Мобилните оператори „Т-мобиле“ и „Космофон“ доставија понуди на огласот за една дозвола за користење радиофреквенција за 3Г-технологија, која овозможува многу брз пренос на слика, говор, интернет и видеоматеријали преку мобилни телефони. Комисијата за спроведување на огласот вчера ги отвори понудите, а во рок од седум дена треба да достави извештај и предлог до Агенцијата за електронски комуникации за најповолен понудувач. До 25 јануари ќе се знае кој од двата оператора ќе добие одобрение за користење на радиофреквенцијата.
Третата генерација мобилна телефонија ќе стане достапна годинава. Идниот оператор треба да почне да работи во рок од шест месеци отако ќе ја добие дозволата, а во следните шест услугата треба да ја донесе до 50 отсто од населението. Тој има обврска за три години да покрие со мрежа 80 отсто од населението.
Според условите на огласот, при бодувањето на понудите најважна ќе биде цената по која ќе им се нуди услугата на други оператори, а потоа цената за корисниците. Најнискиот почетен износ на еднократниот надомест е 10 милиони евра. Одобрението за користење на радиофреквенцијата се издава за 10 години со право важноста да му се продолжи.
За да може граѓаните да ги користат благодатите на третата генерација мобилна телефонија, односно да остваруваат видеоповик, мора да имаат телефони што се опремени со две камери. И, секако, да бидат подготвени да ја платат цената за оваа услуга, која е повеќе од десетпати поскапа од обичен повик преку мобилен телефон.
Одлуката на Владата да додели само една радиофреквенција предизвика спротиставени мислења во стручната јавност. Според едни, за мал пазар како нашиот е доволна една дозвола, а според други, на овој начин се внесува монопол во овој сегмент од мобилната телефонија.
- Анализите покажуваат дека ако се доделат повеќе радиофреквенции, подолго ќе се градат 3Г-мрежите, а со тоа ќе се забави комерцијалниот почеток на услугата. За да не се случи операторот што ќе ја добие дозволата за 3Г да биде монопол на пазарот, компанијата што ќе победи на огласот има обврска во рок од шест месеци откако ќе почне да работи да им ја понуди оваа услуга и на другите мобилни оператори на пазарот - вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.
Извор: Марјан Блажевски. (12.1.08). „Т-мобиле“ и „Космофон“ конкурираат за видеотелефонија. Дневник
Се прикажуваат објави со етикета Агенција за електронски комуникации. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Агенција за електронски комуникации. Прикажи ги сите објави
сабота, 12 јануари 2008 г.
вторник, 21 август 2007 г.
Време: Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво
Девет компании со 30 понуди учествуваат во трката за добивање одобренија за нудење безжичен интернет-пристап (ЊиМаџ) на регионално ниво. На вчерашното јавно отворање на пристиганите понуди во Агенцијата за електронски комуникации беше констатирано дека сите доставени понуди се со комплетна документација. АЕК, во согласност со објавениот тендер, доделува по три лиценци во шест региони во државава. Одделни понуди за сите региони доставија домашните компании „Неотел“ и „Истел“. Понуди за првиот, вториот, третиот, четвртиот и за петтиот регион има и од „Мател МК“ ДОО Скопје, а мобилниот оператор „Космофон“ конкурира за лиценци за првиот, четвртиот, петтиот и шестиот регион. Со четири понуди, за вториот, третиот, петтиот и шестиот регион настапува и „Хидрас“ ДОО Тетово, а РЖ „Услуги“ АД Скопје со две, за првиот и за третиот регион. Првиот регион е атрактивен и за компанијата „Ток телекомуникации“, а третиот и за „Неткабел“ ДООЕЛ Струмица и ДПТ „Флоу“ ДОЕЛ Кавадарци. Втората фаза од тендерот за доделување на одобренијата предвидува комисијата за спроведување на тендерот да направи оцена на формалноправната содржина на доставената документација и најдоцна за пет дена да достави извештај до комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, која, пак, треба да донесе одлука за избраните компании до 29-ти овој месец. Избраните компании најдоцна до 20-ти идниот месец треба да ги уплатат парите што ги понудиле за лиценцата во согласност со својата финансиска понуда, а странските компании и да регистрираат фирма во државава. Крајниот рок за издавање на одобренијата е 23 септември. Во согласност со тендерот, првиот регион ги опфаќа општините: град Скопје, Илинден, Петровец, Зелениково, Студеничани, Сопиште, Чучер Сандево и Арачиново, а вториот Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Лозово, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Чешиново-Облешево, Штип, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане. Со третиот регион се опфатени Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Струмица, Радовиш, Конче, Василево, Босилево, Ново Село, Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран, а во четвртиот Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево, Долнени, Кривогаштани, Могила, Новаци и Ресен. Општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Кичево, М. Брод, Другово, Зајас, Осломеј, Вранештица, Пласница, Дебар и Центар Жупа се дел од петтиот, а Тетово, Гостивар, Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Маврово и Ростуше од шестиот регион. Ова е втор обид за распределба на одобренија за безжичен интернет-пристап на регионално ниво, откако првиот тендер што се однесуваше на регионалните лиценци беше поништен поради несоодветната документација на компаниите што конкурираа. На првиот тендер АЕК додели одобренија за ЊиМаџџ на национално ниво на компаниите „Космотелко“ и „Некском“.
Извор: (21.8.2007). Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво. Време.
Извор: (21.8.2007). Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво. Време.
| | ||
Претплати се на:
Објави (Atom)