Се прикажуваат објави со етикета Кејблтел. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Кејблтел. Прикажи ги сите објави

вторник, 13 јануари 2009 г.

Утрински: „Кејблтел“ им ги кине нервите на корисниците

Прекини на телевизијата и по неколку часа, слаб сигнал, исклучување канали и предводи, паѓање на Интернет сообраќајот - се проблеми со кои секојдневно се соочуваат корисниците на услугите на кабелскиот оператор „Кејблтел“. Граѓаните се жалат дека навремено ги плаќаат сите сметки, кои пред неколку месеци поскапеа за 100 денари, поточно од 350 на 450 денари, а за возврат добиваат прекини во Интернет и кабелските услуги. Тоа најинтензивно се случуваше за време на новогодишните и божикните празници, кога најмногу се користи Интернет и се гледа телевизија. Од „Кејблтел“ на овие поплаки одговараат дека проблемот наскоро ќе биде решен, бидејќи нивните екипи од вчера излегле на терен за да ги отстранат недостатоците. Но, корисниците реагираат дека таквата инертност е недопустлива ако се знае дека проблемот со кабелското опслужување постои повеќе од еден месец наназад. „Му плаќам на ’Кејблтел‘ 450 денари за кабелска, плус 350 за дигитална телевизија, поради дополнителните канали и плус 500 денари за Интернет. Тоа значи дека овој оператор од мене добива 1.400 денари секој месец, а се што добивам од него се чести прекини во програмата и Интернет- конекцијата. Најчести прекини имаше за време на новогодишните празници, кога овие услуги ми беа и најпотребни. Најдраматичен беше моментот кога го гледав натпреварот меѓу Динамо, кој го обожавам, и Хајдук, кој не можам да го смислам, и ми снема сигнал. Е, тогаш бев подготвен на се'. Згора на се', кога сакам да го пријавам прекинот, никој никогаш не се јавува на дежурниот телефон“, се жали еден скопјанец, жител на Општина Кисела Вода. Овој пример на незадоволен корисник на услугите на „Кејблтел“ не е осамен. Повеќе жители реагираат на лошите услуги. И додека граѓаните на Кисела Вода најмногу се соочуваат со проблемот на прекини во конекцијата на сигналите, жителите од другите делови на градот се жалат на подолг прекин на некои канали, како што е ТВ Нова.„Ја исклучуваа Нова во време кога се емитуваше ’Операција триумф‘, но и по завршувањето на ова шоу, ние апстинираме од гледање на овој канал, бидејќи ’Кејблтел‘ често не го вклучува. Освен тоа, сигналот на оние програми кои ни се на располагање е многу слаб. Се' на се', овој оператор не нуди никаква услуга“, вели жителка на Карпош.Образложението на „Кејблтел“ за честите прекини во опслужувањето на граѓаните со нивните услуги е дека тоа било поради прекинот во напојување со електрична енергија. „Во реонот на Кисела Вода изминатиов период имаше прекин во напојувањето со електрична енергија, поради што нашата мрежа не можеше да дистрибуира сигнал до корисниците и поради тоа немаше можност да се следат програмите и да се користи Интернет-услугата“, вели менаџерот за програмски пакети во „Кејблтел“, Лидија Голубова.Таа најавува дека деновиве проблемот ќе биде решен, бидејќи вчера екипи излегле на терен и работат на надминување на проблемот. „И за нас не е пријатна ситуација, бидејќи имаме чести поплаки за прекините, но со интервенцијата на терен се надеваме дека овие проблеми ќе бидат отстранети и клиентите ќе добијат редовна дистрибуција на сигналите“, објаснува Голубова. Поплаките на граѓаните се од оние делови каде што нема алтернативен избор за кабелски оператор. Еден од најголемите конкуренти на овој странски оператор, е домашниот „Телекабел“, кој се' уште се нема проширено во сите населби низ Скопје. Дел од незадоволните тврдат дека се пријавиле за „Макс ТВ“ на „Т-хоум“, бидејќи таа понуда е подобра, иако е поскапа. Што се однесува до негодувањето на граѓаните дека не можат ниту да се пожалат на лошата услуга на „Кејблтел“, бидејќи никој не се јавува на телефоните, од овој кабелски оператор велат дека кога сите оператори се зафатени, корисникот добива сигнал за слободна линија, но мора да се почека или да се јави повторно. Но, оттаму изразуваат и сомневање дека операторите намерно не се јавуваат на дежурните линии.

Извор: (13.1.09). „Кејблтел“ им ги кине нервите на корисниците . Утрински Весник.

четврток, 6 ноември 2008 г.

Вечер: И Кејблтел ќе нуди фиксна телефонија

Кејблтел од вчера почна со нудење на нова услуга "трипл плеј", која е составена од три сервиси и тоа видео, интернет и фиксна телефонија. Со тоа Кејблтел е првиот кабелски оператор во Македонија, кој што на своите корисници има ја нуди оваа услуга.
Овој електронски комуникациски оператор нуди три пакети од "Трипл Плеј" услугата и тоа "Трипл Плеј" за 1.290 денари, "Трипл Плеј Плус" за 1.490 денари и "Трипл Плеј Лукс" за 1.690 денари.-Со пакетот за 1.290 денари секој граѓанин има можност да го следи аналогниот ТВ пакет на Кејблтел со 66 канали, неограничено да сурфа на интернет со брзина од 4 Мбпс, неограничено да разговара на телефон во рамките на мрежата на Кејблтел, два и пол часа со броеви кон други фиксни оператори во рамките на својот град, 25 минути во рамките на целата држава и 10 минути кон броевите на мобилните оператори - објасни Горан Попоски, оперативен директор на компанијата.
Стојан Ѓоргоски, извршен директор на овој оператор, истакна дека менаџерскиот тим на Кејблтел направил анализа на пазарот за да се види колку граѓаните трошат за телефон и за да за тие пари овозможат и интернет и телевизија.-Ако сето ова го споредите со сметките што ги плаќаат граѓаните во моментов ќе видите дека за тие три сервиси ќе заштедите до 30 отсто - додаде Ѓоргоски.
Тој најави дека до февруари идната година Кејблтел треба да биде присутен уште во десет градови во Македонија, додека пак до септември треба да има покриеност во сите градови во земјава.

Извор: Р.Ј.Н. (06.11.08). И Кејблтел ќе нуди фиксна телефонија. Вечер.

вторник, 23 септември 2008 г.

Вечер: Кејблтел од октомври нуди бесплатно ало

Кабелскиот оператор Кејблтел од први октомври ќе почне со нудење на два нови сервиси за своите корисници - pay per view (плати за да гледаш) и фиксна телефонија. Првиот сервис за прв пат се појавува на македонскиот пазар и популарно е наречен домашно кино бидејќи им овозможува на корисниците на Кејблтел да гледаат до 40 филмови од најпознати светски филмски куќи и тоа преведени на македонски јазик и не постари од шест месеци.

Стојан Ѓорговски, оперативен директор во Кејблтел, вели дека засега сервисот pay per view им е овозможен на корисниците од Скопје, Велес и Куманово и ќе биде бесплатен во тримесечниот промотивен период.

Од наредниот месец, Кејблтел ќе стартува и со фиксна телефонија која ќе биде бесплатна за корисниците на мрежата на овој провајдер. Ѓорговски вели дека тест периодот за интерконекција со Македонски Телеком завршува неделава по што ќе може да се стартува и со овој сервис кој на корисниците ќе им биде понуден со избор на повеќе пакети. Повиците кон броеви на други оператори ќе се наплатуваат.

Со овие сервиси, покрај кабелската телевизија и интернетот, Кејблтел станува оператор на трипл плеј услугата која прва ја воведува во земјава. Поради зголемување на разновидноста на услугите, Кејблтел најави дека од идниот месец го поскапува основниот пакет од сегашните 350 на 450 денари.

Кејблтел лани инвестираше 13 милиони евра за купување на 13 кабелски оператори и уште пет милиони евра во надградба на нивната мрежа. Главниот извршен директор на Кејблтел, Џеф Финли најави преземање на уште 10 кабелски оператори во текот на ноември и инвестиција од 20 до 22 милиони евра. Ширење на мрежата, Финли најави и за 2009 година кога планираат купување на уште 20 кабелски оператори.

Извор: С.Бл. (23.9.08). Кејблтел од октомври нуди бесплатно ало. Вечер.

среда, 28 ноември 2007 г.

Дневник: Кабелските телевизии без странски преводи

Во „Кејблтел“ велат дека веќе почнале преговори со странските телевизии за да обезбедат македонски титл

Кабелскиот оператор „Кејблтел“ од пред неколку дена ги исклучи преводите на хрватски, српски и на бугарски јазик на странските канали Холмарк, ТВ 1000, Дискавери, Нешнл географик, Фокс крајм по добиената прекршочна пријава на барање на Советот за радиодифузија. Според Законот за радиодифузната дејност, на овие канали мора да има превод на македонски јазик или кабелските оператори ќе мора да прекинат да ги реемитуваат.

Во „Кејблтел“, кој пред неколку месеци купи 13 кабелски телевизии во земјава, велат дека започнале преговори со странските телевизии за да обезбедат македонски превод.

- Странските телевизии поставуваат услов да имаме најмалку 100.000 претплатници за да пуштат македонски титл. Инаку не им се исплатело. Ова ќе го решиме наскоро бидејќи во завршница се преговорите за да купиме уште 30 кабелски телевизии со што ќе го исполниме лимитот. Ако треба, ќе им платиме поскапо на продуцентите, но македонски превод ќе обезбедиме - вели Стојан Ѓоргоски, директор на „Кејблтел“.

Советот за радиодифузија побара од сите кабелски оператори веднаш да престанат да ги реемитуваат програмските сервиси кои не се титлувани на македонски јазик.

- Мониторингот ќе продолжи. Пратено е барање до Министерството за култура и до Инспекцијата за авторски права да го проверат работењето на сите оператори. Законот мора да се почитува, како за преводот на македонски јазик така и за реемитување на програми за кои не се склучени договори за уредени авторски права - изјави Мирче Адамчевски, претседател на Советот за радиодифузија.

Советот се повикува на Законот за радиодифузната дејност, во кој е пропишано дека програмите што се реемитуваат и се титлуваат на поинаков јазик од оригиналниот мора да бидат преведени на македонски. Во спротивно, на кабелските оператори им се заканува глоба од 3.000 до 5.000 евра, а во краен случај против нив ќе се покрене прекршочна постапка со барање за забрана за работа од шест месеци до две години. Советот му наложи на „Кејблтел“ и да ги исклучи нерегистрираните телевизиски програми како Нова, Зона, Визион плус и Реалити.

- Кабелските оператори треба да донесат валиден договор со Нова дека имаат право да ја пренесуваат. Тогаш ќе им го регистрираме каналот во програмските пакети - вели Адамчевски.

Извор: Марјан Блажевски. (28.11.2007). Кабелските телевизии без странски преводи. Дневник.

недела, 25 ноември 2007 г.

Време: Имаме компјутери, немаме Интернет

На врвот на зградата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ има еден куп предаватели преку кои на Интернет може да се приклучат граѓани од цело Скопје, а ние немаме никаква можност да се приклучиме кон мрежата, реагираат студенти во домот. Тие досега, како што тврдат, поднеле барања до сите македонски интернет-провајдери, но досега никој не се нафатил да приклучува цели студентски објекти на мрежата. Провајдерите стравуваат дека ако ги приклучат, студентите ќе прават злоупотреби - ќе симнувале премногу филмови и музика и, според тоа, дневно ќе се трошеле многу гигабајти. Од „Он.нет“ велат дека има реална можност студентите да сурфаат, но само ако се направи договор помеѓу раководството на домот и провајдерот, а не договор со секој студент поединечно. Во „Гоце Делчев“ има 600 студенти што имаат компјутери во собите, но само мал број користат Интернет. - Делот од зградите на домот што гледаат кон центарот на градот нема проблем и студентите можат да се приклучат на Интернет. Но, оние што се сместени во внатрешната страна не можат. Некои имаат направено своја интернет-мрежа - еден е легално приклучен на безжичен Интернет и од него користат уште четворица студенти, а месечната сметка ја делат - објаснува Ристе Шурбевски, потпретседател на Сојузот на студенти при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој е сместен во овој дом. Во „Гоце Делчев“ има интернет-кафуле каде што за еден час сурфање студентите плаќаат 30, а за цела вечер 100 денари. Надлежните во „Он.нет“, како и оние во кабелската телевизија „Кејблтел“, велат дека не е точно дека не постојат шанси студентските домови да добијат Интернет. Според нив, студентите требало само да изразат желба и тие ќе ги приклучеле. Самоил Малчевски, пак, претседателот на ССУКМ, вели дека посебен владин тим веќе извесно време работел на проектот за бесплатен Интернет по студентските домови. - Во моментов се подготвува технички елаборат. Членовите на тимот ги одредуваат техничките услови - се утврдува дали на Интернет ќе се приклучуваат цели студентски објекти или секоја соба посебно. Неофицијално, проектот ќе се реализира во февруари и ќе функционира неограничено, како и интернет-кафулињата што се отворија во повеќе градови во земјава - вели Малчевски.

Извор: Антонија Поповска. (25.11.07). Имаме компјутери, немаме Интернет. Време.