Се прикажуваат објави со етикета Мајкрософт. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Мајкрософт. Прикажи ги сите објави

четврток, 13 ноември 2008 г.

Утрински: „Мајкрософт“ промовира алатка со правопис и речник на македонски

Локаланата канцеларија на „Мајкрософт“ вчера промовираше алатка која на корисниците на „мајкрософт офис“- пакетот им овозможува да ги избегнуваат печатните или правописните грешки при пишување текст на македонски јазик со кирилица. Алатката, позната кај корисниците по нејзиниот назив на англиски како спелчекер се базира на вграден речник на македонскиот јазик и функционира и на македонската и на англиската верзија на „офис 2007“.Пакетот за јазичен интерфејс на македонски јазик може бесплатно да се симне од веб-страницата на „Мајксософт“ www.microsoft.com.mk/lip, но услов е корисниците да поседуваат лиценциран оперативен систем „виндоус“. Според првиот човек на „Мајкрсофт“ во Македонија, Илијанчо Гаговски, иницијативата е резултат на заложбата за зачувување на кирилското писмо, како и подобрување на деловната комуникација, за што во основа е и наменет пакетот „мајкрософт офис“ во кој спаѓаат програмите „ворд“, „ексел“, „аутлук“ и „пауер поинт“. Како што објаснија вчера претставниците на „Мајкрософт“ на брифинг со новинарите, фондот на македонски зборови може да се надополнува со едноставно додавање зборови при користење на новата алатка, а истовремено може да се испраќаат зборови за кои корисниците сметаат дека недостигаат, за што постои форум на страницата на „Мајкрософт“ www.microsoft.com.mk/recnik. Пакетот функционира на стандардните фонтови, како што „тајмс њу роман“, „ариел“ и слично, за кои постои македонска поддршка, додека не може да се применува на изведените фонтови кои имаат предзнак „мак“, како на пример „максвис“ и слично, појасни Димитар Грозданов, специјалист за технологии во „Мајкрософт“. На проектот работи стручен тим од шест лица од Филолошкиот факултет. Се очекува новата алатка да биде прифатена посебно од оние кои почнуваат да работат со компјутери, како и лицата на кои англискиот јазик не им е доволно познат. За тоа особено ќе помогне целосниот превод на менијата на македонски јазик, како и едноставното префлање од англиската верзија на македонска и обратно.

Извор: М.Ј. (13.11.08). „Мајкрософт“ промовира алатка со правопис и речник на македонски . Утрински.

Дневник: „Мајкрософт“ со алатка за правопис и речник на македонски јазик

„Мајкрософт“ вчера ја претстави алатката за проверка на правописот на македонски јазик во пакетот „Офис 2007“. Пакетот е превод од англиската верзија, а алатката за проверка на македонскиот правопис е изработена во соработка со професори од Филолошкиот факултет во Скопје. Пакетот за интерфејс на македонски јазик и на кирилица може да се преземе на www.microsoft.com.mk/lip.Димитар Грозданов, специјалист за технологии во „Мајкрософт“, појасни дека корисниците што не знаат многу англиски јазик со алатката може да ги префрлаат менијата на македонски јазик, но секогаш може да се вратат на основната ставка на англиски јазик.- Вграден е речник на зборови, опфатени по род, член и по други граматички категории на македонскиот јазик. Со инсталираниот правопис се обележуваат непознатите зборови или интернационализмите во текстот, а корисникот може да направи своја база на зборови - вели Грозданов.„Мајкрософт“ отвори и јавен онлајн-форум за предлози за внесување нови зборови и изрази што ќе го збогатат и надградат македонскиот речник во јазичниот интерфејс

Извор: (13.11.08). „Мајкрософт“ со алатка за правопис и речник на македонски јазик. Дневник.

среда, 24 септември 2008 г.

Дневник: „Епл“ продира на македонскиот пазар

Доказ дека „Епл“ се' подлабоко продира и на македонскиот пазар е „Изак“, скопска компанија-дистрибутер на најновата палета производи на гигантот во информатичката технологија. Игор Заковски, сопственик и раководител на фирмата, вели дека на домашниот пазар има голем простор и интерес за продуктите на „Епл“.

- Сега е вистинското време на македонските потрошувачи да им се понудат продуктите на „Епл“, кои веќе уживаат голема популарност на американскиот и европскиот пазар на информациски технологии. Нашата земја се доближува до светските трендови и домашните купувачи стануваат се' позаинтересирани за оваа технологија - вели Заковски.И додека на глобално ниво од ден на ден се' повеќе се разгорува битката меѓу „Мекинтош“ и персоналните компјутери (ПС), „Епл“ бележи голем комерцијален успех бидејќи секоја година голем дел од корисниците одлучуваат нивниот нов компјутер да го носи логото на популарното „Јаболко“.Заковски објаснува дека предноста на производите „Мекинтош“ е во нивниот уникатен дизајн, високата репутација на стабилни компјутерски системи што не се ранливи на малициозниот софтвер (вируси и штетни програми), кои се шират преку интернет и стануваат се' поголема закана за сопствениците на персоналните компјутери.

- Првичната претстава на корисниците дека компјутерите „Мекинтош“ се многу поскапи од ривалските ПС е погрешна. Ако се направи паралела меѓу двата производа, тогаш конфигурациите на „Епл“ нудат многу повеќе можности од соодветната варијанта на персоналните компјутери - објасни Заковски.Тој додава дека најважните услужни програми што се користат во секојдневната работа постојат и за „Мекинтош“, а некои од нив, како пакетот „Опен офис“ се бесплатни и лесно достапни.

- И за оние корисници што се навикнати на „Виндоус“, оперативниот систем на „Мајкрософт“, компјутерите на „Епл“ нудат целосна компатибилност и може без проблем да работат под „Виндоус“-системот, што е чекор напред до целосно преминување од ПС на „Мекинтош“ - истакна Васил Поповски, софтверски инженер во „Изак“.Освен во бизнис-секторот, „Епл“ нуди и широка палета продукти наменети за домашна забава. Тука доминира „Ајпод“, уред за слушање музика и за прегледување на видеосодржини. Нивната предност е во тоа што во овој дигитален свет, благодарение на нивната практичност, наоѓаат примена во многу случаи. Мобилноста, односно лесната преносливост, е клучниот фактор за огромниот комерцијален успех на „Ајпод“ во светот. Можат да се користат во возило или, пак, на џогирање.Од „Изак“ очекуваат голем интерес кај домашните потрошувачи токму за овој продукт, бидејќи најновите модели имаат огромен капацитет за снимање видеоматеријали и аудиоснимки. Последниот модел „Ајпод“ нуди простор од дури 160 гигабајти, каде што може да се сместат околу 40.000 музички нумери во МП3-формат. Поради ова, се' почесто го употребуваат и професионалните диџеи - додаде Заковски.Во понудата на „Изак“ свое место најде и „Епл ТВ“, софистициран уред што овозможува безжичен пренос на дигитални содржини од компјутер на екранот на домашните телевизори.

Извор: Владимир Лочев. (24.9.08). „Епл“ продира на македонскиот пазар. Дневник.

сабота, 26 јули 2008 г.

Вечер: Студент од ЕУРМ дизајнираше компјутер во форма на топка

Апостол Тноковски, студент на Првиот приватен универзитет Европски универзитет РМ, на само 25 години дизајнираше компјутер во форма на топка, со која на натпревар на Мајкрософт за дизајн на нова генерација на персонални компјутери постигна забележителен успех. Од 1000 конкуренти влезе во тесниот избор од 80-тина.

Студентот во трета година на отсекот графички дизајн, на Факултетот за арт и дизајн, го изработи визуелниот идентитет на тренинг центарот ЦС Глобал од Скопје, извесен период работеше во маркетинг агенција, каде дизајнираше печатени материјали. Ја дизајнираше и веб-страницата на годинашниот Скопски филмски фестивал во соработка со доц. Гордана Вренцоска. Моментално работи во продукцијата "Наше маало" како графички дизајнер.

Учествуваше на натпревар на Мајкрософт. Појасни ни за што станува збор?
- NEXT GENERATION PC DESIGN COMPETITION е натпревар организиран од Мајкрософт за дизајн на нова генерација на персонални компјутери. Овој натпревар се организира со цел да се генерираат нови идеи, кои би придонеле за развојот на компјутерската индустрија во иднина. Оваа година беа пријавено над 1000 концепти од целиот свет, а јас успеав да влезам во 80-те најдобри. Влегов со мојот концепт за многу мал персонален компјутер со невообичаен облик на топка. Концептот е наречен E-BALL, односно електронска топка.

Објасни ни го концептот на твојот проект
- E-ball е производ со дијаметар од 16 сантиметри. Целата идеја ми беше тоа да биде најмалиот компјутер со најчуден облик. Кога велам најмалиот, не мислам на ПДА компјутер кој има релативно ограничени карактеристики, туку мислам на најмал персонален компјутер со карактеристики на десктоп/лаптоп компјутер: ДВД рекордер, Хард диск со голем капацитет, многу рам меморија, солидна графичка картичка, голем екран и сл. Основна карактеристика на овој производ е компактноста на елементите.

Дали мислиш дека проектираше практичен и атрактивен производ?
- Овој производ би бил доста примамлив за бизнисмените, како и за тинејџерите. Еве некои карактеристики кој го прават овој производ примамлив: мала димензија (можеме да го носиме в џеб, кога не го користиме да го чуваме во фиока), уникатна форма, можност да се користи за презентации без носење на дополнителни елементи како звучници и проектор, можност да се користи како целосен мултимедијален центар (за слушање музика, гледање филмови на проектор, сурфање и сл.).

Од каде дозна за конкурсот и дали ова Ти е прво учество на ваков конкурс?
- Во последниве неколку години многу често учествувам на конкурси за индустриски дизајн и мислам дека веќе ми станаа навика. Бидејќи се работи за конкурси на кои проектите се праќаат преку интернет, преку интернет пребарување доаѓам до информација за некои конкурси, така го открив и конкурсот на Мајкрософт.

Извор: (26.7.08). Студент од ЕУРМ дизајнираше компјутер во форма на топка. Вечер.

вторник, 27 мај 2008 г.

Нова Македонија: Марко Чаласан - најмладиот компјутерски стручњак на планетата

Малиот Марко Чаласан, кој на 24 јули ќе наполни осум години и е ученик во второ одделение во ОУ „Блаже Конески“ во скопската населба Аеродром, е најмалиот компјутерски стручњак на нашата планета. Ова дете-генијалец со чекори од седум милји ита кон новите знаења од областа на информатиката. Како сунѓер ги впива многубројните податоци и комплицирани формули, дефиниции, изрази и операции и со секојдневно учење, но и со примена на знаењето во практиката, користејќи ги компјутерите што ги доби на подарок од македонската влада, под будното око на својот татко Милан Чаласан, кој е систем-оператор, прави напори да ги совлада тајните и да се обучи за користење на современите технологии. По полагањето на стручните испити, од кои се стекна со три сертификати на „Мајкрософт“, Марко секојдневно се подготвува за четвртиот испит, кој треба да го полага кон крајот на 2008 година, по што ќе биде само чекор пред звањето систем-администратор и ќе може да поставува мрежи, сервери и компјутерски системи во големи фирми.
Пред Марко Чаласан се голема иднина и успеси, кои ќе ја прослават Македонија во светот во областа на информатиката. Државата веќе му даде поддршка и стипендија со желба Марко еден ден да биде наша национална гордост, иако и сега веќе има многу причини да се гордееме со неговиот талент и натпросечна интелигенција. На 8 јуни Марко ќе ја прими наградата „златна петка за најуспешните“ заедно со други деца-таленти од Македонија на возраст до 18 години. Неодамна доби награда и од словенечката фирма „Астек“ од Љубљана, каде што го полагаше третиот стручен испит на „Мајкрософт“.Второодделенецот Марко Чаласан го посетивме во неговиот дом, во Скопје, каде што вредно учи и се подготвува за четвртиот испит за систем-администратор. Со сегашните дипломи тој може да работи како техничка поддршка, т.е. да им помага на корисниците при специфични проблеми со технологијата.
- Уште два испита ќе администрирам на сервери и ќе решавам проблеми, а потоа кога ќе станам систем-инженер ќе планирам мрежи - вели Марко.

Имаш ли практично искуство по добивањето на сретификатите на „Мајкрософт“?
- Да, во организацијата „Полио плус“ поставив компјутерска мрежа и сега ја одржувам преку ВПН. Пристапувам и ја контролирам поставената програма и постојано го изучувам и го надградувам она што претходно ќе го извежбувам во мојата компјутерска лабораторијата.

На што работиш сега?
- Сега работам на „Виндоус флот“, ги изучувам технологиите за испитот 70-390. Тие технологии опфаќаат доменски групи, кориснички налози, доменски компјутерски налози, решавање проблеми со печатачи лап и дајрект три, кориснички налози, компјутери, групи.

Како изгледа еден твој ден кога не одиш на училиште?
- Па учам по четири часа на ден, два часа теорија и два часа практика. Татко ми Милан ме учи, тој има многу адаптибилна програма. Затоа со дел од компјутерите што ги добив како подарок од Владата на Македонија, кои останаа во моето училиште „Блаже Конески“, отворивме компјутерска школа, во која се запишани деца на возраст од 5 до 10 години. Тие одлично ја прифаќаат програмата и брзо напредуваат. Понекогаш и јас им објаснувам, но сега малку поретко, зашто сум зафатен со подготовките за испитот. Се одморам и со изучување на моите омилени бинарни броеви, навистина го сакам тоа.

Слушнавме дека многу те интересира изучувањето на безбедноста на компјутерите.
- Тоа е моја омилена област. Компјутерите се заштитуваат со четири чекори. Првиот чекор е да се вклучи „Виндоус фајр“, втор да се апдејтува системот со помош на „Виндоус апдејтинг“ или „Мајкрософт апдејт“, да ги има најновите заштити, да се инсталира антивирусна програма што штити од вируси и црви и други работи и, на крајот, последниот чекор е да се инсталира антиспајдер-програма.

Што би сакал да работиш кога ќе пораснеш?
- Кога ќе пораснам сакам да истражувам во областа на компјутерите.

Дали ти е здодевно на училиште?
- Па не, наставничката Александра и другите деца дури ми приредија забава кога го положив испитот за вториот „мајкрософт“-сертификат. Но ми беше доволен само еден ден ги исчитам учебникот по математика и читанката. Мои омилени книги се „Виндоус сервер 2003“, „Виндоус ХР профешнал“ и за да ги прочитам ми треба многу повеќе време, а освен тоа со нив постојано откривам нешто ново за компјутерите.

Играш ли компјутерски игри?
- Не играм за да не ми се испомеша материјалот што го учам, а немам ни желба за тоа.

Точно ли е дека кај вас дома се јавуваат луѓе што сакаат ти да им инсталираш компјутер?
- Многу луѓе се јавуваат кај нас дома и на неколкумина им инсталирав компјутери. Ги конфигурирам, инсталирам софтвер и се е ОК.

Имаш ли време за играње?
- Да, еве сега учам да возам ролерки. Сакам и да пливам, да пешачам... Понекогаш со моите родители Милан и Радица одиме пеш до крстот на Водно. Се допишувам со другарите на Скајп. На телевизија сакам да го гледам каналот Дискавери и да читам енциклопедии за деца, како што е „Илјада зашто, илјада затоа“.

Дали планираш да ја скратиш долгата коса?
- Не, не ми пречи и не сакам да ја скратам косата. Мене ми се допаѓа.


Супербебе

Од многу мал многу брзо учеше, паметеше, но јас во почетокот мислев дека тоа е нормално. Се уште ја чуваме снимката на диктафон на која тогаш 18-месечниот Марко ги кажува буквите на латиница: ова е зет, ова е икс, ова е ипсилон. Уште како бебе уживаше да седи пред компјутерот, а на две години ги распознаваше марките автомобили, вели Радица Чаласан, мајката на малиот генијалец и додава:
- Марко е дете со визија, секогаш забележува нешто ново, открива грешки. Сака да чита енциклопедиски податоци, брзо памети и лесно учи стручни изрази и зборови. Има огромен фонд странски зборови. Најпрво научи да чита латиница и англиски јазик, па потоа кирилица. Освен компјутерите, ги сака астрономијата, географијата, биологијата, анатомијата. Ги знае сите планети, нивните температури, гравитацијата, растојанието една од друга...

Извор: Марија Таушанска. (27.5.2008). Марко Чаласан - најмладиот компјутерски стручњак на планетата. Нова Македонија.