Се прикажуваат објави со етикета Македонска радиодифузија. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Македонска радиодифузија. Прикажи ги сите објави

среда, 29 јули 2009 г.

Дневник: Јавниот сервис пак на јавна сметка

Граѓаните, сакале или не, ќе мора редовно да ги плаќаат сметките за радиодифузна такса, кои наскоро ќе ги добијат во своите поштенски сандачиња за цела измината година. Од МРТВ информираат дека тие веќе се доставени за над 70.000 фирми, а сега се очекува да ги добијат и околу 480.000 домаќинства, кои според законот треба да плаќаат по 130 денари месечно или три пати помалку отколку што беше одредено со претходното решение, секој 15-ти во месецот.

МРТ неплатениот износ присилно ќе го наплатува, со овластени извршители, кои ќе запленуваат предмети во домаќинствата. На фирмите долгот присилно ќе им се наплаќа преку тансакциска или каква било друга банкарска сметка. Од МТВ апелираат до граѓаните редовно да ги намируваат долговите за да се избегнат дополнителните трошоци за извршителите што паѓаат на сметка на должникот.

Според законот, секое домаќинство, фирма и угостителски објект е должно да плаќа радиодифузна такса, без разлика дали има телевизор, дали ги следи или не програмите на Македонската радио-телевизија или е приклучено на кабелска телевизија.

- Од минатиот месец, решенијата до обврзниците - правни субјекти ги доставивме преку Македонски пошти и почна со наплата на радиодифузната такса. Наплатата се однесува за периодот од јуни лани до јуни минатиот месец, а наскоро нив треба да ги добијат и домаќинствата. Плаќањата може да се извршат еднократно или на рати, најдоцна до 15-ти во месецот. За секое доцнење се плаќа камата утврдена со закон - објаснуваат од МРТ.

Според извршниот директор, Петар Каранаков, со редовната наплата на таксата ќе се овозможи финансиска независност на јавниот сервис, со што ќе се јакне создавањето политички урамнотежени дневни информативни емисии, како и нова продукција.

- Очекуваме ако граѓаните редовно ја намируваат обврската да собираме околу 15 милиони евра годишно, од кои 12 милиони евра би останувале за МРТ. Сметаме дека на овој начин ќе можеме редовно да им исплаќаме плати на вработените и да ја исполниме нашата должност како јавен сервис. Наша цел не е наплатата да оди преку извршители, не сакаме да отвараме пазар за извршителите бидејќи граѓаните ќе плаќаат многу повеќе од тие 130 денари за трошоците за извршителот. Но, наша законска обврска за која одговараме е да ја наплатиме таксата. Затоа апелираме до граѓаните да ја плаќаат таксата, а ние се обврзуваме дека со сите сили ќе ја оправдаме нивната доверба со поинтересни содржини за да го вратиме стариот лик на МРТ - вели Петар Каранаков, извршен директор на телевизијата.

Оттаму информираат дека за периодот од јуни лани до јуни годинава, граѓаните добиваат по две решенија, од кои едното се однесува за месеците јуни, јули и август лани, а таксата е пресметана по стариот закон, а второто решение е за периодот од септември лани до јуни годинава, каде што месечната РДТ изнесува по 130 денари.

Поради големите трошоци за печатење и за дистрибуција на овие решенија, МРТ во натамошниот период решенијата ќе ги доставува еднаш во годината.

„Долгот за радиодифузната такса како јавна давачка не застарува, како што е тоа случај и со другите сметки за комуналии. За правните и физичките лица што нема да ја извршуваат оваа законска обврска, МРТ ќе биде принудена наплатата да ја извршува преку извршители, при што не се исклучува и наплатата по судски пат“ - информираат од МРТ.

Неплаќањето на радиодифузна такса изминатиот период доведе до тешка финансиска криза во МРТ и другите корисници на парите. Од радиодифузната такса МРТ добива 76,5 отсто, за ЈП „Македонска радиодифузија“ одат 19,5 отсто, а за Советот за радиодифузија се одделуваат 4 отсто. Граѓаните неплаќањето на таксата го правдаа со незадоволството од програмата што ја добиваат од МРТ како јавен радиодифузен сервис.

Последен пат МРТ ја наплати радиодифузната такса во 2007 година, по што во 2008 година престанаа да доставуваат фактури, а јавниот радиодифузен сервис се финансираше со пари од буџетот.

Покрај домаќинствата, обврска да плаќаат радиодифузна такса имаат и сите правни лица и сопственици на деловен простор и тоа на секои 20 вработени по една радиодифузна такса. Хотелите и мотелите плаќаат по една радиодифузна такса за секои пет соби, а сопствениците на угостителски и други јавни објекти за секој приемник по една такса. Стопанствениците реагираа дека на овој начин дополнително се оптоваруваат со нови трошоци.

Извор: (29.07.2009). Јавниот сервис пак на јавна сметка. Дневник.

сабота, 15 ноември 2008 г.

Утрински: Долговите го запреа проектот за компјутерите

Проектот „Компјутер за секое дете“ е во застој поради неисплатени долгови кон фирмите-изведувачи на опремата и инсталацијата во основните училишта, тврдат доброупатени извори за „Утрински весник“. Со месеци Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“ не им исплаќало фактури на фирмите за набавената опрема и инсталација, а ситуацијата сега се комплицира и поради директорската смена во претпријатието кое е под лупа на ревизорите. Трпението на фирмите е при крај и тие сега се закануваат дека ќе ја тужат „Македонска радиодифузија“ ако не им бидат исплатени побарувањата. Извори во Министерството за информатичко општество потврдија дека проектот за компјутерите е во застој поради хаотичната состојба во „Македонска радиодифузија“. Според нив, причини за задоцнетата исплата биле бирократските процедури околу одобрувањето на пристигнатите побарувања на фирмите, чиј вкупен износ изнесува 320 милиони денари или 5,2 милиона евра. „Ако во текот на идната недела ’Македонска радиодифузија’ не ни префрли пари во износ од 150 милиони денари, колку што ни должи, ќе се повикаме на договорот и побарувањата ќе ги наплатиме по судски пат“, велат во скопската фирма „Електроелемент“, која набавила опрема за инсталирање на мрежата во училиштата на која треба да се приклучат компјутерите. Оваа фирма испорачала 80 отсто од опремата за основните училишта, а не им е исплатен ниту денар. Во договорот со „Македонска радиодифузија“ стои дека на фирмата ќе и' бидат исплатени средства по пристигнувањето на фактурите. Од „Електроелемент“ велат дека досега на сметка не им легнале пари за изведената работа, иако досега испратиле неколку фактури. „Сега имаме и усно и писмено уверување од сегашната директорка во ’Македонска радиодифузија‘ дека парите ќе ни бидат исплатени“, велат во „Електроелемент“, која е само една од неколкуте фирми што работат на набавка на опрема и инсталација во скопските основни училишта. Деновиве „Македонска радиодифузија“ е под лупа на ревизорите кои, меѓу другото, проверуваат и зошто досега не им се исплаќани пари на изведувачите кои не сакаат отворено да зборуваат за причините за задоцнетата исплата. Новата директорка во ова претпријатие, Јулијана Спировска, вчера беше на состаноци и не сакаше да даде каква било изјава за целиот случај. Молчат и во Министерството за образование и наука.Надлежните во Министерството за информатичко општество признаваат дека проектот е во застој, но тие не очекуваат негово целосно блокирање. Оттаму уверуваат дека проектот ќе продолжи да се реализира како што е предвидено, но со задоцнување поради директорската смена во „Македонска радиодифузија“. Во Министерството објаснуваат дека исплатите на фирмите претходно доцнеле поради изборите, а сега доцни поради смената на раководството во „Македонска радиодифузија“. Поради овие бирократски пречки, според нив, досега парите лежеле на сметка на Министерството за образование наместо да бидат префрлени на„Македонска радиодифузија“. „Проектот не е стопиран. Во ’Македонска радиодифузија‘ имаше промена на раководството и нормално е новата директорка да направи примопредавање за да биде начисто со работите. Затоа и побараа од ревизорите да ја прегледаат обемната документација. Тоа малку ќе ги забави работите, но се надеваме дека од понеделник ќе продолжиме со проектот“, велат во Министерството за информатичко општество. Во Владата најавија дека од понеделник ќе почне компјутеризацијата на шеесетина основни училишта во урбани средини. Со проектот „Компјутер за секое дете“ е предвидено да бидат опфатени вкупно 350 основни училишта.

Извор: (15.11.08). Долговите го запреа проектот за компјутерите. Утрински Весник.