Се прикажуваат објави со етикета МИА. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета МИА. Прикажи ги сите објави

четврток, 18 септември 2008 г.

Нова Македонија: Годишните сметки по електронски пат до Централниот регистар

Правните лица ќе можат годишните сметки за годинава по електронски пат да ги испратат до Централниот регистар, најави Иво Ивановски, министер за информатичка технологија при вчерашната посета на оваа институција. Тој информира дека со проект за поедноставување на едношалтерскиот систем на крајот на 2009 година во Македонија ќе може да се регистрира фирма преку Интернет, пренесе МИА.
- Услугите што сега ги нуди Централниот регистар по електронски пат се неколку, но доста значајни. Корисниците може да ја проверат зафатеноста на името, односно називот на правното лице што сакаат да го регистрираат, електронски да резервираат име за определен временски период и најголемата новост е што годишните сметки за годинава по електронски пат ќе можат да ги испратат до Централниот регистар - рече Ивановски.
Тој нагласи дека Централниот регистар има голем напредок и додаде дека за идната година се предвидува тој да биде уште позначаен.
- До крајот на 2009 година ќе има поедноставување на едношалтерскиот систем, со што во Македонија ќе може да се регистрира фирма преку Интернет - рече Ивановски.
Тој појасни дека со измените сите правни лица што претходно требаше да одат на шалтер, да чекаат таму, да ги пополнат сите документи и да платат надомест од 1.000 денари, сега тоа ќе можат да го направат електронски. Фирмите со користење дигитален електронски потпис од својот компјутер ќе можат да ги симнат и пополнат формуларите, да платат 400 денари и со тоа да заштедат време и средства.
Директорот на Централниот регистар Зоран Алексов рече дека до крајот на октомври годинава, кога во Кардиф, Велика Британија, ќе се одржи генералното собрание на Европскиот бизнис-регистар, Централниот регистар ќе биде поврзан со Европскиот и сите податоци за македонските активни компании ќе бидат ставени на располагање на околу 20 милиони компании што се регистрирани во Европа. Сите заинтересирани субјекти од Македонија што имаат деловни партнери во Европа ќе можат да ги гледаат податоците за работењето на странските компании преку овој регистар.

Извор: (18.9.2008). Годишните сметки по електронски пат до Централниот регистар. Нова Македонија.

четврток, 22 мај 2008 г.

Време: Невработени струмичани ќе учат информатика

Институт за применета технологија наскоро ќе биде отворен во Струмица, во кој за една и пол година 40 до 60 невработени со високо образование ќе го доусовршат своето знаење од областа на информатиката и на менаџментот. Во овој проект, поддржан од КАРДС-програмата за добрососедство, ќе бидат инвестирани 137.000 евра, од кои 117.000 евра се донација од ЕУ. Остатокот е обезбеден од општинскиот буџет преку Одделението за локален економски развој, јави МИА. Институтот, кој ќе биде опремен со компјутери, печатачи, ЛЦД-проектори и други современи уреди, ќе им помага на невработените низ забрзани курсеви да го подобрат и збогатат знаењето за да може полесно да најдат работа. За обучувачи ќе бидат ангажирани стручни лица од земјава и од странство. По завршувањето на обуката учесниците ќе добијат меѓународен сертификат за завршен курс.

Извор: (22.5.08). Невработени струмичани ќе учат информатика. Дневник.

вторник, 31 јули 2007 г.

Утрински: Пратениците се изборија за надградба на собраниската компјутерска мрежа

Во Собранието ќе се модернизира и надградува компјутерската мрежа за да може без никакви проблеми да се приклучи постојната, но и новата ИТ-опрема во парламентарниот дом. Пратениците од сите парламентарни групи, вчера се обединија и покрај отпорот од Владата изгласаа амандман со кој се бара со ребалансот на Буџетот да се обезбедат 15 милиони денари за надградба на компјутерската мрежа во Собранието, која не може да одговори на сегашните, но и идните потреби на парламентарците. Амандманот, кој беше поднесен од 35 пратеници, првично беше одбиен од Владата, а министерот Трајко Славески тоа го образложи со објаснувањето дека не се потребни пари за надградба на системот, туку тоа може да се стори со користење на отворен систем и ги замоли парламентарците да ја намалат сумата што ја побаруваат од 15 на 5 милиони денари, за да може евентуално да биде прифатен предлогот. Но, откако речиси сите пратеници едногласно истапија дека не е потребно само надградба на зградата на Собранието или изградба на куполи, туку неопходно е и инсталирање и надградба на ИТ-мрежата, министерот Славески се согласи да се прекине расправата и народните избраници го изгласаа амандманот.

Осовременувањето на компјутерскиот систем, според пратениците, е идеална шанса Владата да докаже дека работи на идејата на е-парламент. Надградбата на системот ќе им овозможи на парламентарците поефикасно да работат, затоа што со тек на време ќе може да поддржи инсталирање нови современи компјутери, па и лаптопи. Наместо пратениците да се задушуваат со купишта хартија, ќе можат сите материјали да ги проследуваат на компјутер во своите кабинети.

„Премиерот може да има 45 советници, а ние не можеме да имаме осовременување на компјутерската мрежа“, рече Агрон Буџаку од ДУИ, кој изјави дека пратениците немаат соодветни услови за работа, а постојните компјутери во Собранието ги спореди со „компјутери од времето на султан Ахмед“.

Роза Топузовска од ЛДП истакна дека несфатливо е како може лаптопите да бидат предност за владините министри, правејќи од тоа своевидно шоу пред народот колку тие работат за доброто на граѓаните, а лаптопиите, од друга страна, да бидат хендикеп за пратениците.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека веќе пет години во Собранието се соочува со неможноста од нормално работење и кога била во опозиција и сега кога припаѓа на парламентарното мнозинство да се најдат закони на Интернет од европските земји и да се споредуваат со нашето законодавство. Токму затоа, таа е прва потпишана на амандманот.

Владата не го прифати вчера амандманот на Весна Јаневска за финансиска поддршка на МИА во висина од 5 милиони денари, но го прифати предлогот за одобрување на 3 милиони денари за изработка на монографија преку која Собранието ќе се претстави на Собранието на парламентите на франкофонијата во септември годинава.

Расправата за ребаланс на Буџетот продолжува. Со предложениот ребаланс, вкупните расходи во Буџетот изнесуваат 117 милијарди и 713 милиони денари, вкупните приходи 114 милијарди и 217 милиони денари, а разликата е три милијарди и 496 милиони денари.

Во централниот Буџет вкупните приходи се проектирани во износ од 79 милијарди и 913 милиони денари со зголемување од пет милијарди и 390 милиони денари, а вкупните расходи 82 милијарди и 404 милиони денари или зголемување за нешто повеќе од пет милијарди денари за 2007 година.

Извор: Верче Георгиевска. (31.7.07). Пратениците се изборија за надградба на собраниската компјутерска мрежа. Утрински Весник.