Се прикажуваат објави со етикета крадење на идентитет. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета крадење на идентитет. Прикажи ги сите објави

вторник, 18 август 2009 г.

Вечер: Пазете може да ви го украдат идентитетот

На вашата е-маил адреса стигнала порака дека сте среќен добитник на некоја лотарија од странство? Пријатно сте изненадени, но сепак, се сомневате. Тоа е добро затоа што станува збор за измама. Како луѓето во ваквите случаи се измамуваат.
Личноста добива е-маил дека е добитник на нешто а со тоа добива и молба односно упатство на оснивачот на наградната игра кој најчесто е од Велика Британија или Шпанија, да му ги прати своите лични податоци, односно копија од пасошот или возачката дозвола, адреса, број на телефон, и сметката на која би можела да се уплати наградата.
Доколку "среќниот добитник" ги прати податоците, повторно добива порака, но овој пат му се сугерира да му се јави на некој од европската комисија за добивки од игри на среќа, врзано се разбира за одобрување на исплатата на добивката. "Среќниот добитник" и овој пат е замолен да ги прати своите лични податоци, кои се разбира се исти со оние кои претходно ги пратил на лотаријата.
Откако добитникот уште еднаш ќе ги прати бараните податоци, исчекувајќи ја својата награда, таканаречената комисија ќе му побара плаќање на надокнада, по што ќе му се исплати добиената сума.
Ако се случи "добитникот" да ја плати бараната сума, измамниците се "на коњ", затоа што ја постигнале целта. Во истиот момент кога "добитникот" ќе ја исплати браната сума секој контакт со другата страна престанува, затоа што измамниците успеале во својата намера, односно успеале некој наивен "добитник" да го убедат да поверува и да им даде пари.
Знаејќи дека бројката на ваквите пораки кои дневно поминуваат низ нашите е-маилови е голема а во светот таа се мери со милиони тогаш и може да се претпостави колкава е добивката на измамниците.
Најтешко е да им се влезе во трага затоа што располагаат со голем број лажни лични податоци, а имињата на лицата кои организираат лотарија брзо се менуваат. Најдобра заштита е да не наседнувате на такви ласкави пораки, а ако сепак се случи да пратите свои податоци застанете тука затоа што е најважно да пратите пари за таканаречениот надомест.

КРАЖБА НА ИДЕНТИТЕТОТ


Во случаите кога една особа ќе ги прати своите лични податоци, најчесто се случува по некое време почнува да ја мачи совеста дали сето тоа е легално, можно ли е некој да и ја злоупотреби сметката или пак да и ги фалсификува податоците.
Опасност од таков вид постои, но реално, шансите се многу мали, затоа што е многу полесно да го навлечеш "добитникот" да уплати надокнада отколку да му ги фалсификуваш податоците и тоа врз основа на фотокопирани документи. Иако понекогаш и малата шанса може да стане преголема. Имено, врз основа на податоците кои "добитникот" ќе ги достави како што се личните податоци, адресата на живеење и работното место, информации за поблиската фамилија и слично можат да се искористат за правење на фалсификат документи и на тој начин може да се "украде идентитетот" на дотогашниот среќен добитник. Полицијата советува уште од самиот старт да се бришат таквите податоци и на тој начин да се спречат ваквите измами. Вашите лични податоци се само ваши па немојте да ги давате на непознати лица особено преку интернет.

НИГЕРИСКИ ПИСМА


Уште еден пример на имама на кој можете да наседнете и тоа на едноставен начин, и тоа отварајќи пристигната пошта од таканаречените нигериски писма. Во првиот момент ќе помислите дека станува збор за "бизнис понуда" кои ги праќаат различни сегашни и поранешни државници од африканските земји кои бараат помош при трансфер на пари, обавезно станува збор за значаен износ кој останал на нивната сметка кога ги исфрлиле од владата или од земјата, се разбира со примамлива надокнада од 20 до 35 проценти од целокупниот износ од нивната сметка во моментот кога парите ќе легнат на вашата сметка. Таканаречените африкански моќници до имињата на потенцијалните жртви доаѓаат преку различни извори, односно медиуми, бизнис списанија, интернет страници и слично. Се концентрираат на поединци а не на фирми, затоа што на тој начин ги избегнуваат сложените процедури при договарањето на работата. Кога пристигуваат таквите писма во првото се бара помош и лични податоци, па податоци од банката и сметката во неа а во останатите се договараат и деталите од самиот трансфер. Така што кога жртвата ќе наседне и се нуди одреден процент како и надокнада за услугите направени за трансферот. Но трансфер всушност нема, а жртвата се навлекува на име на такси и слични давачки да плати поголеми износи како би се наводно олеснило исплаќањето на парите. На пример, измамникот предложува да допатува во земјата на жртвата како би се договориле околу деталите, но поради тоа што му е блокирана сметката жртвата треба да му плати авионска карта и додатни трошоци. Кога жртвата ќе ги прати парите таканаречениот африкански државник никогаш повеќе нема да се јави затоа што го добил тоа што на почетокот го барал а тоа се пари.
Неодговарање и бришење на ваквите пораки е најдобра заштита од ваквите видови измами.

Извор: (18.08.09). Пазете може да ви го украдат идентитетот. Вечер.

вторник, 11 декември 2007 г.

Вест: 5.000 евра за откривање матичен број

Дирекцијата за заштита на личните податоци од 19 декември ќе може да покренува прекршочни постапки и да казнува за неовластено откривање на лични податоци. Наредната недела изминува законски утврдениот транзициски период во кој сите институции и сите физички и правни лица имаа обврска да го усогласат своето работење со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.
"Изминативе две години сите требаше да научат дека личните податоци можат да се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. "На пример, нема потреба да се зема матичен број кога се зачленувате во видеотека и кога земате филм. Исто така, нема потреба да ви ја скенираат личната карта. Кога аплицирате за вработување нема потреба да ве прашуваат за вашиот брачен статус. Тоа се преобемни информации, односно се собираат повеќе информации отколку што се потребни за да се оствари конкретната цел", објаснува директорката.
Како прекршување на заштитата на лични податоци Марушиќ ги наведува и институциите кои речиси никогаш не ги бришат еднаш собраните лични податоци. "Ако си аплицирал за вработување и не те примат податоците може да останат само ако ти се согласиш. Кога во телекомуникациите ќе откажеш некој мобилен или фиксен број, твоите податоци и понатаму остануваат во базата на податоци. Тоа го прават речиси сите, а тоа не смее да се случува", кажува Марушиќ.
Од наредната недела инспектори на Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе може да вршат контрола, а прекршочната комисија во Дирекцијата да изрекува казни. Согласно Законот, прекршочните санкции за правните лица се движат од 200.000-300.000 денари, а за физичките лица од 20.000-30.000 денари. Во собраниска процедура се измени на Законот за заштита на личните податоци каде се предлага зголемување на висината на казните.
Дирекцијата ќе казнува и во делот на видеонадозорот и нарушување на приватноста на лицата. Секој објект каде што има поставено камери, мора да биде обележан и на видно место да стои известување дека објектот се снима.
Сите институции и правни и физички лица имаат обврска да предвидат технички и организациони мерки за заштита на личните податоци. Контролите на Дирекцијата ќе се реализираат согласно со годишната програма за работа. Но истовремено инспекторите ќе вршат проверка и по барање на граѓани.
"Граѓаните чии лични податоци се на каков било начин неовластено откриени или злоупотребени од страна на контролорите можат да и се обратат на Дирекцијата заради утврдување на повредата", вели Марушиќ.

Извор: Р.Ф. (11.12.2007). 5.000 евра за откривање матичен број . Вест.