Се прикажуваат објави со етикета МВР. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета МВР. Прикажи ги сите објави

петок, 11 април 2008 г.

Вест: Кумановец со и-мејл и се заканувал на американската амбасадорка

Р.Д. (33) од Куманово завчера бил уапсен бидејќи неколкупати по електронска пошта упатувал заканувачки пораки кон дипломат на едно дипломатско претставништво во земјава. Истражен судија, за загрозување на сигурноста, му одредил 30 дневен притвор.
Од досегашниот тек на истрагата, која ја спровел Одделот за организиран криминал при МВР, утврдено е дека Р.Д. на 19 март од компјутер со број 4 во Интернет кафулето "Интиме" во Куманово, околу 22 часот, од и-мејл адреса која ја креирал пред да ја пушти пораката, испратил текст во кој имало заканувачка содржина дека набрзо ќе го убие дипломатскиот претставник, а заканата била со потпис "Православни браќа".
На 24 март, околу 19,00 часот тој повторно пуштил заканувачка порака со иста содржина. Двата случаи дипломатот ги пријавил во полиција, по што во вторникот, со наредба истражен судија од Основниот суд Скопје, бил извршен претрес во Интернет кафулето "Интиме". Од увидот во компјутерскиот систем, извршен врз основа на наредба за примена на посебна истражна мерка за увид и пребарување, во компјутерски систем биле откриени компјутерите од кои се испраќани и-мејл пораките. Сопственикот на интернет кафето вели дека тој не знае кој упатувал закани кон дипломатскиот претставник бидејќи не го интересирало кој и што пишува и какви пораки испраќа.

Извор: П.А.Л. (11.4.08). Кумановец со и-мејл и се заканувал на американската амбасадорка. Вест.

среда, 26 декември 2007 г.

Дневник: Со размена на информации против корупцијата

Размена на информации, координирани активности, помош при откривање случаи на корупција и на судир на интереси, стручна соработка и заеднички тимови за поефикасна борба против корупцијата, предвидува Протоколот за соработка што вчера го потпишаа антикорупциската комисија и уште десет државни институции. Потписници на Протоколот се УЈП, Јавното обвинителство, Државното правобранителство, Судскиот совет, МВР, Државниот завод за ревизија, Царинската управа, Финансиската полиција, Дирекцијата за спречување на перење пари и Државниот завод за геодетски работи, но тој е отворен и за други институции.

- Иницијатор за потпишувањето на Протоколот е антикорупциската комисија, а целта е да се регулира начинот на соработка водејќи сметка за специфичностите на сите институции и за неговата спроведливост во праксата. Целта е со размената на информациите и можноста за брз и целосен увид во нив да се засили борбата против корупцијата - изјави претседателката на антикорупциската комисија, Мирјана Димовска.

Според Протоколот, потписничките ќе ги разменуваат информациите по писмено барање, освен во итни случаи, кога барањето може да биде и усно. Во итни случаи бараните информации треба да се достават во рок од 15 дена, а институцијата што ги добива податоците е должна да извести за исходот на случајот. Институциите може и да одбијат да дадат информации, но мора да образложат зошто.

- Со ова ќе се надминат ситуациите кога со месеци се чекаат информации од институција - вели Димовска.

Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, рече дека очекува уште поефикасна соработка иако и досега Управата соработувала со антикорупциската комисија во случаи на недоставување анкетни листови од вработени во Царината, со УЈП за испитување на имотот, со Финансиската полиција за откривање незаконитости во Царината и кај трговските друштва и со други институции.

Извор: ННС. (26.12.2007). Со размена на информации против корупцијата. Дневник.

вторник, 21 август 2007 г.

Вечер: За пиратите казна и до 10.000 евра

Со новиот предлог-закон за именување и дополнување на Законот за авторско право и сродните права, надлежностите околу неправилностите при дистрибуцијата, производството, репродукцијата, ускладувањето и снимањето на компјутерските, музичките и аудиовизуелни носачи на тон и слика ќе ги врши Државниот пазарен инспекторат, односно Министерството за внатрешни работи. Со оваа измена, како што велат од Министерството за култура, се прави чекор понатаму кон спогодбата за стабилизација и асоцијација. Со префрлањето на надлежностите во МВР на Министерството за култура му останува надлежноста за надзор кон колективните здруженија, односно културните институции.

Секој кој би ги прекршил авторските права ќе подлежи на глоба - минимален износ за правно лице е 2,5 илјади евра, а максимален до 5.000 евра. Зголемени се и износите за законскиот максимум за користољубие, кој изнесува 10.000 за правно лице и 6.000 евра за физичко лице, како и одговорните - трговец поединец и поединец кој врши самостојна дејност. Тоа би значело дека било кој вид пиратерија би можело пиратите да ги чини и 6.000 евра. Минималната глоба за физичко лице е зголемено на 1.000 евра, односно 1.500 евра на одговорното лице на правниот субјект , додека максимумот изнесува и до 3.000 евра.

Со заложбите на Владата за забрзување на административните постапки намален е рокот за давање согласност на актите на здруженијата за колективно остварување на 30 дена.

Извор: Б.Г. (21.8.2007). За пиратите казна и до 10.000 евра. Вечер.

петок, 3 август 2007 г.

Нова Македонија: Притворен хакер од Ресен

Ресенчанецот Мирмин Јајовски е приведен од полицијата поради кривично дело недозволено навлегување во компјутерски систем, соопшти МВР. Како што информира полицијата, четириесетгодишниот Јајовски, до април годинава, работел како одржувач на компјутерската опрема во фабриката „Агроплод“, но поради незадовоство од неговата работа, неговиот работен однос бил прекинат. Тој откако добил отказ ги пренел податоците на „Агроплод“ на компјутерот во неговиот дом и со помош на рачно изработен засилувач, кој го поставил на врвот од административна зграда на ресенската фабрика, успевал да изврши упад во компјутерите. Честите упадите во компјутерскиот ситем Јајовски ги вршел ноќе. Надлежните го забележале тоа и веднаш ја алармирале локалната полиција, која повела истрага за слуачјот. Откако бил приведен ресенчанецот го признал своето криминално дело, а против него е поднесена кривична пријава за неовластено навлегување во комјутерски софтвер.

Извор: (3.8.07). Притворен хакер од Ресен. Нова Македонија.