Се прикажуваат објави со етикета Сулејман Рушити. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Сулејман Рушити. Прикажи ги сите објави

вторник, 20 ноември 2007 г.

Вечер: Во училиштата инсталирани 52.000 компјутери

Веќе 52.000 компјутери од 100.000 компјутери преку проектот на македонската Влада се пристигнати во училиштата, и тоа прво во средните, а потоа и во основните училишта. Во насока на зајакнување на овој проект во училиштата се формираат тимови за одржување на компјутерите, активност што се реализира со помош на УСАИД. Во тимовите се вклучени ученици од седмо и осмо одделение во 164 училишта во земјата, а нивниот број во наредниот период се очекува да се зголеми за уште 200 училишта. Тие имаат задача да ги оддржуваат компјутерите и да нудат помош како на учениците, така и на наставниците. Вчера три училишни тима од Скопје, Куманово и Кочани беа прогласени за победници од натпреварот за избор на лого за Проектот за поддршка на студентскиот технички клуб.

- Училишните тимови се важни за одржување на компјутери што постојат во 164 училишта и тоа не само за одржување на компјутерите, туку и за подигнување на интересот на учениците во врска со информатичко-комуникациските технологии. Нашата цел со проектот "Компјутер за секое дете" не е компјутерите да бидат само поставени во училиштата, туку тие да бидат како алатки кои ќе се употребуваат во образованието, вели министерот за образование Сулејман Рушити.
Тој најави дека стоте илјади компјутери се инсталираат во предвидената динамика и како што доаѓаат компјутерите, така се инсталираат. Во некои училишта веќе е почнато и подобрувањето на надворешната електрична мрежа со поддршка од ЕВН.

- Листата на училиштата во кои треба да се поправа надворешната инсталација е веќе испратена во ЕВН, рече министерот Рушити. За следната година тој посочи дека во Министерството за образование ќе започнат со креирање на нови дигитални содржини и обука на наставниците.

Извор: М.Г. (20.11.2007). Во училиштата инсталирани 52.000 компјутери. Вечер.

петок, 17 август 2007 г.

Вечер: Компјутерот дели легла

Министерството за образование вчера на транспарентен начин ја објави прелиминарната листа на студентите кои електронски аплицираа за сместување во дом. Во трката за 4.570 легла во студентските домови во земјата се пуштија 5.996 кандидати. Студентите годинава првпат се пријавуваа по електронски пат, а кандидатите имаат рок во наредните осум денови со документи да ја потврдат веродстојноста на податоците наведени во електронската апликација во домот во којшто конкурирале.

- Воведувањето на информатичката технологија, како и електронски апликациии и форми на комуникација се стратешка определба на Владата. Морам да го пофалам интересот што го покажаа студентите за овој начин на аплицирање, за што зборува и бројката од 5 996 апликации. Бројка која покажува дека е зголемен бројот на апликантите во споредба со минатата година, рече министерот за образование, Сулејман Рушити на презентацијата на прелиминарната листа во Владата на РМ.

Тој потенцираше дека на ваков начин потполно се елиминира човечкиот фактор при бодувањето на апликациите, се зголемува личната одговорност на апликантите при поднесување на апликацијата и се избегнуваат сите неправилности и недоследности при распределувањето на студентските легла што се појавуваа минатите години.

Дека и студентите се задоволни од он-лајн пријавувањето потврдува и претседателот на Сојузот на студенти при Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", Самоил Малчески. Според него, првпат при пресметките се одбегнува човековиот фактор и било какво влијание.

- Компјутерот сам ги пресметува бодовите. На студентите им останува она што го внеле во електронската апликација да го докажат со документи. Оние студенти кои манипулирале со електронската апликација ќе бидат исфрлени и нема да добијат легло. Досега најмногу манипулираше Комисијата за сметсување во домовите. Сега, првпат сите легла се на конкурс, нема скриени или кои дополнително ќе излезат и кои досега беа подложни на продажба. Таа комисија сега е исфрлена како фактор, вели Малчески.

Во рангирањето на кандидатите се земени предвид успехот од школувањето, редовноста, семејно-материјалната состојба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење. Министерството за образование во соработка со Е-Влада и УСАИД ја воведе електронакста апликација. Со неа, само за пријави, коишто лани чинеа 100 денари, се заштедени околу 6 илјади евра.
Прелиминарниот списокот е објавен и на веб-страницата на ресорното Министерство www.mon.gov.mk

Извор: Милена Георгиевска. (17.8.07). Компјутерот дели легла. Вест.