Се прикажуваат објави со етикета заштита на лични податоци. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета заштита на лични податоци. Прикажи ги сите објави

вторник, 29 јануари 2008 г.

Вечер: Внимавајте и банкарите злоупотребуваат

Кога Владимир Л. од Скопје зел кредит од една реномирана банка за реновирање на станот, не бил свесен на каков срам и тортура ќе биде изложен. Секој месец неколку дена пред крајниот рок за уплата му се јавувала вработена во банката за да го потсети дека доколку задоцни ќе му биде пресметана камата. Кулминацијата се случила минатиот месец кога Владимир отпатувал на службено патување, па бидејќи го исклучил мобилниот телефон, чиновничката не се двоумела да се јави во фирмата и да го потсети преку неговите колеги. Свртиле и на неговиот домашен телефон, па за рокот и ратата ја известиле неговата мајка.

Овој случај е само еден од илјадниците повреди на правото на лични податоци кои според Дирекцијата за заштита на личните податоци се случуваат секојдневно и во сите сфери на работењето а остануваат неказнети.

- Не би имало никаков проблем доколку му се јавуваат лично на лицето кое е должник и тоа само на телефонот којшто е оставен за контакт во апликацијата за кредит и во договорот. Но, честопати се злоупотребува делот од апликацијата каде се доставува потврда од работодавачот и работното место. Тоа според Законот за лични податоци се казнува со парична казна до 50.000 денари за физички и над 200.000 денари за правни субјекти-информира директорката на Дирекцијата Маријана Марушиќ. Вчера беше организиран Отворен ден за граѓаните кои сакаат непосредно да се запознаат со нејзината работа и со принципите во остварувањето на контролата на приватноста. Идејата е да се поттикне свеста на граѓаните за да знаат кои се нивните права во оваа сфера и да реагираат ако тие се прекршени.

Извор: Елизабета Арсоска. (29.1.2008). Внимавајте и банкарите злоупотребуваат. Вечер.

понеделник, 28 јануари 2008 г.

Вест: Најизложени на злоупотреби тинејџерите што сурфаат на Интернет

Дирекцијата за заштита на личните податоци денеска, по повод Европскиот ден на заштита на личните податоци, организира отворен ден за граѓаните да се запознаат со нејзината работа и со нивните права за заштита на приватноста. Во периодот од 10 до 14 часот Дирекцијата ќе ја посетат и средношколци, кои според директорката Маријана Марушиќ, најчесто се изложени на злоупотреба на личните податоци преку користењето на Интернет. За нив Дирекцијата ќе ја промовира и брошурата "Ти одлучуваш".
"Целта е да се развие свеста и граѓаните да знаат кои се нивните права во оваа сфера и да реагираат ако тие се прекршени", вели Марушиќ.
Лани до Дирекцијата биле доставени над 40 претставки од граѓани, но казни не се изречени бидејќи траел периодот на приспособување кон законките обврски. Искуства покажале дека прекршувањата се прават ненамерно, најчесто поради непознавање на законот.
Според Марушиќ со воведувањето на Измените на Законот за заштита на личните податоци, кои се во собраниска процедура, ќе се зголемат и надлежностите на Дирекцијата.
"Со законските измени се воведува инспекциски надзор и прекршочна комисија. Наместо судовите, комисијата ќе добие статус на прекршочен орган, и наместо судовите ќе одлучува дали за неовластено откривање на лични податоци треба да се изрече казна". потенцира Марушиќ

Извор: Т.Ј. (28.1.08). Најизложени на злоупотреби тинејџерите што сурфаат на Интернет. Вест.

Дневник: Граѓаните не знаат да си ја заштитат приватноста

Кој располага со личните податоци на граѓаните и дали некој ги злоупотребува, секој ќе може да дознае откако ќе профункционира Централниот регистар при Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Таа денеска ќе биде отворена за сите што сакаат да се информираат за своите права. Повод е Европскиот ден на заштитата на личните податоци, Дирекцијата ги повика сите фирми, органи и институции од приватниот и од јавниот сектор своите лични податоци да ги пријават во Регистарот.

- На тој начин граѓанинот ќе може да провери кој и какви податоци има за него и ако смета дека му е повредено правото на заштита, ќе може да реагира - рече директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Иако Конвенцијата за заштита на личните податоци е отворена за потпис, 70 отсто од граѓаните на земјите од ЕУ не ги знаат своите права на приватност. Кај нас овој Закон е во сила околу една година.

- Годинава ќе се фокусираме на младите бидејќи се' почесто имаме пријави од граѓаните за повреди на правото на заштита на личните податоци преку интернет. Младите најчесто го користат, но не внимаваат какви податоци даваат за себе, за семејството и за пријателите - рече Марушиќ.

Таа информира дека во собраниска процедура се и измените на законот, кои ќе ја зголемат независноста на Дирекцијата и се воведуваат инспекциски служби, кои ќе вршат контроли кај сите што имаат податоци на граѓаните. Во Дирекцијата ќе се формира прекршочна комисија, која ќе утврдува дали некој неовластено открил нечии лични податоци и ќе може да изрекува казни од 40.000 до 500.000 денари.

Во Законот има посебна одредба за видеонадзорот. Секаде каде што има камери ќе мора да има и известување за нив и за тоа кој ги поставил, а ќе се знае и колку долго ќе се чуваат снимките.

Марушиќ вели дека досега не биле откриени злоупотреби на податоците, туку непознавање на Законот и на принципите за нивна заштита. Пример за тоа е објавувањето на податоците и на сметките на земјоделците што добиле државни субвенции на веб-страницата на Министерството за земјоделство. Тие биле тргнати веднаш по известувањето од Дирекцијата. Биле откриени и неколку случаи на користени податоци на граѓани што ги загубиле или на кои им биле украдени личните карти. Со тие податоци некои склучиле претплатнички договор со мобилни оператори, а телефонските броеви ги користеле за криминални активности.

Извор: Натали Н. Сотировска. (28.1.08). Граѓаните не знаат да си ја заштитат приватноста. Дневник.

среда, 19 декември 2007 г.

Утрински: Откривањето на матичниот број ќе се казнува со 5.000 евра

Откривањето на матичниот број ќе се казнува и со 5.000 евра. Тоа е максималната парична санкција за злоупотреба на личните податоци што ја предвидел законодавецот, а која ќе може да се изрекува по 19 декември. Дирекцијата за заштита на личните податоци досега не иницираше прекршочни постапки поради транзицискиот грејс-период за приспособување на јавниот и приватниот сектор.

Постапките ќе ги водат основните судови кои немаат никакво искуство за проблематиката. Дали предметите брзо ќе се процесуираат или ќе се чуваат во фиока, па ќе застаруваат - зависи од судиите.

„Од денеска предмет на надзор ќе бидат поголемите институции. Ќе ги евидентираме неправилностите на терен, а паралелно ќе имаме слух и за секоја претставка од граѓани. Очекуваме медиумите да ни бидат партнери. Свесни сме дека честопати ќе се конфронтираме со институциите, но тоа е природата на нашата работа. Ефективноста на повредите во сферата на заштитата на личните податоци ќе може да се почувствува дури по изрекувањето казни. Тогаш никому нема да му биде сеедно. За правни лица контролори се предвидени од 200.000 до 300.000 денари, а за физички лица од 40.000 до 50.000 денари“, вели директорката на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Маријана Марушиќ.

Посебен предмет на опсервација во измените на Законот за заштита на личните податоци е видеонадзорот. Институциите што сакаат да постават камери ќе мора да истакнат известување за тоа. Притоа, точно ќе биде регулирано под кој агол можат да се стават камерите, што точно може да се надгледува, колку време најдолго може да се чува снимката. Просторот ќе мора да биде видно обележен за граѓаните да знаат дека нивното движење се следи. Исто така, ќе се знае која фирма снима за граѓанинот да може да се информира каде се чува снимката на која е регистрирано неговото присуство. Камерите над становите и куќите мора да бидат поставени така за да го следат само директниот влез во куќата или станот, а не и пошироката околина, тротоар, крстосница. Ако камерата се става во колективна станбена зграда, согласност за тоа мора да дадат сите станари. Без согласност само на еден станар, видеонадзор над зградата е невозможен.

Со најголеми бази на лични податоци на граѓаните располагаат министерствата за внатрешни работи и за правда (преку избирачките списоци), Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување. Овие институции мора да ги имаат нашите лични податоци, но мора да бидат строго заштитени и недостапни за неовластени лица. Но, со банки на податоци располагаат и други, на пример, политички партии. Потврда за тоа се пропагандните материјали во затворени коверти на име и презиме и лична адреса, а без никаква порачка. Тоа не значи ништо друго, туку пробивање на базите со податоци.

Кога станува збор за злоупотреба на личните податоци, во Дирекцијата посочуваат на многу, но велат дека една од најголемите се прави при склучување договор со мобилен оператор. И покрај тоа што никаде во договорот не стои клаузула дека телефонскиот број, адресата, брачниот статус ќе се користат во анкети, наградни игри, маркетиншки истражувања, компаниите ги бомбардираат корисниците со разновидни прашалници. Тоа е можност за злоупотреба на идентитетот и се третира како прекршок.

Граѓаните, исто така, се жалат дека со само еднаш земен кредит од некоја банка, кога оставиле лични податоци, биле доведени во ситуација банкарски службеници да ги известуваат телефонски за некои нови поволности, а тоа не е в ред. Од Дирекцијата им советуваат на граѓаните веднаш да се обратат до нив и за најмало сомневање дека некој неовластено побарал матичен или телефонски број, копија од лична карта или пасош.

Извор: (19.12.07). Откривањето на матичниот број ќе се казнува со 5.000 евра. Утрински Весник.

вторник, 11 декември 2007 г.

Вест: 5.000 евра за откривање матичен број

Дирекцијата за заштита на личните податоци од 19 декември ќе може да покренува прекршочни постапки и да казнува за неовластено откривање на лични податоци. Наредната недела изминува законски утврдениот транзициски период во кој сите институции и сите физички и правни лица имаа обврска да го усогласат своето работење со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.
"Изминативе две години сите требаше да научат дека личните податоци можат да се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. "На пример, нема потреба да се зема матичен број кога се зачленувате во видеотека и кога земате филм. Исто така, нема потреба да ви ја скенираат личната карта. Кога аплицирате за вработување нема потреба да ве прашуваат за вашиот брачен статус. Тоа се преобемни информации, односно се собираат повеќе информации отколку што се потребни за да се оствари конкретната цел", објаснува директорката.
Како прекршување на заштитата на лични податоци Марушиќ ги наведува и институциите кои речиси никогаш не ги бришат еднаш собраните лични податоци. "Ако си аплицирал за вработување и не те примат податоците може да останат само ако ти се согласиш. Кога во телекомуникациите ќе откажеш некој мобилен или фиксен број, твоите податоци и понатаму остануваат во базата на податоци. Тоа го прават речиси сите, а тоа не смее да се случува", кажува Марушиќ.
Од наредната недела инспектори на Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе може да вршат контрола, а прекршочната комисија во Дирекцијата да изрекува казни. Согласно Законот, прекршочните санкции за правните лица се движат од 200.000-300.000 денари, а за физичките лица од 20.000-30.000 денари. Во собраниска процедура се измени на Законот за заштита на личните податоци каде се предлага зголемување на висината на казните.
Дирекцијата ќе казнува и во делот на видеонадозорот и нарушување на приватноста на лицата. Секој објект каде што има поставено камери, мора да биде обележан и на видно место да стои известување дека објектот се снима.
Сите институции и правни и физички лица имаат обврска да предвидат технички и организациони мерки за заштита на личните податоци. Контролите на Дирекцијата ќе се реализираат согласно со годишната програма за работа. Но истовремено инспекторите ќе вршат проверка и по барање на граѓани.
"Граѓаните чии лични податоци се на каков било начин неовластено откриени или злоупотребени од страна на контролорите можат да и се обратат на Дирекцијата заради утврдување на повредата", вели Марушиќ.

Извор: Р.Ф. (11.12.2007). 5.000 евра за откривање матичен број . Вест.

вторник, 18 септември 2007 г.

Дневник: Камерите во болниците ја нарушуваат приватноста

Има места во болницата на кои не смее да се постават камери, зашто може да се наруши приватноста на пациентите, смета Дирекцијата за заштита на лични податоци. Таа не дала согласност за снимањето, како што изјавија од Министерството за здравство, но не е против оваа мерка ако со неа се подобруваат здравствените услуги.
- Сметаме дека камерите сепак се премногу агресивно средство за да се постигне саканата цел. Никако не смеат да се снимаат шалтери и други чувствителни места во болницата, бидејќи може да се наруши приватноста на пациентите. Ќе предложиме, ако е можно, со камерите да се постигне таква резолуција на снимката со која нема да може да се идентификуваат пациентите - вели директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, најави дека ќе се снимаат влезови, шалтери и чекалници во болниците, односно сите места што и сега се јавни. Во врска со одлуката за поставување видеомониторинг во сите јавни здравствени установи, министерот за здравство Имер Селмани објаснува дека тоа е пракса во сите болници во светот, но нагласува дека нема да се снимаат местата каде ќе што се врши преглед на пациенти.

Во Дирекцијата велат дека досега никој од Министерството не им се обратил за мислење.

Паричните казни за повреда на личните податоци се од 50.000 денари, за физички, до 300.000, за правни лица.

- Бидејќи сме се' уште во транзиција, казните за повреда на личните податоци ќе се изрекув

Извор: Љ.Б. (18.9.07). Камерите во болниците ја нарушуваат приватноста. Дневник.