Се прикажуваат објави со етикета УНДП. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета УНДП. Прикажи ги сите објави

сабота, 31 мај 2008 г.

Дневник: Основци пишуваат домашно на лаптопи

Невообичаена тишина и работна атмосфера без звуци на гребење со моливи по хартија ве пречекуваат при влегувањето во училницата на второ Б-одделение во скопското училиште „Војдан Чернодрински“. Дваесет и пет второодделенци, по двајца во клупа, наведнати напред сконцентрирано пишуваат текст. Но, никаде нема моливчиња, тетратки, гумички. Пред нив има само лаптоп-компјутери.Учениците од ова одделение наставата комплетно ја изведуваат преку специјалните лаптопи што им ги донираше фондацијата ОЛПЦ (One Lap Top Per Child), за потребите на студијата што ја спроведува преку УНДП. Во студијата е вклучена уште една паралелка второодделенци од скопското училиште „Дитурија“. Идејата беше во текот на целата учебна година секое дете од двете паралелки, заедно со наставничките, пред себе да има лаптоп што ќе го користи по сите предмети, а по завршувањето на часовите, ќе го носи дома. Компјутерчињата навидум изгледаат како играчки. Малечки се, пластични, шарени. Работат на батерии, така што нема потреба од дополнителни кабли. Иако се многу поинакви од лаптопите на кои сме навикнати, можностите што ги нудат позитивно ќе ве изненадат.На компјутерот пишувам домашно, прераскажувам текстови, цртам, играм. Дома се снимам, а ја сликам и сестра ми. Најмногу сакам да пишувам. Има едно програмче со кое можам да ставам какви сакам букви - дебели, искривени. А можам да внесам и цртежи и слики во текстот. Најмногу ме радува што не мора да се пишува се' од почеток ако згрешам и не мора да ја кинам страницата. Ако згрешам, го притискам ова копче за бришење - објаснува малечката Сара. Децата со воодушевување зборуваат за компјутерите. Зачудува нивното познавање на термините од информатичката технологија, кои со леснотијата ги употребуваат. Иако имаат само осум години, нивните прстиња вешто „командуваат“ со стрелките на мониторот додека покажуваат што се' можат да работат на лаптопите. Моментно прераскажувам текст за тоа како месечината ни дошла на гости. На компјутер многу побрзо ми оди. Дома го користам за цртање и за да ја сликам мачката Маки. На почетокот ми беше малку тешко зашто се' што ќе напишав ми се бришеше. Тогаш го викав брат ми, тој се разбира во компјутери. Ама сега се навикнав и сакам, ако може, да ни ги остават и за во трето одделение - вели Дарија. Нивната наставничка Билјана Нелоска е презадоволна од резултатите што децата ги постигнале откако ги имаат компјутерите. Таа објаснува дека ги користат за сите предмети, освен за физичко воспитување. Со нив пишуваат, цртаат, сметаат, снимаат, пребаруваат по интернет. Деветнаесет години работам со деца, но искуството со лаптопите е најпозитивно досега. Скратено е времето за учење, решаваме многу повеќе задачи за еден час, грешките побрзо се коригираат, а креативноста на децата повеќе доаѓа до израз. И реакциите на родителите се многу позитивни. Нивното користење во наставата не му штети на воспитно-образовниот процес. Ништо не е запоставено во однос на наставната програма. Секако дека би сакала вака да работиме и следната година - вели Нелоска.

Извор: Даница Тунтевска. (31.5.08). Основци пишуваат домашно на лаптопи. Дневник.

сабота, 24 ноември 2007 г.

Време: Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата и УНДП вчера промовираа спот што од понеделник ќе се прикажува на електронските медиуми по четири пати дневно. Кампањата наречена „Стоп корупција“, како што велат од комисијата, треба да ја зајакне антикорупциската свест кај граѓаните. И покрај ова, една година по формирањето на комисијата, главните забелешки на јавноста одат во насока дека антикорупциската комисија промовира спотови, а од друга страна затајува во работењето и во отворањето корупциски случаи, односно не работи транспарентно како минатиот состав.
Откако почна да работи новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, беа објавени имотните листови на државните функционери на Интернет, но не во целост. Почнаа со претседателот, премиерот, министрите и пратениците, го објавија имотот на членовите на Судскиот совет, Врховниот и Уставниот суд, но имотот на судиите, обвинителите, градоначалниците остана тајна. Во последнава година комисијата отвори 12 случаи за непотизам и конфликт на интереси. Кај четири од нив не најде непотизам, а за другите, оние покрупните, се уште нема одговор. Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна да одлучува како мајката на премиерот Никола Груевски ги купила четирите стана и не најде корупција и криминал во случајот со градежното земјиште зад „Рамстор“. И бизнисменот Љупчо Палевски до комисијата достави документација дека сопругата на претседателот Бранко Црвенковски уплатила пари за објектот „Тифани“. Комисијата не постапи по овој предмет затоа што го бараше оригиналниот документ за купопродажба на недвижниот имот. Од друга страна, антикорупционерите поведоа барање за прекршочна постапка против четириесетина функционери што воопшто не доставиле или ненавремено доставиле анкетен лист за имотната состојба. Позитивна оцена во јавноста доби донесувањето на Програмата за превенција и репресија на корупцијата и покренатата иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешната директорка на УЈП Петра Митева и на нејзината колешка од скопската регионална дирекција Мирка Мандевска. Сепак, ниту еден расветлен случај на организиран криминал и корупција досега не излезе од оваа институција. Од СДСМ неколкупати досега изјавија дека не ја признаваат Државната комисија за спречување на корупцијата.
- СДСМ поздравува секаква акција што оди кон борба против корупцијата. Изминативе 15 месеци видовме еден куп пропагандни спотови направени со народни пари, кои не вродија со плод. Затоа, ја повикуваме антикорупциската комисија конечно да се освести и да почне да работи во согласност со своите надлежности и да ги решава претставките поврзани со функционерите од власта - велат од партијата.

Извор: М.Ј. (24.11.07). Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата. Време.

петок, 17 август 2007 г.

Дневник: УНДП подари телекомуникациска опрема

Центарот за управување со кризи вчера од УНДП доби донација на телекомуникациска опрема за зајакнување на капацитетите на центарот .

Донацијата содржи 85 рачни радиостаници, 25 ГПС приемници за лоцирање позиција, односно географската широчина и должина и пет ГПС-приемници за возило со придружен софтвер, во вкупна вредност од 67 илјади долари.

- За нас во ОН во случаи на итност, помошта е важна исто колку и спремноста на капацитетите по настанатата криза. Важно е да се има план за закрепнување, а во исто време и да им се помага на жртвите. Во таа смисла ОН и УНДП се подготвени да соработуваат со ЦУК за процена на штетите од пожарите. Процената треба да почне на 28 август - истакна координаторката на ОН и на УНДП во Македонија, Марија Луиса Силва Мехијас.

Според Панде Лазаревски, директорот на ЦУК, опремата е од големо значење и таа ќе помогне за подобра координација на екипите на терен.

Тој посочи дека наскоро ќе ги има и официјалните оценки за справувањето со кризата со пожарите во Македонија. Според него, Македонија, споредено со другите земји во регионот, најуспешно се справи со кризата.

Извор: (17.8.2007). УНДП подари телекомуникациска опрема. Дневник.