сабота, 31 јануари 2009 г.
Нова Македонија: Родителите одбиваат да платат за оштетените компјутери
- Никој не не' праша кога ги поставуваа компјутерите, туку само ни ги тутнаа. Тие тогаш не ни спомнаа дека нашите деца ќе се задолжуваат за нив. Не плаќам за нешто што не сум го добил. Децата не може 24 часа да внимаваат на нив - додаваа револтираните родители. Директорката на средното училиште „Ѓорѓи Димитров“, Валентина Муцунска вели дека чекаат од Министерството за образование и наука да им дадат упатство што понатаму да прават.
- Усно ги известивме родителите за тоа. Компјутерите не се осигурани, но под гаранција се. Родителите знаат дека децата се задолжени за компјутерите. Во тек е изготвувањето на правилникот со податоците за тоа како ќе се наплаќаат штетите - вели Муцунска.
Наставниците потврдуваат дека директорите барале да се потпишуваат изјави и дека меѓу децата владее страв.
- Родителите мора да ги потпишат изјавите иако некои од нив се бунеа. Сега се јавува проблемот што децата ќе се приковаат за клупи, за да ги чуваат компјутерите. Не знам зошто децата да плаќаат, треба Владата да ги осигура затоа што децата навечер не се во училиште, па ако дојде некој арамија и ги украде, децата ќе треба и тоа да го плаќаат - велат наставниците.Од Државниот инспекторат во МO велат дека училиштата не смеат да ги тераат родителите да потпишуваат изјави ако се' уште немаат донесено правилник.
Од Министерството за информатичко општество, пак, вината за оштетувањата ја гледаат во директорите кои не можат да се справат со учениците и дека тие треба да им обезбедат услови на децата. Тие признаваат дека може да дојде до обвинување на некое невино дете, но дека директорот е тој кој треба да се справи со проблемот.
- Ние им ги дадовме компјутерите на училиштата и тие треба да се грижат за нив. Не можеме да најмуваме осигурителна компанија затоа што тоа би не чинело многу пари. Никој не води грижа за компјутерите и не можеме да се бориме против самоволието на учениците. Тие ги кршат компјутерите - велат од ресорното министерство.
Извор: (31.1.09). Родителите одбиваат да платат за оштетените компјутери. Дневник.
петок, 17 август 2007 г.
Вечер: Компјутерот дели легла
- Воведувањето на информатичката технологија, како и електронски апликациии и форми на комуникација се стратешка определба на Владата. Морам да го пофалам интересот што го покажаа студентите за овој начин на аплицирање, за што зборува и бројката од 5 996 апликации. Бројка која покажува дека е зголемен бројот на апликантите во споредба со минатата година, рече министерот за образование, Сулејман Рушити на презентацијата на прелиминарната листа во Владата на РМ.
Тој потенцираше дека на ваков начин потполно се елиминира човечкиот фактор при бодувањето на апликациите, се зголемува личната одговорност на апликантите при поднесување на апликацијата и се избегнуваат сите неправилности и недоследности при распределувањето на студентските легла што се појавуваа минатите години.
Дека и студентите се задоволни од он-лајн пријавувањето потврдува и претседателот на Сојузот на студенти при Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", Самоил Малчески. Според него, првпат при пресметките се одбегнува човековиот фактор и било какво влијание.
- Компјутерот сам ги пресметува бодовите. На студентите им останува она што го внеле во електронската апликација да го докажат со документи. Оние студенти кои манипулирале со електронската апликација ќе бидат исфрлени и нема да добијат легло. Досега најмногу манипулираше Комисијата за сметсување во домовите. Сега, првпат сите легла се на конкурс, нема скриени или кои дополнително ќе излезат и кои досега беа подложни на продажба. Таа комисија сега е исфрлена како фактор, вели Малчески.
Во рангирањето на кандидатите се земени предвид успехот од школувањето, редовноста, семејно-материјалната состојба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење. Министерството за образование во соработка со Е-Влада и УСАИД ја воведе електронакста апликација. Со неа, само за пријави, коишто лани чинеа 100 денари, се заштедени околу 6 илјади евра.Прелиминарниот списокот е објавен и на веб-страницата на ресорното Министерство www.mon.gov.mk
Извор: Милена Георгиевска. (17.8.07). Компјутерот дели легла. Вест.