вторник, 12 август 2008 г.
Вест: Само по Интернет ќе се конкурира за транспортни дозволи
Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и на трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите
Транспортерите за добивање дозволи за меѓународен превоз на стоки од 15 август задолжително ќе мора да се пријавуваат по електронски пат. Носењето документи на рака во Министерството за транспорт и врски повеќе не важи. Дури и тие што ќе се обидат лично да ги однесат документите во Министерството, службениците ќе ги натераат на самото место барањето да го испратат по електронски пат.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека новиот начин на пријавување и на распределба на дозволите е регулиран со електронскиот систем за управување со дозволи кој се реализира во соработка со проектот е-Влада на УСАИД.
"Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и на трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите, целосно елиминирање на неправилностите и можноста за грешки, како и транспарентна распределба и увид во неа", рече вчера на прес - конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Според него, исто така, Министерството ќе има целосен увид во искористеноста на меѓународните дозволи, и ако некаде не е како што треба тие ќе им бидат одземени на транспортерите и прераспределени на други.
Министерот Јанакиески најави дека наскоро, по примерот на електронското аплицирање и распределба на дозволите за транспорт, Министерството на ист начин ќе почне да ги распределува и дозволите за автобуските линии.
Извор: И. С. (12.08.2008). Само по Интернет ќе се конкурира за транспортни дозволи. Вест.
петок, 8 август 2008 г.
Нова Македонија: Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар
Извор: (08.08.2008). Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар. Нова Македонија.
Дневник: Сајбер-криминалците со празни раце
Хакерите испуштија шанса да го освојат интернетот
Случајно откриена грешка на интернет можела да им даде непречен влез на хакерите да завладеат со глобалната мрежа на податоци.По шест месеци работа во најголема тајност, експертите од големите компании за производство на компјутерска опрема и софтвер направиле апликација што ја отстранила опасноста. Грешката случајно ја забележал експертот за мрежна безбедност Ден Кармински од компанијата „Иоктив“. Наместо него, ако дупката во системот ја пронашле хакери, тие би добиле пристап до електронската пошта на корисниците и доверливите податоци. Кармински стапил во контакт со софтверските гиганти „Мајкрософт“ и „Сан“ и најголемиот производител на мрежи и мрежни системи „Циско“. Сфаќајќи ја сериозноста на проблемот, во најголема тајност бил составен тим од 16 научници од целиот свет. Апликацијата е инсталирана во минатиот вторник, а корисниците не би требало да забележат измени во работата на своите персонални компјутери. Таа автоматски се инсталира како апдејт на постојните антивирусни програми - истакна Камински.
Грешката што ја откри Кармински беше во Домејн нејм системот (DNS) кој видливите домејни, као на пример адресата www.google.com ја поврзува со електронските страници што се кријат зад неа. Односно, на домејните им доделува бројчана шифра (IP adresa). Истото се случува и при испраќањето на електронската пошта. DNS претставува еден вид телефонски именик за интернет, ако хакерите знаеја за ова ќе се уфрлеа во овој софтвер, ќе ги изменеа шифрите за домејните и така ќе ја презедоа контролата врз интернетот. Ако ова сценарио се случеше, сите корисници што своите сметки ги плаќаат онлајн или пак, купуваат производи преку електронски пат, парите би им ги испраќале на сметки на хакерите без воопшто да знаат дека се ограбени - објаснуваат компјутерските експерти.На истиот начин сајбер-криминалците би добиле пристап и до електронската пошта, податоци за банкарските сметки и шифрите за паричните трансакции што се вршат преку интернет.Иако ваквите упади и сега се случуваат, експертите велат дека дупката во глобалната мрежа многу би им ја олеснила кражбата и додаваат оти прва цел на нападите би биле големите банки, корпорациите, државните структури и безбедносните служби.
Извор: Владимир Лочев. (16.7.2008). Сајбер-криминалците со празни раце. Дневник.
Вечер: Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп
Во единаесетте прилепски основни и во дел од средните училишта во пресрет на новата учебна година летово ќе се решаваат проблемите со санитарните јазли, огревот и компјутеризацијата, за што од Министерството за образование се одвоени над 9 милиони денари, јави МИА.
Најмногу, два милиона денари се за реновирање на санитарните јазли во Основното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Над еден и пол милион денари се за зафатите во градските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Климент Охридски“.
По еден милион денари се вложуваат во средното хемиско и во економското училиште. Во другите училишта финансиските вложувања се помали, но и со нив целосно се решаваат проблемите - изјавил Марјан Матракоски, советник за образование во локалната самоуправа.До крајот на летото тој најавува и други интервенции во училишните згради. Матракоски информира дека уште пролетта се распишани тендерите и се набавени потребните количества јаглен, дрва и нафта.
Паралелно со ова, завршува компјутеризацијата во петте средни училишта, во кои се инсталирани околу две и пол илјади компјутери со владината програма „Компјутер за секое дете“. Летово се работи на електричната инсталација во 11 основни училишта, во кои ќе се вмрежат повеќе од 3.000 компјутери.
Извор: (14.7.2008). Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп. Вечер.
четврток, 7 август 2008 г.
Дневник: „Сивус“ ќе отвори технолошки центар-парк во Скопје
Извор: Дневник. (07.08.2008). „Сивус“ ќе отвори технолошки центар-парк во Скопје.
среда, 6 август 2008 г.
Дневник: Отпуштените од МТВ без испратнини
Извор: Б.Ѓ. (06.08.2008). Отпуштените од МТВ без испратнини. Дневник.
Утрински: Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот
Во барањето за заштита на конкуренцијата, поднесено во јуни, претставниците од Комората за ИКТ наведуваат дека со промоцијата на Интернет-пакетите со вклучени компјутерски системи, „Македонски телеком“ им го отежнува настапот на останатите компјутерски компании во земјава и ги крши законските регулативи.
Телекомуникацискиот провајдер, сега познат на домашниот пазар како „Т-хоум“, на своите корисници на Интернет-услуги им ја нуди можноста да користат и евентуално да откупат персонален компјутер доколку се претплатат за некои од пакетите „макс АДСЛ“ за широкопојасен Интернет.
„Македонски телеком“, според Комората за ИКТ, на потенцијалните потрошувачи им нуди многу поволен модел за купување персонални и преносни компјутери, понуди кои другите ИТ-компании во земјава не можат да ги состават.
„Во овој случај, ’Македонски телеком‘ воспоставува квазисистем на лизинг, бидејќи тој е истовремено и продавач и понудувач на лизинг во однос на корисниците на услугите, со што грубо ги прекршува одредбите на Законот за лизинг“, се наведува во барањето на Комората.
Од Комората за ИКТ додаваат дека со увид во кварталните планови за продажба на „Македонски телеком“ се доаѓа од 25 до 30 илјади продадени персонални компјутери годишно, што според Комората за ИКТ претставува над 50 отсто од вкупниот годишен промет на ИТ-индустријата во Македонија.
Доколку се продолжи со оваа практика, може да се случи да се затворат голем број на ИТ-компании во Македонија и оваа индустрија да се доведе во криза, се наведува во барањето на Комората.
Според претседателот на Сојузот на стопански комори Венко Глигоров, Комората за ИКТ самостојно настапила кон поднесување на барањето до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Комората за ИКТ настапува самостојно, бидејќи нејзините активности се во врска со една одредена индустриска гранка. Сојузот на стопанските комори се занимава со општи проблематики кои се однесуваат на бизнис-климата во земјава и досега нема расправано за постапките на Комората за ИКТ“, објаснува претседателот на ССК Венко Глигоров.
Извор: А.П. (06.08.2008). Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот. Утрински.
вторник, 5 август 2008 г.
Вест: Колку пари толку коментатори во Пекинг
Македонската радио - телевизија (МРТ) се подготвува за пренос на Летните олимписките игри 2008, кои од петок, 8 август, до 24 август ќе се одржат во Пекинг, Кина. Главниот извршен директор Јанез Сајовиц вели дека МРТ до крајот на неделава на најголемиот светски спектакл во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, од кои еден спортски новинар минатата недела веќе заминал за Кина и за кој е сигурно дека ќе известува од отворањето на Игрите.
"Денеска за Пекинг треба да заминат уште двајца новинари од екипата, а најдоцна во петок или сабота да им се придружат и останатите. Пренос од Олимпијадата ќе има, а во Пекинг треба да известува екипа од вкупно девет репортери", вели Сајовиц.
Но, неофицијално од МРТ коментираат дека може да се случи за Пекинг да не замине целата екипа зашто јавниот сервис нема пари.
"Ние зборуваме за стечај на МРТ, вие прашувате за Олимпијада", коментираа вчера новинари од јавниот сервис.
Од тоа колку репортери и сниматели на МТВ ќе бидат во Пекинг, ќе зависи и бројот на натпревари што јавниот сервис ќе ги пренесува на своите канали и од каде што ќе се коментираат.
Целата екипа се планира да обезбеди двојазичен пренос на натпреварите, кои ќе почнуваат секој ден во 3 часот изутрина. Околу пладне се најавува получасовна пауза, во која ќе се емитува емисија од скопското студио, а потоа повторно ќе следува директен пренос од Пекинг до 18.30 часот.
Според најлошата варијанта, ако новинарите останат дома, Игрите би се коментирале од скопските студија на МТВ.
Уредникот на Спортската редакција Горан Милковски вели дека и покрај финансиските потешкотии во кои се наоѓа МТВ, Спортската редакција се подготвува за Олимпијадата, како и дека вработените се ентузијасти дека ќе направат пренос на Игрите каков што се правел во времето кога јавниот сервис немал финансиски проблеми.
Директорот на МРТ Јанез Сајовиц вчера не беше конкретен околу прашањето колку пари обезбедила МРТ за преносот на Олимпијадата од Пекинг, но потврди дека МРТ на Европската унија за радиодифузија (ЕБУ) се уште и нема платено 200.000 американски долари за телевизиските права за преносот на Олимпијадата во Атина од 2004 година, додека директорка беше Гордана Стошиќ. За Игрите во Пекинг, пак, МРТ на ЕБУ ќе треба да и плати уште 210 илјади швајцарски франци.
Извор: Т.Ј. (05.08.2008). Колку пари толку коментатори во Пекинг. Вест.
понеделник, 4 август 2008 г.
Шпиц: Текстови за македонија во „Њујорк Тајмс“ на цеде
Извор: (04.08.2008). Текстови за македонија во „Њујорк Тајмс“ на цеде. Шпиц.
Вест: Електронски овчар Ќе ги чува македонските овци
Ирската компанија "Сибрич- агро" во соработка со македонската Влада, воведува посебен систем на евиденција на податоците за секоја овца во трлото кое ќе биде електронски оградено. Мрежата ќе може да се дислоцира доколку се сели стадото овци на друго пасиште. Електронскиот овчар овците ќе го чувствуваат сензорски преку електронските вибрации и не ќе можат да се приближуваат до оградата која, пак од друга страна, без никакви трошоци ќе ги штити стадата и од волците кои постојано ги напаѓаат овците и јагнињата. Изготвената програма е по ирски терк која нуди заштеда на трошоците од 15 до 25 евра од грло не само од електронската замена на овчарот туку и од намалувањето на трошоците за кабеста храна.
"Ако се сака намалување на трошоците и подобар квалитет, сточарите ќе мора да си подигнат свои посебни пасишта со квалитетна трева исто како што се обработува една територија на пример со пченка или сончоглед. Ареалот Ќе биде уште побогат ако се изградат и бунари за наводнување на пасиштата затоа што сега македонските пасишта се суви и неквалитетни", вели д-р Мулен ирски експерт по овчарство и додава: "Македонскиот фармер се радува само до Велигден кога Ќе ги продаде овците, односно јагнињата, а потоа продолжува да плаче. Затоа треба во текот на целата година да има квалитетна производствена програма која ќе биде во функција за намалување на трошоците.
Ирците кои веќе посетиле голем број стада низ Македонија и ја знаат состојбата за симболичен износ од 3 до 5 евра нудат услуга за анализа на почвата, анализа на водата и пасиштата кои многу често знаат да бидат отровни и заразени. Ќе се вршат и ветеринарни услуги за што веќе се обезбедени четворица ветеринарни стручњаци кои бесплатно ќе одат на фармите и ќе бидат во контакт со фармерите за сите проблеми што ќе ги имаат, од здраствен, финаниски или менаџерски аспект
Извор: Т.Јовановски.(04.08.2008). Електронски овчар Ќе ги чува македонските овци. Вест.