понеделник, 31 декември 2007 г.

Вест: Космофон ги победи Т-мобиле и ВИП

Космофон победи на првиот јавен повик за избор на мобилни услуги за Владата и државната администрација во текот на 2008 година. Владиниот портпарол Ивица Боцевски вели оти изборот значи дека премиерот, министрите, како и сите владини служби ќе добијат нови службени броеви од Космофон. Боцевски не знае како ќе следува префрлањето на мрежата на Космофон, ниту пак, има коментар на фактот што постапката ќе беше олеснета ако Агенцијата за електронски комуникации ја воведеше услугата преносливост на броеви, која овозможува корисникот со бројот да го задржи и повикувачкиот префикс од старата мрежа, а сметките да ги добива од Космофон. Боцевски објасни дека Космофон ќе опслужува од 900 до 1.200 вработени во државната администрација, кои користат службен мобилен телефон.
Понудената месечна претплата изнесува: ВИП- 4.484 денари, Космофон - нула денари, а Т-Мобиле - 1.769 денари, воспоставување повик: ВИП - нула денари, Космофон - 3,54 денари и Т-Мобиле - 4,72 денари, а една секунда разговор: ВИП - 0,051 денар, Т - Мобиле - 0,059 денари и Космофон - 0,039 денари.

Извор: Т.Ј. (31.12.2007). Космофон ги победи Т-Мобиле и ВИП.
Вест.

недела, 30 декември 2007 г.

Утрински: Администрацијата ќе зборува од мрежата на „Космофон“!?

Владата ќе ги користи услугите на вториот мобилен оператор „Космофон“ во наредната година. Ова го изјавија вчера од „Космофон“ откако тендерската комисија при владината Служба за општи и заеднички работи ги отвори понудите пристигнати на тендерот со кој се бира мобилен оператор за јавната администрација во 2008 година. Комисијата не соопшти официјално кој е победникот. Името на компанијата чии услуги ќе ги користат административците Владата најави дека ќе го соопшти денеска, иако од „Космофон“ веќе се пофалија дека нивната понуда е најдобра.

„Нашата понуда е 2 денара за минута разговор и 0,9 денари за СМС, без месечна претплата, што не е случај кај другите оператори. Според критериумите што ги видовме, веруваме дека ќе бидеме избрани и ќе имаме дел од колачот на Владата“, изјави вчера Емилија Трајковиќ- Христова, директор на одделот за односи со јавност.

Од „Т-мобиле“ вчера не сакаа да коментираат ништо, додека од ВИП кои почнаа со работа пред неколку месеци, ја поздравија иницијативата на Владата прв пат да ја набави услугата за мобилни јавни комуникациски услуги по пат на распишување тендер.

Според критериумите во владиниот тендер, најповолната понуда ќе биде избрана врз основа на три критериуми - цената на секунда појдовен национален сообраќај, цената на роамингот и на СМС и ММС-пораките. Цената на разговорите ќе биде бодирана со 55 поени, 30 поени ќе добие цената на роамингот и 10СМС или ММС-пораките.

Извор: В.Г. (30.12.2007). Администрацијата ќе зборува од мрежата на „Космофон“!?. Утрински.

Вест: Телевизиите се смирија со кабелците

Советот за радиодифузија вчера од Агенцијата за електронски комуникации воопшто не побара запечатување на кабелските оператори кои немаат регистрирано дозволи за пренос на програмите на домашните телевизии. Напротив, Советот вчера ги покани двете асоцијации АПЕММ и СИЗ МК НЕТ кај него за да се смират, иако завчера домашните ТВ куќи и кабелските оператори отворија јавна војна.
" АПЕММ и СИЗ МК НЕТ постигнаа согласност воследните 60 дена кабелските оператори да продолжат со реемитување на програмите на членките на АПЕММ, односно телевизиите кои емитуваат програма на национално ниво - А1, Телма, Канал 5, Сител и Алсат М и скопските телевизии ЕРА, Скајнет и АЛФА. Паралелно ќе течат преговорите", информираа вчера од Советот за радиодифузија.
Претседателот на Советот Мирче Адамчевски објасни и дека на кабелските оператори им најавил дека по празниците ќе направат мониторинг на програмите што ги реемитуваат и доколку се утврдат прекршоци ќе ги казнат. Советот го поддржува барањето на АПЕММ кабелските оператори да прекинат да реемитуваат странски програми со хрватски, српски или бугарски превод бидејќи тоа е во спротивност со Законот за радиодифузија.

Извор:Т.Ј. (30.12.2007). Телевизиите се смирија со кабелците. Вест.

сабота, 29 декември 2007 г.

Дневник: Жестока битка за владините мобилни телефони

По вчерашното отворање на понудите на трите мобилни оператори, претставници на „Космофон“ изјавија дека нивната понуда е најдобра

Космофон очекува да победи на јавниот оглас за избор на мобилен оператор чии услуги ќе ги користат Владата и вработените во органите на државната управа. По вчерашното отворање на понудите на трите мобилни оператори, претставниците на „Космофон“ изјавија дека нивната понуда од два денара за минута разговор и 0,9 денари за СМС-порака и без месечна претплата е за 30 отсто подобра од едниот оператор, а за 50 отсто од другиот конкурент.Дознаваме дека „Т-мобиле“ понудил три денари за минута разговор со 1.500 денари месечна претплата, а понудата на „Вип“ била 2,6 денари за минута со 3.800 денари за месечна претплата. Според критериумите од јавниот повик, цената за секунда разговор учествува со 55 отсто во вкупната оценка на понудата, цената на СМС со 10 отсто, а цените за роаминг со пет отсто. Името на победникот на јавниот повик официјално ќе биде познато денеска.

- Веруваме дека од 1 јануари дел од државните службеници ќе станат наши претплатници. Иако рокот беше краток, мило ни е што Владата го распиша повикот со што ни овозможи да потврдиме дека сме оператор што секогаш доаѓа со најдобри, најконкурентни и најекономични понуди на пазарот. Според критериумите, веруваме дека ќе бидеме избрани и ќе имаме дел од колачот на Владата - изјави Емилија Трајковиќ-Христова, директорка за односи со јавноста во „Космофон“.

Во „Т-мобиле“ вчера немаа коментар за јавниот повик. Претставниците на „Вип“ ја поздравија иницијативата на Владата првпат да распише ваков јавен оглас, но истакнаа дека во иднина очекуваат постапката да биде потранспарентна и според Законот за јавните набавки.

Владата ќе потпише едногодишен договор за користење услуги за мобилна телефонија со избраниот оператор. Станува збор за договор со кој државата се обврзува да земе најмалку 1.200 броеви за мобилен телефон. Според податоците од Службата за општи и заеднички работи на Владата, оваа година на околу 4.000 државни службеници од буџетот им биле плаќани разговорите на мобилен телефон. Најмногу службени мобилни телефони има во Министерството за внатрешни работи - 1.750. Во Министерството за одбрана се користат 624 службени мобилки. Собранието плаќа за 201 службен мобилен телефон, кои ги користат пратениците и службите. Владината Служба за општи и заеднички работи на 220 вработени им дала мобилен телефон. Во Царинската управа службен телефон користат 145 лица, а во Управата за јавни приходи на 90 вработени им се плаќаат мобилните. Во Министерството за надворешни работи има 66 корисници на службен телефон, а во финансии 59. Кај Народниот правобранител 14 луѓе имаат право да разговараат на државна сметка.

Секоја институција определува лимит за телефонската сметка на корисниците на службен мобилен. Во просек таа се движи од 50 до 100 евра, а за раководителите, пратениците и министрите тој е многу поголем. Грубите процени покажуваат дека годишно од буџетот се трошат околу 50 милиони евра за мобилна и за фиксна телефонија.

Досега 99 отсто од државните органи користеа службени телефони од „Т-мобиле“, но договорот со Владата им истекува на 31 декември. Владата планира в година да распише јавен оглас и за фиксната телефонија или да ги поврзе државните броеви преку сопствена телефонска централа.

Извор: Марјан Блажевски. (29.12.2007). Жестока битка за владините мобилни телефони. Дневник.

Нова Македонија: Најбрз раст на интернет комуникациите

Две-третини од македонската популација поседува фиксна телефонска линија, повеќе од 70% има мобилен телефон, а секој петти Македонец користи интернет.
Според податоците на Државниот завод за статистика, годинава зголемен е бројот на корисници на мобилен телефон, како и употребата на компјутер и интернет во споредба со 2006 година.
Најбројни корисници на мобилен телефон и на интернет се младите на возраст од 15 до 24 години.
Најголем дел од популацијата никогаш не користи јавни телефони, а помал дел користат само неколкупати годишно, месечно или седмично.
Во поглед на користењето на интернет Македонија е меѓу земјите со најбрз раст на бројот на корисници, но и натаму заостанува зад европските стандарди и повеќето свои соседи.
Бројот на интернет корисници во Македонија во изминатите седум години е зголемен за 1.210%, односно од 30.000 во 2000-та на околу 400.000 во 2007 година.
Од земјите во регионот Македонија е пред Албанија и Србија, а зад Хрватска, Грција, Бугарија и Босна и Херцеговина.
Во светот денес има вкупно околу четири милијарди претплатници на фиксна и мобилна телефонија од кои 2,68 милијарди користат мобилен телефон.
Интернет во светот користат околу 1,25 милијарди, најмногу во САД - 211 милиони, Кина - 162, Јапонија - 86 и во Германија - 50 милиони.

Извор: (29.12.2007). Најбрз раст на интернет комуникациите. Нова Македонија.

петок, 28 декември 2007 г.

Вечер: Четврти мобилен, сепак, ќе има

Владата останува на намерата во земјава да донесе четврти мобилен оператор. Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески тоа ќе се случи во текот на идната година, бидејќи за четврти оператор во мобилната телефонија интерес покажале повеќе правни лица. Тој не прецизираше кога и под кои услови ќе биде распишан тендерот. Јанакиески најави дека во јануари, Агенцијата за електронски комуникации ќе распише јавен повик за прибирање понуди за заинтересирани компании кои сакаат да добијат мултиплекс за нудење услуги на дигитална телевизија. Тој најави дека Министерството е подготвено од 1 јануари да ги прими сите домашни или странски оператори, што ќе покажат интерес да вршат транспорт во патниот и железничкиот сообраќај.

- Нема да се распишува тендер, туку заинтересираните оператори ќе треба да исполнат точно утврдени критериуми и законски услови за да можат да работат на македонскиот пазар - истакна Јанакиески на вчерашната средба на која ги презентираше резултатите од работењето на Министерството во годинава што изминува.

Според него, почнати се клучните реформи во воздухопловството и до крајот на март идната година мора да заврши трансформацијата на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Јанакиески вели дека законската рамка за спроведување на овој процес е направена и е избрана компанија која врши проценка на имотот.

- Токму доцнењето со трансформацијата на Агенцијата беше една од забелешките од Европската комисија. Во изминатиов период направивме вработување на лицата што работеа по договор на дело, а направивме и некои подобрувања во делот на безбедносните мерки на двата аеродроми - потенцираше Јанакиески.

Тој го повтори ставот дека многу внимателно ќе пристапат кон препораките на Европската комисија во делот на укинувањето на концесиските договори со телекомуникациските оператори. Јанакиески рече дека за еден таков смел чекор веќе се прават анализи, со цел Македонија да не плаќа пенали ако направи еднострано раскинување на договорите.

Во буџетот на Министерството во 2008 година се предвидени 2 милиони евра, што ќе бидат дадени на општините, како помош да направат урбанизација на нивната територија, со цел да се подготва..т услови за привлекување на инвеститори.

Извор: С. Бл. (28.12.2007). Четврти мобилен, сепак, ќе има. Вечер

Време: Корисниците на „Телекабел“ останаа без програмата на А1

Корисниците на услугите на кабелскиот оператор „Телекабел“ и на уште неколку оператори во земјава вчера не можеа да ја следат програма на националната телевизија А1. Главна причина за симнувањето е во тоа што операторите не сакаат да ги прифатат условите за реемитување на програмата на оваа национална ТВ-куќа. Во Асоцијацијата на приватни електронски медиуми на Македонија (АПЕММ) најавуваат дека овие оператори немаат право да ги реемитуваат програмите на ниту една од петте национални телевизии во земјава и дека поради тоа е извесно дека ќе мораат да престанат да ја реемитуваат програмата и на останатите четири национални телевизии, како и на уште три локални ТВ-куќи од Скопје. - АПЕММ ги застапува петте национални телевизии и уште три скопски телевизии во преговорите за реемитување со кабелските оператори во земјава. „Телекабел“ и уште неколку оператори вчера престанаа да ја реемитуваат програмата на А1. Меѓутоа операторот „Кејблтел“ и повеќе останати оператори со кои имаме постигнато привремени договори за реемитување продолжија да ја емитуваат програмата на оваа телевизија. Писмено го известивме Советот за радиодифузија дека „Телекабел“ и другите оператори немаат право и согласност да ја реемитуваат програмата на овие телевизии - вели Виктор Грозданов, прв човек на АПЕММ.
Неофицијално дознаваме дека Советот за радиодифузија ќе и наложи на Агенцијата за електронски комуникации да им забрани на овие оператори да ја реемитуваат програмата на приватните националните телевизии. Грозданов информира дека овие оператори не сакаат да ги прифатат условите за реемитување.
- Не станува збор за висината на надоместокот за реемитување. Постојат повеќе услови, а еден од главните е операторите да престанат да реемитуваат странски канали со преводи - вели Грозданов. Дарко Перушевски, директор на А1, вели дека пред еден месец петте приватни национални телевизии го овластиле АПЕММ во нивно име да преговара со операторите околу постигнување договори за реемитување на програмата.
- Со некои беа веднаш постигнати привремени договори за реемитување, меѓутоа одредени оператори не сакаат да ги прифатат условите и сакаат да се служат со закани и уцени. Програмата на А1 и пред се информативните емисии беа симнувани од операторите и порано, како за време на изборите во 2002 година и во неколку други прилики. Ние нема да се согласиме некој да не уценува околу начинот на кој би требало да се реемитува програмата на А1 - вели Перушевски.

Извор: В.Н. (28.12.2007). Корисниците на „Телекабел“ останаа без програмата на А1. Време

среда, 26 декември 2007 г.

Дневник: Владини компјутери за бизнис-центар во Куманово

Министерството за економија вчера донира 15 компјутери на бизнис-центарот во Куманово, јави МИА.

- Новите компјутери ќе овозможат мрежно поврзување на кумановскиот со другите бизнис-центри во Македонија. Компјутерите може да ги користат и граѓаните што се заинтересирани за отворање сопствен бизнис - изјави министерката за економија Вера Рафајловска.

Таа најави отворање на бизнис-центри и во други градови во земјава.

Компјутерите се наменети за бизнисмените да се информираат за новите можности за кредитирање на деловните активности и за поволностите што ги нуди Владата.

Новата програма на Владата нуди финансиска помош при отворање нови бизниси. Владината поддршка се движи од 3.000 до 15.000 евра.

Министерката Рафајловска посочи дека македонските фирми преку информативните програми може да аплицираат за европски проекти и да се поврзат со компании од земјите-членки на Европската Унија.

Средствата за оваа програма не се ограничени, а се наменети за проекти во енергетиката и во информатичкото општество. Во наредниот период Министерството за економија ќе подготви проект со кој ќе се едуцираат бизнисмените за да можат да ги користат парите.

Ивор: (26.12.2007). Владини компјутери за бизнис-центар во Куманово. Дневник.

Дневник: Со размена на информации против корупцијата

Размена на информации, координирани активности, помош при откривање случаи на корупција и на судир на интереси, стручна соработка и заеднички тимови за поефикасна борба против корупцијата, предвидува Протоколот за соработка што вчера го потпишаа антикорупциската комисија и уште десет државни институции. Потписници на Протоколот се УЈП, Јавното обвинителство, Државното правобранителство, Судскиот совет, МВР, Државниот завод за ревизија, Царинската управа, Финансиската полиција, Дирекцијата за спречување на перење пари и Државниот завод за геодетски работи, но тој е отворен и за други институции.

- Иницијатор за потпишувањето на Протоколот е антикорупциската комисија, а целта е да се регулира начинот на соработка водејќи сметка за специфичностите на сите институции и за неговата спроведливост во праксата. Целта е со размената на информациите и можноста за брз и целосен увид во нив да се засили борбата против корупцијата - изјави претседателката на антикорупциската комисија, Мирјана Димовска.

Според Протоколот, потписничките ќе ги разменуваат информациите по писмено барање, освен во итни случаи, кога барањето може да биде и усно. Во итни случаи бараните информации треба да се достават во рок од 15 дена, а институцијата што ги добива податоците е должна да извести за исходот на случајот. Институциите може и да одбијат да дадат информации, но мора да образложат зошто.

- Со ова ќе се надминат ситуациите кога со месеци се чекаат информации од институција - вели Димовска.

Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, рече дека очекува уште поефикасна соработка иако и досега Управата соработувала со антикорупциската комисија во случаи на недоставување анкетни листови од вработени во Царината, со УЈП за испитување на имотот, со Финансиската полиција за откривање незаконитости во Царината и кај трговските друштва и со други институции.

Извор: ННС. (26.12.2007). Со размена на информации против корупцијата. Дневник.

вторник, 25 декември 2007 г.

Нова Македонија: ФЗОМ воведе интегриран информатички систем

Осигурениците ќе добијат побрза и поквалитена услуга, пократко време за исплата на боледувањето, два пати месечно, и рефундирање на нивните средства, со интегрираниот информатички систем кој го воспостави Фондот за здравствено осигурување.
Како што најави директорот на ФЗОМ, Ѓорѓи Тренковски, овој систем ќе овозможел целосна контрола на работењето на сите подрачни служби и намалување на можностите за корупција.
„Со ова ќе и се нанесе удар на корупцијата и не ќе може да се прават различни исплати за иста работа “, рече Тренковски.
Системот овозможува и брз и сигурен пристап до податоците како и квалитетна и посебна грижа за заштита на доверливоста на личните податоцина осигурениците. 27 од 31 локација на ФЗОМ биле информатички поврзани со централата.Оваа година биле купени 430 нови компјутери , пет нови сервери и инфраструктурна опрема.
Проектот бил реализиран од кредитот земен од Светска Банка, во износ од 2 милиони долари, од кои 500.000 биле искористени за купување на комплетна опрема.
НЕОКОМ е фирмата која ќе го спроведува проектот, а била избрана на тендер распишан од Светска банка во 2001 година.
До 2010 година се очекува целосна имплементација на проектот, а крајната цел е воведување на електронска здравствена картичка и систем на плаќање по ДРГ нормите.

Извор: (25.12.2007). ФЗОМ воведе интегриран информатички систем. Нова Македонија.