Се прикажуваат објави со етикета 3-Г телефонија. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета 3-Г телефонија. Прикажи ги сите објави

четврток, 18 декември 2008 г.

Вечер: Од јуни достапни услуги од 3-Г технологијата

За половина година и Т-Мобиле Македонија ќе почне со комерцијално нудење услуги од третата генерација мобилна телефонија (3-Г). В.д. директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Петар Ивановски вчера му го издаде одобрението за користење радиофреквенции на Мајкл Лоренс, главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија со што започна да тече шестмесечниот период до кој компанијата треба да стартува со понуда до корисниците за услугите што ги овозможува 3-Г технологијата. -Нашата понуда ќе биде многу конкурентна, како што впрочем и секогаш правиме во Т-Мобиле. Условите ќе бидат изненадување за корисниците - увери Жарко Луковски, главниот оперативен директор во Т-Мобиле Македонија.
Со добивањето на одобрението, според Лоренс, Т-Мобиле праќа јасна порака до Владата, до Агенцијата како регулаторно тело и до корисниците дека ќе биде изградена најдобрата телекомуникациска мрежа во земјата. -Со 1,3 милиони корисници, Т-Мобиле во голема мерка придонесува за високата стапка на пенетрација од 107 проценти на мобилната телефонија во Македонија. Ние можеме на корисниците да им понудиме одлични услуги за нивните пари и висококвалитетна мрежа за што, и покрај глобалната криза, планираме во 2009 година да инвестираме 30 милиони евра - истакна Лоренс.
Изразувајќи задоволство што инвестицијата на Т-Мобиле ќе допринесе во развој на пазарот на електронските комуникации, на информатичкото општество, како и воопшто на економијата, Ивановски рече дека АЕК целосно ја следи стратегијата на Владата и во потполност го спроведува акциониот план за развој на широкопојасниот интернет.

Извор: С.Бл. (18.12.08). Од јуни достапни услуги од 3-Г технологијата. Вечер.

Дневник: „Т-мобиле“ ја доби лиценцата за 3Г-телефонија

Македонскиот телекомуникациски пазар ќе се надгради и прошири откако најголемиот домашен мобилен оператор „Т-мобиле“ вчера и официјално ја доби дозволата да нуди комуникациски услуги за третата генерација мобилни телефони. Според конкурсот, „Т-мобиле“ треба да почне со комерцијална понуда на услугите од 3Г-технологијата во рок од шест месеци. Главниот извршен директор на „Т-мобиле“ Мајкл Лоренс најави дека компанијата ќе настојува услугите да ги понуди и пред рокот, по конкурентни цени. Одобрението ја чинеше компанијата 10.000.100 евра како еднократен надомест.- Стапката на пенетрација на мобилната телефонија во Македонија изнесува 107 отсто, што значи дека државата се приближува до процентот во европските земји - вели Лоренс. Лиценца за услугите од 3Г- технологијата има и мобилниот оператор „Космофон“. Операторот ВИП засега се изјаснува дека не е заинтересиран за таа технологија, за која оценува дека е во залез.

Извор: (18.12.08). „Т-мобиле“ ја доби лиценцата за 3Г-телефонија. Дневник.

Утрински: „Т - мобиле“ доби лиценца за 3-Г

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), вчера на мобилниот оператор "Т - мобиле Македонија", му додели одобрение за користење радиофреквенции за обезбедување јавни комуникациски мрежи и услуги. Според тендерските правила, „Т - мобиле Македонија" треба да започне со комерцијално нудење на услугите од технологијата 3-Г во рок од шест месеци. Главниот извршен директор на компанијата, Мајкл Лоренс, по добивањето на лиценцата рече дека компанијата ќе настојува услугите да ги понуди и пред рокот, по конкурентни цени. За одобрението што го доби компанијата преку јавен тендер, плати еднократен надомест од 10.000.100 евра. Стапката на застапеност на мобилната телефонија во земјава изнесува 107 отсто што, според Лоренс, значи дека Македонија се приближува до процентот во европските земји.

Извор: МИА. (18.12.08). „Т - мобиле“ доби лиценца за 3-Г . Утрински Весник.

сабота, 6 септември 2008 г.

Вечер: Сурфање на планина и во автомобил

Космофон воведе три нови пост-пејд тарифни модели наменети, пред се, за корисниците кои сакаат да имаат брз интернет пристап од својот компјутер или лап топ, независно од нивната локација. Ова го овозможува услугата 3-Г интернет и претставува едноставно решение за брз безжичен интернет. Тие што ја пробале оваа услуга, која е достапна од средината на минатиот месец, велат дека е убава работа да сурфаш на планина или на пат во автомобил или автобус со 3 мегабајти во секунда. Од Космофон уверуваат дека благодарение на најголемата интернет - брзина на пазарот која ја овозможи само 3-Г технологијата, можна е висока брзина на симнување на видео и аудио содржини како и симултан пренос на гласовни повици и податоци.
- Значи, може да зборувате на телефон преку звучник или слушалки, а во исто време да сурфате на интернет, праќате имеил, да го гледате и слушате соговорникот - објаснуваат од Космофон.За користење на 3-Г интернет (возможно е да се користи и во странство преку роаминг врска), потребен е УСБ модем кој е бесплатен. Интернет врска се добива со негово едноставно приклучување на компјутер или лап топ. До крајот на годинава, пост-пејд корисниците промотивно добиваат и до 5 гигабајти бесплатен интернет сообраќај секој месец. Месечните претплати се 290, 490 и 890 денари.

Извор: (6.9.08). Сурфање на планина и во автомобил. Вечер.