понеделник, 15 декември 2008 г.
Утрински: Компјутеризацијата на училиштата чини над 40 милиони евра
Извор: (15.12.08). Компјутеризацијата на училиштата чини над 40 милиони евра. Утрински Весник.
вторник, 8 април 2008 г.
Вечер: АСУЦ - прво целосно компјутеризирано училиште
Ова вчера го најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски кој беше во посета на АСУЦ. Тој рече дека следува обука на наставниот кадар, а биле изработени и голем број програми кои ќе се користат по одделни предмети. Веќе се обучени околу двесте професори по информатика во сите средни училишта и најдобрите од нив ќе ги обучуваат своите колеги во училиштата. Според Ивановски, целта е сите предмети да добијат електронска содржина, која ќе биде поинтерактивна и повозбудлива за учениците, со тоа што ќе се модернизира наставата, ќе се воведе аудио, видео и мотористика со што компјутерот ќе стане алатка меѓу ученикот и професорот. Ова му нуди можност на професорот на многу подобар и посоодветен начин да ја претстави материјата од учебникот.
Поддршка на проектот дадоа и ЕВН-Македонија кои обезбедија надворешно напојување со електрична енергија и Македонски телекомуникации, кои донираа опрема за секоја училница во сите средни училишта.
- Задоволни сме што поддржуваме проект со кој на секој ученик ќе му се овозможи пристап до интернет и поврзаност со светот, изјави вчера Николај Бекерс, генерален директор на Македонски телекомуникации. Според него, владата е на добар пат и Македонски телекомуникации се посветени да дадат голема поддршка за да може до почетокот на 1 септември сите училишта да бидат поврзани.
Извор: (8.4.08). AСУЦ - прво целосно компјутеризирано училиште. Вечер.
вторник, 18 септември 2007 г.
Нова Македонија: Македонија прва ќе обезбеди компјутер за секој ученик
Најамбициозниот потфат на македонската Влада кој што е преземен досега, ќе ги стандардизира сите училишта околу единствена технолошка платформа „Компјутер за секое дете“, проект на македонското Министерство за образование и наука, согласно кој ќе бидат инсталирани 180.000 работни станици овозможени преку НЦомпутинг, што ќе овозможи секој ученик од основно и средно училиште да се обезбеди со сопствен компјутер во училницата, пренесуваат светските портали.
“Иницијативата „Компјутер за секое дете“ е најголемиот и најважен образовен проект преземен во 15-годишната историја на независна Македонија. Нашата цел е да изградиме економија базирана врз знаење во која целокупната работна сила ќе биде едуцирана да да ја користи информатичката и комуникациската технологија во наредните пет години, ја пренесува германскиот портал „Ад-хок Њуз“ изјавата на македонскиот министер без ресор задолжен за информатичко општество Иво Ивановски. Според него, како што објавува германскиот портал, „како и многу училишни системи во светот, така и македонскиот образовен систем сепак има ограничени финансиски и инфраструктурни извори за да одговори на предизвикот“. Со прифаќање на компјутерската технологија со ниски трошоци НЦомпутинг, Македонија ја презема водечката улога во обезбедувањето компјутерско образование за училишните деца.
Извор: (18.9.2007). Македонија прва ќе обезбеди компјутер за секој ученик. Нова Македонија.
петок, 17 август 2007 г.
Дневник: Владините компјутери без заштита од крадци
Инсталирањето на првите компјутери треба да почне за околу две недели. Владата веќе набави околу 98.000 компјутери од кинеска фирма што беше избрана на јавниот тендер, кои ќе се инсталираат во сите средни и во дел од основните училишта. За опремување на другите образовни установи ќе се распише нов тендер, бидејќи во годинашниот буџет немало повеќе пари за оваа намена. Планирано е компјутеризацијата на средните училишта да заврши до Нова година, по што ќе се опремуваат основните.
- Ние ќе ги набавиме и ќе ги инсталираме компјутерите. Понатаму за нив ќе бидат одговорни училиштата и локалната самоуправа. Секој професор, додека трае наставата, ќе одговара за сметачите во неговиот кабинет. По завршувањето на часовите, компјутеризираните кабинети ќе се заклучуваат - рече Перо Стојановски, државен секретар во Министерството за образование.
Претставници на општините побараа Владата да ги осигура компјутерите од кражби и од пожари, но тоа беше одбиено. Од Министерството за образование препорачуваат компјутеризираните кабинети по можност да бидат сместени на втор кат или повисоко за да не мора да се поставуваат решетки на прозорците, кои би ги штителе од крадци.
Во почетокот на септември најпрвин ќе се инсталираат компјутери во средните училишта во градовите на поголема надморска височина. Така, прво ќе се работи во Битола, Прилеп, Крушево. Последни на ред ќе бидат училиштата во Куманово и во Скопје. Претходно, екипи на ЕСМ-ЕВН ќе ја проверат електричната инсталација во сите училишта за да видат дали ќе може да го издржи дополнителното оптоварување.
- Прво ќе се работи во повисоките градови, за да може камионите што ќе ги пренесуваат компјутерите без проблеми да се искачат до нив додека не паднал снег. Ако увидот во електричната инсталација покаже дека таа не е доволно моќна, мрежата ќе се зајакне - рече Игор Милошевски од Генералниот секретаријат на Владата.
За одржувањето и сервисирањето на компјутерите во првите три години ќе биде одговорна фирмата од која се набавени. По тој рок, одржувањето на сметачите ќе падне на грбот на училиштата или на локалната самоуправа.
Извор: Даница Тунтевска. (17.8.07). Владините компјутери без заштита од крадци. Дневник.