среда, 19 септември 2007 г.

Нова Македонија: Телеком да ги врати парите на граѓаните!

Граѓанското здружение Отпор, со седиште во Штип, ги засилува своите активности. Најавуваат нови тужби против Македонски телекомуникации. Охрабрени се од последната одлука на Комисијата за заштита на конкуренцијата, која констатира дека Телеком нема законска подлога да ги наплаќа манипулативните трошоци на претплатниците. Изречената казна на Телеком од страна на државната комисија за заштита на конкуренцијата, Отпор бара парите од казната да им се вратат на граѓаните.Според еден од лидерите на Отпор, Јанко Стојковски, сега се очекува и судот да донесе позитивни одлуки по поднесените тужби против Телеком. Судската власт ќе треба да ја има предвид и одлуката на државната комисија за заштита на конкуренцијата, вели Јанко Стојковски.Во наредните денови Отпор најавува кампања и преку медиумите за, како што велат, незаконитото работење на Телеком и за обештетување на граѓаните. Ќе се бара и поддршка од медиумите, кои би требало, како што велат во Отпор, да ја поддржат нивната акција, која е во интерес на сите граѓани.

Извор: К. Манев. (19.9.07). Телеком да ги врати парите на граѓаните!. Нова Македонија.

вторник, 18 септември 2007 г.

Дневник: Камерите во болниците ја нарушуваат приватноста

Има места во болницата на кои не смее да се постават камери, зашто може да се наруши приватноста на пациентите, смета Дирекцијата за заштита на лични податоци. Таа не дала согласност за снимањето, како што изјавија од Министерството за здравство, но не е против оваа мерка ако со неа се подобруваат здравствените услуги.
- Сметаме дека камерите сепак се премногу агресивно средство за да се постигне саканата цел. Никако не смеат да се снимаат шалтери и други чувствителни места во болницата, бидејќи може да се наруши приватноста на пациентите. Ќе предложиме, ако е можно, со камерите да се постигне таква резолуција на снимката со која нема да може да се идентификуваат пациентите - вели директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, најави дека ќе се снимаат влезови, шалтери и чекалници во болниците, односно сите места што и сега се јавни. Во врска со одлуката за поставување видеомониторинг во сите јавни здравствени установи, министерот за здравство Имер Селмани објаснува дека тоа е пракса во сите болници во светот, но нагласува дека нема да се снимаат местата каде ќе што се врши преглед на пациенти.

Во Дирекцијата велат дека досега никој од Министерството не им се обратил за мислење.

Паричните казни за повреда на личните податоци се од 50.000 денари, за физички, до 300.000, за правни лица.

- Бидејќи сме се' уште во транзиција, казните за повреда на личните податоци ќе се изрекув

Извор: Љ.Б. (18.9.07). Камерите во болниците ја нарушуваат приватноста. Дневник.

Нова Македонија: Македонија прва ќе обезбеди компјутер за секој ученик

Македонија станува првата земја во светот што ќе обезбеди компјутер за секој ученик преку кампањата на македонската Влада „Компјутер за секое дете“ што започна на почетокот на училишната година, пренесуваат светските портали и дел од медиумите.
Најамбициозниот потфат на македонската Влада кој што е преземен досега, ќе ги стандардизира сите училишта околу единствена технолошка платформа „Компјутер за секое дете“, проект на македонското Министерство за образование и наука, согласно кој ќе бидат инсталирани 180.000 работни станици овозможени преку НЦомпутинг, што ќе овозможи секој ученик од основно и средно училиште да се обезбеди со сопствен компјутер во училницата, пренесуваат светските портали.
“Иницијативата „Компјутер за секое дете“ е најголемиот и најважен образовен проект преземен во 15-годишната историја на независна Македонија. Нашата цел е да изградиме економија базирана врз знаење во која целокупната работна сила ќе биде едуцирана да да ја користи информатичката и комуникациската технологија во наредните пет години, ја пренесува германскиот портал „Ад-хок Њуз“ изјавата на македонскиот министер без ресор задолжен за информатичко општество Иво Ивановски. Според него, како што објавува германскиот портал, „како и многу училишни системи во светот, така и македонскиот образовен систем сепак има ограничени финансиски и инфраструктурни извори за да одговори на предизвикот“. Со прифаќање на компјутерската технологија со ниски трошоци НЦомпутинг, Македонија ја презема водечката улога во обезбедувањето компјутерско образование за училишните деца.

Извор: (18.9.2007). Македонија прва ќе обезбеди компјутер за секој ученик. Нова Македонија.

вторник, 21 август 2007 г.

Вечер: За пиратите казна и до 10.000 евра

Со новиот предлог-закон за именување и дополнување на Законот за авторско право и сродните права, надлежностите околу неправилностите при дистрибуцијата, производството, репродукцијата, ускладувањето и снимањето на компјутерските, музичките и аудиовизуелни носачи на тон и слика ќе ги врши Државниот пазарен инспекторат, односно Министерството за внатрешни работи. Со оваа измена, како што велат од Министерството за култура, се прави чекор понатаму кон спогодбата за стабилизација и асоцијација. Со префрлањето на надлежностите во МВР на Министерството за култура му останува надлежноста за надзор кон колективните здруженија, односно културните институции.

Секој кој би ги прекршил авторските права ќе подлежи на глоба - минимален износ за правно лице е 2,5 илјади евра, а максимален до 5.000 евра. Зголемени се и износите за законскиот максимум за користољубие, кој изнесува 10.000 за правно лице и 6.000 евра за физичко лице, како и одговорните - трговец поединец и поединец кој врши самостојна дејност. Тоа би значело дека било кој вид пиратерија би можело пиратите да ги чини и 6.000 евра. Минималната глоба за физичко лице е зголемено на 1.000 евра, односно 1.500 евра на одговорното лице на правниот субјект , додека максимумот изнесува и до 3.000 евра.

Со заложбите на Владата за забрзување на административните постапки намален е рокот за давање согласност на актите на здруженијата за колективно остварување на 30 дена.

Извор: Б.Г. (21.8.2007). За пиратите казна и до 10.000 евра. Вечер.

Време: Избрани најдобрите фирми за интернет-пристапот вајмакс

По повторениот тендер за доделување лиценци за интернет-пристапот вајмакс се определени најповолните понудувачи за шесте региони на територија на Македонија, јавија од Агенцијата за електронски телекомуникации. Доделени се вкупно 18 одобренија, и тоа по три за секој регион. Фирмите „Неотел“ и „Истел“ од Скопје добија лиценци за сите шест региони, „Космофон“ за првиот, четвртиот, петтиот и шестиот регион, „Мател“ од Скопје за вториот регион и „РЖ Услуги“ АД Скопје за третиот регион. Директорот на Агенцијата за електронски телекомуникации треба да ги издаде одобренијата за користење радиофреквенции за фиксен безжичен пристап најдоцна до 23-ти идниот месец. Лиценците се доделуваат на времетраење од 10 години, со право на продолжување.

Извор: Р. П. (31.8.2007). Избрани најдобрите фирми за интернет-пристапот вајмакс. Време.

Време: Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво

Девет компании со 30 понуди учествуваат во трката за добивање одобренија за нудење безжичен интернет-пристап (ЊиМаџ) на регионално ниво. На вчерашното јавно отворање на пристиганите понуди во Агенцијата за електронски комуникации беше констатирано дека сите доставени понуди се со комплетна документација. АЕК, во согласност со објавениот тендер, доделува по три лиценци во шест региони во државава. Одделни понуди за сите региони доставија домашните компании „Неотел“ и „Истел“. Понуди за првиот, вториот, третиот, четвртиот и за петтиот регион има и од „Мател МК“ ДОО Скопје, а мобилниот оператор „Космофон“ конкурира за лиценци за првиот, четвртиот, петтиот и шестиот регион. Со четири понуди, за вториот, третиот, петтиот и шестиот регион настапува и „Хидрас“ ДОО Тетово, а РЖ „Услуги“ АД Скопје со две, за првиот и за третиот регион. Првиот регион е атрактивен и за компанијата „Ток телекомуникации“, а третиот и за „Неткабел“ ДООЕЛ Струмица и ДПТ „Флоу“ ДОЕЛ Кавадарци. Втората фаза од тендерот за доделување на одобренијата предвидува комисијата за спроведување на тендерот да направи оцена на формалноправната содржина на доставената документација и најдоцна за пет дена да достави извештај до комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, која, пак, треба да донесе одлука за избраните компании до 29-ти овој месец. Избраните компании најдоцна до 20-ти идниот месец треба да ги уплатат парите што ги понудиле за лиценцата во согласност со својата финансиска понуда, а странските компании и да регистрираат фирма во државава. Крајниот рок за издавање на одобренијата е 23 септември. Во согласност со тендерот, првиот регион ги опфаќа општините: град Скопје, Илинден, Петровец, Зелениково, Студеничани, Сопиште, Чучер Сандево и Арачиново, а вториот Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Лозово, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Чешиново-Облешево, Штип, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане. Со третиот регион се опфатени Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Струмица, Радовиш, Конче, Василево, Босилево, Ново Село, Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран, а во четвртиот Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево, Долнени, Кривогаштани, Могила, Новаци и Ресен. Општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Кичево, М. Брод, Другово, Зајас, Осломеј, Вранештица, Пласница, Дебар и Центар Жупа се дел од петтиот, а Тетово, Гостивар, Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Маврово и Ростуше од шестиот регион. Ова е втор обид за распределба на одобренија за безжичен интернет-пристап на регионално ниво, откако првиот тендер што се однесуваше на регионалните лиценци беше поништен поради несоодветната документација на компаниите што конкурираа. На првиот тендер АЕК додели одобренија за ЊиМаџџ на национално ниво на компаниите „Космотелко“ и „Некском“.

Извор: (21.8.2007). Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво. Време.


Време: Поригорозни казни за пиратеријата

Неколкукратно зголемување на паричните казни за прекршителите на Законот за авторско право и сродните права е предвидено со предложените измени и дополнувања на законот, кои треба да стапат во сила веќе од септември. Со заострувањето на санкциите се спроведуваат ставовите и препораките на Европската комисија - санкциите да имаат одвраќачко дејство. Зголемен е минималниот износ на глобата за правно лице - 2.500 евра, која не пример досега изнесуваше 1.000 евра, а максималниот износ е 5.000 евра. Зголемени се и казните за физички лица, од 1.000 до 3000 евра максимален износ. Најголеми се казните за прекршоци сторени од користољубие, и тоа до 10.000 ева за правни лица и до 6.000 евра за поединци. Со измените се предвидени и дополнителни санкции, како што е забрана за вршење дејност, одземање на примероците на авторските дела, нивно уништување и сл. по правосилна судска одлука.
Утврдена е инспекциска надлежност за дистрибуција на авторското право на Државниот пазарен инспекторат, а за репродукција, производство, објавување и снимање компјутерски, музички и аудиовизуелни дела, пак, инспекција ќе врши Министерството за внатрешни работи. Измените во однос на инспекциската надлежност, исто така, се направени според искуствата на земјите од Европската Унија и од регионот.

Извор: В.Д. (21.8.07). Поригорозни казни за пиратеријата. Време.

петок, 17 август 2007 г.

Дневник: Владините компјутери без заштита од крадци

Безбедноста на компјутерите што Владата ќе ги инсталира во сите основни и средни училишта во земјава ќе биде најсериозниот проблем при спроведувањето на проектот „Компјутер за секое дете“. Владата не планира да одвои дополнителни пари од буџетот за обезбедување на училиштата, а директорите и локалната самоуправа не се моќни финансиски да ангажираат чуварски служби, кои ќе ги обезбедуваат образовните установи. Ова беше истакнато на вчерашниот работен состанок на одговорните за спроведување на проектот и претставници на општините во земјава, на кој се разговараше за претстојната компјутеризација.

Инсталирањето на првите компјутери треба да почне за околу две недели. Владата веќе набави околу 98.000 компјутери од кинеска фирма што беше избрана на јавниот тендер, кои ќе се инсталираат во сите средни и во дел од основните училишта. За опремување на другите образовни установи ќе се распише нов тендер, бидејќи во годинашниот буџет немало повеќе пари за оваа намена. Планирано е компјутеризацијата на средните училишта да заврши до Нова година, по што ќе се опремуваат основните.

- Ние ќе ги набавиме и ќе ги инсталираме компјутерите. Понатаму за нив ќе бидат одговорни училиштата и локалната самоуправа. Секој професор, додека трае наставата, ќе одговара за сметачите во неговиот кабинет. По завршувањето на часовите, компјутеризираните кабинети ќе се заклучуваат - рече Перо Стојановски, државен секретар во Министерството за образование.

Претставници на општините побараа Владата да ги осигура компјутерите од кражби и од пожари, но тоа беше одбиено. Од Министерството за образование препорачуваат компјутеризираните кабинети по можност да бидат сместени на втор кат или повисоко за да не мора да се поставуваат решетки на прозорците, кои би ги штителе од крадци.

Во почетокот на септември најпрвин ќе се инсталираат компјутери во средните училишта во градовите на поголема надморска височина. Така, прво ќе се работи во Битола, Прилеп, Крушево. Последни на ред ќе бидат училиштата во Куманово и во Скопје. Претходно, екипи на ЕСМ-ЕВН ќе ја проверат електричната инсталација во сите училишта за да видат дали ќе може да го издржи дополнителното оптоварување.

- Прво ќе се работи во повисоките градови, за да може камионите што ќе ги пренесуваат компјутерите без проблеми да се искачат до нив додека не паднал снег. Ако увидот во електричната инсталација покаже дека таа не е доволно моќна, мрежата ќе се зајакне - рече Игор Милошевски од Генералниот секретаријат на Владата.

За одржувањето и сервисирањето на компјутерите во првите три години ќе биде одговорна фирмата од која се набавени. По тој рок, одржувањето на сметачите ќе падне на грбот на училиштата или на локалната самоуправа.

Извор: Даница Тунтевска. (17.8.07). Владините компјутери без заштита од крадци. Дневник.

Вечер: Компјутерот дели легла

Министерството за образование вчера на транспарентен начин ја објави прелиминарната листа на студентите кои електронски аплицираа за сместување во дом. Во трката за 4.570 легла во студентските домови во земјата се пуштија 5.996 кандидати. Студентите годинава првпат се пријавуваа по електронски пат, а кандидатите имаат рок во наредните осум денови со документи да ја потврдат веродстојноста на податоците наведени во електронската апликација во домот во којшто конкурирале.

- Воведувањето на информатичката технологија, како и електронски апликациии и форми на комуникација се стратешка определба на Владата. Морам да го пофалам интересот што го покажаа студентите за овој начин на аплицирање, за што зборува и бројката од 5 996 апликации. Бројка која покажува дека е зголемен бројот на апликантите во споредба со минатата година, рече министерот за образование, Сулејман Рушити на презентацијата на прелиминарната листа во Владата на РМ.

Тој потенцираше дека на ваков начин потполно се елиминира човечкиот фактор при бодувањето на апликациите, се зголемува личната одговорност на апликантите при поднесување на апликацијата и се избегнуваат сите неправилности и недоследности при распределувањето на студентските легла што се појавуваа минатите години.

Дека и студентите се задоволни од он-лајн пријавувањето потврдува и претседателот на Сојузот на студенти при Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", Самоил Малчески. Според него, првпат при пресметките се одбегнува човековиот фактор и било какво влијание.

- Компјутерот сам ги пресметува бодовите. На студентите им останува она што го внеле во електронската апликација да го докажат со документи. Оние студенти кои манипулирале со електронската апликација ќе бидат исфрлени и нема да добијат легло. Досега најмногу манипулираше Комисијата за сметсување во домовите. Сега, првпат сите легла се на конкурс, нема скриени или кои дополнително ќе излезат и кои досега беа подложни на продажба. Таа комисија сега е исфрлена како фактор, вели Малчески.

Во рангирањето на кандидатите се земени предвид успехот од школувањето, редовноста, семејно-материјалната состојба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење. Министерството за образование во соработка со Е-Влада и УСАИД ја воведе електронакста апликација. Со неа, само за пријави, коишто лани чинеа 100 денари, се заштедени околу 6 илјади евра.
Прелиминарниот списокот е објавен и на веб-страницата на ресорното Министерство www.mon.gov.mk

Извор: Милена Георгиевска. (17.8.07). Компјутерот дели легла. Вест.

Вест: "Он лаин" до студентски кревет

Министерството за образование и наука вчера "он лајн" ги избра студентите кои добија кревет во домовите. За вкупно 4.572 места во студентските домови, по електронски пат аплицирале 5.996 студенти. Избраните студенти до 24 август ќе треба да ја достават потребната документација до комисиите, со која ќе ја потврдат својата електронска пријава.
Рангирање на бодовите се врши според успехот во школувањето, редовноста, семејно-материјалната положба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење на студентот.
За студентите кои во апликацијата внеле погрешни податоци ќе расправа комисија и доколку се работи за системска грешка, тогаш тие ќе можат да добијат легло, а ако е нивна грешка, тогаш ќе бидат дисквалификувани.
Мнистерот задолжен за информатичко општество Иво Ивановски најави дека во иднина системот ќе биде поврзан со Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, со Министерството за правда, како и со останати институции кои содржат бази со регистри на податоци од граѓаните.

Извор: Р.Ф. (17.8.07). "Он лаин" до студентски кревет. Вест.