Се прикажуваат објави со етикета Он Нет. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Он Нет. Прикажи ги сите објави

вторник, 25 август 2009 г.

Дневник: Државата ќе врти преку „Т-хоум“

Владата и државната администрација во следната година ќе зборуваат преку фиксната телефонска мрежа на „Македонски телеком“. Понудата на „Т-хоум“ беше оцената како најповолна во трката за избор на фиксен оператор за административците. На тендерот вреден неколку милиони евра, кој го распиша Службата за општи и заеднички работи на Владата, учествуваа со посебни понуди и „Космофон“ и „Он.нет“, иако двете фирми најавија дека наскоро ќе се спојат.

Операторот „Космофон“ вчера најави дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи со која ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација.

- Ќе поднесеме и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени. За ваквото однесување на операторот со значителна пазарна моќ во фиксната телефонија, ќе поднесеме и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на „Т-хоум“ - соопштија од „Космофон“.

Според неофицијалните информации, „Т-хоум“ на тендерот понудил 3.800 денари претплата и цена кон фиксен телефон за минута 0,49 денари, а 2,9 денари кон мобилен. Понудата на Космофон е: 3.000 денари месечна претплата, 0,99 денари за минута кон фиксен телефон и 5,99 денари минута за мобилен. „Он-нет“ бара 2.400 денари претплата, 0,89 за фиксен и 5,99 денари за минута кон мобилен.

Во одговорот од „Македонски телеком“ велат дека понудената цена е во согласност со бараните критериуми во тендерот и е во согласност со законските обврски кои ги имаат како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги.

- Ги отфрламе реакциите на „Космофон“ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. Сметаме дека поднесената понуда не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот - велат во телеком.

Ова е втор обид за избор на фиксен оператор. Првиот, кога најниска цена понуди „Космофон“, беше поништен во април, поради, како што изјавија од Службата за општи и заеднички работи, низа пропусти во подзаконските акти. „Космофон“ пред неколку месеци го доби тендерот за владините и државни мобилни телефони. Мобилниот оператор „Вип“ тогаш се жалеше дека „Космофон“ ја урива конкуренцијата со предаторски цени.

Извор: (25.08.09). Државата ќе врти преку „Т-хоум“. Дневник.

среда, 27 мај 2009 г.

Вест:"Космофон" и "Он.нет" ќе се спојуваат

Телеком Словенија, со смена на управните тимови во "Космофон" и "Германос", вче ра и официјално го презема управувањето со македонскиот мобилен опе ра тор. Претседателот на Управниот одбор на Телеком Словенија Бојан Дре мељ најави дека наскоро ќе следи и спојување на "Космофон" со "Он.нет", а но ва та компанија ќе добие и ново име.
"Не планираме преку ноќ да ги споиме двете компании во Македонија и не пла ни ра ме во тој процес да го намалиме бројот на вработени. Тоа нема да нe но си кон развој, тука сме да растеме. Не велам дека некои луѓе нема да си за ми нат, но не е наша цел да се намалува бројот на вработени", изјави Дремељ.
"Кос мо фон" и "Он.нет" заедно вработуваат околу 400 вработени.
Но ви от генерален директор на "Космофон" Оливие Понсин не најави на ма лу ва ње на цените на "Космофон", дополнувајќи дека "искрено не сака на пазарот да бидат присутни со најевтини услуги туку со најквалитетни".
Прет се да те лот на Управниот одбор на Телеком Словенија Бојан Дремељ вче ра најави и инвестиција од 30 милиони евра во развојот на дигиталната те ле ви зи ја во земјава, која треба да почне со работа наесен.
Те ле ком Словенија за купувањето на "Космофон" и за рефинансирање на старите об вр ски на мобилниот оператор подигна 295 милиони евра кредит од кон зор ци ум од осум европски банки.

Утрински: Новите газди на „Космофон“ со нови менаџери

„Космофон“ и „Он.нет“ во догледно време ќе се спојат во една компанија, која ќе добие и ново име. Ова на вчерашниот промотивен прес го најавија од „Телеком Словенија“, компанија која неколку години го поседува „Он.нет“, а неодамна го купи и „Космофон“.

Приоритетите на „Телеком Словенија“ во Македонија најмногу ќе се фокусираат на искористување на бенефитите што произлегуваат од трговските, оперативните и инфраструктурните синергии меѓу компаниите, преку создавање понуда што им овозможува на корисниците сеопфатни телекомуникациски услуги на едно место.

Влезот на најголемата телекомуникациска словенечка компанија на македонскиот пазар и во „Космофон“ има цел нашиот втор мобилен оператор да го направи лидер во телекомуникацискиот сектор во земјава и да продолжи да го развива врз постојната платформа, без големи промени.

Влезот на „Телеком Словенија“ на пазарот на мобилната телефонија, според претседателот на Управниот одбор на компанијата, Бојан Дремељ, за корисниците ќе значи нови услуги со врвен квалитет, по „коректни и чесни цени“.

„Телеком Словенија“ не планира намалување на бројот на вработените. „Процесот на спојување и на менување на брендот нема да се случи преку ноќ. Не планираме да го намалиме бројот на вработените, бидејќи тоа нема да не' носи кон развој. Но, не велам дека некои луѓе нема да си заминат“, соопшти вчера на прес-конференција

Покрај најавата за спојување на двата бренда во еден, Дремељ објави дека „Космофон“ и „Германос“ веќе добија ново раководство. Имено, Генералното собрание на „Космофон“ вчера го именуваше новиот Борд на директори. Претседател на Бордот е Душан Митиќ, а членови се Филип Огрис-Мартиќ, Боштјан Краљ, Дејан Калиников и Оливие Понсин, кој е и нов генерален директор на „Космофон“. Душан Митиќ е претседател на Бордот и во „Германос“, каде што за генерален директор е назначен Боштјан Краљ.

На досегашниот директор на „Космофон“, Петрос Лефковиц, за кого се шпекулираше дека можеби и ќе ја задржи челната менаџерска позиција, новите сопственици му се заблагодарија за соработката.

За наесен „Телеком Словенија“ го најавува воведувањето на дигиталната телевизија, во која ќе инвестира 30 милиони евра.

„Телеком Словенија“ неодамна го купи „Космофон“ за 190 милиони евра

Извор: 27.05.2009. Новите газди на „Космофон“ со нови менаџери. Утрински Весник.

недела, 25 ноември 2007 г.

Време: Имаме компјутери, немаме Интернет

На врвот на зградата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ има еден куп предаватели преку кои на Интернет може да се приклучат граѓани од цело Скопје, а ние немаме никаква можност да се приклучиме кон мрежата, реагираат студенти во домот. Тие досега, како што тврдат, поднеле барања до сите македонски интернет-провајдери, но досега никој не се нафатил да приклучува цели студентски објекти на мрежата. Провајдерите стравуваат дека ако ги приклучат, студентите ќе прават злоупотреби - ќе симнувале премногу филмови и музика и, според тоа, дневно ќе се трошеле многу гигабајти. Од „Он.нет“ велат дека има реална можност студентите да сурфаат, но само ако се направи договор помеѓу раководството на домот и провајдерот, а не договор со секој студент поединечно. Во „Гоце Делчев“ има 600 студенти што имаат компјутери во собите, но само мал број користат Интернет. - Делот од зградите на домот што гледаат кон центарот на градот нема проблем и студентите можат да се приклучат на Интернет. Но, оние што се сместени во внатрешната страна не можат. Некои имаат направено своја интернет-мрежа - еден е легално приклучен на безжичен Интернет и од него користат уште четворица студенти, а месечната сметка ја делат - објаснува Ристе Шурбевски, потпретседател на Сојузот на студенти при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој е сместен во овој дом. Во „Гоце Делчев“ има интернет-кафуле каде што за еден час сурфање студентите плаќаат 30, а за цела вечер 100 денари. Надлежните во „Он.нет“, како и оние во кабелската телевизија „Кејблтел“, велат дека не е точно дека не постојат шанси студентските домови да добијат Интернет. Според нив, студентите требало само да изразат желба и тие ќе ги приклучеле. Самоил Малчевски, пак, претседателот на ССУКМ, вели дека посебен владин тим веќе извесно време работел на проектот за бесплатен Интернет по студентските домови. - Во моментов се подготвува технички елаборат. Членовите на тимот ги одредуваат техничките услови - се утврдува дали на Интернет ќе се приклучуваат цели студентски објекти или секоја соба посебно. Неофицијално, проектот ќе се реализира во февруари и ќе функционира неограничено, како и интернет-кафулињата што се отворија во повеќе градови во земјава - вели Малчевски.

Извор: Антонија Поповска. (25.11.07). Имаме компјутери, немаме Интернет. Време.