Се прикажуваат објави со етикета Т-хоум. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Т-хоум. Прикажи ги сите објави

вторник, 25 август 2009 г.

Утрински: „Т-хоум“ го доби државното фиксно ало, „Космофон“ ќе се жали

Откако Владата ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација, „Космофон“ излезе со став дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи.

Компанијата „Космофон“, воедно, ќе поднесе и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени што се дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени.

„Космофон“ ќе поднесе и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. „Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на ’Т-хоум‘“, се вели во соопштението од компанијата.

Реакциите на „Космофон“ вчера веднаш ги отфрлија од избраната компанија „Т-хоум“ на тендерот за фиксна телефонија во државната администрација. „’Македонски телеком‘ ги отфрла реакциите наведени во соопштението на ’Космофон‘ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. ’Македонски телеком‘ смета дека поднесената понуда на тендерот не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот на фиксни говорни телефонски услуги“, се вели во соопштението на „Македонски телеком“.

Во него се наведува дека понудената цена била во согласност со бараните критериуми во тендерот што го распиша Владата и се во согласност со обврските кои „Македонски телеком“ ги има како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги, а кои произлегуваат од одредбите од Законот за електронски комуникации и одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Дневник: Државата ќе врти преку „Т-хоум“

Владата и државната администрација во следната година ќе зборуваат преку фиксната телефонска мрежа на „Македонски телеком“. Понудата на „Т-хоум“ беше оцената како најповолна во трката за избор на фиксен оператор за административците. На тендерот вреден неколку милиони евра, кој го распиша Службата за општи и заеднички работи на Владата, учествуваа со посебни понуди и „Космофон“ и „Он.нет“, иако двете фирми најавија дека наскоро ќе се спојат.

Операторот „Космофон“ вчера најави дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи со која ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација.

- Ќе поднесеме и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени. За ваквото однесување на операторот со значителна пазарна моќ во фиксната телефонија, ќе поднесеме и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на „Т-хоум“ - соопштија од „Космофон“.

Според неофицијалните информации, „Т-хоум“ на тендерот понудил 3.800 денари претплата и цена кон фиксен телефон за минута 0,49 денари, а 2,9 денари кон мобилен. Понудата на Космофон е: 3.000 денари месечна претплата, 0,99 денари за минута кон фиксен телефон и 5,99 денари минута за мобилен. „Он-нет“ бара 2.400 денари претплата, 0,89 за фиксен и 5,99 денари за минута кон мобилен.

Во одговорот од „Македонски телеком“ велат дека понудената цена е во согласност со бараните критериуми во тендерот и е во согласност со законските обврски кои ги имаат како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги.

- Ги отфрламе реакциите на „Космофон“ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. Сметаме дека поднесената понуда не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот - велат во телеком.

Ова е втор обид за избор на фиксен оператор. Првиот, кога најниска цена понуди „Космофон“, беше поништен во април, поради, како што изјавија од Службата за општи и заеднички работи, низа пропусти во подзаконските акти. „Космофон“ пред неколку месеци го доби тендерот за владините и државни мобилни телефони. Мобилниот оператор „Вип“ тогаш се жалеше дека „Космофон“ ја урива конкуренцијата со предаторски цени.

Извор: (25.08.09). Државата ќе врти преку „Т-хоум“. Дневник.

петок, 13 февруари 2009 г.

Дневник: „Т-хоум“ ќе инвестира 90 милиони евра

Македонски телеком во следните три години ќе инвестира над 90 милиони евра. Инвестициите во најголем дел ќе бидат за реализација на проектот „оптички кабел до секој дом“, за надградба на мрежата и за телекомуникациска опрема, изјави Николај Бејкерс, главен извршен директор на компанијата.

Според Бејкерс, инвестиции со приближно ист износ може да се очекуваат и од фирмата ќерка, „Т-мобиле Македонија“, но одлуката уште не е поминатата низ компаниските процедури.„Дојче телеком“ веќе доставил предлог до Владата за поделба на дивиденда од ланскиот профит. Според Бејкерс, одлуката за висината на дивидендата се очекува да биде донесена со едногласен договор со сите акционери.

Извор: (13.2.09). „Т-хоум“ ќе инвестира 90 милиони евра. Дневник.

сабота, 6 декември 2008 г.

Дневник: „Ту би“ и „Т-хоум“ партнери

Компанијата „Ту би“ потпиша стратегиско партнерство со „Т-хоум“. Со договорот, на сите 15 продажбени места на „Ту би“ низ државата, секој корисник освен стандардната понуда на фиксна телефонија од „Т-хоум“ ќе може да се снабди и со новата понуда на Макс АДСЛ интернет-пакети. Во продавниците на „Ту би“ може да се нарача и пакет на новата дигитална телевизија Макс ТВ. „Ту би“ од септември е партнер и на „Т-мобиле Македонија“.

Извор: (6.12.08). „Ту би“ и „Т-хоум“ партнери. Дневник.

среда, 26 ноември 2008 г.

Утрински: Пречки во АДСЛ - Интернетот на „Т-хоум“

Корисниците на „Т-хоум“ во одредени делови од Скопје во изминатите два дена не можат да користат Интернет-услуга. Ова го потврдија во „Македонски телеком“ од каде што информираат дека АДСЛ- корисниците имаат проблеми со Интернет зашто се појавиле технички проблеми на мрежата во Скопје. Проблемите со користење на Интерент-услугата посебно се јавиле кај АДСЛ- корисниците во делови на Центар, Буњаковец, Козле, Транспортен центар, Водно, Автокоманда, Момин Поток и Пржино. „Екипите на ’Македонски телеком‘ се на терен и целосно посветени на отстранување на проблемот“, се вели во соопштението од оваа компанија.
Извор: (26.11.08). Пречки во АДСЛ - Интернетот на „Т-хоум“. Утрински Весник.

вторник, 10 јуни 2008 г.

Утрински: „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен

Мобилниот оператор „Космофон“ ги отфрли како целосно неосновани најавите дека ќе биде затворен, со цел да се избегне монополот во Македонија. Реакцијата на компанијата следува по објавените информации во грчките медиуми дека грчки ОТЕ ќе го затвори „Космофон“ за да не им наштети на интересите на „Дојче телеком“, кој со преземањето на ОТЕ во Македонија станува сопственик на двата оператора - на „Т-мобиле“ и на „Космофон“, кои поседуваат околу 90 отсто од пазарот на мобилна телефонија во земјата. 

„’Космофон‘ е значајна, мултимилионска инвестиција за групацијата ’Космоте‘ и ќе продолжи да ги исполнува своите планови со цел да ја максимизира својата вредност и потенцијал на пазарот. Целосно сме предадени во остварувањето на обврските спрема нашите акционери, нашите вработени и, пред се', спрема нашите корисници кои ја покажуваат својата доверба во ’Космофон‘“, се вели во соопштението од компанијата. 

Од „Космофон“ сметаат дека засега не може да стане збор за негово затворање или за прецизирање на која било поинаква судбина од сегашната, бидејќи договорот меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ за преземање на ОТЕ се' уште не е ратификуван во парламентот на Грција. Од компанијата најавуваат дека продолжуваат со реализација на бизнис-планот. Инаку, досега се одолжуваше почетокот на расправата за ратификацијата на спогодбата меѓу грчката влада и „Дојче телеком“ околу продажба на грчки ОТЕ, а според грчките медиуми, таа треба да почне неделава.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата информираат дека до нив се' уште не е стигнато никакво известување од „Дојче телеком“, кое евентуално би дало насока каква би била судбината на вториот мобилен оператор во земјава, поточно дали тој ќе се затвора, дали ќе се продава или ќе продолжи да работи, што би создало концентрација на моќ и би создало монопол. Според пишувањата на грчки „Та неа“, најавата за затворање на „Космофон“ е поради намерата на ОТЕ да ја прекине работата на мобилните оператори во Македонија и во Црна Гора, бидејќи во овие држави „Дојче телеком“ е застапен со брендот „Т-мобиле“.

Според упатените, судбината на „Космофон“ целосно е во рацете на новиот сопственик „Дојче телеком“, кој има два избора - да го продаде мобилниот оператор или да го затвори. Како и да е, и двата избора ќе бидат со последици. Продажбата ќе значи внесување здрава конкуренција на пазарот на мобилната телефонија, што не му одговара на „Дојче телеком“, додека затворањето ќе значи крај на профитабилниот бизнис во кој се вртат десетици милиони евра годишно. Можеби најлогичен потег би било „Космофон“ да влезе на пазарот на фиксната телефонија, за што имаше најава, но и во тој случај ќе има монопол на пазарот, бидејќи „Космофон“ е во сопственост на „Дојче телеком“, кој, пак, е присутен на пазарот на фиксната телефонија преку „Т-хоум“.

Извор: Александрија Стевковска. (10.6.08). „Космофон“ демантира дека ќе биде затворен. Утрински Весник.

петок, 16 мај 2008 г.

Вечер: Т-Хоум ќе донесе комуникација, знаење и забава во домовите

Со спектакуларен концерт на Здравко Чолиќ и на групата Шугабејбс на градскиот плоштад во Скопје, утре официјално завршува процесот на ребрендирање на Македонски Телекомуникации во Македонски Телеком. За очекувањата што тоа ќе и донесе на компанијата, на нејзините корисници и на државата, разговаравме со главниот извршен директор на Македонски Телеком, Николај Бекерс.
Што за компанијата значи влезот на Т-Хоум брендот и какви поволности ќе им донесе на граѓаните?-Процесот на ребрендирање е важен за компанијата, но пред се за сегашните и идни корисници како и за Македонија. Ребрендирањето се прави за да се подобрат услугите кон корисниците, поефикасно да се задоволат сегашните потреби, но и да се одржи чекор и прилагодување на услугите со иновациите во фиксната телефонска индустрија. Тоа ќе ни овозможи услови за напредни технолошки достигнувања, како и за низа производи и услуги за корисниците. Т-Хоум на македонските граѓани им овозможува комуникација, знаење и забава директно во нивните домови со тоа што ќе им понуди фиксна телефонска линија, интернет и интерактивна телевизија, истовремено. Нашите корисници можат да уживаат во најнапредниот пакет за комуникациски и конекциски решенија, кој е изготвен за нивните потреби и желби. Тоа ќе придонесе за економски и технолошки развој на земјата.
Најавивте дека ребрендирањето ќе донесе нови услуги. Со што планирате да ги изненадите корисниците?-Ребрендирањето ќе значи вистинска експлозија на производи и услуги во кои, меѓу другото, спаѓаат значително надградена телекомуникациска инфраструктура, привлечен и поволен телекомуникациски пакет, интернет и ИП телевизија, попристапни и достапни телефонски услуги со фиксни тарифи и најразлична опрема збогатена со привлечна понуда (најмодерни телефони, преносни компјутери, безжични ЛАН рутери итн.).
Се повеќе корисници преминуваат од фиксната кон мобилната телефонија. Кои се вашите планови за ублажување на оваа појава?-Обичните корисници и нивните потреби остануваат во фокусот на нашето работење. Колку подобро ги задоволиме нивните потреби, толку поголем ќе биде успехот на нашата компанија. Ова е пред се една од клучните идеи на ребрендирањето. Затоа на корисниците на фиксната телефонија им нудиме пакет услуги - фиксна телефонска линија, интернет и ИП телевизија. Во фиксната телефонија нудиме нови, поволни пакети, во рамките на интернет услугите пак, поголеми брзини и за прв пат во Македонија воведуваме ИП телевизија со богата и разновидна понуда на канали.
Македонски Телеком ќе биде првата компанија на пазарот која ќе почне со понуда на разговор преку интернет и ИП телевизија. Сметате дека ќе има интерес за овие услуги кај македонските граѓани?-Со ребрендирањето, нашата компанија на македонските граѓани ќе им понуди најмодерна и врвна телекомуникациска технологија која ја добиваат и другите корисници на Т брендот во светот. Уверени сме дека македонските граѓани со нетрпение очекуваат да уживаат во овие придобивки, тоа особено се однесува на услугите за разговори преку интернет и ИП телевизијата. Овие две услуги се создадени да ги задоволат потребите на модерните граѓани.
Колку Македонски Телеком е подготвен да се соочи со конкуренцијата од трипл плеј услугите што ги нудат кабелските и Вајмакс операторите?-Македонски Телеком е прилично конкурентен на овој пазар, пред се поради тоа што обезбедува квалитетни услуги и има стратегија за понуда на нови производи што ќе бидат од голема полза за корисниците. Компанијата ќе биде конкурентна со тоа што на корисниците ќе им овозможи голем избор од широк спектар на производи. Затоа една од главните идеи за ребрендирањето е да понудиме квалитетни сервиси на корисниците, со што ќе ја зацврстиме нашата водечка позиција на македонскиот пазар.
Истовремено со процесот на ребрендирање се имплементираше програмата за доброволно напуштање на вработените со поволни услови. Дали совпаѓањето на овие два настана е случајност?-Во тек сме на замена на дел од вработените со поквалификуван кадар, со цел да одговориме на динамичните барања на телекомуникацискиот пазар. Со ова, всушност го следиме светскиот тренд. Македонскиот пазар со воведувањето на Т-Хоум е во чекор со светските пазари. Вработените што ќе ја напуштат компанијата ќе потпишат договор во кој стои дека во иднина може да ни ги нудат нивните услуги по потреба. Како дел од ребрендирањето сакаме да создадеме подобри интерни услови за работа во кои искусни и квалификувани вработени ќе воведат подобрувања во компанијата во сите аспекти на работењето, како и зголемување на ефикасноста со подобра тимска работа. Синдикатот не поддржа во целиот процес. Македонски Телеком не единствената компанија која преземала мерки за освежување на компанијата со нови и квалификувани кадри.
Како го гледате македонскиот телекомуникациски пазар во наредните неколку години?-Македонскиот телекомуникациски пазар се уште е во развојна фаза, но со многу потенцијал. А со тоа што Македонски Телеком стана член на глобалното комуникациско семејство Т, идниот развој на македонскиот пазар ќе може да одржи чекор со светските трендови. Македонија ќе ги искористи сите можности што и стојат на располагање преку Групацијата на Дојче Телеком, една од водечките светски телекомуникациски семејства кое е присутно во повеќе од 50 земји.
Вие дојдовте од Дојче Телеком кој, со исклучок на Македонија и Грција, не е присутен во другите земји од регионот. Мислите дека Македонски Телеком е доволно моќен да се прошири и на соседните пазари?-Таква одлука е одговорност на Дојче Телеком. Дојче Телеком е присутен во неколку земји од Балканот меѓу кои се Хрватска, Црна Гора, Србија, Грција и Македонија.

Извор: Светлана Блажевска. (16.5.08). Т-Хоум ќе донесе комуникација, знаење и забава во домовите. Вечер.

сабота, 26 април 2008 г.

Утрински: За новите корисници на „МаксАДСЛ“ еден месец бесплатен Интернет

Новите корисници на пакетите за супербрз Интернет "МаксАДСЛ" ќе добијат еден месец бесплатен Интернет. Ова е новата понуда на "Македонски телекомуникации", која важи за пакетите "МаксАДСЛ 10", "МаксАДСЛ 10 + компјутер", "МаксАДСЛ ПРО 10" и "МаксАДСЛ ПРО 40" со договор склучен на една година. Понудата трае до 31 јули 2008 година. Покрај оваа поволност, "Македонски телекомуникации" им излегува во пресрет на граѓаните со уште една новина. Станува збор за понуда и продажба на преносни компјутери (лаптопи) од светски реномираниот производител "Тошиба" по цена од 750 денари месечно, на 48 рати во салоните на оваа компанија. Исклучително ниската цена важи за корисници кои ќе склучат едногодишен договор за некој од пакетите "МаксАДСЛ" за супербрз Интернет. Плаќањето на ратите се одвива преку телефонската сметка, за што не се потребни жиранти или меници, а количините се ограничени. Со најавеното ребрендирање на "Македонски телекомуникации" за наредниот месец и воведувањето на светски познатиот бренд "Т-хоум", предвидено е воведување нови производи, како и подобрување на постојните. Подобрувањата на постојните производи ќе важат и за сегашните и за новите корисници, без оглед на тоа дали ќе се претплатат пред или по ребрендирањето.
Извор: А.С. (26.4.2008). За новите корисници на „МаксАДСЛ“ еден месец бесплатен Интернет. Утрински Весник.