбор на Македонската радио-телевизија подготвува обемно досие со документација за финансиски малверзации на извршниот директор Јанез Сајовиц, што ќе го достави до државните органи. Досието се подготвува како одговор на завчерашните обвинувања изречени од Сајовиц дека другите раководни кадри од сметката на јавниот сервис незаконски извадиле големи суми пари и набавувале опрема без да се знае за која намена.Додека раководството на МРТ е во кавга, вработените најавија дека во вторник ќе стапат во штрајк ако не им се исплатат две плати и хранарината за првите пет месеци од годинава. Синдикатот побара извршните директори и Управниот одбор да си поднесат оставки ако не ги решат овие проблеми до понеделник, за да преговараат со Владата.Директорот Сајовиц им порача на синдикалците да не бараат пари од него, туку од претседателот на Управниот одбор, Леонид Наков. Тој го обвини Наков дека го понижувал, му ги суспендирал менаџерските права, незаконски му го поништил менаџерскиот договор, а на крајот му ги суспендирал ингеренциите. Во УО велат дека членовите на комисиите што биле задолжени за определување на технолошки вишок им укажале дека Сајовиц погрешно ја водел процедурата. Членовите на комисиите ќе достават докази до УО за малтретирањата и за притисоците на кои биле изложени од страна на Сајовиц.Во досието ќе има докази за склучени штетни финансиски договори од страна на Сајовиц. Тој отстапувал поголемо рекламно време без наша согласност и потпишувал договори надвор од неговите ингеренции. Членови на Комисијата за систематизација на работните места се жалеа дека директно влијаел врз нивната работа - велат членови на УО.Во управата на МРТ тврдат дека е неточна изјавата на Сајовиц дека донел 33 милиони денари, туку дека последниот прилив на средства од 61 милион денари е наменски побаран и одобрен од Владата од други високи структури во јавниот сервис.Извршната директорка на МРТ, Маја Мишковска, во реакцијата на обвинувањата од Сајовиц, вели дека со својот интегритет гарантира дека сите активности што досега ги презела се во согласност со законот.

Извор: Марјан Блажевски. (17.5.08). Секој против секого во Македонската радио-телевизија. Дневник.