Се прикажуваат објави со етикета МРТВ. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета МРТВ. Прикажи ги сите објави

сабота, 18 јули 2009 г.

Вест: Еден милион денари за телефони и хонорари во МРТВ

Управниот одбор на Македонската радио-телевизија за пет месеци годинава потрошил речиси еден милион денари за хонорари и за телефонски сметки. Околу 830 илјади денари се исплатени за надоместоци на шесте членови - претседателот на Одборот Крсто Скубев, неговиот заменик Леонид Наков, претходниот директор на МРТВ Борис Ставров, Соња Чижбановска, Агим Мехмети и Зекир Селими. Во текот на мај надоместоците се движеле од 29 илјади денари за членовите до 32 илјади денари за претседателот. За телефонски сметки на пет члена во Одборот МРТВ платила 158 илјади денари, од кои 96 илјади денари се трошок на заменик - претседателот на Одборот Наков. Некои од месечните сметки за мобилен достигнуваат над 22 илјади денари, а лимитот за бројот е околу 5000 денари. Дали ексдиректорот Ставров користи службен телефон како член на Одборот не е јасно, бидејќи неговото име го нема во информацијата за висината на сметките што на барање на Советот на МРТВ ја подготвил финансискиот сектор.
Претседателот на Советот на МРТВ Миле Игњатовиќ вели дека на седница ги разгледале трошоците и донеле одлука за намалување на надоместоците и лимитирање на телефонските сметки.
"Досега надоместокот за членовите на Управниот одбор изнесуваше една и пол просечна плата, додека за претседателот и неговиот заменик износот се зголемуваше за 3000 денари, односно 1500 денари. Сега ги ограничивме надоместоците на фиксни износи до 26 илјади денари и му наложивме на УО да ги сведе сметките за телефон на разумно ниво и да го вратат она што го пречекориле", објаснува Игњатовиќ.
Според Игњатовиќ, членовите на Управниот одбор, кога Советот ги утврдувал новите надоместоци, објаснувале дека хонорарите не може да бидат пониски, бидејќи во МРТВ имаат континуирани активности и ангажмани од голем обем.
Јавниот сервис формално-правно парите треба да ги обезбедува од наплата на радиодифузната такса, но поради исклучително лошата организација за наплата на јавната давачка, МРТВ мака мачи да обезбеди пари за платите на вработените. Сервисот функционира со пари што ги добива од Владата, но иако тоа се буџетски пари, за МРТВ нема ограничување на висината на надоместоците на УО до околу 10 илјади денари, како што Владата пред неколку години им наложи на сите јавни претпријатија и институции.
"Советот и Управниот одбор на МРТВ не се како останатите управни одбори. УО на МРТВ е најспецифичен и членовите на конкурс ги избира Советот. УО и Советот не се владини тела, туку ингеренциите ги добиваат преку Собранието", одговара претседателот на Управниот одбор Крсто Скубев.
Заменик-претседателот на Одборот Наков, кој има највисоки телефонски сметки, објаснува дека износите за периодот од јануари заклучно со мај 2009 година се повисоки, бидејќи во тој период патувал во Словенија и во Женева, каде е номиниран за член во Стратегискиот комитет на ЕБУ, а оттаму за МРТВ донел бесплатна програма од 200 часа и договорил исплата на долгот на МРТВ кон ЕБУ на многу рати. Посебна Комисија ги одобрила пречекорувањата на сметките, бидејќи биле наменски потрошени.

понеделник, 15 јуни 2009 г.

Вест: Исчезнаа парите за испратнини во МРТ

Македонската радио-телевизија доцни два месеца со исплата на последната испратнина на околу 300 поранешни вработени, кои лани во април спогодбено ја напуштија телевизијата. Од МРТ немаат одговор на што ги потрошиле парите, 40 милиони денари, што Владата лани му ги даде на јавниот радиодифузер за исплата на испратнините. Директорот на МРТ Ефтим Гашев вели дека не може да одговара на прашања за работи кои се случиле пред да биде назначен за директор на јавниот радиодифузер во октомври 2008 година.
"Последната, 12-та рата на поранешните вработени ќе им биде исплатена деновиве. Изминативе месеци имавме и други обврски и исплатата на ратата доцни зашто нема пари", вели Гашев.
Намалувањето на бројот на вработени во МРТ беше согласно програмата за санација на состојбите во јавниот радиодифузер, која беше одобрена и од Владата.
Исплатата на ветената финансиска компензација од околу 21 плата на работниците кои ја напуштија МРТ, од кои дел беа технолошки вишок, а дел беа со пет години до пензионирање, тече на 12-месечни рати.
Лани Комисијата за заштита на конкуренцијата ја разгледа владината одлука да $ се исплатат на МРТ 40 милиони денари за исплата на испратнини и одговори со мислење дека јавниот радиодифузер за парите од Владата треба да обезбеди посебна сметка за да се има преглед на вкупната помош што ја добива и како таа се троши.

сабота, 21 јуни 2008 г.

Нова Македонија: Странските донатори бегаат од Македонската радио-телевизија

Мисијата на ОБСЕ ја откажа помошта за претходно договорената донаторска конференција за Македонската радио-телевизија (МРТ) поради континуирано лошите случувања во националниот телевизиски сервис, а ќе размисли дали ќе помага во иднина. Ова го потврди портпаролката на ОБСЕ, Сали Браутон. 
ОБСЕ е најголем и постојан донатор во МРТВ. Според податоци од ОБСЕ, оваа организација има вложено околу половина милион евра во опрема и обуки за вработените во МРТ во периодот од 2003 година досега. Иницијативата за донаторска конференција била на МРТВ, а ОБСЕ требало да помогне таа да се реализира. 
- Проектот е откажан поради неисполнување на договорот од страна на МРТВ. Разочарани сме тоа во кој правец се движи куќата. Има совет, има управен одбор, сите заедно треба да бараат решение на проблемите - изјави Браутон за „Нова Македонија“. 
Претходно, на МРТ и помагаше и холандската асоцијација „Прес нау“, која ги поддржува медиумите во конфликтни региони и земји во транзиција и уште една германска асоцијација. Тие се повлекле пред две години. Официјалното образложение е дека загубиле интерес за Македонија.
Маја Мишковска, извршна директорка на МРТ, вели дека до неа не стигнала информација дека ОБСЕ ја откажува соработката. Таа уверува дека ќе се решат проблемите и куќата ќе продолжи да функционира како национален сервис. 
Мишковска вчера ги повика надлежните институции да спроведат истрага и да ги тужат сите што потпишувале неовластени вирмани, а посочи дека меѓу нив има и луѓе од нејзиниот кабинет. Додека донаторите креваат раце од МРТ, првиот јавен национален сервис продолжува да тоне. Вработените веќе две недели штрајкуваат, а раководството продолжува со јавните пресметки за тоа кој е виновен за пропаѓањето на куќата. МРТ го допре дното со нехигиената во зградата и со исклучувањето на телефоните и на Интернетот. 
Синдикатот засега немо ги следи случувањата. 
- Хаос е. Не знаеме што се случува, ниту некој нешто ни кажува. Ние од 4 јуни штрајкуваме. Ќе реагираме ако продолжат отпуштањата на вработените онака како што предвидоа со санациската програма - вели Љубица Пуцаревиќ, претставничка на синдикатот.

Извор: С.С. (21-22.6.08). Странските донатори бегаат од Македонската радио-телевизија. Нова Македонија.

петок, 20 јуни 2008 г.

Утрински: Вработените во МРТВ добиjа плата за април

Вработените во Македонската радио-телевизија вчера добија плата и надоместоци за храна и превоз за април откако менаџментот се справи со компликациите што настанаа при исплатите. Менаџментот на јавниот сервис успеа да ги исплати платите за вработените по неколкучасовна расправија во банката. Како што објаснува Јанез Сајовиц, еден од двајцата директори на МРТВ, еуфоријата настанала поради тоа што Управниот одбор на јавниот сервис го овластил секретарот на Кабинетот на директорката Маја Мишовска, Сашо Ѓуровски, за сите трансакции преку налози. Според извори од јавниот сервис, Ѓуровски се води како хонорарен соработник во МРТВ, а е редовно вработен во компанијата „Макпетрол“. „Чудно е тоа што Ѓуровски, кој е во МРТВ на одредено време, по налог на претседателот на Управниот одбор, Леонад Наков, добил надлежност во банката. Тоа за мене нема смисла“, рече Сајовиц. Тој додаде дека се случувало неколкупати да има упад во жиро-сметката и оти морало да се најде начин да се надмине. Сајовиц оцени дека сето ова има заднина што почнала завчера со затворањето на санитарните јазли и дел од просториите. Извршниот директор на МРТ изрази надеж дека наскоро ќе може да се исплатат и другите две заостанати плати и заостанатите хранарини и превоз.

Извор: (20.6.08). Вработените во МРТВ добиjа плата за април. Утрински Весник.

сабота, 1 март 2008 г.

Дневник: Вработените во МРТ го обвинија директорот Сајовиц за диктатура

Во Македонската радио-телевизија е воведена диктатура зад која стои извршниот директор Јанез Сајовиц, обвинија вчера вработените во овој јавен информативен сервис. Обвинувањата уследија откако, по налог од раководството на МРТ, на известувачите од други информативни куќи вчера им беше забрането да присуствуваат на собирот на синдикалната организација. Повеќе обезбедувачи, по налог на раководството, не им дозволија на новинарите да влезат во салата за состаноци. Во знак на револт, вработените ја напуштија салата и излегоа пред главниот влез на МРТ. Тие ќе упатат и протестно писмо до ОБСЕ и ЕУ поради ваквата постапка на директорот. - Недостојно е ова што се случува. Се вративме во периодот на 1949 година. Како може да се забранува во јавноста да се слушне вистината за состојбите во МРТ. Куќата тоне во се' поголеми долгови и се вршат притисоци врз вработените - изјави вчера Оливер Симоновски, член на Претседателството на синдикатот на МРТ. Вработените бараат итна средба со претставници на Управниот одбор за да се расчисти дали ова тело ја поддржува или не Санационата програма предложена од Сајовиц. Со неа, покрај другото, се предвидува отпуштање на 330 вработени.

- Ние ја поддржуваме санацијата на МРТ, но не како што предлага Сајовиц. Постои излез од ситуацијата преку изноаѓање соодветен начин на финансирање и санациона програма. Наместо да се постигне тоа, ние имаме се' полоши услови за работа - вели Решат Камбери, член на синдикалната организација.Вработените тврдат дека Сајовиц досега имал катастрофални деловни резултати.

- Откако е на функција, ја задолжил куќата за над еден милион евра, а во наредните години ќе стасаат долговите што ги направил од 4 до 5 милиони евра. Значи, досега оствари загуба од шест-седум милиони евра. Тој не донесе никаков приход во куќата. Таков човек не може да управува со МРТ - тврдат вработените.

Извор: Б.Ѓ. (1.3.08). Вработените во МРТ го обвинија директорот Сајовиц за диктатура. Дневник.

недела, 17 февруари 2008 г.

Вест: МРТВ со гулаби писмоносци ќе комуницира со светот

Македонската радио - телевизија веќе десетина дена е отсечена од светот. Поради долг од половина милион евра кон Македонски телекомуникации исклучени се речиси сите телефонски линии. Десетина дена не работи и Интернетот. Вработените се изгубени. Велат дека не знаат што се случува. Нема напредок во владината санациона програма. Не се нуди никакво решение за проблемите. Накратко, велат тие, националниот сервис пропаѓа. "За настаните се информираме од колеги од другите медиуми вртејќи од свои приватни мобилни телефони, или секое утро некој од нас оди во информативната агенција МИА од каде дознаваме во колку часот ќе има прес - конференции", велат новинари од МРТВ кои инсистираат на анонимност. Според нив, најстрашно е покривањето на настани од внатрешноста. Новинарите од настан се враќаат со меѓуградските автобуски линии оти телефонски и по мејл не можат да пратат извештај. Затоа важните вести место напладне се објавуваат дури во вечерните часови."Неподносливо е да се работи вака. Не веруваме дека воопшто некогаш ќе проработат телефоните и Интернетот. На последното нешто што може да се надеваме е дека раководството ќе ни подели гулаби писмоносци, кои ќе ни помогнат во комуникацијата со светот", велат иронично вработените.Директорот на МРТВ Јанез Сајовиц признава дека вработените имаат сериозни проблеми во работењето."Тешко се снаоѓаме без телефони и Интернет. Телеком требаше, но се уште не ни ги пуштил", изјави вчера кратко Сајовиц за "Вест". Поради негова презафатеност, за дополнителни информации тој не упати во неговиот кабинет. Од таму велат дека во цела зграда сега работат само 10 телефонски линии, а вработените се снаоѓаат како знаат и умеат. "Во преговори сме со Македонски телекомуникации да го решиме проблемот. Им предложивме долгот кој е направен изминатите две -три години да им го плаќаме на рати, но и да потпишеме договор со кој Македонската радио - телевизија ќе се обврзе да им работи промотивни кампањи на Телеком", велат од кабинетот на Сајовиц. Владата и Советот на МРТВ место да бараат решенија за проблемите во јавниот сервис, само се препукуваат меѓусебно. Владата тврди дека проблемите се резултат од опструкциите на СДСМ, чии членови се на врвот на Управниот одбор. "Владата е спречена да го спроведе санациониот план затоа што блокираат членовите на Управниот одбор, од кои дел се членови на СДСМ", велат во Владата. Претседателот на Комисијата за транспорт и врски на Собранието на Македонија Никола Ќуркчиев смета дека е недозволиво МРТВ три недели да остане без телефон и Интернет. "Пред еден месец донесовме одлука за користење на средствата за МРТВ за 2007 година. Сега менаџерите треба да се стегнат и да ги решат проблемите", вели Ќуркчиев. Според него, главен проблем на националниот сервис е системот на финансирање. "Власта место да ја обвинува опозицијата, треба да и помогне на куќата да ја собере радиодифузната такса", вели тој.

Извор: И.С.- Н.С. (17.2.08). МРТВ со гулаби писмоносци ќе комуницира со светот. Вест.

четврток, 31 јануари 2008 г.

Дневник: Социјален пакет за вработените во МРТВ

Месечно по 220 евра до пензија за вработените што имаат најмалку пет години до пензионирање, а тие со најмалку пет години работен стаж за доброволен отказ ќе добијат 12 плати еднократно плус по една плата за секоја година од работниот стаж над пет години. Тоа е содржината на социјалниот пакет што го усвои Управниот одбор на Македонската радио-телевизија за вработените што доброволно ќе заминат од работното место.Во Одборот велат дека ова е прва понуда за синдикатот за што побезболно да се спроведе програмата за санација на јавниот сервис. Таа предвидува бројот на вработени од 1.200 да се намали на 900.- Им нудиме социјална сигурност на вработените. Намалувањето на работните места нема да биде со прогласување технолошки вишок, туку на доброволна основа. Ова е некој вид вреднување на нивниот придонес и компензација за нивниот труд во создавањето на МРТВ - велат во Управниот одбор.Во МРТВ има 128 вработени, од кои 93 мажи што имаат уште пет години до пензионирање. Дел од парите за исплата на платата до заминување во пензија ќе се обезбедат од Агенцијата за вработување, а дел од МРТВ. По таа основа ќе се исплатат 2.466 плати, за кои се потребни вкупно 542.520 евра.На вработените со најмалку пет години стаж им е оставена можноста доброволно да се пријават за да го прекинат работниот однос. Во тој случај, вработен со 20 години стаж ќе добие 12 плати како еднократен надоместок и уште 15 плати. Бидејќи отказот ќе биде во согласност со работникот, тој ше нема право на паричен надоместок од Агенцијата за вработување.

Извор: (М.Б.). (31.1.08). Социјален пакет за вработените во МРТВ. Дневник.

Утрински: МРТ нуди и до 7.000 евра за оние што ќе си заминат

Вработените во Македонската радио-телевизија кои имаат уште пет години до пензионирање, доколку доброволно заминат од куќата, ќе добијат социјален пакет во висина од 27 плати. Ова е последниот предлог за испратнини за оние луѓе што треба да ја напуштат МРТ, кој Управниот одбор го достави до Синдикатот. Понудата важи за сите лица кои по правило треба да се пензионираат до првата половина на 2012 година, односно имаат уште пет години од работниот век. Според предлогот, секој од оние што треба да се пензионираат до 2012 ќе добие испратнина која ќе се пресмета од 6 негови плати, а остатокот од 21 плата ќе биде во висина од просечна плата во Македонската радио-телевизија, која е идентична на просекот на личниот доход во државава што во ноември лани изнесува околу 15.600 денари. Тоа значи дека, според грубите пресметки, вработените во МРТ што ги исполнуваат условите и имаат уште пет години до пензионирање би требало да земат по околу 7.000 евра. Покрај овие пари, додека не се пензионираат, од Агенцијата за вработување вработените од МРТ во првата година ќе добиваат месечно пари во висина од 60 отсто од нивната последна плата, а другите четири години по 40 отсто.Управниот одбор подготви и предложи социјални пакети и за другите кои сакаат доброволно да го напуштат своето работно место од Македонската радио-телевизија. Услов за доброволно заминување е да имаат работен стаж во куќата од минимум пет години, но не повеќе од 24 години работно искуство во МРТ. За доброволците се предвидени 12 плати, плус за секоја година работен стаж по уште една плата. Овие предлози за социјални пакети, во основа според Синдикатот, досега се најкоректни и добри. Но, тоа не значи дека се веднаш прифатливи. Оливер Симоновски од Синдикатот вели дека понудените социјални пакети се добра основа за евентуални разговори. Синдикатот има рок до 15 февруари да ги разгледа пакетите и да се договори со Управниот одбор за можни корекции, односно за подобрување на социјалните услови за лицата што ќе бидат прогласени за технолошки вишок. Според планот за систематизација и организација, од Македонската радио-телевизија треба да бидат прогласени за технолошки вишок околу 330 луѓе. Моментално во куќата има вработено 1.090 лица. Оливер Симоновски појаснува дека согласно со евиденцијата со која располагаат, 130 луѓе имаат уште пет години до пензионирање, така што доколку ги прифатат условите и заминат, вкупниот број вработени ќе биде 960, што не е многу за еден јавен сервис. Тогаш, според Симоновски, ќе биде многу полесно да се преговара со надлежните во МРТ дали е неопходно да се отпуштат уште 200 луѓе од предвидените 330. Тој појаснува дека направената систематизација и организација на работни места е полна со дупки. Со систематизацијата има многу раководители, а малку извршители, што значи дека е потребен дополнителен кадар во одделни сектори каде што е направен превид и без соодветна анализа е намален бројот на вработените.

Извор: Верче Георгиевска. (31.1.08). МРТ нуди и до 7.000 евра за оние што ќе си заминат. Утрински.

понеделник, 10 декември 2007 г.

Утрински: Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ

Музичката продукција, која досега функционираше како составен дел на Македонската радио-телевизија, ќе се издвои како посебна целина и ќе биде независна од јавниот сервис. Според новата систематизација, музичката продукција која е формирана уште од создавањето на МРТ, сама ќе се грижи за остварување приходи преку организирање настапи и концерти.

ВО музичката продукција работат околу 70 луѓе. Во нејзин состав влегуваат „Бинг бенд“ или забавниот оркестар, народниот оркестар, оркестарот на народни инструменти, музичките продуценти, редакциите за сериозна, за забавна музика итн. Во фонотеката на оваа продукција има околу еден милион снимки кои постојано се емитуваат на програмата на МРТ и претставуваат вистински музички национален архив. Таа истовремено е нераскинливо поврзана и ги следи сите значајни музички настани во земјава: „Охридско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“.

Вработените во музичката продукција сметаат дека со новата систематизација, раководството на МРТ сака продукцијата да згасне и сите да останат на улица. Тие стравуваат дека без работа ќе останат познати имиња на композитори, уметници и аранжери.

„Музичката продукција во изминатите децении одигра значајна улога и во афирмација на автентичното и квалитетно творештво и на македонската популарна музика, што претставува, всушност, идентитет на нашиот народ што некои соседи сакаат да ни го укинат. Дури и светот не' препознава по фолклорот и традицијата, кои сме должни да ги надградуваме. Раководството треба да се замисли дека уметниците во ниедно општество не се пречка за развојот, туку поттик“, велат вработените во музичката продукција на МРТ кои нагласуваат дека таму поминале сите музички имиња, почнувајќи од Сариевски, Бадев, Калиопи, па се' до нашата најголема ѕвезда, која трагично го загуби животот, Тоше Проески.

Но, од Управниот одбор велат дека музичката продукција нема да се укине или да згасне. Едноставно, вработените нема да бидат директно под капата на јавниот сервис, односно на платен список на МРТ, туку сами ќе заработуваат. Ќе имаат посебна жиро-сметка и ќе се регистрираат како ДООЕЛ. На почетокот, помошта од менаџментот, како што нагласуваат од УО, ќе биде сигурно обезбедена.

Од кабинетот на извршниот директор на МРТ, Јанез Сајовиц, појаснуваат дека не е целта да се избркаат луѓето и да се затвори музичката продукција, туку да се најде нејзината суштина. Од кабинетот велат дека музичката продукција ќе функционира според системот на проекти, кои дел и самите вработени ќе ги предлагаат, а меѓу нив влегуваат и организирање концерти во земјава и странство, од што ќе се обезбедуваат пари. Но, осмислувањето на иднината на музичката продукција се' уште трае, така што сите сугестии од вработените ќе бидат разгледани.

Од Управниот одбор, пак, на МРТ истовремено истакнуваат дека целата архива која е создадена од музичката продукција нема да биде заборавена или отфрлена, туку таа ќе се префрли и ќе биде во сопственост на продукцијата со заштитени авторски права.

Извор: Верче Георгиевска. (10.12.2007). Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ. Утрински Весник.