Се прикажуваат објави со етикета 3-Г. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета 3-Г. Прикажи ги сите објави

четврток, 31 јануари 2008 г.

Утрински: „Космофон“ тврди дека нејзината понуда за 3Г е најдобра

„Космофон“ ги отфрла тврдењата на „Т-мобиле“ дека нејзината понуда за 3Г-технологија е нетранспарентна и со скриени трошоци, како и дека е трипати поскапа. Надлежните од „Космофон“ велат дека ваквите констатации од нивниот конкурент кој не ја доби лиценцата за 3Г се невистинити и не се базирале на факти, со што јавноста се доведувала до заблуда. „Ги исполнивме сите услови пропишани со тендерот за 3Г-технологија, ја дадовме најдобрата понуда експлицитно и транспарентно и притоа не ја условивме со ограничувања и дополнителни надоместоци што не беа дозволени во тендерот“, велат од „Космофон“.

Извор: В.Г. (31.1.08). „Космофон“ тврди дека нејзината понуда за 3Г е најдобра. Утрински Весник.

среда, 30 јануари 2008 г.

Вест: И Т-Мобиле бара лиценца за видеотелефонија

Во Европа нема да најдете ниту една држава во која само една компанија има лиценца за 3Г. Пологично е и двајцата оператори кои учествувале на тендерот да добијат лиценца за третата мобилна генерација која нуди и видеотелефонија. Вака размислува менаџментот на "Т-Мобиле Македонија", чија понуда на тендерот за 3Г лиценцата Агенцијата за електронски комуникации ја дисквалификуваше. Главниот извршен директор Мајкл Лоренс изјави дека доделување на само една лиценца ги оштетува потрошувачите.Менаџментот на "Т-Мобиле" побара од Агенцијата за електронски комуникации да ја преиспита одлуката за доделување на лиценцата. Директорот за маркетинг и регулатива Бранко Станчев објасни дека дополнителните забелешки во нивната понуда, поради кои ги дисквалификуваа, се со цел да бидат транспарентни и подоцна да нема изненадувања со цените."Во условот на тендерот стоеше дека големопродажните цени на услуги треба да бидат над трошоците, а тоа не е можно доколку не се направи појаснување", вели Станчев.

Извор: Т.Ј. (30.1.08). И Т-Мобиле бара лиценца за видеотелефонија. Вести.

недела, 13 јануари 2008 г.

Нова Македонија: Само Т-мобиле и Космофон со понуди за 3Г-технологија

Мобилните оператори “Т-мобиле“ и “Космофон“ се единствените компании кои се јавија на тендерот за добивање фрекфенција за користење на јавни комуникациски мрежи и услуги од третата генерација -3Г технологија. На вчерашното отворање на нивните понуди, Комисијата за спроведување на тендерот, предводена од Миле Велјанов, утврди дека и двете компании ја имаат доставено целата потребна документација.
Комисијата по разгледување на понудите, најдоцна до 17 јануари треба да достави предлог за најповолен понудувач до комисијата при Агенцијата за електронски комуникации, а таа пак до 25 јануари официјално треба да излезе со одлука за победникот на тендерот.
АЕК доделува една фрекфенција за 3Г технологијата за користење во рок од 10 години. Првичниот надоместок за давање одобрение за фрекфенцијата е 10 милиони евра.
Брзиот интернет, трансферот на податоци со поголема брзина, пристап до мултимедијални содржини, видеотелефонијата и телевизијата се дел од услугите што ги нуди оваа технологија.
Експертите велат дека 3Г технологијата не е услуга за пошироката популација, поради скапите телефони и скапите цени што ги нуди.

Извор: (13.1.2008). Само Т-мобиле и Космофон со понуди за 3Г-технологија. Нова Македонија.

сабота, 12 јануари 2008 г.

Вечер: Т-Мобиле и Космофон се тркаат за 3-Г

Само Т-Мобиле или Космофон доставија понуди на тендерот за 3Г технологија. Кој ќе ја нуди оваа услуга, Агенцијата за електронски комуникации ќе соопшти за две недели. Во присуство на претставници од два мобилни оператори, претседателот на комисијата, Миле Вељанов констатираше дека понудите на компаниите се комплетни без да бидат обелодените детали. Тендерската комисија треба да ги разгледа понудите и најдоцна до 17 јануари да направи ранг листа. Потоа, Комисијата на АЕК до 25 јануари ќе одлучи на кого ќе му ја даде радиофреквенцијата за 3-Г.

Клучен услов кој од двете компании ќе биде избран е да понуди пониски цени за граѓаните, а истовремено и прифатливи големопродажни цени за други оператори што ќе сакаат да нудат 3-Г. Тоа беше и намерата на Владата кога се одлучи да биде доделена само една фреквенција, односно избраниот оператор за 3-Г да даде понуда што ќе овозможи конкуренција и развој на пазарот.
Вториот клучен услов е цената што ќе ја понудат операторите за десетгодишно користење на радиофреквенцијата. Минималниот еднократен надоместок што го утврдија Владата и АЕК изнесува 10 милиони евра.

Од Т-Мобиле и од Космофон велат дека се подготвени за исполнување на тендерските рокови за да ја воведат 3-Г технологијата. Од избраниот оператор се бара во рок од шест месеци од добивањето на одобрението за работа да почне со нудење на услугата и во првата година да покрие 50 проценти од територијата на РМ, а целосно за две години.

Мобилните системи од третата генерација обезбедуваат бежичен пристап до глобалната телекомуникациска инфраструктура, односно широк спектар на интегрирани услуги како што се говор, податоци, слики и видео. За да може да комуницираат меѓу себе преку видео повик, лицата треба да имаат телефонски апарати што се опремени со две камери, чија цена во моментов е од 100 до 1.000 евра.

Извор: С.Бл. (12.1.2008). Т-Мобиле и Космофон се тркаат за 3-Г. Вечер.