Се прикажуваат објави со етикета радиодифузна такса. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета радиодифузна такса. Прикажи ги сите објави

среда, 29 јули 2009 г.

Дневник: Јавниот сервис пак на јавна сметка

Граѓаните, сакале или не, ќе мора редовно да ги плаќаат сметките за радиодифузна такса, кои наскоро ќе ги добијат во своите поштенски сандачиња за цела измината година. Од МРТВ информираат дека тие веќе се доставени за над 70.000 фирми, а сега се очекува да ги добијат и околу 480.000 домаќинства, кои според законот треба да плаќаат по 130 денари месечно или три пати помалку отколку што беше одредено со претходното решение, секој 15-ти во месецот.

МРТ неплатениот износ присилно ќе го наплатува, со овластени извршители, кои ќе запленуваат предмети во домаќинствата. На фирмите долгот присилно ќе им се наплаќа преку тансакциска или каква било друга банкарска сметка. Од МТВ апелираат до граѓаните редовно да ги намируваат долговите за да се избегнат дополнителните трошоци за извршителите што паѓаат на сметка на должникот.

Според законот, секое домаќинство, фирма и угостителски објект е должно да плаќа радиодифузна такса, без разлика дали има телевизор, дали ги следи или не програмите на Македонската радио-телевизија или е приклучено на кабелска телевизија.

- Од минатиот месец, решенијата до обврзниците - правни субјекти ги доставивме преку Македонски пошти и почна со наплата на радиодифузната такса. Наплатата се однесува за периодот од јуни лани до јуни минатиот месец, а наскоро нив треба да ги добијат и домаќинствата. Плаќањата може да се извршат еднократно или на рати, најдоцна до 15-ти во месецот. За секое доцнење се плаќа камата утврдена со закон - објаснуваат од МРТ.

Според извршниот директор, Петар Каранаков, со редовната наплата на таксата ќе се овозможи финансиска независност на јавниот сервис, со што ќе се јакне создавањето политички урамнотежени дневни информативни емисии, како и нова продукција.

- Очекуваме ако граѓаните редовно ја намируваат обврската да собираме околу 15 милиони евра годишно, од кои 12 милиони евра би останувале за МРТ. Сметаме дека на овој начин ќе можеме редовно да им исплаќаме плати на вработените и да ја исполниме нашата должност како јавен сервис. Наша цел не е наплатата да оди преку извршители, не сакаме да отвараме пазар за извршителите бидејќи граѓаните ќе плаќаат многу повеќе од тие 130 денари за трошоците за извршителот. Но, наша законска обврска за која одговараме е да ја наплатиме таксата. Затоа апелираме до граѓаните да ја плаќаат таксата, а ние се обврзуваме дека со сите сили ќе ја оправдаме нивната доверба со поинтересни содржини за да го вратиме стариот лик на МРТ - вели Петар Каранаков, извршен директор на телевизијата.

Оттаму информираат дека за периодот од јуни лани до јуни годинава, граѓаните добиваат по две решенија, од кои едното се однесува за месеците јуни, јули и август лани, а таксата е пресметана по стариот закон, а второто решение е за периодот од септември лани до јуни годинава, каде што месечната РДТ изнесува по 130 денари.

Поради големите трошоци за печатење и за дистрибуција на овие решенија, МРТ во натамошниот период решенијата ќе ги доставува еднаш во годината.

„Долгот за радиодифузната такса како јавна давачка не застарува, како што е тоа случај и со другите сметки за комуналии. За правните и физичките лица што нема да ја извршуваат оваа законска обврска, МРТ ќе биде принудена наплатата да ја извршува преку извршители, при што не се исклучува и наплатата по судски пат“ - информираат од МРТ.

Неплаќањето на радиодифузна такса изминатиот период доведе до тешка финансиска криза во МРТ и другите корисници на парите. Од радиодифузната такса МРТ добива 76,5 отсто, за ЈП „Македонска радиодифузија“ одат 19,5 отсто, а за Советот за радиодифузија се одделуваат 4 отсто. Граѓаните неплаќањето на таксата го правдаа со незадоволството од програмата што ја добиваат од МРТ како јавен радиодифузен сервис.

Последен пат МРТ ја наплати радиодифузната такса во 2007 година, по што во 2008 година престанаа да доставуваат фактури, а јавниот радиодифузен сервис се финансираше со пари од буџетот.

Покрај домаќинствата, обврска да плаќаат радиодифузна такса имаат и сите правни лица и сопственици на деловен простор и тоа на секои 20 вработени по една радиодифузна такса. Хотелите и мотелите плаќаат по една радиодифузна такса за секои пет соби, а сопствениците на угостителски и други јавни објекти за секој приемник по една такса. Стопанствениците реагираа дека на овој начин дополнително се оптоваруваат со нови трошоци.

Извор: (29.07.2009). Јавниот сервис пак на јавна сметка. Дневник.

понеделник, 12 јануари 2009 г.

Утрински: МРТ преку извршители и без најава ја наплаќа радиодифузната такса

Стотина фирми, од кои најголемиот број во Скопје, пред новогодишните празници биле олеснети за неколку илјади денари од сметките без никакво предходно предупредување или најава. Затечени, дури откако ги изгубиле парите, сопствениците се информирале дека извршители, во името на Македонската радио-телевизија, им наплатиле заостанат долг за неплатена радиодифузна такса. Да биде изненадувањето уште поголемо, покрај заостанатиот долг, си платиле и надомест за извршителот, нотарот и банката каде што е извршена трансакцијата. За целиот случај во МРТ не добивме објаснување ниту, пак, ни беше одговорено дали сите клиенти навремено биле известени за наплатата на долгот. Нејасно е засега дали овој тип наплата ќе продолжи и во иднина и дали ќе биде насочена само на правните лица или ќе се прошири и на граѓаните кои имаат ненамирени сметки кон МРТ.„Неколку дена пред празниците открив дека на сметката немам пари, иако знаев дека има неколку илјади денари. На шалтерот ме информираа дека ми се повлечени средства преку трансакциската сметка по налог на извршител и дека за да биде целосно наплатена сумата, треба дури и дополнително да уплатам средства. Претходно немав добиено никакво известување дека воопшто должам нешто и некому“, вели Зорица Николиќ, сопственик на училиште за странски јазици.Таа вели дека по првиот шок, за што всушност станува збор и' објасниле во сметководствената фирма што ја ангажирала. Имено, за неплатени сметки за радиодифузна такса за шест месеци во 2007 година нејзината фирма должела 2.700 денари, а од сметката и' биле наплатени над 9.000 денари, од кои 3.600 како награда за извршителот. Николиќ вели дека еден од извршителите на сопственици на уште десетина фирми кои настрадале како нејзината им презентирал решенија за известување дека ќе се реализира извршувањето. Решенијата биле потпишани дека се уредно доставени до фирмите пред да се спроведе тоа. Таа тврди дека такво решение ниту видела ниту потпишала и прашува кој го фалсификувал нејзиниот потпис.Слично поминал и Душко Андоновски, сопственик на фирма за сервисирање биротехничка опрема. Тој за долг од 2.200 денари платил 9.000 денари. Известување дека од пошта треба да си подигне решение, во кое инаку пишува дека откако ќе го добие има право во одреден рок да се жали, добил седум дена откако истото решение било веќе извршено, односно парите биле симнати од сметката на фирмата. Поштарот го оставил известувањето пред вратата на фирмата, без да побара некој да потпише за доставата.Андоновски се обратил и до МРТ, но добил одговор дека не постои служба во која тој би можел да се пожали или каде што би можел да се информира уште колку должи и како да плати, а притоа да ги избегне извршителите и дополнителните трошоци. Во Комората на извршители велат дека тие само ги спроведуваат налозите што ги добиваат од институциите. Немаат законска обврска да го информираат сопственикот на фирмата дека од сметката ќе му се земаат пари, туку известување добива само банката. Од Комората велат дека институцијата што бара наплата треба да ги извести своите клиенти, по што решението може да стане правосилно и извршно. Оттаму не се сомневаат дека МРТ го направила тоа ниту, пак, ја доведуваат во прашање веродостојноста на потписите за доставата на решенијата.
Извор: (12.1.09). МРТ преку извршители и без најава ја наплаќа радиодифузната такса. Утрински Весник.

среда, 3 декември 2008 г.

Вест: 400 денари месечно за телевизија

МРТ ги подготвува сметките за радиодифузна такса за 2008 година. Директорот на Македонската радио-телевизија Ефтим Гашев вели дистрибуцијата на сметките ќе биде околу новогодишните празници, а висината на радиодифузната такса ќе биде пресметана и по новата цена и по старата, која беше во сила до август годинава. "Согласно законската регулатива, до август годинава висината на радиодифузната такса е 2,5 отсто од просечната плата, додека од август до крајот на 2008 година таа изнесува 130 денари месечно. Ќе се предвиди и одредена динамика на уплата на износот за целата година, и таа, најверојатно, ќе биде во договор со физичкото лице. Ако се земе предвид дека таксата се пресметува на период од три месеци, тогаш веројатно и уплатата ќе треба да се направи на четири рати", објаснува директорот Гашев. "Вест" направи груба пресметка на износот на таксата за првите седум месеца врз основа на фактот дека просечната плата во 2008 година беше во пораст и се движеше над 15 илјади денари. Според тоа, и месечната такса треба да се движи околу 400 денари. Според директорот Гашев, во интерес на граѓаните е да ја платат радиодифузната такса. "Ако наплатата на таксата се прави преку извршители, тие наплаќаат и надомест кој значително го зголемува вкупниот износ", вели Гашев.

Извор: Т.Ј. (3.12.08). 400 денари месечно за телевизија. Вест.