четврток, 18 декември 2008 г.

Вечер: Од јуни достапни услуги од 3-Г технологијата

За половина година и Т-Мобиле Македонија ќе почне со комерцијално нудење услуги од третата генерација мобилна телефонија (3-Г). В.д. директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Петар Ивановски вчера му го издаде одобрението за користење радиофреквенции на Мајкл Лоренс, главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија со што започна да тече шестмесечниот период до кој компанијата треба да стартува со понуда до корисниците за услугите што ги овозможува 3-Г технологијата. -Нашата понуда ќе биде многу конкурентна, како што впрочем и секогаш правиме во Т-Мобиле. Условите ќе бидат изненадување за корисниците - увери Жарко Луковски, главниот оперативен директор во Т-Мобиле Македонија.
Со добивањето на одобрението, според Лоренс, Т-Мобиле праќа јасна порака до Владата, до Агенцијата како регулаторно тело и до корисниците дека ќе биде изградена најдобрата телекомуникациска мрежа во земјата. -Со 1,3 милиони корисници, Т-Мобиле во голема мерка придонесува за високата стапка на пенетрација од 107 проценти на мобилната телефонија во Македонија. Ние можеме на корисниците да им понудиме одлични услуги за нивните пари и висококвалитетна мрежа за што, и покрај глобалната криза, планираме во 2009 година да инвестираме 30 милиони евра - истакна Лоренс.
Изразувајќи задоволство што инвестицијата на Т-Мобиле ќе допринесе во развој на пазарот на електронските комуникации, на информатичкото општество, како и воопшто на економијата, Ивановски рече дека АЕК целосно ја следи стратегијата на Владата и во потполност го спроведува акциониот план за развој на широкопојасниот интернет.

Извор: С.Бл. (18.12.08). Од јуни достапни услуги од 3-Г технологијата. Вечер.

Дневник: Осумдесет отсто од фирмите имаат интернет-пристап

Повеќе од 80 отсто од деловните субјекти од финансискиот и нефинансискиот сектор од земјава годинава имале пристап до интернет, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Статистиката покажува дека 83,4 отсто од фирмите со десет или повеќе вработени имале пристап до интернет. Од нив, 68,3 отсто најчесто го употребувале за банкарски и за финансиски услуги, а своја интернет-страница имале 55,5 отсто. Автоматска размена на податоци со други деловни субјекти имале 30,9 отсто од фирмите, а внатрешна размена на информации во рамките на деловниот субјект имале 41,3 отсто од нив.

Извор: (18.12.08). Осумдесет отсто од фирмите имаат интернет-пристап. Дневник.

Дневник: „Т-мобиле“ ја доби лиценцата за 3Г-телефонија

Македонскиот телекомуникациски пазар ќе се надгради и прошири откако најголемиот домашен мобилен оператор „Т-мобиле“ вчера и официјално ја доби дозволата да нуди комуникациски услуги за третата генерација мобилни телефони. Според конкурсот, „Т-мобиле“ треба да почне со комерцијална понуда на услугите од 3Г-технологијата во рок од шест месеци. Главниот извршен директор на „Т-мобиле“ Мајкл Лоренс најави дека компанијата ќе настојува услугите да ги понуди и пред рокот, по конкурентни цени. Одобрението ја чинеше компанијата 10.000.100 евра како еднократен надомест.- Стапката на пенетрација на мобилната телефонија во Македонија изнесува 107 отсто, што значи дека државата се приближува до процентот во европските земји - вели Лоренс. Лиценца за услугите од 3Г- технологијата има и мобилниот оператор „Космофон“. Операторот ВИП засега се изјаснува дека не е заинтересиран за таа технологија, за која оценува дека е во залез.

Извор: (18.12.08). „Т-мобиле“ ја доби лиценцата за 3Г-телефонија. Дневник.

Утрински: „Т - мобиле“ доби лиценца за 3-Г

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), вчера на мобилниот оператор "Т - мобиле Македонија", му додели одобрение за користење радиофреквенции за обезбедување јавни комуникациски мрежи и услуги. Според тендерските правила, „Т - мобиле Македонија" треба да започне со комерцијално нудење на услугите од технологијата 3-Г во рок од шест месеци. Главниот извршен директор на компанијата, Мајкл Лоренс, по добивањето на лиценцата рече дека компанијата ќе настојува услугите да ги понуди и пред рокот, по конкурентни цени. За одобрението што го доби компанијата преку јавен тендер, плати еднократен надомест од 10.000.100 евра. Стапката на застапеност на мобилната телефонија во земјава изнесува 107 отсто што, според Лоренс, значи дека Македонија се приближува до процентот во европските земји.

Извор: МИА. (18.12.08). „Т - мобиле“ доби лиценца за 3-Г . Утрински Весник.

среда, 17 декември 2008 г.

Дневник: „Вип“ очекува поголем пазарен удел

Мобилниот оператор „Вип“ очекува значително да ги зголеми приходите и пазарниот удел во 2009 година и најави дека ќе воведе нови технологии.- Ако оваа ни беше година на сеидба, очекуваме 2009-та да ни биде година на жнеење, кога би требало да ги собереме плодовите од инвестициите - вели Никола Љушев, извршен директор.„Вип“ има 11 отсто од пазарниот удел во мобилната телефонија, а плановите им се до 2013 година да достигнат до 25 отсто.„Вип“ вчера ги промовира новите деловни простории, кои се лоцирани во Трговско-деловниот центар „Соравија“ во Скопје.

Извор: (17.12.08). „Вип“ очекува поголем пазарен удел. Дневник.

Утрински: Телекомуникациите засега отпорни на кризата

Светската економска криза засега не го погодува телекомуникацискиот сектор, кој е стабилен и не е подложен на циклични влијанија, како што се другите сектори, сметаат луѓето на двата мобилни оператора во земјава „Т-мобиле“ и ВИП. Тие се едногласни во оцената дека ефектите од кризата допрва ќе бидат видливи, но се надеваат дека ударот за нивниот бизнис нема да биде уништувачки. Според луѓето од овој сектор, Македонија е стабилна и на некој начин недопирлива за кризата поради ниското ниво на инвестиции и банки кои се конзервативни и кои претставуваат сигурносна брана што го спречува прелевањето на негативните последици од економската криза врз нашето стопанство, вклучително и телекомуникациите. „Економската криза ја нема зафатено телекомуникациската индустрија во Македонија и сега за сега не се чувствуваат посебни ефекти од неа во нашето работење. Останува да видиме каков ефект ќе има кризата наредната година“, информираат од „Т-мобиле“ - Македонија. Со идентичен став е и раководството на ВИП. „Светската финансиска криза се продлабочи повеќе отколку што очекував лично. Луѓето станаа попретпазливи во трошењето пари. Но, телекомуникациите, како основно добро на луѓето, не се подложни на циклични влијанија и ќе останат стабилни“, вели извршниот директор на најмладиот мобилен оператор ВИП, Никола Љушев. Според него, економската криза ќе се продлабочува, а како држава ќе имаме сериозен проблем во 2009 и 2010 година, иако засега успешно се менаџира целиот процес на справување со кризата.Дека најмладиот мобилен оператор во Македонија ВИП не чувствува последици од кризата, говорат амбициозните планови за наредната година, за кога тие очекуваат значително зголемување на приходите и пазарниот удел, најавувајќи воведување нови технологии. До 2013 година ВИП очекува да надмине 25 отсто од пазарниот удел. Овој оператор годинава има достигнато 11 отсто од пазарниот удел, а покриеноста на населението со мрежа е 90 отсто. Според Љушев, по влезот на ВИП на македонскиот пазар, во мобилната телефонија многу работи се сменети, особено во поглед на цените, додавајќи дека според нивните процени, цените на одредени услуги паднале и до 80 отсто. Целна група за наредната година на ВИП ќе бидат постпејд-корисници.Во врска со евентуалното преземање на вториот мобилен оператор „Космофон“, Љушев изјави дека колку што му е познато, се' уште не е започнато длабинско снимање на состојбите во компанијата од страна на консултантските куќи на неговите сопственици.

Извор: (17.12.08). Телекомуникациите засега отпорни на кризата. Утрински Весник.

понеделник, 15 декември 2008 г.

Утрински: Компјутеризацијата на училиштата чини над 40 милиони евра

Компјутеризацијата на училиштата во земјава ќе чини најмалку четириесет милиони евра, сума што произлегува поради дополнителните проекти на Владата за доопремување на училишните објекти. Според она што може да се види досега, очигледно, Владата е подготвена по која било цена да ги компјутеризира училиштата. Иако, реално, првиот бран инсталирани компјутери се покажаа нефункционални поради редица пропусти, меѓу кои и немањето обука за наставниците и неподготвениот софтвер. Сега проблемот дополнително се комплицира поради зачестените кражби во училиштата на компјутерската опрема, за што ресорното Министерство испратило предупредување до директорите дека штетата ќе треба да си ја платат тие.Првично, Владата за проектот за набавка на компјутерите одвои 21 милион евра, иако околу оваа сума имаше контрадикторни информации, па се спомнуваше и цифрата од 24 милиони евра. Беа обезбедени компјутери за средните и за околу 40 отсто од основните училишта. Со првата набавка за училиштата беа набавени 18.000 персонални компјутери и 80.892 тин-клиенти (кои работат како компјутери, но без куќиште) и дополнителна опрема. Потоа Владата одвои и 9 милиони евра за компјутерската мрежа во училиштата, но ЈП „Македонска радиодифузија“ ја стопираше распределбата на дел од овие пари, со што доцнеше и проектот за инсталација во основните училишта. Како што потоа се објасни, проблем било тоа што парите не биле одобрени за префрлување од страна на Министерството за образование. Владата сега планира повторно набавка на компјутери, но само за основните училишта, бидејќи мрежата во средните веќе е покриена. Едниот тендер е за набавка на 75 илјади лаптопи за основците од прво до трето одделение и за наставниците. Во исто време е објавен и друг тендер за набавка на дополнителни 65 илјади компјутери, со што би требало да се заокружи проектот за компјутеризација во основните училишта. Упатените наведуваат дека за двата тендера Владата ќе одвои уште најмалку дваесетина милиони евра. Само за транспорт на компјутерите во училиштата Владата ќе плати 365 илјади евра, што е договорено со фирмата „Хајер“, преку која се набавени компјутерите за училиштата. Наплатата за транспортот ќе се исплаќа сукцесивно, како што ќе се пренесуваат компјутерите до училиштата.Кога ќе се соберат сите суми, цифрата ни малку не е за занемарување, а секако е поголема од 40 милиони евра. Којзнае која ќе биде крајната сума со која ќе се заокружи целиот проект за компјутеризација ако се знае дека за компјутерите се плаќа и осигурување, но и лежарина за нивното чување во магацините. Но, секогаш останува и можноста за непредвидливи трошоци.Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, уверува дека нема простор за грижи, бидејќи гаранцијата на компјутерите важи три години, што значи може да ги покрие евентуалните дефекти во тој период. А, ако се случат оштетувања, тоа ќе падне на товар на директорите, до кои е испратено писмо со предупредување за евентуалните оштетувања на компјутерите. Според него, осигурувањето за компјутерите е платено за цела година. Тој ги демантира тврдењата на Државниот завод за ревизија, кој во последниот ревизорски извештај наведува дека во моментот на ревизијата извршена пролетоска складираните компјутери не биле осигурани. Односно, дека по претходна опомена од Владата, МОН ги осигурало компјутерите само за периодот од јануари до март годинава.

Извор: (15.12.08). Компјутеризацијата на училиштата чини над 40 милиони евра. Утрински Весник.

сабота, 13 декември 2008 г.

Дневник: „Ало“ без претплата секој втор месец

Новите корисници на фиксната телефонија „Ало“ ќе може да зборуваат 6 месеци без месечна претплата. Сите нови претплатници што ќе склучат договор до 31 декември, добиваат можност секој втор месец во 2009 година да не плаќаат претплата.Услугата „Ало“ почна да се нуди во јуни годинава, со што мобилниот оператор „Космофон“ го прошири опсегот на работењето и во сферата на фиксната телефонија.

Извор: (13.12.08). „Ало“ без претплата секој втор месец. Дневник.

Вечер: Мобипазарот во Македонија оди во добра насока

Мобилниот пазар во Македонија се движи во добра насока. Стапката на пенетрација е 107 проценти и полека се движи кон онаа во Европската унија, вели главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија, Мајкл Лоренс. Според него, за ваквата висока стапка голема заслуга имаат над 1,3-те милиони претплатници на Т-Мобиле Македонија, кои постојано добиваат пониски и конкурентни цени на услугите. - При пејд цените се прифатливи и мошне примамливи, а нудиме и телефонски апарати според највисоките стандарди - рече Лоренс.
Т- Мобиле вчера ги претстави најновите поволности за пост пејд, бизнис и при пејд корисниците. Со новите пост-пејд тарифни модели Флекс корисниците можат да разговараат по иста цена кон сите мрежи преку цел ден почнувајќи од 3,1 денар/минута. Со склучување на договор од 24 месеци на некој од Флекс моделите, корисниците добиваат гратис разговори од 1.500 денари. Пост пејд корисниците добиваат и поволна веб енд вок понуда за користење мобилен интернет, која вклучува лап-топ, УСБ модем и 1ГБ интернет по промотивна цена од 999 денари месечно во Доверба 24.
Намалени се и цените за повици кон сите мрежи во Македонија и за 50 проценти кај тарифните модели Бизнис и Тим Бизнис и воведена е иста цена за разговори во текот на денот. Цените се намалени до само 2,5 денари во Бизнис 4000 и до 5,3 денари во Бизнис 350. Т-Мобиле стартуваше со новогодишна кампања за при пејд корисниците со која секој од нив ќе може да ја надополни својата сметка со ваучер од 3.000, 6.000 или 9.000 денари и добива бесплатен телефон.

Извор: С.Бл. (13.12.08). Мобипазарот во Македонија оди во добра насока. Вечер.

Вечер: Без претплата секој втор месец

Космофон ќе привлекува нови корисници за својата фиксна мрежа АЛЛО преку понуда на бесплатна месечна претплата. Од вчера Космофон им нуди можност на новите корисници на АЛЛО да зборуваат шест месеци без месечна претплата.
Како што појаснуваат од Космофон, сите оние кои ќе станат АЛЛО корисници до крајот на овој месец, ја добиваат единствената можност, секој втор месец во текот на целата година да не плаќаат месечна претплата. - Со едноставната и евтина комуникација овозможена со фиксната телефонија АЛЛО, уште еднаш ја докажуваме својата посветеност да креираме и воведуваме нови, поконкурентни и атрактивни новини на пазарот - велат од Космофон.
АЛЛО е лансирана во јуни годинава, со што Космофон го прошири опсегот на своето работење и во сферата на фиксната телефонија со што ја зацврсти својата позиција на технолошки лидер на пазарот.

Извор: (13.12.08). Без претплата секој втор месец. Вечер.