Се прикажуваат објави со етикета Никола Груевски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Никола Груевски. Прикажи ги сите објави

среда, 12 ноември 2008 г.

Нова Македонија: „Интел“ ќе инвестира во македонските информатичари

Американската компанија за информатичка технологија „Интел“ од Сан Франциско ќе инвестира во образованието на младите кадри од Македонија. Ова е дел од содржината на Меморандумот за разбирање и соработка меѓу македонската влада и „Интел“, кој беше потпишан завчера во Сан Франциско.
- Ова е само почеток, а барањата и очекувањата на „Интел“ околу идната соработка ќе бидат дефинирани по истражувањата што ќе ги направи оваа компанија - изјави премиерот Никола Груевски по средбата со менаџерскиот тим на „Интел“. Македонскиот премиер на средбата на која присуствуваа и неговиот заменик Зоран Ставрески, и министрите за економија и за информатичко општество и претставници од бизнис-заедницата го запознал менаџментот на „Интел“ со предностите и можностите за инвестирање во нашата држава. Притоа тој се осврнал за даночните олеснувања за странските инвеститори, како и за реформите што се прават во образовниот процес, како што е компјутеризацијата на училиштата и зголемениот број студенти.
- Одлуката за инвестирање не зависи само од брзината на администрацијата и даночните олеснувања. За тоа е потребен и високообразован кадар. На американските компании им објаснивме дека од наредната година ќе биде отворен факултетот за информатика, на кој ќе се предава на англиски јазик - вели Груевски.
Во „Интел“ биле многу заинтересирани за помагање на високото образование за информатика и најавиле дека тие ќе испраќаат свои експерти кои би држеле предавање на факултетот за информатика.
Македонската бизнис-делегација, на првиот ден од посетата на САД, го посети и седиштето на „Оракл“, каде што во разговор со нивната менаџерка Сафра Катз, се задржаа повеќе од еден час. Од менаџментот на „Оракл“ било соопштено дека Македонија би можела да влезе во нивните планови за проширување во нашиот регион.
Слаѓан Михајловски, извршен директор на „Инфинити солушн“, смета дека потенцијалите за соработка со американските фирми е преку извозот на ИТ-технологијата на европскиот пазар.
- Нашиот потенцијал е во давањето информатички услуги. Постои тренд на селење на оваа индустрија од источноевропските земји во другите држави во регионот. Русија и Украина, поради нискообразованиот кадар и ниската деловна дисциплина, не се повеќе атрактивни за компаниите за производство на ИТ-технологија. Нашата иднина е во извозот на услуги и развојот на софтверската технологија - вели Михајловски.
Програмата за економското претставување на Македонија во САД вчера продолжи со одржување на ИТ-форумот во Силиконската долина и со предавање на универзитетот Стенфорд за „Поврзаноста на науката, универзитетот и приватниот бизнис“.
Извор: (12.11.08). „Интел“ ќе инвестира во македонските информатичари. Нова Македонија.

Утрински: Груевски најави дека „Интел“ влегува во Македонија

САН ФРАНЦИСКО - Американскиот гигант во информатичката технологија „Интел“ ќе инвестира во образованието во Македонија, најавува премиерот Никола Груевски, кој со тим свои соработници неделава престојува во работна посета на САД. Како доказ за оваа најава, Владата на Македонија и „Интел“ потпишаа Меморандум за разбирање во Сан Франциско. „Со овој меморандум треба да имаме поддршка од ’Интел‘ со одредени инвестиции во образованието“, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на документот со претседателот на Управниот одбор на компанијата, на кого македонската владина делегација му ги презентирала можностите за инвестирање во Македонија.Раководството на „Интел“, јави известувачот на МИА, било запознаено со инвестициските можности од секаков аспект, пред се' даночен, но и за тоа дека македонската Влада инвестира многу во ИТ-образованието, при што биле посочени детали во врска со зголемувањето на квотите на студенти по информатичка технологија, како и за отворањето нов информатички универзитет, кој од октомври 2009 година ќе почне да работи само на англиски јазик.„Сите овие инвестиции во образованието упатуваат на тоа дека големите мултинационални компании, особено оние од ИТ-бизнисот, во иднина може да сметаат на Македонија како одлична дестинација за бизнис“, истакна премиерот Груевски, додавајќи дека за компаниите е важно не само да им се овозможат ниски даноци или брза регистрација туку да им се понуди и добар кадар, и по квалитет и по квантитет.За македонскиот премиер, учеството на американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер во делегацијата дава поддршка во напорите во привлекување на компаниите во нашата држава, отворање нови работни места и продлабочување на економските релации меѓу Америка и Македонија.Македонската владина делегација, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Зоран Ставрески, министрите за економија, за странски инвестиции и за информатичко општество, Фатмир Бесими, Веле Самак и Иво Ивановски, и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, во Сан Франциско имале средби и со раководствата на американските гиганти „Хјулит Пакард“, „Оракл“ и „Сан мајкросистемс“.Според програмата, се најавува дека во Силиконската долина, центар на американската и на светската ИТ-технологија, ќе се одржи Бизнис-форумот „Македонија - земја на ИТ-експерти“, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис-клима и привлекување реномирани американски инвеститори.

Извор: МИА. (12.11.08). Груевски најави дека „Интел“ влегува во Македонија. Утрински Весник.

вторник, 19 август 2008 г.

Вест: Со тужби ќе ги наплатат парите од МРТ

Поранешни вработени во МРТ кои спогодбено ја напуштија телевизијата, најавуваат тужби за наплата на задоцнетите испратнини, ако до утре не ги добијат парите
Поранешни вработени во МРТ, кои во април спогодбено ја напуштија телевизијата, најавуваат тужби за наплата на испратнините ако до утре не ги добијат парите. Велат дека МРТ откако им исплатила три од вкупно договорените 12 рати ја запрела исплатата на отпремнините за спогодбено раскинување на договорот за вработување.
МРТ доброволно со ветена финансиска компензација од околу 21 плата ја напуштија околу 300 работници, од кои дел се технолошки вишок, а дел се со пет години до пензионирање.
"Последната исплата беше на 15 јуни и еве веќе сме август, а нема најава кога ќе биде исплатата на ратата за јули. Кога си заминувавме ни ветија и од МРТ и од Министерството за транспорт дека пари за нашите испратнини има. Сега доаѓам во ситуација да не можам да ги платам сметките за струја. Немаме намера да протестираме за парите. Не ме интересира ако оди во стечај. Ние ја напуштивме МРТ, и ќе тужиме за да ни ги исплатат парите", вели поранешна вработена во МРТ, која инсистираше на анонимност.
Од МРТ вчера не добивме одговор кога ќе продолжи исплатата на испратнините. Но, според вработените, раководството им најавило дека денеска ќе има плата, па се очекува да има пари и за испратнините.
Премиерот Никола Груевски минатата недела изјави: "Владата во континуитет работи на тоа да се реши проблемот ", без да прецизира конкретни активности.
По стапувањето во сила на последните измени на Законот за радиодифузна дејност, МРТ, иако е јавно претпријатие, може да оди под стечај согласно процедурата дефинирана во Законот за стечај, доколку не ги исплаќа навреме долговите.

Извор: Т. Ј. (11.08.2008). Со тужби ќе ги наплатат парите од МРТ . Вест.

вторник, 5 февруари 2008 г.

Вест: 100.000 компјутери на Груевски стојат во магацин

Владиниот проект "Компјутер за секое дете" што пред повеќе од една година го најави премиерот Никола Груевски се уште не е реализиран.
Цела година се проверува електричната инсталација во училиштата и речиси сигурно е дека компјутерите нема да влезат во школите до крајот на оваа учебна година.
"Од вкупно 100.000 компјутери кои треба да бидат донесени во училиштата, 90% од нив се пристигнати во земјава и се чуваат во магацини. Останатите треба да пристигнат во март", вели Дрита Мамути, портпарол во Министерството за образование и наука. "Сега се работи на подобрување на електричната инсталација. Пред две недели испративме допис до сите училишта во кој ги информираме дека екипи на Македонската радиодифузија ќе доаѓаат да ја проверат инсталацијата. Тие ќе вршат вмрежување на компјутерите", објасни Мамути.
Во септември лани на првиот школски ден премиерот Никола Груевски изјави дека до ноември 2007 година сите 100.000 комјутери ќе бидат инсталирани во училиштата.
Досега од проектот "Компјутер за секое дете", само три средни училишта во државата добија половина од потребните компјутери. Средното техничко училиште во Битола, АСУЦ во Скопје и Економското во Тетово. Во сите три училишта учат над 3.500 ученици, а донесени се помалку од 700 компјутери.
Во битолската гимназија "Јосип Броз Тито" велат дека не добиле ниеден компјутер."Ние уште ги чекаме масите за компјутерите", велат во гимназијата.
Во тетовското економско училиште "8 Септември" им било кажано дека до почетокот на второто полугодие ќе ги добијат сите компјутери. "Кај нас учат 1.300 ученици, а останавме со оние 170 компјутери што ги донесоа во септември. Децата сега ги користат само за Интернет зашто немаат програми за предметите", велат во училиштето.
Во средното техничко училиште во Битола "Ѓорѓи Наумов" донесени се 300 компјутери. Им биле ветени уште толку, зашто во училиштето учат 1.000 ученици. "Требаше во секоја училница да има по 35 компјутери. Ама се уште ги нема", вели директорот на училиштето Драган Стојановиќ. Тој кажува дека само 4 наставници поминале обука за работа на посебните програми кои се инсталирани. Во училиштето работат вкупно 80 наставници.
Во АСУЦ "Боро Петрушевски" има донесено 200 компјутери. Таму учат 1.140 средношколци. "Потребни ни се програми за да можат да се користат за сите предмети", вели директорот Игнат Доневски.
Во Македонија има околу 350.000 ученици во основните и во средните училишта. Со инсталација на 100.000 компјутери, наместо секој ученик, компјутер ќе добие секој трет. Во Министерството за образование објаснуваат дека во најголем дел школите работат во две смени и дека компјутерите ќе бидат доволни за учениците. Размислуваат и да нарачаат уште дополнителни 50.000 компјутери.

Извор: Р.Ф. (5.2.08). 100.000 компјутери на Груевски стојат во магацин. Вест.

понеделник, 26 ноември 2007 г.

Време: Стипендии за 125 информатичари

Сто дваесет и пет студенти со највисок просек од сите години на државните и приватните универзитети во земјава вчера добија стипендии како подарок од Владата. Премиерот Никола Груевски свечено им ги додели стипендиите на студентите, кои месечно ќе добиваат по 5.000 денари. - Со овој чекор сакаме да им помогнеме и да им дадеме на студентите морална поддршка, од кои многу очекуваме. Високообразовани кадри се главниот приоритет на Владата. Доказ за тоа е новоотворениот факултет по информатика на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а на скопскиот универзитет се зголеми квотата за прием на поголем број студенти-информатичари - рече Груевски. Студентите велат дека трката по стипендија била тешка. Според нив, условот што требало да го исполнуваат за да дојдат до неа било да имаат најмалку 9,00 просек. Но, поради големиот број пријавени, границата се поместила на 9,31. - Го поздравуваме овој чекор на Владата. Мора на овој начин да не стимулираат. Мора да се зголеми желбата за работа кај секого од нас. Токму ова е добар начин тоа да се постигне - вели Димитар Солев, студент во прва година на Електротехничкиот факултет, отсек информатика.

Извор: А. П. (26.11.2007).
Стипендии за 125 информатичари. Време.

Утрински: Владата стипендира 125 студенти по информатика

Премиерот Никола Груевски во Народната универзитетска библиотека „Климент Охридски“ свечено додели 125 стипендии по информатика, од планираните 500 во период од четири години, како дел од владината програма „Македонија земја на информатичари“. „Високообразовните кадри се главен капитал на една држава и претставуваат генератор на прогресот и просперитетот на општеството, а ја зголемуваат и конкурентноста на државата во привлекување странски инвестиции“, рече Груевски во обраќањето пред добитниците на стипендии, ректори и професори на универзитети и во присуство на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.

Владата вчера го промовираше и новиот проект за формирање секретаријат за информатичко општество. „Секретаријатот ќе биде место во Владата каде што ќе се следат трендовите поврзани со дигитализирањето, глобализацијата и информатичките текови“, изјави владиниот портпарол Ивица Боцевски.

Извор: МИА. (26.11.2007). Владата стипендира 125 студенти по информатика. Утрински весник.

сабота, 24 ноември 2007 г.

Време: Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата и УНДП вчера промовираа спот што од понеделник ќе се прикажува на електронските медиуми по четири пати дневно. Кампањата наречена „Стоп корупција“, како што велат од комисијата, треба да ја зајакне антикорупциската свест кај граѓаните. И покрај ова, една година по формирањето на комисијата, главните забелешки на јавноста одат во насока дека антикорупциската комисија промовира спотови, а од друга страна затајува во работењето и во отворањето корупциски случаи, односно не работи транспарентно како минатиот состав.
Откако почна да работи новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, беа објавени имотните листови на државните функционери на Интернет, но не во целост. Почнаа со претседателот, премиерот, министрите и пратениците, го објавија имотот на членовите на Судскиот совет, Врховниот и Уставниот суд, но имотот на судиите, обвинителите, градоначалниците остана тајна. Во последнава година комисијата отвори 12 случаи за непотизам и конфликт на интереси. Кај четири од нив не најде непотизам, а за другите, оние покрупните, се уште нема одговор. Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна да одлучува како мајката на премиерот Никола Груевски ги купила четирите стана и не најде корупција и криминал во случајот со градежното земјиште зад „Рамстор“. И бизнисменот Љупчо Палевски до комисијата достави документација дека сопругата на претседателот Бранко Црвенковски уплатила пари за објектот „Тифани“. Комисијата не постапи по овој предмет затоа што го бараше оригиналниот документ за купопродажба на недвижниот имот. Од друга страна, антикорупционерите поведоа барање за прекршочна постапка против четириесетина функционери што воопшто не доставиле или ненавремено доставиле анкетен лист за имотната состојба. Позитивна оцена во јавноста доби донесувањето на Програмата за превенција и репресија на корупцијата и покренатата иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешната директорка на УЈП Петра Митева и на нејзината колешка од скопската регионална дирекција Мирка Мандевска. Сепак, ниту еден расветлен случај на организиран криминал и корупција досега не излезе од оваа институција. Од СДСМ неколкупати досега изјавија дека не ја признаваат Државната комисија за спречување на корупцијата.
- СДСМ поздравува секаква акција што оди кон борба против корупцијата. Изминативе 15 месеци видовме еден куп пропагандни спотови направени со народни пари, кои не вродија со плод. Затоа, ја повикуваме антикорупциската комисија конечно да се освести и да почне да работи во согласност со своите надлежности и да ги решава претставките поврзани со функционерите од власта - велат од партијата.

Извор: М.Ј. (24.11.07). Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата. Време.