Се прикажуваат објави со етикета училишта. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета училишта. Прикажи ги сите објави

петок, 8 август 2008 г.

Вечер: Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Во единаесетте прилепски основни и во дел од средните училишта во пресрет на новата учебна година летово ќе се решаваат проблемите со санитарните јазли, огревот и компјутеризацијата, за што од Министерството за образование се одвоени над 9 милиони денари, јави МИА.

Најмногу, два милиона денари се за реновирање на санитарните јазли во Основното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Над еден и пол милион денари се за зафатите во градските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Климент Охридски“.

По еден милион денари се вложуваат во средното хемиско и во економското училиште. Во другите училишта финансиските вложувања се помали, но и со нив целосно се решаваат проблемите - изјавил Марјан Матракоски, советник за образование во локалната самоуправа.До крајот на летото тој најавува и други интервенции во училишните згради. Матракоски информира дека уште пролетта се распишани тендерите и се набавени потребните количества јаглен, дрва и нафта.

Паралелно со ова, завршува компјутеризацијата во петте средни училишта, во кои се инсталирани околу две и пол илјади компјутери со владината програма „Компјутер за секое дете“. Летово се работи на електричната инсталација во 11 основни училишта, во кои ќе се вмрежат повеќе од 3.000 компјутери.

Извор: (14.7.2008). Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп. Вечер.

четврток, 22 ноември 2007 г.

Дневник: Електричари готват терен за владините компјутери

Околу 90 основни и средни училишта во земјава имаат стара електрична инсталација, која не одговара за компјутерите што Владата ги набави за учениците. Поради тоа стручни екипи ја оспособуваат електричната мрежа во училиштата каде што тоа е неопходно. Контролата што екипите на ЕСМ-ЕВН ја извршиле по барање на Министерството за образование покажала дека електричната мрежа во овие училишта нема доволен капацитет за работење на апаратите од владиниот проект „Компјутер за секое дете“.

Недоволната моќност на мрежата беше главниот проблем што директорите на училиштата го истакнуваа откако Владата го најави проектот. Тие стравуваа дека инсталирањето на новите компјутери може да предизвика колапс на мрежата, па дури и да предизвика пожари.

Од ЕСМ-ЕВН објаснуваат дека нивните екипи извршиле целосно снимање на состојбата и од завчера интервенираат во проблематичните училишта. Тие ја надградуваат електричната мрежа и го зголемуваат капацитетот на трафостаниците.

- Работите се одвиваат во договор со директорите. Крајниот рок за средување на инсталацијата, кој го договоривме со Министерството за образование, е 15 декември, поради што интензивно се работи. Целиот проект за подобрување на мрежата ќе биде на наш трошок, како донација за Владата - вели Ленче Карпузовска, портпаролка на ЕСМ-ЕВН.

Планирано е во средните и во дел од основните училишта да се инсталираат околу 100.000 компјутери, набавени од Кина. Досега во земјава пристигнале околу 52.000 од нарачаните компјутери.

- Инсталирањето ќе почне кога ќе стаса и последната тура, но и откако ќе завршат работите на електричната мрежа во училиштата. Прво ќе се опремат средните, а по нив и дел од основните училишта. Очекуваме инсталирањето да заврши до март - вели Дрита Мамути, портпаролка на Министерството за образование.

Првичните најави на Владата и Министерството беа дека опремувањето на училиштата ќе почне од септември. Тогаш беа инсталирани компјутери во три средни училишта, а премиерот Никола Груевски најави дека преостанатите ќе ги добијат до крајот на ноември. Но, оттогаш акцијата запре. Од Министерството за образование велат дека се задоволни од досегашната реализација на проектот и оти очекуваат да заврши до предвидениот рок.

Извор: Даница Тунтевска. (22.11.2007). Електричари готват терен за владините компјутери. Дневник.