среда, 27 мај 2009 г.

Утрински: Новите газди на „Космофон“ со нови менаџери

„Космофон“ и „Он.нет“ во догледно време ќе се спојат во една компанија, која ќе добие и ново име. Ова на вчерашниот промотивен прес го најавија од „Телеком Словенија“, компанија која неколку години го поседува „Он.нет“, а неодамна го купи и „Космофон“.

Приоритетите на „Телеком Словенија“ во Македонија најмногу ќе се фокусираат на искористување на бенефитите што произлегуваат од трговските, оперативните и инфраструктурните синергии меѓу компаниите, преку создавање понуда што им овозможува на корисниците сеопфатни телекомуникациски услуги на едно место.

Влезот на најголемата телекомуникациска словенечка компанија на македонскиот пазар и во „Космофон“ има цел нашиот втор мобилен оператор да го направи лидер во телекомуникацискиот сектор во земјава и да продолжи да го развива врз постојната платформа, без големи промени.

Влезот на „Телеком Словенија“ на пазарот на мобилната телефонија, според претседателот на Управниот одбор на компанијата, Бојан Дремељ, за корисниците ќе значи нови услуги со врвен квалитет, по „коректни и чесни цени“.

„Телеком Словенија“ не планира намалување на бројот на вработените. „Процесот на спојување и на менување на брендот нема да се случи преку ноќ. Не планираме да го намалиме бројот на вработените, бидејќи тоа нема да не' носи кон развој. Но, не велам дека некои луѓе нема да си заминат“, соопшти вчера на прес-конференција

Покрај најавата за спојување на двата бренда во еден, Дремељ објави дека „Космофон“ и „Германос“ веќе добија ново раководство. Имено, Генералното собрание на „Космофон“ вчера го именуваше новиот Борд на директори. Претседател на Бордот е Душан Митиќ, а членови се Филип Огрис-Мартиќ, Боштјан Краљ, Дејан Калиников и Оливие Понсин, кој е и нов генерален директор на „Космофон“. Душан Митиќ е претседател на Бордот и во „Германос“, каде што за генерален директор е назначен Боштјан Краљ.

На досегашниот директор на „Космофон“, Петрос Лефковиц, за кого се шпекулираше дека можеби и ќе ја задржи челната менаџерска позиција, новите сопственици му се заблагодарија за соработката.

За наесен „Телеком Словенија“ го најавува воведувањето на дигиталната телевизија, во која ќе инвестира 30 милиони евра.

„Телеком Словенија“ неодамна го купи „Космофон“ за 190 милиони евра

Извор: 27.05.2009. Новите газди на „Космофон“ со нови менаџери. Утрински Весник.

вторник, 26 мај 2009 г.

Нова Македонија: Македонскиот јазик - црна дупка на светските интернет -пребарувачи

Бо време на Интернет и на глобалната комуникација, кога за дофат на сите информации е доволен само еден клик на компјутерот, тој едноставен еден клик им врши работа само на помалку од 25 отсто Македонци. Оние што знаат англиски јазик. Другите сé уште живеат во виртуелниот мрак на новото информатичко општество. Имаат ограничен пристап до неограничените информации, а нивниот интерес е сведен на локалните интернет-страници напишани на македонски јазик или на некој од другите јужнословенски јазици што ги разбираат.

Ограничен пристап до неограничени информации

Македонскиот јазик го нема во понудениот избор на гугл-машината за преводи. Што значи тоа?
Дека сите Македонци што не го разбираат англискиот јазик, а процентот е прилично голем (само околу 25 отсто го зборуваат и го разбираат) имаат ограничен пристап кон Интернет.

Кога би го имало нашиот јазик на „гугл машината за преводи“ Македонците кои не говорат друг јазик освен мајчиниот би можеле слободно да сурфаат по Интернет и да читаат на единствениот јазик кој го разбираат. Освен тоа, и останатите кои не го говорат, ниту разбираат македонскиот јазик би можеле да ги читаат нашите интернет-страници на својот мајчин јазик, кој и да е.

Во време кога се бориме да бидеме разбрани, кога пред нас се исправени низа политички проблеми кои треба да бидат решени, кога упорно инсистираме да се чуе и нашиот глас по одредени прашања - безгласни сме на светската интернет-мапа. Македонија е во црната дупка на глобалната мрежа на комуникација.

- Автоматските преведувачи се добри за сите оние кои сакаат да бидат информирани, а немаат познавање на друг јазик, освен мајчиниот, во случајов македонскиот. Овие преведувачи не се целосно точни, често се прават грешки, изоставени се семантичките и граматичките правила, но се добра основа елементарно да се разбере содржината на некој текст или интернет-страница. Вака, најголем дел од содржините за оние кои не разбираат англиски не се никаква мотивација, ниту пак имаат пристап до нив, зошто не ги разбираат - вели Филип Стојановски од „Метаморфозис“.

Не може да зборуваме за развој на информатичко општество кога нема елементарна основа за тоа. Кога не се зема во предвид фактот дека најголем дел од македонското население не говори, ниту разбира друг јазик, освен македонскиот.

- „Метаморфозис“ пред четири години направи истражување во земјава, обидувајќи се да ги детерминира факторите за развој на информатичкото општество. Нашето истражување откри дека само 23.8 отсто од Македонците разбираат, говорат и читаат на англиски јазик. Останатиот дел од анкетираните не знаеја ниту еден друг јазик, освен македонскиот. Тоа значи дека овој голем процент на потенцијални интернет-корисници не можат да користат Интернет или се ограничени да ги користат јужнословенските јазици кои ги познаваат, како српскиот, албанскиот, хрватскиот или босанскиот - вели Стојановски.

Гугл има и сервис за огласување. И тој е достапен на сите јазици, но не и на македонски.

- Претпоставувам дека во овој случај пресуден е пазарот. Во Македонија пазарот не е доволно голем според нив, па затоа го нема нашиот јазик и не може да се огласува на македонски. Во овој случај логиката е пазарна и не оди по принципот на ајде да ги направиме сите мали луѓе и мали народи среќни. Во овој случај треба да се помине тој праг на видливост, за да му се обрне внимание и на нашиот јазик - вели Стојановски.

Гугл нема ништо против македонскиот јазик

Што треба да направиме за „Гугл“ да го стави македонскиот јазик во сервисот за преводи? Треба што повеќе да преведуваме. Тоа значи дека македонските интернет-страници треба да се фокусираат кон двојазичност. Да имаат барем англиска верзија.

- Дали македонскиот јазик ќе биде ставен на сервисот за преводи на „Гугл“ зависи од бројот на двојазичните текстови објавени на Интернет. На „Гугл“му е важно преводите да бидат добри. А тие се добри кога има голем број преведени текстови од македонски. Колку повеќе текстови, толку повисок е и квалитетот на преводите, а со тоа се зголемуваат шансите и нашиот јазик да влезе во листата на „Гугл“. Тие немаат ништо против нашиот јазик, ниту пак внесувањето на македонскиот јазик на листата е поврзано со некаква економска корист. Едноставно во моментов немаме доволен број двојазични текстови на Интернет. Кога ќе се надмине прагот на видливост на македонскиот јазик, зацртан според утврдените коефициенти на „Гугл“, тогаш и нашиот јазик ќе се најде на нивната листа - вели д-р Игор Трајковски, професор по компјутерски науки на универзитетот „Њујорк“ во Скопје, креатор на веб-страницата „Тајм.мк“ и поранешен практикант во компанијата „Гугл“.

Од Министерството за информатичко општество велат дека ставањето на македонскиот јазик на листата на преводи на „Гугл“ сепак е условено од економската корист на компанијата.

- Имавме иницијатива од нашето министерство до „Гугл“, но тие во моментов не се заинтересирани да го стават и македонскиот јазик на сервисот за преводи. Сé уште не гледаат економска ќар од тоа, односно не им е исплатливо. Ние не може ништо да направиме во врска со тоа. Од нив зависи дали македонскиот јазик ќе го има на нивниот сервис за преводи - вели Иво Ивановски, министер за информатичко општество.

Блогери, пишувајте и на англиски!!

Темава е прилично актуелна и кај македонските блогери, кои постојано укажуваат на неопходноста и нашиот јазик да се најде на овој сервис за превод.

- Се прашувам кој треба да и шепне не Владата и на новоформираното министерство за информатичко општество дека покрај албанскиот, српскиот, хрватскиот и бугарскиот, редно е и македонскиот јазик да се најде на овие сервиси. Зарем е толку скап тој проект што би овозможил и нашиот јазик да се најде во листата на светските јазици, кои меѓусебе автоматски ги преведува гугл-машината за преводи - пишува во текстот насловен „Македонскиот јазик е во црна дупка на светските интернет-пребарувачи“ објавен на блогот volanskopje.blog.com.mk.

На блогот е објавен уште еден текст со кој се поттикнуваат нашите блогери да пишуваат и на англиски.
- Одамна им советувам на сите што знаат англиски, да пишуваат одвреме навреме и на англиски. Особено тогаш кога се работи за некоја тема каде што се зборува за историски и археолошки теми поврзани со Македонија. Кога се дава фотосторија од некое место што треба да се промовира - пишува блогерот во текстот насловен „Зошто е важно да пишуваме на англиски јазик... блогери пишувајте на англиски!!!“.

Македонскиот јазик е јазик што го зборуваат нешто повеќе од 2 милиони луѓе. Сé што ќе напишеме на нашиот мајчин јазик останува закопано меѓу овие два милиони луѓе.

- Така светот не може да нé разбере. Во време на Интернет, кога луѓето сé повеќе се информираат преку глобалната мрежа, од официјалните сајтови на државни институции, непростливо е што нашиве институции, посебно оние од областа на историјата и културата, немаат активни сајтови на англиски јазик.

Извор: (26.05.2009). Македонскиот јазик - црна дупка на светските интернет -пребарувачи. Нова Македонија

сабота, 23 мај 2009 г.

Вечер: ИТ индустријата изгубила 14 милиони долари

Во Македонија стапката на софтверска пиратерија минатата година изнесувала 68 проценти и е на исто ниво како и 2007 година. Овој податок е содржан во шестиот глобален извештај за софтверска пиратерија издаден од БСА (Business Software Alliance), интернационална асоцијација која ја претставува глобалната софтверска индустрија. Студијата покрива 110 земји, и е реализирана од IDC - водечка организација која истражува во областа на информатичката технологија и дава проценки за идните трендови.

Според овој извештај, софтверската пиратерија влијаела врз приходите на домашната информатичка индустрија. Од БСА наведуваат дека загубите од користење нелиценциран софтвер изнесувале 14 милиони долари, што во однос на 2007 година претставува зголемување за три милиони долари, кога загубите достигнале 11.
Од Мајкрософт Македонија велат дека посочениот процент е доста објективен.
- Во последниве две години ситуацијата со заштитата на интелектуалната сопственост во Македонија оди на подобро, особено откако е формиран Комитетот за заштита на интелектуалната сопственост од каде сериозно ја разбраа задачата што им е доверена - оценува Илијанчо Гаговски од Мајкрософт Македонија.

Од Министерството за информатичко општество велат дека Владата одлучила да го контролира целиот софтверски систем на државните институции во земјава и тоа засега го прави мошне успешно.
- Владата набави лиценциран софтвер со сите сертификати и гаранции. Доколку биде утврдено дека некој службеник ја злоупотребува позицијата, ќе следуваат санкции - велат од ова Министерство.

Од 110 земји, што биле опфатени со овој извештај, во дури 57 е забележано намалување на стапката на софтверско пиратерство, во 36 земји таа е на исто ниво, додека во 16 има пораст. Бидејќи расте бројот на компјутери во земјите каде користењето нелиценциран софтвер е во пораст, светската стапка на пиратерија порасна за 3 проценти достигнувајќи 41% во 2008 година.
Во регионов, највисока стапка на користење нелиценциран софтвер од 83 проценти има Црна Гора, која што се најде и на 17. место на листата на земји што најмногу користат нелиценциран софтвер. Следува Албанија со 77 проценти, па Србија со стапка од 74%, Бугарија со 68%, Босна и Херцеговина со 67%, Хрватска 54%. Во истражувањето се истакнува дека најниска стапка на користење нелиценциран софтвер од земјите од регионов има Словенија со 47 проценти.
Светски лидери во пиратирање на софтвери се Грузија со 95 проценти, како и Бангладеж и Ерменија со стапка на користење на нелиценциран софтвер од 92%. Најмала стапка на пиратерија во светот имаат САД со 20% и Јапонија и Луксембург со 21%.

Студијата покажува дека светската економска рецесија има различно влијание врз софтверската пиратерија.
- Корисниците со намалена потрошувачка моќ подолго се задржуваат на компјутерите, што од друга страна, пак, има тенденција за зголемување на пиратеријата бидејќи постари компјутери е поверојатно да користат нелиценциран софтвер. Но, како и да е, појавата на џебните компјутери ја мотивира продажбата на евтините ноутбуци кои вообичаено имаат однапред инсталирани лиценциран софтвер, бизнисите користат софтверски пакети и системи за продуктивно работење кои ги намалуваат ИТ трошоците - забележува Џон Ганц, главниот директор на истражување во IDC.

За Валентин Пепељугоски, правен застапник на БСА за Македонија, извештајот ги покажува негативните влијанија што пиратеријата ги има врз економскиот развој на една земја.

Извор: (23.05.2009). ИТ индустријата изгубила 14 милиони долари. Вечер.

петок, 22 мај 2009 г.

Вест: Плаќаме Интернет, а го има само на два компјутера

Гру па студенти вчера, со транспаренти и пароли "Слободно образование", "Пар ти­ци па ци ја не" , протестираа пред Скопскиот универзитет, не за до вол ни од студентскиот стандард. Тие сметаат дека плаќаат пре ви со ка партиципација, за возврат добиваат неквалитетното образование, а зго ра на сe, се жалат дека не функционира и Студентскиот сојуз, за кој велат де ка е политизиран и ги спречувал студентите вчера да излезат на протест.
"Не треба политиката да биде замешана во Студентскиот парламент. Ние пла ќа ме нешто што не добиваме. Плаќаме за книжевен фонд, за Ин тер нет, за спорт, а немаме книги, Интернет има само на два компјутера, не до би ва ме ништо ни за парите кои ги плаќаме за спорт", рекоа студентите. Од Ректорската управа не биле известени за протестот. Ректорот Ве ли мир Стојковски рече дека воопшто не знае за што протестираат сту ден ти те.
"Ако сакаат нешто да изменат, многу подобро ќе било да дојдат овде на раз го вор, сигурно немаше да ги одбиеме. Ние, сепак, ќе ги разгледаме нив ни те барања и доколку можеме, ќе одговориме на нив", рече ректорот Стој ков ски.
Тој најави дека следната студентска година ќе се воведе унифициран це нов ник кој ќе важи на сите државни факултети. Со него ќе се раз гра ни чи колку ќе се плаќа за партиципација, која ќе биде за дол жи тел на, и колку ќе се плаќа за останатите услуги кои нема да бидат за дол жи тел ни туку по избор на студентите.

понеделник, 18 мај 2009 г.

Дневник: Се' побарани курсевите за информатичари

Поради дефицитот на кадри во индустријата за информациски технологии (ИТ) сертификатите на „Мајкрософт“ и на мрежниот гигант „Циско“, стануваат се' поактуелни бидејќи овозможуваат брза квалификација и можност за вработување.Димитар Коцевски (20) од Скопје вели дека завршил средно градежно, по што една година неуспешно трагал по работа.

- Наместо на факултет, се решив за квалификации во ИТ. По завршувањето на курсот се вработив во скопска фирма, каде што сум дел од тимот што ја одржува мрежната инфраструктура - вели Коцевски.

Од центрите за обука сертифицирани за ваков тип едукација тврдат дека специјализираните курсеви се занает на модерното време, кои нудат практика и конкретни знаења.Валентина Тасева, директор на „Семос едукација“, вели дека бројот на студентите што се решаваат на неформално образование постојано се зголемува за лани да достигне речиси 900 слушатели.

- Од овој број 40 проценти се лица што се преквалификуваат, а другите се вработени во ИТ-индустријата, кои се дообучуваат - рече таа.Според центрите за обука, кои сепак не гарантираат вработување, тврдат дека над 60 проценти од курсистите веќе се вработиле. Иако се очекувало економската криза да влијае негативно на уписите, бројот на слушателите се зголемил, бидејќи студентите гледаат можност за брза квалификација.

Најбарани се пакетите курсеви за систем администратори и за одржување бази на податоци. Пакетот МЦСА, кој содржи пет курса и четири испити, трае меѓу пет и шест месеци, а оние за бази на податоци околу три. За да се стекнат со соодветниот сертификат, студентите треба да ги положат и испитите, што се врши преку интернет.Игор Поте, тренинг-менаџер за „Циско“, вели дека изминативе три години пораснала побарувачката на курсевите на кои слушателите се оспособуваат за одржување мрежна инфраструктура.

- Појавата на новите телекомуникациски компании и порастот на услугите во оваа област создадоа нови работни места - објасни Поте.Александар Марјановиќ од „Александрија“, додава дека нивна целна група се луѓе што завршиле средно образование, но решиле да не продолжат со формално образование.

- Пазарот на работна сила во ИТ-секторот бара конкретни и практични знаења - изјави Марјановиќ, кој додава оти и во овој обучен центар најбарани се курсевите за компјутерски мрежи.

Следуваат оние за графички и Веб-дизајнери, а најмал интерес има за програмирање, иако токму тие се и најбаран кадар.За работодавците идеални кандидати се оние што имаат и факултет и се сертифицирани професионалци, но истакнуваат оти на конкурсите за работа треба да се покаже и практично знаење со што сите кандидати добиваат шанса.

- ИТ-индустријата е многу динамична, а формалното образование не е толку флексибилно за да ги следи промените - објасни Герасим Ванев, директор на „Семос“.

сабота, 16 мај 2009 г.

Дневник: Универзитетска ќе се дигитализира

Центар за дигитализација на сето пишано културно богатство ќе биде сместен во доградбата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, за која се планира да биде отворена на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. Древните ракописи, старите и ретки книги, скапоцени карти ќе бидат целосно дигитализирани и зачувани во новиот центар, кој ќе функционира и како депо за чување на вредните записи. Како што истакнуваат од библиотеката, со новите простории, градот, студентите, научните работници, читателите ќе добијат современ центар кој, како и библиотеките од светот, ќе биде место за зачувување на сета наша културна, национална, општествена меморија.

- Во Центарот ќе се зачува нашето пишано богатство. Таков простор недостасуваше долго. Сега ќе има можности старите и вредни ракописи да ги зачуваме за следните генерации. Секако, со дигитализацијата ќе се отвори можност на светот да му ги покажеме вредностите што тука ги имаме. Библиотеката ќе биде центар преку кој нашата култура ќе се поврзе со европските и со светските културни текови - вели Миле Бошески, директор на НУБ.

КОМПЈУТЕР ЗА СЕКОЈ ЧИТАТЕЛ

Доградбата на библиотеката е со вкупна површина од 3.300 квадратни метри. Во неа ќе има повеќе специјализирани читалници со компјутери на секоја маса. Интернет-поврзаност, компјутерско прелистување на дигитализираните текстови, пристап до библиотечните материјали во европските национални библиотеки се дел од можностите што таму ќе им се нудат на читателите, истражувачите, студентите.Посебни простории ќе се користат за претворање на книжниот материјал во електронска форма. Од библиотеката најавуваат дека целиот книжен фонд, кој ќе биде електронизиран, ќе биде поставено на интернет. Книжното богатство од библиотеката ќе биде достапно и преку интернет-страницата на Европската електронска библиотека, во која членуваат националните и најзначајните библиотеки од сите европски земји.

- Со новитетите, читателите ќе можат целосно да ги прелистуваат книжните материјали. Секако, преку поврзаноста со Европската библиотека се отвора можност нашите корисници да ги погледнат и старите ракописи што низ историјата биле изнесени од Македонија. Веруваме дека во процесот на дигитализација, во време кога секој сака да се пофали со тоа што го има како реткост на културен план, Библиотеките од другите држави ќе ги ставаат и тие ракописи во Европската библиотека, па така научниците од тука ќе може слободно да истражуваат - додава Бошевски.

РЕШЕНИЕ ЗА ПОЛОВИНА ВЕК

Речиси половина од просторот ќе биде наменет за библиотечно депо, кое ќе биде со површина 1.400 квадратни метри. Внатре ќе биде сместена современа опрема, која ќе одржува посебна температура за книгите. Постојано ќе се мери и влагата, која е најголема закана за старите и ретки ракописи чија хартија може и да се распадне, ако не се чува во соодветни услови. Освен старите книги и ракописите, таму ќе има простор и за новите книги што во следните години ќе се внесуваат во библиотеката. Како што најавуваат од Универзитетска, новото депо има капацитет за складирање за следните педесет години.

- Депото веруваме дека ќе го реши проблемот со сместување на книгите најмалку за следните педесет години, а можеби и повеќе. Простор за библиотечниот материјал кој постојано расте, се' повеќе недостасува. Сега имаме решение, кое во голема мера ќе ја олесни работата. Секако, со процесот на дигитализација, голем дел од материјалите ќе бидат претворени во формати што не зафаќаат голем простор. Со новиот центар ќе ги внесеме новитетите од современото библиотечно работење - вели Бошевски.

Доградбата е продолжение на зградата. Читателите и корисниците од внатрешна страна ќе може да преоѓаат во новиот дел, каде што ќе може да ги користат компјутерите и интернет-поврзаноста со светските библиотеки.

петок, 15 мај 2009 г.

Вечер: Заврши преземањето на Космофон

Заврши преземањето на Космофон. Телеком Словенија извести дека уплатил 190 милиони евра за 100% сопственост на вториот мобилен оператор во Македонија.
Тим предводен од потпретседателот на словенечката компанија Душан Митиќ вчера го посетил Космофон за, како што велат оттаму, финалниот акт на преземањето. На 23 мај е закажано генерално собрание на кое ќе се избере новиот менаџмент на операторот.

Зделката од 190 милиони евра е најголемата словенечка странска инвестиција годинава со која Телеком Словенија ја продолжува геостратешката експанзија на бизнисот.

Каква е состојба на телекомуникацискиот пазар во земјава дебатираа експертите на конференцијата организирана од АЕК. Оттаму велат дека македонскиот пазар со десет фиксни и три мобилни оператори е либерализиран. Цените се формирани според реалните трошоци на компаниите.

- Цените мора да бидат базирани на реални трошоци, а самите пресметки покажуваат такви трошоци, така што не се согласувам со констатациите дека имаме највисоки цени во Европа, рече Васка Петровиќ, самостоен стручен соработник за анализа на пазар во АЕК.

Граѓаните се уште се жалат на скапи импулси.

- Да, необично скапи сметки ми стигаат, треба да се провери тоа.
- Па, не плаќам многу, гледам да не го користам телефонот.
- Во мобилните има конкуренција и разни поволности, тарифи, но во фиксната мислам дека се уште многу се плаќа, велат граѓаните.

Првиот човек на АЕК најави дека до крајот на годината ќе финишира истражувањето кое ќе утврди дали во Македонија има превисоки, а можеби и дампинг цени во фиксната телефонија.

Потоа Агенцијата ќе направи методологија за регулирање на малопродажните цени. Се уште било рано да се каже дали цените ќе се намалат или зголемат.

Извор: (15.05.2009). Заврши преземањето на Космофон. Вечер

понеделник, 27 април 2009 г.

Вест: "Телеком Словенија" победи на тендерот за дигитална телевизија

"Телеком Словенија" победи на тендерот за пренос на дигитални телевизиски услуги преку јавна комуникациска мрежа (ДВБ-Т) на територијата на Македонија.
Агенцијата за електронски комуникации соопштио дека "Телеком Словенија", според условите на тендерот треба да овозможи покриеност на целата територија на Македонија во рок од една година со што ќе овозможи пренос на триесет телевизиски програми со многу висок квалитет. За ова треба да се инвестираат околу десет милиони евра.
Телеком Словенија ќе треба да инвестира околу 20 милиони евра во дигитални приемници/декодери кои бесплатно ќе им се доделуваат на домаќинствата.

среда, 15 април 2009 г.

Дневник: Новите советници на Кисела Вода без компјутери

Претходниот состав ги задржа лаптопите како замена за неисплатени паушали, за што е поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката

На еден ден пред конститутивната седница на новиот совет на Општина Кисела Вода, сите советници од досегашниот состав не ги вратиле лаптопите. „Дневник“ веќе пишуваше дека советниците си ги задржаа компјутерите како замена за нивните неисплатени паушали за јануари, февруари и за март за работа во посебни координативни или работни тела и комисии во Советот. Го врати единствено советничката Славица Новачевска од СДСМ која ќе биде и во новиот состав на советот. Таа на вчерашната седница, беше обвинета од останатите советници дека нејзината постапка била некоректна, бидејќи од неа потекнала иницијативата да се земат компјутерите како замена за неплатените паушали.

- Никој нема право да ме обвинува за тоа што го вратив компјутерот. Тоа е моја лична одлука и сметав дека така е исправно, одговори на нападите Новачевска. Неофицијално, уште четворица советници ги вратиле општинските компјутери.

- Колку компјутери се вратени и кој од советниците ги вратил, официјално ќе се знае в четврток, кога ќе биде и првата конститутивна седница на новиот совет на Општина Кисела Вода. Тогаш ќе знаеме со име и презиме кој од советниците го вратил компјутерот, велат од Општина Кисела Вода.Оттаму информираат дека е поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за компензација на надомест до Уставниот суд и до антикорупциската комисија. Но, ако в четврток сите советници не ги вратат компјутерите, тоа ќе биде хендикеп во работата на новиот совет.

- Ќе се чека одговорот од наведените институции, но дотогаш новите советници ќе бидат спречени нормално да работат, бидејќи материјалите не ќе можат да одат по електронски пат. За нови компјутери ќе требаат дополнителни средства и време, бидејќи ќе треба да се распише нов јавен повик, велат општинарите.

Првата одлука за компензација на надомест советниците од Кисела Вода ја донесоа на 27 февруари, а ја потврдија и на 17 март, кога со тоа го отфрлија решението на градоначалникот Џорџе Арсов за нејзино запирање. Арсов решението го образложи со Законот за спречувањето на корупција, според кој не може да се отуѓува државен капитал во тек на изборна кампања, а со закон не е предвидена исплата на посебен надомест за работата во посебни координативни или работни тела и комисии што ги основа општината. Советниците се оглушија и на укажувањето на антикорупциската комисија дека одлуката е спротивна на законското располагање со јавните средства. Вкупната вредност на 24-те лаптопи е 586.000 денари.

Извор: А.П. (15.04.2009). Новите советници на Кисела Вода без компјутери. Дневник.

Вечер: Виртуелно купување, плаќање и достава преку картичка на нет

За да одберете некој производ наместо да одите низ продавниците кои имаат ограничено работно време, истото ќе можете да го сторите преку прегледување и пребарување на производите на првата македонска Е-продавница, која од денес е во функција на граѓаните корисници на интернет низ земјава. Станува збор за веб-страницата www.ex.mk на Компанијата Ексвизит, која во соработка со Уни банка, прв пат во Македонија со плаќање преку мастер картички и сигурен софтвер ќе им овозможи дваесет и четиричасовна електронска трговија на сите посетители.

Биљана Радоњин, менаџер во Еквизит, на вчерашната презентација на сајтот го изрази своето задоволство од развојот на електронската трговија во Македонија и напомена дека во блиска иднина се надева на уште поголем подвиг на интернет купувањето, како во светските држави.

Шопинг центарот засега располага со околу 300 производи, и работи постојано, во текот на денот, седум дена во неделата. Ограничувачки фактор е тоа што производите кои се на страницата се само од оние компании кои сакаат да се продаваат таму, а не сите оние кои постојат.
- Во моментов на заедничко задоволство се наоѓаме пред нов предизвик, а тоа е започнување на соработката со Еквизит и пуштањето во употреба на првиот македонски веб шопинг центар, во кој ќе се најде широк асортиман на производи за сите вкусови и потреби, рече Верица Гица Серафимов, менаџер од Уни банка. Таа објасни дека плаќањето е електронски со платежни картички, преку Уни банка која гарантира максимална сигурност на потрошувачите.

Околу дистрибуцијата, како трет сегмент од оваа активност кој опфаќа достава до адресата наведена од страна на нарачателот, ќе биде во период од 24 до 48 часа во зависност дали е нарачателот е од Скопје или во некои од градовите низ Македонија.

Инаку, ова не е популарниот таканаречен PayPal комерцијален начин на интернет трансфер на пари познат во компјутерскиот свет, кој ги заменува традиционалните методи на чекови и кеш пари за шопинг, туку почеток во тој виртуелен пазар најавен од Уни банка и Компанијата Ексвизит и одлична почетна иницијатива за негово наскоро комплетно имплементирање во Македонија во текот на наредните месеци.

Извор: Д.С. (15.04.2009). Виртуелно купување, плаќање и достава преку картичка на нет. Вечер