Се прикажуваат објави со етикета Жарко Луковски. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Жарко Луковски. Прикажи ги сите објави

петок, 18 септември 2009 г.

Вечер: Независна компанија ќе оцени дали Телеком и Т-Мобиле ќе се спојат

Директорите на Македонски телеком и на Т-Мобиле Македонија нарачуваат странска независна компанија да спроведе анализа на сегашното работење на двете компании со цел да се утврди дали ќе продолжат да работат како засебни правни субјекти, или ќе се спојат. Одлуката за почеток на анализите ја донесе вчера Одборот на директори на двете компании, а ќе заврши на крајот на годината кога ќе биде познато како ќе продолжат да функционираат.
- Целта на анализата е да ги покаже можните решенија како да се подобри работењето и како да се одговори на барањата на пазарот - изјави по состанокот, претседателот на Одборот на директори на Македонски телеком, Жарко Луковски, кој наедно е и главен оперативен директор во Т-Мобиле Македонија.

Според него, искуствата од анализите кај други телекомуникациски компании во светот покажале оти подобро решение е спојување на операторот на фиксната со оној на мобилната телефонија. Луковски информира дека процесот е поддржан и од македонската Влада, како малцински акционер во компаниите.

Според Николај Бекерс, главен извршен директор на Македонски телеком, целиот процес не се однесува на намалување на вработените, туку на зацврстување на позициите на пазарот. Тој смета дека на пазарот на телекомуникации има промени бидејќи Македонски телеком не е повеќе монопол, туку дека има повеќе играчи на пазарот и оти целта е како да се обезбедат подобри услуги на корисниците.

-Целта на анализата не е да се намали бројот на вработени. Сакаме да се шириме со нови производи и сите вработени ќе ни бидат потребни и доколку се одлучи да се оди на спојување - појасни Бекерс.

Раководството на двете компании ги отфрли шпекулациите дека евентуалното спојување на двете фирми ќе повлече отпуштање на поголем број вработени. Конечната одлука за интегрирањето на Телеком и Т-Мобиле Македонија ќе се знае по одржувањето на наредниот состанок на Одборот на директори што ќе се одржи на крајот на годината.
Дојче телеком, компанијата мајка на Македонски телеком и на Т-Мобиле направија слични активности. И Маѓар Телеком кој е во сопственост на Дојче телеком направи спојување на мобилната и фиксната компанија. Францускиот телеком ова го направи уште во 2004 година.

Извор: (18.09.09). Независна компанија ќе оцени дали Телеком и Т-Мобиле ќе се спојат. Вечер.

вторник, 19 август 2008 г.

Утрински: Владата „победи“, ќе ќари 61 милион евра од „Телеком“

Дивидендата беше причина за прекин на седницата на две акционерски собранија

Владата ќе добие околу 61 милион евра од дивидендата на „Македонски телекомуникации“ за 2006 и 2007 година, одлучи Бордот на директори на компанијата. Дивидендата беше причина за прекин на седницата на две акционерски собранија, бидејќи Владата првично, како втор најголем акционер во „Телеком“, бараше 61 милион евра, со образложение дека компанијата го нема реализирано инвестицискиот план, а „Телеком“ нудеше исплата на половина дивиденда.

Во меѓувреме, Владата веќе ја испланира исплатата на целиот износ на дивидендата, за што сведочи и ребалансот на Буџетот, во чија ставка за прилив на средства за реализација на планираните расходи беше и дивидендата од „Телеком“. Бордот на директори, конечно, попушти под владините притисоци и завчеравечер даде зелено светло за целосна исплата на дивидендата за изминатите две години. Се очекува парите да „легнат“ на државна сметка на крајот на септември.

Главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, потенцира дека имало интензивна дискусија меѓу акционерите и оти првичното разбирање, односно желба на акционерите на „Телеком“ била да биде финансиски оправдана дивидендата, односно да се остават средства и за вложување, бидејќи компанијата планира да има големи инвестиции во иднина.

„По преговори со Владата, „Маѓар телеком“ изрази целосно разбирање за намерите на Владата да инвестира и во идни проекти и затоа дојдовме до ова решение. Моменталната финансиска состојба на компанијата покажува дека може да ја исплатиме целосната дивиденда и истовремено да инвестираме“, посочи Бејкерс.

Оваа констатација ја потврди и владиниот претставник во Бордот на директори. „Компанијата мора да ја поддржи Владата во развојот. Ги прифатија ставовите дека Владата сака да направи реформи во многу сегменти и во развојот на општеството и по мало убедување и разговори прифатија сите располжливи средства што се за дивиденда да и' бидат исплатени на Владата“, изјави претседателот на Одборот на директори на „Македонски телеком“, Жарко Луковски.

„Македонски телеком“ соопшти дека Одборот на директори донел нов предлог кој ќе се адресира до Собранието на акционери за исплата на дивидендата за 2007 година во вкупен бруто-износ од 9.783.071.539 денари или 113,42 денари за акција. Согласно со предлогот на Одборот на директори, сите акционери кои ќе бидат евидентирани во Книгата на акционери на „Македонски телеком“ до 12 септември годинава, имаат право на дивиденда за 2007 година. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2007 година е 9 септември, а прв ден на тргување без право на дивиденда за 2007 година е 10 септември. „Исплатата на дивидендата ќе се изврши на 30 септември, по усвојувањето на одлуката за исплата на дивидендата од страна на Собранието на „Македонски телеком“, кое е закажано за 3 септември“, информираат од компанијата.

Оваа информација вчера веднаш ја зголеми цената на акциите на „Македонски телеком“ на Берзата. Вчера вредноста на акциите порасна за 9,97 проценти.

Одборот на директори донесе одлука да се зголемат капиталните инвестиции на „Македонски телеком“ годинава на 28 милиони евра.

Извор: Александрија Стевковска. (17.07.2008).Владата „победи“, ќе ќари 61 милион евра од „Телеком“. Утрински.