Се прикажуваат објави со етикета мобилен оператор. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета мобилен оператор. Прикажи ги сите објави

четврток, 24 септември 2009 г.

Дневник: Телефонските разговори прескапи

Дури 81 отсто од испитаниците одговориле дека евентуален нов мобилен оператор треба да понуди подобри цени за разговор за да станат негов корисник

Македонските граѓани сметаат дека прескапо плаќаат за разговорите по мобилен телефон. Ова го покажува испитувањето на пазарот што го спроведе Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), според кое дури 81 отсто од испитаниците одговориле дека евентуален нов мобилен оператор треба да понуди подобри цени за разговор за да станат негов корисник. За 7 отсто од испитаниците изборот на евентуалниот нов оператор би зависел од квалитетот на услугите, а само за три отсто од подобрите цени за СМС и ММС-пораките.

Според испитувањето, 80 отсто од анкетираните се служат со мобилен телефон, а фиксната телефонија е присутна во 69 отсто од домовите. Вкупно 49 отсто од македонските граѓани користат интернет, што е значително подобар процент споредено со 2008 година, кога интернет користеле 36 отсто или со 2007 година - 26 отсто.

Според портпаролот на АЕК, Марјан Пејовски, дали на македонскиот телекомуникациски пазар има потреба од четврти мобилен оператор ќе се знае по октомври, кога треба да заврши анализата на пазарот. АЕК досега не упатила препорака до Министерството за транспорт и врски за да се распише тендер за четврт мобилен оператор.

Потврден одговор на прашањето дали сакаат поголем избор на мобилни оператори дале 77 отсто од испитаниците, а 21 отсто се изјасниле негативно. Резултатите од испитувањето покажуваат дека „Т-Мобиле“ е главен мобилен оператор за 69 отсто, за 22 отсто тоа е „Космофон“, а за 9 отсто „Вип“. Од испитаниците кои се изјасниле дека го промениле операторот на мобилна телефонија, 73 отсто тоа го направиле поради подобри цени, а 27 за подобри услуги.

Фиксна телефонија користат 69 отсто од домаќинствата. Скапите сметки се причината што ја навеле 35 отсто од анкетираните за некористење на фиксна телефонија, а за 32 отсто тоа е употребата на мобилни телефони. Од квалитетот на услугите во фиксната телефонија се задоволни 85 отсто од анкетираните, а од цените 50 отсто. Петнаесет отсто го промениле операторот во фиксна телефонија, по што на 88 отсто од нив им се намалила сметката. Поплаки до операторот во фиксната телефонија имале 24 отсто од испитаниците, а 46 отсто одговориле дека не го оствариле своето право како корисници.

Според испитувањето, интернет најчесто се користи дома (81 отсто), во интернет-кафе - (8 отсто), на работа (7 отсто). Најчест пристап до интернет, испитаниците имаат преку АДСЛ - 58 отсто, по кој следи кабелскиот интернет со 25 отсто.

Со истражувањето се опфатени 1.100 испитаници над 16 години, врз основа на репрезентативен примерок, а го спроведе од 3 до 9 овој месец маркетинг-агенцијата „Стратеџик маркетинг енд медија рисрч“.

Извор: (24.09.09). Телефонските разговори прескапи. Дневник.

вторник, 22 септември 2009 г.

Вечер: Бесплатно мигрирањето во Вип

"Селењето" на телефонските броеви од еден оператор кај друг со задржување на префиксот, станува бесплатно. Третиот мобилен оператор, Вип оператор од минатата недела им овозможува на сите оние кои сакаат да ги пренесат своите мобилни телефонски броеви во неговата мрежа, да го сторат тоа, без таквата селидба" да ги чини пари. Имено, како што појаснуваат од компанијата, Вип ќе им ги врати парите што таквите корисници ќе му ги платат на операторот чии услуги досега ги користеле. За пребегнат пост-пејд корисник од друг оператор, Вип ќе му го намали износот на првата сметка за вредноста на надоместокот (200 денари плус ДДВ), а на при-пејд корисниците ќе им биде надополнет кредит во вредност на надоместокот, и тоа по првото надополнување, кое ќе го направат.

Со ова, мобилните оператори во земјава веќе почнуваат да ја прават бесплатна услугата преносливост на броеви", која овозможува корисниците да го променат операторот, но без притоа да го менуваат својот постоечки број. Услугата официјално стартуваше лани, на 1 септември чие воведување го бараа телекомуникациските тела и комисии на ЕУ. Во изминатата една година, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) направи низа прилагодувања и измени на Правилникот за преносливост на броеви. Најпрво ги намали временските рамки за пренос на бројот од 14 на само пет дена, а потоа го лимитираше еднократниот надомест на износ од 200 денари плус 36 денари ДДВ. Некои од операторите претходно го наплаќаа највисокиот износ од 800 денари во фиксната телефонија и 600 денари плус ДДВ во мобилната телефонија и тоа во услови кога за таа услуга во европските држави се наплатува 5,5 евра.

Според податоците од АЕК, дури 14 мобилни и фиксни оператори учествуваат во системот на услугата преносливост на броеви, и тоа: Аикол, Актон, Вип оператор, Вокс Телеком, Инфел-Нетплус, Кејблтел, Космофон, Македонски Телеком, Мател, Некском, Неотел, Он.нет, Т-Мобиле Македонија и Телесмарт. Заклучно со 14 овој месец, вкупно биле пренесени 17.025 телефонски броеви, од кои 12.949 во фиксната и 4.076 во мобилната телефонија. Од АЕК неодамна излегоа со информација дека кај фиксните практично сите се пребегани од Македонски телеком кај другите фиксни телефонски оператори. И "пребеганите" мобилни броеви во најголем дел се од доминантните оператори Т-Мобиле и Космофон. Од Вип оператор објавија дека се лидер во преносливоста на броеви, зашто од почетокот на воведувањето на оваа услуга до 15 овој месец, до нив се поднесени барања за "преселување" во неговата мрежа за 7.650 броеви, од кои 4.241 се веќе преселени. А, од мрежата на Вип во мрежите на другите мобилни оператори се пренесени само 74 броеви.

Селењето на броевите е бесплатно кај Он.нет од почетокот на воведувањето на оваа услуга, како и кај Космофон за бизнис корисниците, а оттаму најавуваат дека наскоро тоа ќе го овозможат и за обичните мобилни корисници.

Од АЕК наведуваат дека со тоа што за само една година е постигнат процентот од 2,75 отсто префрлени фиксни линии, се добиени позитивни оценки од Европскиот комесаријат за телекомуникации во врска со имплементацијата на услугата преносливост на броеви, бидејќи во Европа тоа е постигнато за четири години по нејзиното воведување.

Извор: (22.09.09). Бесплатно мигрирањето во Вип. Вечер.

среда, 16 септември 2009 г.

Утрински: ВИП - две години на македонскиот пазар

ВИП-операторот вчера одбележа две години од стартот со комерцијално работење на македонскиот пазар и ги најави идните активности за продолжување на инвестициите во мрежата и за нови услуги за корисниците. Според главниот извршен директор, Никола Љушев, компанијата ги исполнила обврските од лиценцата, реализирала повеќе од ветеното, со што придонела за намалување на цените во мобилната телефонија за 50 проценти.

„Според финансиските резултати за второто тримесечје, за една година ВИП двојно ги зголемил своите приходи, а постојано бележи и пораст на корисничката база, која се приближи до четвртина милион корисници“, рече Љушев на прес-конференцијата. Тој информира дека за две години компанијата остварила пазарен удел од десет проценти, отворила повеќе од 200 работни места и индиректно над 500 вработувања кај локалните партнери и дистрибутери. Изградени се 300 базни станици, со што со сигнал се покриени над 95 проценти од населението. Компанијата имала неколку ситуации со тендери за големи деловни корисници каде што конкурентите настапиле со дампинг цени.

Извор: (16.9.09). ВИП - две години на македонскиот пазар. Утрински весник.

среда, 2 септември 2009 г.

Вечер: Вип бара од конкурентите да не наплатуваат СМС

Вип оператор побара намалување на интерконекциските цени за давање на услугата за СМС пораки. Според главниот извршен директор на Вип оператор, Никола Љушев, предлогот за намалување на раздолжувањето меѓу операторите за оваа услуга, која изнесува 2 денари по испратена порака, е доставена минатата недела до Т-Мобиле и Космофон, како и до Агенцијата за електронски комуникации, а со која се бара таа воопштво да не се наплатува.
- Вип направи храбар исчекор со тоа што во новите две при-пејд тарифи Вип2 и Вип старт ги наплатува испратените СМС пораки кон нашата и другите мобилни мрежи за само 2 денари, колку што впрочем чини нашето раздолжување кон другите оператори. Од тоа Вип нема никаков ќар освен што сакаме на тој начин оваа услуга, која порано многу се користеше, повторно да ја стимулираме кај корисниците. Во Србија не плаќаат операторите за терминирање на СМС и затоа кај нив користењето на оваа услуга е за 8-10 пати поголема отколку кај нас - нагласува Љушев.
Тој е задоволен од остварените финансиски резултати во вториот квартал од годинава, кога е постигнат над 100 отстотен пораст на приходите, односно остварени биле 5,2 милиони евра, наспроти 2,5 милиони во истиот период лани.
- Тое е резултат на зголемувањето на пазарниот удел, на бројот на корисници, односно на претплатничката база - рече Љушев.
Тој искажа задоволство и од прифаќањето на упатството на АЕК од страна на другите оператори, со тоа што и Космофон, односно неговиот нов сопственик - Групацијата на Телеком Словенија, ја прикажа бројката на своите активни корисници од последните 90 дена. Според Љушев, Космофон има 438.000 активни корисници, додека кај ВИП таа бројка е 224.400,
- Со давањето на реалните бројки и од водечкиот оператор Т-Мобиле, кој сега оди со 1,4 милиони корисници, вкупната пенетрација на пазарот на мобилната телефонија ќе изнесува 100 отсто. Тоа не значи дека таа не паднала, зашто никогаш и не била 116 отсто, колку што се прикажуваше официјално, туку со давањето на бројките на активни корисници на Т-Мобиле ќе дојде и до 80 отсто, колку што неодамна рековме дека изнесува, а што само покажува дека се уште има простор за развој на пазарот на мобилна телефонија во Македонија - рече Љушев.

понеделник, 27 април 2009 г.

Вест: "Телеком Словенија" победи на тендерот за дигитална телевизија

"Телеком Словенија" победи на тендерот за пренос на дигитални телевизиски услуги преку јавна комуникациска мрежа (ДВБ-Т) на територијата на Македонија.
Агенцијата за електронски комуникации соопштио дека "Телеком Словенија", според условите на тендерот треба да овозможи покриеност на целата територија на Македонија во рок од една година со што ќе овозможи пренос на триесет телевизиски програми со многу висок квалитет. За ова треба да се инвестираат околу десет милиони евра.
Телеком Словенија ќе треба да инвестира околу 20 милиони евра во дигитални приемници/декодери кои бесплатно ќе им се доделуваат на домаќинствата.

вторник, 31 март 2009 г.

Дневник: Телеком Словенија нов газда на „Космофон“

Телеком Словенија за 190 милиони евра го купи „Космофон“, втор по големина мобилен оператор во земјава. Словенците станаа сопственици и на неговиот продажбен синџир „Германос“ во Македонија.Групацијата Телеком Словенија е веќе присутна на македонскиот телекомуникациски пазар преку „Он.нет“, вториот по големина интернет-провајдер во земјава, кој нуди и фиксна телефонија. Ова преземање ги дополнува нашите постојни активности во Македонија и ја продолжува нашата стратегија за прераснување во еден од водечките телекомуникациски провајдери во југоисточна Европа - изјави Бојан Дремељ, претседател на Одборот на директори на Телеком Словенија, по потпишувањето на купопродажбениот договор.Зделката ќе биде завршена кога договорот за преземање ќе го одобри македонската Комисија за заштита на конкуренцијата.Според неофицијалните информации, „Космофон“ ќе го менува името, односно ќе го земе брендот на словенечкиот телеком.

Словенечката компанија најави дека ако го добие „Космофон“, на македонските корисниците ќе им понуди конвергирани фиксни мобилни услуги, кои ќе вклучуваат широкопојасен интернет со фиксна и мобилна телефонија и телевизија преку интернет-протокол. Словенечкиот телеком е добитник и на дозволата за дигиталната телевизиска мрежа во земјава. Преку „Он.нет“ ќе обезбедат за секое домаќинство бесплатен ресивер (сет-топ бокс) за прием на дигиталниот телевизиски сигнал.

Телеком Словенија е во доминантна државна сопственост. Словенечката влада има нешто повеќе од 50 отсто од капиталот, уште 25 отсто поседуваат два државни пензиски фонда, а остатокот е кај странски инвестициски фондови, малцински акционери и вработените. Телеком Словенија е водечка телекомуникациска компанија во оваа поранешна југословенска република и е присутна на пазарите во Хрватска, БиХ, Србија, Косово, Албанија и Македонија.

„Космофон“ почна со работа во јуни 2003 година. Минатата година ја заврши со над 700 илјади корисници и пазарен удел од 30 отсто. „Германос“ има 66 продажбени места во земјава.Продажбата на мобилниот оператор следуваше откако германски „Дојче телеком“ купи 25 отсто од акциите на грчки ОТЕ, мнозинскиот сопственик на „Космофон“, со што се создаде недозволена концентрација на телекомуникацискиот пазар. „Дојче телеком“, во земјава ги поседува „Македонски телеком“ и „Т-мобиле“.На јавниот конкурс што ОТЕ го распиша за продажба на „Космофон“ покрај Телеком Словенија се јавија уште две турски компании, „Турк телеком“ и „Туркчел“.

недела, 28 декември 2008 г.

Утрински: Во 2008 ќе се избере четврт мобилен оператор

Избор на тендер за четврт мобилен оператор, почнување на постапката за дигитализација на терестријалната телевизија, либерализација во железничкиот сообраќај, давање под концесија на двата аеродрома, изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица од Коридорот 10.

Ова се само дел од зацртаните проекти на Министерството за транспорт и врски за 2008 година кои вчера ги најави министерот за транспорт и врски при отчетот што е сработено годинава и кои се приоритетите за идната година.

Влегувањето на четврт мобилен оператор во државава, според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ќе следува откако ќе заврши тендерот за 3Г- технологијата, затоа што тоа е приоритет. Дури потоа ќе се распише тендерот за четврт мобилен оператор.

На повикот од Агенцијата за електронски комуникации се пријавиле 4 странски и 2 домашни компании.

Либерализацијата во железницата е обезбедена со донесувањето на сите клучни закони, така што од идната година сите компании кои ги исполнуваат условите можат да вршат транспорт на стока и патници.

Предлогот за дигитализација на терестријалната телевизија ќе се најде на една од наредните владини седници, по што во јануари ќе се распише тендер за почнување на постапката. За изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица преку грчкиот план за економска обнова на Балканот се обезбедени над 50 милиони евра.

В.Г. (28.12.2008). Во 2008 ќе се избере четврт мобилен оператор. Утрински.

среда, 17 декември 2008 г.

Дневник: „Вип“ очекува поголем пазарен удел

Мобилниот оператор „Вип“ очекува значително да ги зголеми приходите и пазарниот удел во 2009 година и најави дека ќе воведе нови технологии.- Ако оваа ни беше година на сеидба, очекуваме 2009-та да ни биде година на жнеење, кога би требало да ги собереме плодовите од инвестициите - вели Никола Љушев, извршен директор.„Вип“ има 11 отсто од пазарниот удел во мобилната телефонија, а плановите им се до 2013 година да достигнат до 25 отсто.„Вип“ вчера ги промовира новите деловни простории, кои се лоцирани во Трговско-деловниот центар „Соравија“ во Скопје.

Извор: (17.12.08). „Вип“ очекува поголем пазарен удел. Дневник.