среда, 31 декември 2008 г.

Утрински: Слободата го претвори Интернетот во нов медиум во Македонија

Пратеникот на ДУИ Хисен Џемаили, кој е еден од обвинетите за случајот „Мавровски работници“, можеби е недостапен за полицијата, но е една од главните фаци на „Фејсбук“, социјалната мрежа за Интернет-комуникација. На оваа информација деновиве посочи и Интернет-порталот „Он нет“, на чиј сајт стои коментарот: „Не можеле никако да го најдат Хисен Џемаили. А, типот не дека се крие нешто темелно како Радован Караџиќ. Да го побараа на ’Фејсбук‘?“ Блогови, „Фејсбук“, „Јутјуб“... Интернет-сајтовите се' повеќе добиваат на цена во македонскиот медиумски простор каде што бројот на членовите секојдневно расте. Ако некогаш важеше правилото дека медиумите се „watchdog“ (чувари) на општеството, сега може да се каже дека блоговите се „watchdog“ на медиумите. Долга е листата на политичари, интелектуалци, новинари кои буквално во секој момент „висат“ на некоја од веб-страниците преку кои или се вклучуваат во жестока јавна дебата и полемизираат или, пак, разменуваат фотографии. Моментно најкористена социјална мрежа за Интернет-комуникација е „Фејсбук“, за кој експертите посочуваат дека го користат дваесетина илјади луѓе во земјава. Генерално, непознатост е колку многу се користат другите Интернет-страници. Но, кога станува збор за дебатите, тука водат блоговите, а ги има многу, бидејќи важи правилото дека на Интернет секој може да каже се' што сака и тоа без цензура.
Меѓу најактивните на Интернет е Филип Петровски, директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Постојано можете да го најдете на некој од веб-сајтовите, каде што испраќа видео, аудио и пишани коментари, но вели дека „ниеден не е доволно ефикасен за да се потпреш само на него“. Оние што користат Интернет најмногу го препознаваат преку неговиот блог. „Ги користам сите канали. Блогови, ’Фејсбук‘, ’Јутјуб‘. Имам повеќе од 200 постови, односно наслови на блогот. Тоа е една област која допрва политичарите ќе сфатат дека може да ја користат. Тие немаат инвентивност и комуникација со луѓето“, смета Петровски. Тој нема слушнато дека некој политичар користи блог, за разлика од другите држави каде што блоговите имаат значајно влијание во вкупните општествено-политички збиднувања. Како пример ни го посочи изборот на Барак Обама за претседател на САД, чиј успех, според анализите, се должи на неговиот настап на Интернет.
Различни коментари можеа да се прочитаат за актуелниот вицепремиер Ивица Боцевски, кој по назначувањето за портпарол во Владата, престана да го користи блогот. Некои македонски блогери не можеа да му го простат тоа и сметаат дека „тој го предал блогерството“. Боцевски вели дека додека бил портпарол, не се занимавал со блогерство, бидејќи сметал дека тоа е неспојливо со новата функција. Но, сега откако стана вицепремиер, размислува повторно да му се врати на блогерството. „Блогерството е едно од најдобрите места за дебатирање, каде што запознав многу пријатели. Блогот го подразбирам како предизвик, место каде што се судруваат ставови, идеи, теми што го скокоткаат секој посетител“, објаснува вицепремиерот. Поранешната лидерка на СДСМ Радмила Шекеринска веќе подолго време користи Интернет-комуникација. „Интернетот нуди можност за пишување без цензура, да пишуваш, а да останеш анонимен. Предноста на Интернет-комуникацијата е што ти нуди шанса да се сконцентрираш на човекот со кого контактираш и на темата за која контактираш“, ни кажа Шекеринска. Таа додава: „Некогаш можеш да препознаеш политичар или партија која се користи под друго име блог за да го нападне противникот. Но, ако има аргументи, барем треба да има храброст да се потпише“, вели таа.
Шекеринска е најактивна на „Фејсбук“, веб-сајтот за социјална интеракција, каде што секој посетител може да создаде личен профил, оставајќи лични податоци, по кои подоцна и се пронаоѓаат пријателите. „Фејсбук“ го употребува за да се заштити од можноста за крадење идентитети, но и тоа не било гаранција, бидејќи со сопругот на своја кожа ги почувствувале злоупотребите. „Се смеевме со сопругот како е можно некој во негово име да направи профил на ’Фејсбук‘“, вели Шекеринска. Таа објаснува дека преку „Фејсбук“ станала член на форуми каде што се дискутира непартиски. Интернет-порталот за испраќање видеосодржини „Јутјуб“, кој е релативно нов за нашиве простори, го користела изминатава година за следење други кампањи и занимливости. Чита и некои од блоговите, но повеќе странски отколку домашни. Премиерот Никола Груевски е честа тема на Интернет-форумите и блоговите каде што можат да се најдат пофални зборови за него, од тоа дека е четврти најмлад лидер во светот до погрдни зборови за неговите лични карактеристики. А, ако некој сака да дојде до премиерот Никола Груевски, тоа најлесно може да го направи ако се приклучи на „Фејсбук“, каде што премиерот има цела страница на која секој може да влезе и да најде податоци од неговата биографија. На „Фејсбук“ се и голем број други сегашни и поранешни политичари, како што се директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, потоа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и портпаролката на партијата, Ермира Мехмети, како и многу други. Меѓу блогерите многу активни се поранешната претседателка на Хелсиншкиот комитет Мирјана Најчевска со нејзиниот блог „Црна овца“ и професорката Билјана Ванковска.
Колку реално созреваат македонската блогосфера и, воопшто, македонскиот Интернет-простор? И дали Македонија наскоро би можела да извлече некакви поуки од Хрватска, каде што пред неколку недели хрватските блогери организираа протести во неколку града под мотото „Стегнете ги вие ремените, бандо лоповска“, како израз на незадоволство од политиката на премиерот Санадер. Експертите велат дека Интернет-порталите се' повеќе се на цена кај публиката, пред се' поради убеденоста дека медиумите се подложни на секакви влијанија. „Блогосферата, дефинитивно, е алтернатива за стеснетиот простор за јавна дебата и критичко размислување во класичните медиуми. Тоа не значи дека не е подложна на влијанија“, коментира Филип Стојановски од фондацијата за одржливи ИТ-решенија „Метаморфозис“. Според него, постојат технички можности за анонимно ширење информации од прва рака, па затоа тој прогнозира дека можеби во иднина ќе се појават такви блогови на „whistleblowers" („тастери“ или поткажувачи), односно луѓе кои ќе укажуваат на корупција или злоупотреби во институциите или фирмите во кои работат со презентирање доволно докази за да поттикнат и официјални истраги. Сепак, Стојановски предупредува дека ваквите напори се бесполезни се' додека не профункционира Законот за слободен пристап до информациите.

Извор: (31.12.2008). Слободата го претвори Интернетот во нов медиум во Македонија. Утрински Весник.

вторник, 30 декември 2008 г.

Утрински: Мобилното „ало“ на „Космофон“ пак најевтино за административците

„Космофон“ даде најевтина понуда за разговор меѓу административците во наредните две години. Сепак, допрва ќе се прави евалуација, а одлуката кој ќе биде избран за опслужување на државната администрација со мобилни разговори ќе се знае по Нова година. „Мобилниот оператор ’Космофон‘, по одредени ставки, достави најниска цена на тендерот за избор на оператор преку кој во наредните две години ќе разговара државната администрација, но допрва ќе се врши евалуација и по други критериуми“, изјави Слободан Буковски, претседател на Комисијата што ја спроведува набавката, по отворањето на понудите на тендерот, распишан од Службата за заеднички и општи работи на Владата. Покрај „Космофон“, понуди имаат доставено и „Т- мобиле“ и ВИП. Според Буковски, сите три мобилни оператори доставиле валидни понуди, а отворањето поминало без никакви проблеми. „Официјалната одлука за победникот на тендерот ќе се знае во првите денови по Нова година, до кога ќе бидат комплетно евалуирани понудите. Главниот критериум во евалуацијата ќе биде цената што ја нудат операторите според три критериуми, во национален сообраќај, во роаминг и во меѓународен сообраќај“, информира Буковски.Тој нагласи дека победникот на тендерот ќе опслужува разговор за 3.300 броеви во Владата и другите органи од државната управа. Горан Андревски, директор на правна регулатива во „Космофон“, изјави дека неговата компанија повторно дала најдобра понуда за услуги во мобилната телефонија за Службата за заеднички и општи работи на Владата. „Очекуваме во наредните две години, како и досега, да останеме провајдер за услуги на Владата. ’Космофон‘ уште еднаш се докажа како технолошки лидер во мобилната технологија и очекуваме така да остане“, изјави Андревски. Победник на минатогодишниот тендер беше „Космофон“, кој тогаш понуди најевтин телефонски импулс.

Извор: (30.12.08). „Космофон“ пак најевтино за административците. Утрински Весник.

Вест: Досие Тониќ на Именденска бб

Случајот писмо на Слободан Томиќ до Премиерот Никола Груевски, објавено на Интернет, како пример на сервилно новинарство мотивираше и други изрази на јавно мислење преку хумор за работата на Владата. Така еден блогер со псевдоним "рибаро" ги искористил завршните сцени од филмот "Последните денови на Хитлер" и со превод на македонски се исмејува на состојбата со медиумите во Македонија. Клипот блогерот го пуштил на познатиот интернет сајт "Јутјуб".Во наводното писмо, авторот Томиќ го нарекува Груевски "пастир" на македонскиот народ и му се заблагодарува што го прифатил интервјуто за неговата емисија "Гласот на народот" која се емитува на јавниот сервис МТВ.Емисијата закажана за во саботата, сепак, не се емитуваше, иако имаше целодневни најави. Од Владата објаснија дека премиерот ниту потврдил учество во емисијата, а рекоа и дека во тој термин имал други обврски. Во клипот со наслов "Досие Именденска бб", кој е пуштен на Интернет, Хитлер прашувајќи каде Јанкуровска ги собира околу себе блиските соработници Боцепски, Ставрепски, Славепски и ги обвинува дека не сработиле добро тоа што требало, па им вели:"Викнете ја Јанкуровска да ги најде интернетџиите?", но добива одговор дека таа си ја повредила раката садејќи дрвца."Каде се сега платените медиуми? Каде е мајчиниот портпарол Бичиклипски? Сигурно цмиздри некаде? Да се мобилизираат веднаш МРТВ, Сител и Вечер! 24/7 исполнуваме. А што исполнувате вие позери?", им вели Хитлер.Потоа приказната продолжува:"Каде се сега Латас, Ивона, Миленко и другите придружни сателити? Очајно ми требаат, да ми ги донесете одма. Инаку ќе ги избришам од платниот список".Потоа монологот на Хитлер оди вака:"Што ќе кажувам сега во 'Гасот на Народот', а да не се избламирам. Смислил Тониќ цело сценарио за емисијата, го видов. Ќе воспоставел линк и со нашите во Германија? Фино скоцкана лага за глупавиов народ да зајдува. Ама недоветен е тој Тониќ. Што мислел кога му го давал сценариото на Бичиклипски. Како сега да се вадам пред народов? ", вели Хитлер и му наредува на Ивица да им даде лопати на Тониќ и на Бичиклипски и да ги прати да садат дрвца. Ваков сличен клип со истите сцени од филмот за Хитлер на Интернет се вртеше и за хрватскиот премиер Иво Санадер, а во Србија за претседателот на радикалите Воислав Шешељ.

Извор: Д.Д. (30.12.2008). Досие Тониќ на Именденска бб. Вест.

недела, 28 декември 2008 г.

Утрински: Во 2008 ќе се избере четврт мобилен оператор

Избор на тендер за четврт мобилен оператор, почнување на постапката за дигитализација на терестријалната телевизија, либерализација во железничкиот сообраќај, давање под концесија на двата аеродрома, изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица од Коридорот 10.

Ова се само дел од зацртаните проекти на Министерството за транспорт и врски за 2008 година кои вчера ги најави министерот за транспорт и врски при отчетот што е сработено годинава и кои се приоритетите за идната година.

Влегувањето на четврт мобилен оператор во државава, според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ќе следува откако ќе заврши тендерот за 3Г- технологијата, затоа што тоа е приоритет. Дури потоа ќе се распише тендерот за четврт мобилен оператор.

На повикот од Агенцијата за електронски комуникации се пријавиле 4 странски и 2 домашни компании.

Либерализацијата во железницата е обезбедена со донесувањето на сите клучни закони, така што од идната година сите компании кои ги исполнуваат условите можат да вршат транспорт на стока и патници.

Предлогот за дигитализација на терестријалната телевизија ќе се најде на една од наредните владини седници, по што во јануари ќе се распише тендер за почнување на постапката. За изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица преку грчкиот план за економска обнова на Балканот се обезбедени над 50 милиони евра.

В.Г. (28.12.2008). Во 2008 ќе се избере четврт мобилен оператор. Утрински.

вторник, 23 декември 2008 г.

Дневник: Јужна Африка ни е поблизу со „Т-мобиле“

Македонската фудбалска репрезентација во „Т-мобиле“ доби партнер што ќе помогне за да извади виза за Јужна Африка, домаќинот на завршницата од СП во 2010 година. Челниците на ФФМ застапувани од претседателот Харалампие Хаџи-Ристески и двоецот директори кај водечкиот мобилен оператор во нашата земја, Мајкл Лоренс и Жарко Лукоски, потпишаа договор со кој прво една година меѓусебно ќе се тестираат. - Во овој момент средствата што ќе бидат одвоени за подобри услови за работа на репрезентацијата и не се толку важни. Поважно е што се создава клима и меѓусебна доверба за подолгорочна соработка. Фудбалската репрезентација е најголемиот спортски бренд на домашната сцена, а нашиот партнер е број еден во својата област. Заеднички ќе создаваме услови за да обезбедиме учество на СП. Имаме потенцијал за такво нешто. Шансите во групата не се загубени. Вистинските натпревари допрва претстојат - рече Хаџи-Ристески, откако си честитаа за договорот со новите партнери. Сумата пари со кои ќе биде помогната македонската репрезентација двете страни не ја соопштија. - Нашата компанија одвојува средства за развојот на спортот. На овој начин им возвраќаме за довербата на македонските граѓани што ги користат нашите услуги. Фудбалот е најинтересниот спорт и затоа сакаме да му помогнеме да постигне поголеми резултати - рече во кусото обраќање Мајкл Лоренс, главниот извршен директор во македонскиот „Т-мобиле“. За успешна 2009 година ФФМ и „Т-мобиле“ наздравија со шампањско, а претходно си разменија пригодни подароци. Договорот беше официјализиран во присуство на македонските репрезентативци Игор Митрески, Влатко Гроздановски и Александар Васоски. Претходно ФФМ потпиша договор за соработка со „Тојота“, од која доби на користење автомобил „јарис“.

Извор: (23.12.08). Јужна Африка ни е поблизу со „Т-мобиле“ . Дневник.

понеделник, 22 декември 2008 г.

Вечер: Телекомуникациите ќе преживеат

Глобалната економска криза ќе има ефект врз македонската економија, но таа нема силно да се одрази врз телекомуникацискиот бизнис. Вака размислува главниот извршен директор на Македонски телеком, Николај Бекерс, кој очекува во 2009 година, во услови на економска криза, граѓаните да продолжат во иста мера да ги користат телекомуникациските услуги, во чиј развој компанијата планира да инвестира значителни средства. Сепак, кај него превладува претпазливост во однос на тоа каква година ќе биде 2009. - Искрено кажано, јас сум многу претпазлив бидејќи во светот има "силна бура", што во голема мера има влијание на САД, Западна Европа и на останатиот свет. Да се надеваме дека ефектот врз Македонија нема да биде силен. Јасно е дека некаков ефект ќе има, но мислам дека Македонија се наоѓа во добра позиција и со соодветни економски мерки може да се стабилизра состојбата и да се минимизираат ефектите од кризата. Потребно е да се направат соодветни подготовки за 2009 година - смета Бејкерс.
Според негово мислење, засега не може доволно да се истакне сериозноста на глобалната криза. Сепак, тој посочи на примерот на Индонезија во која работел во телекомуникациите во периодот 1997-1998 година, за време на големата азиска економска криза. - Индонезија претходно беше просперитена земја во развој, но кога настапи кризата, валутата падна за 80 проценти и сиромашните луѓе странаа многу сиромашни и имаше навистина тешки проблеми во земјата. Зачудувачки, нашиот телекомуникациски бизнис успеа да опстои, наспроти кризата. Имавме проблем, бидејќи бевме финансирани во американски долари, но општо земено, бизнисот функционираше навистина добро - вели Бејкерс..
Имајќи го предвид индонезискиот пример, Бејкерс, во поглед на телекомуникациите, од моменталнава криза не гледа никаков проблем. - Луѓето и сега се навикнати на потребата на мобилни телефони, да имаат пристап до интернет. Прочитав студии за економската криза во различни земји - Филипини, Кенија, Украина и други земји за односот помеѓу пушењето и користењето на телекомуникациските услуги. Во услови на криза, луѓето во овие земји се уште користеа телефонски услуги во иста мера, но затоа пушеа помалку - вели Бејкерс.
И покрај кризата која се очекува да трае и во цела 2009 година, Бејкерс вели дека нема да се откажат од планираните инвестиции, како што е проектот за оптички кабел до дома, во 3-Г технологијата во мобилната телефонија. - И нешто ексклузивно. Во 2009 година ќе промовираме интерактивни услуги, ќе се обидеме да влеземе во бизнис сегментот што е поразлично од сегашниот тип на работа. Телекомуникациите и интернетот се многу брзи технолошки процеси, така што треба многу да се биде внимателен и флексибилен, да не се премине границата - нагласува Бејкерс.

Извор: Светлана Блажевска. (22.12.08). Телекомуникациите ќе преживеат. Вечер.

сабота, 20 декември 2008 г.

Дневник: „Ало“ без претплата секој втор месец

Корисниците на фиксната телефонија „Ало“ кои до 31 декември ќе склучат договор на 36 месеци ќе може во наредните три години секој втор месец да зборуваат без месечна претплата. Корисниците, пак, кои ќе изберат договор на 24 месеци, добиваат можност за разговори без месечна претплата секој втор месец во наредната година.Услугата „Ало“ почна да се нуди во јуни годинава, со што мобилниот оператор „Космофон“ го прошири опсегот на работењето и во сферата на фиксната телефонија.

Извор: (20.12.08). „Ало“ без претплата секој втор месец. Дневник.

Утрински: Космофон со плус поволности за „Ало“

Сите нови корисници на „Ало“ добиваат уште една можност за разговори без претплата. Корисниците на „Ало“ кои ќе се активираат до 31 декември годинава и ќе склучат договор на 36 месеци добиваат единствена можност во наредните три години секој втор месец да зборуваат без месечна претплата.

Извор: Ек.Р. (20.12.08). Космофон со плус поволности за „Ало“. Утрински Весник.

петок, 19 декември 2008 г.

Вест: Турк телеком достави понуда за Космофон

Турската телекомуникациска компанија "Турк телеком" достави прелиминарна необврзувачка понуда до грчки ОТЕ за купување на мобилниот оператор Космофон, информираше турската компанија. Во информацијата што "Турк телеком" ја достави до Берзата во Инстанбул нема други детали за понудата. "Турк телеком" на 1 декември објави дека ја ангажирал компанијата ЈП Морган како консултант во обидот за купување на Космофон, фирма ќерка на грчки ОТЕ, чиј сопственик е Дојче телеком.Интерес за Космофон досега искажаа и Телеком Австрија и Телеком Словенија. Грчки ОТЕ очекува од продажбата на Космофон, што треба да заврши во првите три месеци од 2009 година, да инкасира од 250 до 300 милиони евра. Со влезот на Дојче телеком во грчки ОТЕ, во Македонија се создадоа услови за враќање на монополот на германскиот оператор кој управува со Македонски телеком и Т-Мобиле Македонија, поради што и Комисијата за заштита на конкуренцијата неодамна наложи продажба на Космофон. Според бројот на претплатници во земјава Космофон е втор по големина оператор и заедно со Т-Мобиле покриваат речиси 90 отсто од пазарот. Единствена конкуренција е третиот оператор Вип, кој покрива над 10 отсто од пазарот

Извор: Т.Ј. (19.12.08). Турк телеком достави понуда за Космофон. Вест.

Вечер: Турк Телеком доставил прелиминарна понуда

Турската телекомуникациска компанија Турк Телеком соопшти дека поднела прелиминарна понуда за купување на македонскиот мобилен оператор Космофон.
Во соопшението доставено до Берзата во Истанбул се вели дека прелиминатрната понуда била дадена завчера, но не се наведуваат други детали.
Турк Телеком на 1 декември објави дека ја ангажирал компанијата ЏиПи Морган како консултант во обидот за купување на Космофон, фирма-ќерка на грчки ОТЕ, чиј сопственик е Дојче Телеком.
Интерес за Космофон искажаа и Телеком Австрија и Телеком Словенија. Според македонските антимонополски закони, Космофон мора да ја смени сопственичката структура по преземањето на ОТЕ од Дојче Телеком, бидејќи со тоа германскиот телекомуникациски гигант, кој е сопственик и на Т-Мобиле, би имал монополска позиција во Македонија.

Извор: (19.12.08). Турк Телеком доставил прелиминарна понуда. Вечер.