петок, 28 ноември 2008 г.
Вечер: Космофон со приход од 48 мил. евра
Приходите на Космофон, како што објави во Атина грчката компанија ОТЕ, во првите девет месеци од годинава достигнале 47,6 милиони евра што е пораст за скромни 1,2 милиони евра. Во извештајот на ОТЕ се наведува дека порастот на приходите се должи на остварените средства од појдовни повици во пост пејд и тоа за 15 проценти и тоа делумно го искомпензирал падот на приходите од при пејд сегментот.- Ако пред една година корисниците на Космофон во просек зборувале на мобилен телефон по 85 минути месечно и трошеле по 11 евра, за една година тој број пораснал на 99 минути и 10 евра - стои во извештајот.
Од ОТЕ потсетуваат дека Групацијата Космоте е во процес на продажба на Космофон што следи по аквизицијата на контролниот пакет-акции на ОТЕ од страна на Дојче телеком, кој во Македонија го поседува Т-Мобиле.
Извор: С.Бл. (28.11.08). Космофон со приход од 48 мил. евра. Вечер.
петок, 20 јуни 2008 г.
Вест: Космофон станува дел од Дојче телеком
Од "Дојче телеком" вчера информираа дека договорот допрва треба да добие одобрување од надлежните антимонополски институции, меѓу кои се Комисијата на Европската унија и надлежните регулатори во Атина и Македонија.
"Очекуваме трансакцијата да заврши во втората половина од годинава. ' Дојче телеком' е целосно свесен за потенцијалното влијание на трансакцијата врз конкурентноста на македонскиот телекомуникациски пазар. Ние комунициравме со Комисијата за заштита на конкуренцијата уште во почетната фаза, со цел да ја потенцираме нашата подготвеност да соработуваме со надлежните институции", изјави Ана Бисхоф од "Дојче телеком".
Претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата Чедомир Краљевски објаснува дека по вклучувањето на "Космофон" на пазарот со фиксна телефонија, дополнително се концентрира моќ кај "Дојче телеком", кој управува со доминантниот "Македонски телеком" и најголемиот мобилен оператор "Т-Мобиле Македонија".
"Во моментот кога 'Дојче телеком' ќе го преземе управувањето со грчки ОТЕ настанува и обврската да не информираат за концентрацијата на моќ на домашниот пазар", изјави вчера Краљевски.
Извор: Т.Ј. (20.6.2008). Космофон станува дел од Дојче телеком. Вест
четврток, 19 јуни 2008 г.
Утрински: Фиксно „ало“ од вчера и преку „Космофон“
Во постпејд „Космофон“ нуди три тарифни модели, „АЛЛО 199“ со месечна претплата од 199 денари и 0,99 денари минута кон фиксната телефонија, „АЛЛО 299“ со месечна претплата од 299 денари, која вклучува 100 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи и „АЛЛО 599“ со месечна претплата од 599 денари, која вклучува 600 бесплатни минути кон сите национални фиксни мрежи. Сите нови постпејд-корисници на АЛЛО што ќе се активираат во промотивниот период до 31 август добиваат и 1.000 бесплатни минути за разговор кон сите корисници на АЛЛО, кои треба да ги искористат во рок од три месеци од денот на активација, и три месеци без месечна претплата.
Во при-пејд сегментот, АЛЛО го нуди тарифниот модел „АЛЛО при-пејд“, кој овозможува фиксна линија без месечна претплата и без договор, како и достапност во период од 12 месеци без дополнување на сметката и 100 денари бесплатни разговори кон сите мрежи при активација на фиксната линија. Сите нови корисници на тарифниот модел „АЛЛО при-пејд“ активирани во промотивниот период до 31 август добиваат дополнителни 1.000 бесплатни минути кон сите броеви на АЛЛО, кои треба да ги искористат во рок од три месеци од денот на активација.
„Со воведувањето фиксни телефонски услуги, ’Космофон‘ уште еднаш го одржува своето ветување кон корисниците за конкурентна, едноставна и достапна комуникација за сите“, истакнува главниот извршен директор Петрос Лефковиц.
Влезот на „Космофон“ во фиксната телефонија се случува во сенка на преземањето на ОТЕ од страна на „Дојче телеком“ и очекувањето што ќе се случи со „Космофон“ со оглед на тоа дека на тој начин се создава монопол на нашиот пазар. Во знак на револт, вработените во грчката ОТЕ вчера повторно стапија во штрајк поради најавениот договор на грчката држава со германски „Дојче телеком“. Вработените најавија одржување протестен митинг пред грчкиот парламент, каде што пратениците вчера требаше да го ратификуваат договорот за стратегиско партнерство на државата со „Дојче телеком“. Аналитичарите очекуваат дека договорот ќе го добие потребното минимално мнозинство пратеници. Двата оператора се присутни и на македонскиот пазар за мобилна телефонија преку „Космофон“ и „Т-мобиле“.
Извршниот директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, смета дека прашањето за создавање монопол ги засега „Дојче телеком“ и ОТЕ и моментно тоа не влијае на „Македонски телеком“, кој е сопственост на „Маѓар телеком“, односно „Дојче телеком“.
Извор: (19.6.08). Фиксно „ало“ од вчера и преку „Космофон“. Утрински Весник.
вторник, 10 јуни 2008 г.
Утрински: „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен
„’Космофон‘ е значајна, мултимилионска инвестиција за групацијата ’Космоте‘ и ќе продолжи да ги исполнува своите планови со цел да ја максимизира својата вредност и потенцијал на пазарот. Целосно сме предадени во остварувањето на обврските спрема нашите акционери, нашите вработени и, пред се', спрема нашите корисници кои ја покажуваат својата доверба во ’Космофон‘“, се вели во соопштението од компанијата.
Од „Космофон“ сметаат дека засега не може да стане збор за негово затворање или за прецизирање на која било поинаква судбина од сегашната, бидејќи договорот меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ за преземање на ОТЕ се' уште не е ратификуван во парламентот на Грција. Од компанијата најавуваат дека продолжуваат со реализација на бизнис-планот. Инаку, досега се одолжуваше почетокот на расправата за ратификацијата на спогодбата меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ околу продажба на грчки ОТЕ, а според грчките медиуми, таа треба да почне неделава.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата информираат дека до нив се' уште не е стигнато никакво известување од „Дојче телеком“, кое евентуално би дало насока каква би била судбината на вториот мобилен оператор во земјава, поточно дали тој ќе се затвора, дали ќе се продава или ќе продолжи да работи, што би создало концентрација на моќ и би создало монопол. Според пишувањата на грчки „Та неа“, најавата за затворање на „Космофон“ е поради намерата на ОТЕ да ја прекине работата на мобилните оператори во Македонија и во Црна Гора, бидејќи во овие држави „Дојче телеком“ е застапен со брендот „Т-мобиле“.
Според упатените, судбината на „Космофон“ целосно е во рацете на новиот сопственик „Дојче телеком“, кој има два избора - да го продаде мобилниот оператор или да го затвори. Како и да е, и двата избора ќе бидат со последици. Продажбата ќе значи внесување здрава конкуренција на пазарот на мобилната телефонија, што не му одговара на „Дојче телеком“, додека затворањето ќе значи крај на профитабилниот бизнис во кој се вртат десетици милиони евра годишно. Можеби најлогичен потег би било „Космофон“ да влезе на пазарот на фиксната телефонија, за што имаше најава, но и во тој случај ќе има монопол на пазарот, бидејќи „Космофон“ е во сопственост на „Дојче телеком“, кој, пак, е присутен на пазарот на фиксната телефонија преку „Т-хоум“.
Извор: Александрија Стевковска. (10.6.08). „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен. Утрински Весник.
петок, 16 мај 2008 г.
Вест: Дојче телеком го купи и Космофон
Претставници на "Дојче телеком" в понеделник доаѓаат кај Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) да ја информираат за преземањето на управувањето во грчкиот оператор ОТЕ. "Дојче телеком" ќе плати околу 3,2 милијарди евра за вкупно 25 отсто од капиталот на ОТЕ и управувањето со компанијата, а грчката Влада задржа за себе 25 отсто. Со тоа "Дојче телеком" под свое ќе ги има единствениот фиксен оператор Македонски телеком, и двата најголеми мобилни оператора "Т-мобиле Македонија" и "Космофон", кои заедно имаат 92 отсто од мобилниот пазар во земјава. Претседателот на КЗК Чедомир Краљевски вели дека од содржината на информацијата од германскиот телекомуникациски гигант ќе зависи решението со кое антимонополците треба да го спречат враќањето на телекомуникацискиот монопол во Македонија. "Не е важно колкаво ќе биде учеството на 'Дојче телеком' во грчката телекомуникациска компанија, битно е дека има промена во управувањето со компанијата. Обврската за информирање на Комисијата за концентрација на моќ на пазарот настанува бидејќи го преземаат управувањето со грчкиот оператор. Комисијата потоа има рок од 30 дена да донесе решение за спречување на евентуалниот монопол, а решението ќе зависи од информацијата што ќе ја добиеме в понеделник", вели претседателот на Комисијата Краљевски.Според законот, КЗК, откако ќе направи анализа на пазарот, може да му дозволи на "Дојче телеком" во Македонија истовремено да биде газда и на двата мобилни оператора "Т-Мобиле Македонија" и "Космофон", односно, наместо да ја продаде, да ја издава инфраструктурата на "Космофон" по регулирани цени. Краљевски потенцира дека е се уште рано да се каже кое решение ќе се одбере. Ана Бисхоф од канцеларијата за информирање на "Дојче телеком" вели дека не може да зборува за плановите на "Дојче телеком" во Македонија, се додека за акционерскиот договор меѓу германскиот и грчкиот оператор не се изјаснат надлежните регулаторни тела и грчкиот Парламент. "'Дојче телеком' и грчката Влада во вторникот потпишаа акционерски договор, според кој 'Дојче телеком' ќе ја преземе управата со ОТЕ и целосно ќе ја консолидира компанијата", вели Бисхоф.Во телекомуникациските кругови инстантно се проширија и шпекулации дека германската компанија веќе преговара за продажба на "Космофон", како и дека меѓу најзаинтересирани се "Теленор" (присутен е на пазарот во Србија), "Водафон", руски компании, па и "Мобилком Австрија", кој е газда на третиот мобилен "Вип оператор".
Извор: Т.Ј. (16.5.08). Дојче телеком го купи и Космофон. Вест.
вторник, 13 мај 2008 г.
Дневник: „Дојче телеком“ и ОТЕ пред договор
Извор: (13.5.08). „Дојче телеком“ и ОТЕ пред договор. Дневник.
понеделник, 12 мај 2008 г.
Утрински: Грчки „Космоте“ ќе се преименува во „Т-мобиле“
Извор: (12.5.08). Грчки „Космоте“ ќе се преименува во „Т-мобиле“. Утрински Весник.
петок, 9 мај 2008 г.
Утрински: Доаѓа нов монопол во мобилната телефонија
Извор: А. Стевковска. (9.5.08). Доаѓа нов монопол во мобилната телефонија. Утрински Весник.