Се прикажуваат објави со етикета Антикорупција. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Антикорупција. Прикажи ги сите објави

вторник, 9 декември 2008 г.

Дневник: Ни застаруваат корупциските случаи

Светскиот ден на борбата против корупцијата 9 Декември, Македонија годинава го дочекува во хаотична состојба. Од една страна има интервенции во регулативата за заострување на санкциите, давање преширока легална можност за употреба на прислушувањето и на други специјални истражни мерки за откривање на корупцијата, а, од друга - недоволно транспарентни државни органи, апсурдни „застарувања“ на вакви случаи и образложенија дека нема доволно докази за покренување и судење на дел од корупциските скандали. Во Извештајот за Македонија, Европската комисија (ЕК) констатира напредок во борбата против корупцијата, но и дека таа останува сериозен проблем, особено во делот на финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи. Иако кај нас постои дебата за оправданоста на прешироката примена на прислушувањето во гонењето и на најбаналните корупциски дела како што е примањето и давањето мито, ЕК како позитивни чекори ги наведува измените на законите за кривична постапка и за следење на комуникациите. Сепак, Комисијата е внимателна, па вели дека во овие случаи треба да се засили улогата на судијата како коректив на „забегувањето“ на полицијата. Но, во Извештајот сњ нагласува дека извештаите на Државниот завод за ревизија и препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата многу ретко се следат. Нагласена е „загриженоста“ за политизација на некои случаи на корупција и начинот на кој се обработуваат. Транспареноста на државните институции и органи и понатаму е во фокусот на интерес на Европската комисија како превентивна мерка и стеснување на можностите за корупција. Додека во Македонија јавно се зборува за партизација на судството, Комисијата дипломатски констатира дека судството и понатаму е слабо, а изрекувањето и извршувањето на судските одлуки е со недостатоци. Ваквите мекоизречени забелешки на ЕК во практика изгледаат многу погрубо. Случаите на намерно или поради небрежност застарување на корупциски случаи е само дел од синџирот корупциски дела што остануваат несанкционирани иако биле откриени.

Извор: (9.12.08). Ни застаруваат корупциските случаи. Дневник.

вторник, 11 ноември 2008 г.

Нова Македонија: Телефонска линија за корупција во спортот?

Изградба на маалски игралишта, акции против дрогата, против сидата, финансирање книги, омасовување на извидниците, отворена линија за корупција во спортот се дел од идеите што ги дале македонските граѓани на отворениот ден во Агенцијата за млади и за спорт (АМС) т.н. Ден на идеи. „Денот“ АМС го направи по урнек на Владата на Македонија, која, исто така, имаше отворен ден со граѓаните за да го слушне гласот на народот.
За пет часа околу 500 граѓани на возраст од 18 до 70 години (ученици, пензионери, универзитетски професори...) продефилирале во АМС во неделата со свои идеи како да се унапреди спортот во државава и како да се подобри квалитетот на животот на младите. Некои од нив биле неинформирани, па од АМС барале изградба на нови спортски игралишта (Агенцијата веќе гради 50 типски фудбалски игралишта). Нивните идеи биле за изградба на игралишта по скопските маала, но тоа се веќе ингеренции на општините.
Имало предлози и на пензионери што имаат богата архива за училишни настапи и резултати, па од АМС барале финансиска поддршка за издавање книга или брошура во која ќе се најдат на едно место собрани сите резултати.
Во просториите на АМС на средба со директорот на Агенцијата бил и еден извиднички одред со предлог за омасовување на оваа активност. За Агенцијата најприфатлив бил предлогот за бесплатна телефонска линија за корупција во спортот.
- Оваа идеја засега е најприфатлива за АМС и таа најмногу н? заинтересира. Ќе ги разгледаме и другите, па оние што заслужуваат ќе бидат промовирани во јавноста - изјави , портпарол на АМС.

Извор: (11.11.08). Телефонска линија за корупција во спортот?. Нова Македонија.

петок, 7 ноември 2008 г.

Дневник: Средношколците во проект за антикорупцијата

Околу 600 ученици и 200 наставници од средните училишта, како и 80 родители се очекува да се едуцираат со проектот „Препознај ги неправилностите“ - „ Иднина без корупција“, во АСУЦ „Боро Петрушевски“. Проектот доби поддршка од Градот Скопје, Агенцијата за млади и спорт, Советот на Европа-Канцеларија Скопје, „Плимонт“ Скопје и „Женска акција“, во партнерство со НВО „Илинден“.

Извор: (7.11.08). Средношколците во проект за антикорупцијата. Дневник.

петок, 26 септември 2008 г.

Вечер: Студентите да пријавуваат корупција во образованието

Хрватската афера Индекс, во која беа уапсени професори, асистенти, студенти за купување и продавање на универзитетски дипломи почна да ги отвора очите на земјите од регионот. Корупцијата во образованието стана тема на разговор меѓу надлежните институции. И од македонското Министерство за надворешни работи апелираат студентите кои се нашле во ситуација професор да им бара пари за да положат испит да го пријават веднаш. За една година МВР реши две големи корупциски афери во образованието. Професорот од Педагошкиот факултет од Штип и професорот од Техничкиот факултет од Битола кои заработија кривични пријави за примање и посредување при поткуп се доказ дека во сферата на спречување на корупцијата во образованието се преземаат сериозни чекори, споредено со минатото кога корупцијата на факултетите се сметаше за табу тема.
Во двата случаи студентите побарале помош од полицијата. Во едниот било побарано мито од 200 евра. Во вториот случај се барале 900 евра за професорот и уште 600 евра за други двајца колеги за кои обвинетиот ветил дека ќе помогне студентот да добие преодна оцена. "МВР крајно сериозно постапува по сите случаи и со ист интензитет ќе продолжи да работи на откривање и процесуирање за сите за кои има сомнение дека биле инволвирани во корупција. Би сакале да ги охрабриме студентите да дојдат и да пријават. За нас е важно тие пријави да бидат навремени пред да се даде поткуп зашто подоцна е многу тешко да се докаже дека било побарано и дадено мито за оценка" - вели Иво Котевски, советник во МВР. Добро е што студентите почнаа да пријавуваат. Тоа до сега не се случуваше - велат од проектот Антикорупциски мерки во образованието финансиран од Владата на Кралството Норвешка. Со нивните активности за зголемување на јавната свест за корупцијата сметаат дека значително е подобрена комуникацијата студентите со надлежните институции.
"За неколку пати е зголемена актуелноста на темата како меѓу невладините организации така и во медиумите. Сега за нас останува уште еден предизвик а тоа е да се донесе финалната рамка - Законот за Студентски правобранител. Студентскиот Правобранител ќе биде тој во кого студентите ќе веруваат и ќе пријават доколку им биде побарано мито - вели Марија Петреска од проект Антикорупциски мерки во образованието.
Македонија годинава го достигна 72-то место според степенот на перцепција на корупцијата. Корупцијата во образованието е се уште проблем на кој треба да се работи.

Извор: Б.З. (26.9.08). Студентите да пријавуваат корупција во образованието. Вечер.

среда, 24 септември 2008 г.

Утрински: Скромен прогрес во борбата со корупцијата

Македонија и во 2008 година постигна скромен прогрес во справувањето со корупцијата. На антикорупциската скала од 180 земји што вчера истовремено насекаде во светот ја објави реномираната меѓународна организација „Транспаренси интернешенел“, Македонија го зазеде 72. место и освои 3,6 индексни поени.

Ова покажува дека Македонија е подобро рангирана во споредба со 2007 кога бевме на 84. место и имавме 3,3 поени. Сепак, скокот нагоре за 12 места не придонесе Македонија да се наоѓа во групата држави кои бележат посилна отпорност спрема корупцијата.

Од земјите во регионот Македонија се наоѓа пред Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. „Наспроти крупните реформи и надворешните поттикнувања во рамките на претпристапниот процес за влез во ЕУ, се чини дека овие земји не ја подобриле значително сликата за корупцијата“, се потенцира во извештајот.

Хрватска, Словенија, Турција и Романија заземаат повисоки позиции од Македонија, која според резултатите се дружи и со Бугарија, Мексико, Кина, Перу, Суринам, Свазиленд и Тринидад и Тобаго. Сите балкански земји имаат постигнато под пет поени на скалата од вкупно десет поени, што „покажува дека повеќето од нив се соочуваат со сериозни нивоа на корупција“.

Напредокот можеби изгледа висок ако ги гледаме местата за кои сме отишле погоре, потенцира вчера на прес-конференција Слаѓана Тасева, претседател на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“, презентирајќи ги вкупните резултати од извештајот.

Таа објасни дека годинава има промена во методологијата и дека се искористени истражувања кои се спроведени во крајот на 2006, 2007 и 2008 година.

„Индексот кај Македонија е променет за само 0,3 индексни поени, што е мало подобрување, а крајниот скор е изведен од шест истражувања. Напредокот во најголем дел се должи на промените во легислативата, она што значи формално усвојување на нови закони, менување на законите и усвојување нови процедури. Ако гледаме според државите во регионот, Македонија е добро рангирана“, нагласи Тасева.

Но, според неа, „не треба да се залажуваме дека добро ни оди“, бидејќи објективно се' уште имаме многу да покажеме на планот на заживувањето на прописите во практика, а со тоа и на вистинската ефикасност во борбата против корупцијата.

„Да имаме ефикасно завршени случаи, судски постапки, изречени пресуди и да имаме јасни, транспарентни и ефикасни процедури во јавната администрација“, објасни Тасева.

Таа посочи дека од Центарот за истражување на „Транспаренси интернешенел“ дале објаснување според кое Македонија се' уште има доста да работи за да биде во првата половина на Индексот за перцепција на корупцијата и да се најде погоре на ранг-листата.

Премиерот Никола Груевски со цела Влада вчера одржа прес-конференција за да го прослави успехот и да ги пофали сите институции кои придонеле за напредокот на нашата држава во антикорупцискиот фронт.

„Ова е уште една потврда за заложбите на Владата за нулта толеранција за корупцијата која во наредниот период ќе продолжи да се одвива уште позасилено, имајќи предвид дека Македонија има уште многу работа на овој план“, нагласи Груевски. Премиерот очекува подобрување на позициите на Македонија во однос на индексот на перцепција на корупцијата, но со помали скокови, бидејќи, како што вели, „Македонија сега не само што се наоѓа во првата половина од рангираните држави, туку и длабоко е навлезена во таа група на земји“.

„Само со реформи, а без имплементација не можеме да покажеме подобри резултати во антикорупцискиот фронт“, изјави вчера за „Утрински весник“, професорот на Правниот факултет, Никола Тупанчески.

„Свесни сме сами како напредуваме на овој план. Сите знаеме колку крупни случаи сме финализирале“. Тупанчески нагласува дека исчекорот треба да се поздрави, но сами треба да заклучиме колку соодветствува на реалноста.

На прво место земји со најмала корумпираност се Данска, Нов Зеланд и Шведска со високи 9,3 поени.


Извор: Катица Чангова. (24.9.2008). Скромен прогрес во борбата со корупцијата. Утрински Весник.

Дневник: Македонија на 72. место по корупцијата

Македонија годинава е на 72. место меѓу 180 земји по индексот на перцепција на корупцијата што секоја година го мери „Транспаренси интернешнел“. Тоа значи скок на земјата за 12 места погоре на скалата за мерење на корумпираноста во државите.

- Македонија покажа напредок, кој можеби изгледа висок ако го гледаме само бројот на местата за кои сме отишле погоре. Но, Индексот е подобрен за само 0,3 поени и тоа се должи најмногу на промените во законодаството, на формално усвојување нови закони и процедури - рече Слаѓана Тасева, преседателка на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“ на вчерашната прес-конференција. Тасева рече дека од Центарот за истражување на „Транспаренси интернешнел“ објасниле оти на Македонија и' претстои уште многу работа ако сака да се најде повисоко на ранг-листата според Индексот за перцепција на корупцијата.

- Објективно ние се' уште имаме многу да покажеме на планот на имплементација и вистинска ефикасност во борбата против корупцијата. Да имаме ефикасно завршени случаи, судски постапки, изречени пресуди и да имаме јасни, транспарентни и ефикасни процедури во јавната адмистрација - рече Тасева. Македонија годинава е меѓу Бугарија, Кина, Мексико, Перу, Суринам, Свазиленд, Тринидад и Тобаго. Албанија, Србија и Црна Гора се на 85. место, Бугарија и Романија, кои имаат сериозни проблеми со корупцијата, се рангирани повисоко од Македонија. Од земјите во регионот најдоброрангирана е Хрватска, која е на 62. место. Босна и Херцеговина е на 92. место, а Турција на 61. место. Ваквото рангирање премиерот Никола Груевски го оцени како успех на неговата влада.

- Од 105-тото место, кое го делеше со Свазиленд, во времето на владеењето на претходната влада, сега е на 72. место и е на исто рамниште со европски држави, а убедливо пред земјите од регионот - рече Груевски.

Извор: Н.Н.С. (24.9.08). Македонија на 72. место по корупцијата. Дневник.

сабота, 17 мај 2008 г.

Вест: Владата ја дрибла антикорупциската комисија

Уште од 2006 година за кампањата "100 дена Влада" Антикорупциската комисија чека отчет од Владата за потрошените народни пари за оваа реклама. На вчерашниот прес претседателката на Комисијата Мирјана Димовска потврди дека се уште тој случај не е затворен, бидејќи се чекале одговорите на потпрашањата кои биле испратени до Владата, откако таа не дала комплетен извештај.
Антикорупциската комисија кон крајот на минатиот месец побарала информација од Владата дали владината кампања "Во каква Македонија живееш? - Од тебе зависи" е согласно Законот за јавните набавки, дали таа била предвидена со годишниот план за јавни набавки и за кој период колку буџетски средства биле предвидени за неа?...
"Одговор нема", рече Димовска.
Комисијата препорачала за време на предизборната кампања да се запрат огласите за вработување во министерствата за култура и за здравство, во Струшката болница, како и на 70-темина лица во ЈП "Охридски комуналец", а укажала да се запре и владиниот оглас за стипендирање помлади асистенти до завршувањето на изборниот процес.
Димовска соопшти дека од вкупно 120 пратеници, на кои пред еден месец им престана мандатот, 91 пратеник поднеле анкетен лист за имотната состојба. Од нив 67 се наоѓале на новите листи на пратеници.

Извор: С.К.Д. (17.5.2008). Владата ја дрибла антикорупциската комисија. Вест.

петок, 28 март 2008 г.

Нова Македонија: Граѓаните да алармираат за корупцијата

Потребно е граѓаните да бидат похрабри и да алармираат за корупцијата во здравството која е рак рана на општеството велат од “Полио плус“ организацијата која вчера организираше трибина во Прилеп на тема:“ корупцијата во здравството - рак рана на општеството“.- Кампањата има за цел да ја лоцира корупцијата. Нашите активности се одвиваа на три нивоа:преку подигнување на свеста,креирање и јакнење на капацитетите на организациите во намалување на корупцијата, учество во креирање на законската рамка која ја уредува релацијата лекар - пациент вели Елена Кочоска, координатор на проектот.Освен тркалезни маси за унапредување на законската рамка Полио плус за борба против корупцијата организира медиумски кампањи,електронски кампањи и консултативно едукативна компонента.

Извор: Ка.М. (28.3.08). Граѓаните да алармираат за корупцијата. Нова Македонија.

Нова Македонија: Договор за антикорупциски мерки во образованието

Во Владата на Република Македонија вчера беше потпишан Меморандум за разбирање во рамките на проектот „Антикорупциски мерки во образованието“, кој го спроведува Секретаријатот за европски прашања на Владата, а го финансира Владата на Кралството Норвешка.
Проектот „Антикорупциски мерки во образованието“ е финансиран во рамките на Програмата за норвешка билатерална проектна поддршка на Република Македонија. За имплементацијата на овој проект, Владата на Кралството Норвешка издвои неповратен грант чија основна намена ќе биде насочена кон воведување антикорупциски мерки во високото образование, а со тоа и намалување на корупцијата и перцепцијата во високообразовниот систем. Посебен фокус во рамките на овој проект, покрај компонентата за подигање на јавната антикорупциска свест, е ставен и на афирмацијата и реформирање и законското уредување на институцијата „студентски правобранител“.

Извор: (28.3.08). Договор за антикорупциски мерки во образованието. Нова Македонија.

сабота, 24 ноември 2007 г.

Време: Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата и УНДП вчера промовираа спот што од понеделник ќе се прикажува на електронските медиуми по четири пати дневно. Кампањата наречена „Стоп корупција“, како што велат од комисијата, треба да ја зајакне антикорупциската свест кај граѓаните. И покрај ова, една година по формирањето на комисијата, главните забелешки на јавноста одат во насока дека антикорупциската комисија промовира спотови, а од друга страна затајува во работењето и во отворањето корупциски случаи, односно не работи транспарентно како минатиот состав.
Откако почна да работи новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, беа објавени имотните листови на државните функционери на Интернет, но не во целост. Почнаа со претседателот, премиерот, министрите и пратениците, го објавија имотот на членовите на Судскиот совет, Врховниот и Уставниот суд, но имотот на судиите, обвинителите, градоначалниците остана тајна. Во последнава година комисијата отвори 12 случаи за непотизам и конфликт на интереси. Кај четири од нив не најде непотизам, а за другите, оние покрупните, се уште нема одговор. Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна да одлучува како мајката на премиерот Никола Груевски ги купила четирите стана и не најде корупција и криминал во случајот со градежното земјиште зад „Рамстор“. И бизнисменот Љупчо Палевски до комисијата достави документација дека сопругата на претседателот Бранко Црвенковски уплатила пари за објектот „Тифани“. Комисијата не постапи по овој предмет затоа што го бараше оригиналниот документ за купопродажба на недвижниот имот. Од друга страна, антикорупционерите поведоа барање за прекршочна постапка против четириесетина функционери што воопшто не доставиле или ненавремено доставиле анкетен лист за имотната состојба. Позитивна оцена во јавноста доби донесувањето на Програмата за превенција и репресија на корупцијата и покренатата иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешната директорка на УЈП Петра Митева и на нејзината колешка од скопската регионална дирекција Мирка Мандевска. Сепак, ниту еден расветлен случај на организиран криминал и корупција досега не излезе од оваа институција. Од СДСМ неколкупати досега изјавија дека не ја признаваат Државната комисија за спречување на корупцијата.
- СДСМ поздравува секаква акција што оди кон борба против корупцијата. Изминативе 15 месеци видовме еден куп пропагандни спотови направени со народни пари, кои не вродија со плод. Затоа, ја повикуваме антикорупциската комисија конечно да се освести и да почне да работи во согласност со своите надлежности и да ги решава претставките поврзани со функционерите од власта - велат од партијата.

Извор: М.Ј. (24.11.07). Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата. Време.

среда, 4 јули 2007 г.

Дневник: Нема отчет за медиумските попусти за партиите

Антикорупциската комисија не може да донесе конечен став дали и која партија и за колку го пречекорила законскиот лимит за финансирање на изборните кампањи бидејќи медиумите не и' одговориле колкави попусти им дале на партиите за платено политичко рекламирање.Мора да знаеме кој медиум на која партија колку простор, односно време и' дал за платена политичка програма и колкав попуст одобрил. Проблемот е што приватните медиуми немаат законска обврска да ни поднесуваат такви извештаи. Комерцијалните медиуми имаат свој деловен интерес при давањето на бонусите, но државата мора да има контрола врз изборниот процес - изјави Мирјана Димовска, претседателка на антикорупциската комисија.

Таа најави дека Комисијата води постапки против 25 институции, кои не и' одговориле на укажувањата да престанат со изборните вработувања. И покрај писмените ургенции, одговор дали ги запреле вработувањата по објавените огласи не дале Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, охридската болница, Аеродромите во Скопје и во Охрид, Министерството за земјоделство, општините Сопиште и Свети Николе, како и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој вработил 90 луѓе. Владата на 19 јуни и' одговорила на комисијата оти не почнала се' уште со најавените вработувања на 3.000 припадници на заедниците во органите на државната управа, како дел од Акцискиот план за еднаква и правична застапеност на заедниците. Владата се' уште не одговорила дали кампањата „Во каква Македонија сакаш да живееш? - Од тебе зависи“, која почна во времето на изборниот процес, била однапред планирана токму за тој период и дали биле претходно обезбедени пари од буџетот. Владата не одговорила ни дали по укажувањето на Комисијата биле сопрени дејствата по огласот за стипендирање млади асистенти и по огласот на Агенцијата за вработување за доделување државни кредити за самовработување со отворање сопствен бизнис.

Извор: Н.Н.С. (04.07.2007.). Нема отчет за медиумските попусти за партиите. Дневник.