Се прикажуваат објави со етикета Маѓар телеком. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Маѓар телеком. Прикажи ги сите објави

среда, 25 февруари 2009 г.

Вечер: Загубата на фиксниот ја компензира мобилниот оператор

Т-Мобиле Македонија лани работела подобро од својата компанија-мајка Македонски телеком. Мобилниот оператор во 2008 година остварил добивка пред оданочување од 93,5 милиони евра, а фиксниот од 64,7 милиони евра. Според податоците, што ги објави Маѓар телеком, Т-Мобиле лани ја зголемил добивката за 8,5 милиони евра во споредба со 2007 година, додека Македонски телеком имал полош резултат од претходната година за 9,3 милиони евра. Двете компании лани заработиле вкупно 158,2 милиони евра.
Финансискиот извештај на Маѓар телеком објавен вчера на нивната веб страница покажува дека нивниот фиксен оператор во Македонија во 2008 година остварил вкупни приходи од 159,7 милиони евра, а мобилниот - од 178 милиони евра.
Фиксниот оператор ги губи и претплатниците. Само за една година има одлевање на 34.361 корисник. Бројките покажуваат дека на крајот на 2007 година Македонски телеком имала 492.376 претплатници, а минатата година 458.015 корисници. На опаѓањето на приходите на Телеком влијаеле и намалениот број на минути во разговори за 17 проценти и ниските цени.Единствено добри резултати Македонски телеком покажува во Интернетот. Има зголемување на бројот на АДСЛ корисниците дури за 105 проценти. Ако пред две години бројката на претплатници за АДСЛ била 48.214, до 31 декември 2008 година таа изнесувала 98.866 корисници. На приходите влијаела и продажбата на повеќе АДСЛ модеми, персонални компјутери и ТВ сетови.
Мобилниот оператор и натаму бележи добри резултати иако работи во конкурентна средина, покрај Космофон и ВИП. Претплатничката база на Т-Мобиле пораснала за 13,7 проценти достигнувајќи 1.379.191 корисници на крајот на 2008 година, од кои 26,2 отсто биле пост-пеид претплатници. Космофон и ВИП лани и го намалиле делот од пазарниот удел на Т-Мобиле. Ако во 2007 година Т-Мобиле имала 62,3 проценти од вкупните мобилни корисници во земјава, лани тој процент опаднал на само 59,4.
И во годинешниот извештај акцент е ставен на истрагата што ја води американската консултантска куќа White and Case за утврдената проневера на 6,7 милиони евра од страна на поранешни директори на Македонски телеком кои, од 2004 до 2006 година склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската фирма Chaptex Limited. Во извештајот се наведува дека македонското МВР исто така врши истрага за случајот, но не сакаат да прејудицираат кога таа ќе заврши. Сепак, од Маѓар телеком истакнуваат дека надлежните македонски владини органи можат да побараат криминални или цивилни санкции, вклучувајќи и финансиски пенали против унгарската компанија или кон Македонски телеком, но и дополнителни промени во бизнис плановите.

Извор: (25.2.2009). Загубата на фиксниот ја компензира мобилниот оператор. Вечер.

петок, 7 ноември 2008 г.

Вечер: Откажани 26.000 фиксни линии за една година

Растат приходите на Т-Мобиле Македонија, а натаму опаѓаат на Македонски телеком. Заклучно со 30 септември годинава, приходите на мобилниот оператор достигнале 132,7 милиони евра што е за 4,3 проценти повеќе од истиот период лани. Приходите на Телеком, пак, опаднале за 2,7 проценти и на крајот на септември годинава изнесувале 119,6 милиони евра.
Како што стои во финансискиот извештај што го објави вчера Маѓар Телеком, падот на приходите на Македонски телеком се должи на намалениот говорен сообраќај од 11,6 проценти. Опаднат е и бројот на претплатници за 5,2 проценти или откажани се 26.120 фиксни линии. Ако на 30 септември 2007 година Телеком имал 498.910 претплатни телефонски линии, за една година бројот опаднал на 472.790 што е последица од мигрирањето на корисниците во мобилната телефонија.
Многу подобри се бројките што се однесуваат на интернет услугите што ги дава Телеком. Заклучно со 30 септември годинава, бројот на интернет претплатници изнесувал 93.112 што во однос на истиот период лани е пораст за 94 проценти. Зголемување од 243,1 процент е забележан кај АДСЛ конекциите и за првите девет месеци изнесувал 85.223.
Сепак приходите остварени од интернет услугите не можат да го компензираат намалениот број претплатници на фиксни линии и на опаднатиот телефонски сообраќај од 16 проценти. Тоа се рефлектирало на добивката пред оданочување од 51,5 милиони евра која Телеком ја има остварено за деветте месеци од годинава. За разлика од истиот период лани, таа е пониска за 7,7 милиони евра или 13,1 процент.
Финансиските резултати на Т-Мобиле Македонија и покрај континуираното намалување на тарифите и работењето со уште два конкурента на мобилниот пазар, покажале нагорна линија. За 22,1 процент е пораснат бројот на корисници и заклучно со 30 септември годинава изнесувал 1.301.183. Добивката пред оданочување на компанијата достигна 74,4 милиони евра што е за 3,5 милиони евра повеќе од истиот период лани.

Извор: Светлана Блажевска. 07.11.08. Откажани 26.000 фиксни линии за една година. Вечер.

четврток, 22 мај 2008 г.

Дневник: Од македонскиот телеком украдени 6,7 милиони евра

Од „Македонски телеком“ незаконски се одлеале 6,7 милиони евра за консултантски договори во периодот од 2004 до 2006 година, официјално објави мнозинскиот сопственик, унгарската компанија „Маѓар телеком“. Во извештајот подготвен од американската ревизорска куќа „Вајт и Кејс“ се истакнува дека „има потврдени докази за незаконитост во формирањето и спроведувањето шест договори за советодавни услуги, маркетинг-услуги, извештаи за работата на компанијата и лобирање во Македонија во периодот 2004-2006 година“.Според извештајот, сомнителните договори биле направени со консултантска куќа од Кипар. Во „Вајт и Кејс“ посочуваат дека извештајот не е конечен и не се однесува на сите договори што биле испитувани.

Извор: (22.5.2008). Од македонскиот телеком украдени 6,7 милиони евра. Дневник.

петок, 15 февруари 2008 г.

Утрински? „Т-мобиле“ лани работела подобро од „Телеком“

„Македонски телекомуникации“ лани остварила полоши разултати за разлика од 2006 година, додека мобилниот оператор бележи подобрување во работењето. Според финансискиот извештај на „Маѓар телеком“, нивниот фиксен оператор во Македонија во 2007 година има намалување на приходите во висина од 6,7 отсто и пад на профитот пред оданочување од 4,5 отсто. Како што стои во извештајот, МТ во 2006 година имала приход од 169 милиони евра, а минатата година 157 милиони евра. Профитот пред оданочување пред две години на „Македонски телекомуникации“ бил во висина од 77,6 милиони евра, а во 2007 година 74,1 милион евра.

Фиксниот оператор ги губи и претплатниците. Само за една година има одлевање на 24.773 корисници. Бројките покажуваат дека во 2006 година „Македонски телекомуникации“ имала 517.149 претплатници, а минатата година 492.376 корисници, што потврдува дека конкуренцијата си го прави своето и граѓаните пополека ги откажуваат услугите на фиксниот оператор.

Единствено добри резултати „Македонски телекомуникации“ покажува во Интернетот. Импозантни се резултати во АДСЛ, каде што има зголемување на бројот на корисниците дури за фантастични 192 отсто. Ако пред две години бројката на претплатници за АДСЛ била 16.462, до 31 декември 2007 година таа изнесувала 48.214 корисници.

Мобилниот оператор и натаму бележи добри резултати иако работи во конкурентна средина, покрај „Космофон“ и ВИП. Минатата година приходите на „Т-мобиле“ пораснале за 9 отсто поради зголемување на претплатничката база, додека растот на профитот пред оданочување се зголемил за 2,2 отсто, споредно со 2006 година.

Во финансискиот извештај на „Маѓар телеком“ стои дека во 2006 година „Т-мобиле“ остварил приход во висина од 149,5 милиони евра, додека лани 162,9 милиони евра. Што се однесува, пак, до профитот пред оданочување, мобилниот оператор забележал 83,9 милиони евра пред две години, а лани тој се искачил на 85,8 милиони евра.

И покрај влезот на австриски ВИП на македонскиот телекомуникациски пазар, расте бројот на корисниците на „Т-мобиле“. До крајот на 2007 година се регистрирани 1,2 милиона претплатници, што е зголемување за 24 отсто споредно со 2006 година, кога се евидентирани 944.530 корисници. Зголемена е пенетрацијата, која лани била 93,3 отсто.

Извор: Верче Георгиевска. (15.2.08). „Т-мобиле“ лани работела подобро од „Телеком“. Утрински Весник.