петок, 8 август 2008 г.

Нова Македонија: Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар

МБИ-10 продолжи да расте, втор ден по ред во промет помал од 10 милиони денари. На официјалниот пазар вчера прометот со акции во класично тргување изнесува 6,8 милиони денари. Промети поголеми од еден милион денари остварија акциите на Комерцијална банка со 1,7 милион денари и на „Топлификација“ со 1,3 милион денари. Тргувани беа 15 акции на официјалниот пазар, а од чинителите на МБИ-10 се тргуваа уште и „Бетон“, „Гранит“, „Алкалоид“, „Макпетрол“, Охридска банка, Стопанска банка Битола и „Макстил“.
Од случувањата на пазарот речиси не може да се издвои ништо. Стагнација со меланхолија, без активност, без тенденција. Најтешко им е сега на брокерите, кои речиси немаат работа. Целиот промет на берзата вчера изнесуваше 13,1 милиони денари. За една брокерска куќа да работи рентабилно или барем да биде на позитивна нула е потребен промет од 45.000 евра или 2,7 милиони денари дневно. На нашиот пазар има 26 брокерски куќи. Реално, на пазар со длабочина како нашиот, нема место за 26 брокераи. Очигледно дека во сезоната на големи ќарови до октомври лани, тие се намножија како печурки по дожд.
На редовниот пазар прометот вчера изнесуваше 4,3 милиони денари. На овој сегмент на пазарот доминираше акцијата на телекомот, која оствари промет од 2,9 милиони денари. Воедно тоа беше најтргуваната акција. Се тргуваше по две цени. Првата беше 670 денари за акција, а втората беше 653 денари, што воедно и беше цена на затворање на пазарот. Таа акција вчера постигна просечна дневна цена од 656 денари и забележа пораст од 6 денари. Радува тоа што прометот со таа акција беше значително поголем од претходните денови, кој потврди дека база за краткорочно идно тргување ќе биде цената од 650 денари. Логично е кај таа акција да има пораст на цената, зашто се намалуваат деновите до исплата на дивиденда, која за секоја акција изнесува повеќе од 100 денари нето.
Позначајна активност на тој пазарен сегмент вчера имаше и со акцијата на Тутунска банка (обична), која оствари промет од еден милион денари во маргина од 8.800 до 8.830 денари за акција.

Извор: (08.08.2008). Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар. Нова Македонија.

Дневник: Сајбер-криминалците со празни раце

Сајбер-криминалците со празни раце

Хакерите испуштија шанса да го освојат интернетот

Случајно откриена грешка на интернет можела да им даде непречен влез на хакерите да завладеат со глобалната мрежа на податоци.По шест месеци работа во најголема тајност, експертите од големите компании за производство на компјутерска опрема и софтвер направиле апликација што ја отстранила опасноста. Грешката случајно ја забележал експертот за мрежна безбедност Ден Кармински од компанијата „Иоктив“. Наместо него, ако дупката во системот ја пронашле хакери, тие би добиле пристап до електронската пошта на корисниците и доверливите податоци. Кармински стапил во контакт со софтверските гиганти „Мајкрософт“ и „Сан“ и најголемиот производител на мрежи и мрежни системи „Циско“. Сфаќајќи ја сериозноста на проблемот, во најголема тајност бил составен тим од 16 научници од целиот свет. Апликацијата е инсталирана во минатиот вторник, а корисниците не би требало да забележат измени во работата на своите персонални компјутери. Таа автоматски се инсталира како апдејт на постојните антивирусни програми - истакна Камински.

Грешката што ја откри Кармински беше во Домејн нејм системот (DNS) кој видливите домејни, као на пример адресата www.google.com ја поврзува со електронските страници што се кријат зад неа. Односно, на домејните им доделува бројчана шифра (IP adresa). Истото се случува и при испраќањето на електронската пошта. DNS претставува еден вид телефонски именик за интернет, ако хакерите знаеја за ова ќе се уфрлеа во овој софтвер, ќе ги изменеа шифрите за домејните и така ќе ја презедоа контролата врз интернетот. Ако ова сценарио се случеше, сите корисници што своите сметки ги плаќаат онлајн или пак, купуваат производи преку електронски пат, парите би им ги испраќале на сметки на хакерите без воопшто да знаат дека се ограбени - објаснуваат компјутерските експерти.На истиот начин сајбер-криминалците би добиле пристап и до електронската пошта, податоци за банкарските сметки и шифрите за паричните трансакции што се вршат преку интернет.Иако ваквите упади и сега се случуваат, експертите велат дека дупката во глобалната мрежа многу би им ја олеснила кражбата и додаваат оти прва цел на нападите би биле големите банки, корпорациите, државните структури и безбедносните служби.

Извор: Владимир Лочев. (16.7.2008). Сајбер-криминалците со празни раце. Дневник.

Вечер: Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Во единаесетте прилепски основни и во дел од средните училишта во пресрет на новата учебна година летово ќе се решаваат проблемите со санитарните јазли, огревот и компјутеризацијата, за што од Министерството за образование се одвоени над 9 милиони денари, јави МИА.

Најмногу, два милиона денари се за реновирање на санитарните јазли во Основното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Над еден и пол милион денари се за зафатите во градските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Климент Охридски“.

По еден милион денари се вложуваат во средното хемиско и во економското училиште. Во другите училишта финансиските вложувања се помали, но и со нив целосно се решаваат проблемите - изјавил Марјан Матракоски, советник за образование во локалната самоуправа.До крајот на летото тој најавува и други интервенции во училишните згради. Матракоски информира дека уште пролетта се распишани тендерите и се набавени потребните количества јаглен, дрва и нафта.

Паралелно со ова, завршува компјутеризацијата во петте средни училишта, во кои се инсталирани околу две и пол илјади компјутери со владината програма „Компјутер за секое дете“. Летово се работи на електричната инсталација во 11 основни училишта, во кои ќе се вмрежат повеќе од 3.000 компјутери.

Извор: (14.7.2008). Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп. Вечер.

четврток, 7 август 2008 г.

Дневник: „Сивус“ ќе отвори технолошки центар-парк во Скопје

Компанијата за информатичка технологија „Сивус“ ќе отвори нов технолошки центар-парк во општина Кисела Вода, објавија вчера од фирмата.Во центарот ќе има простор и за други компании, а не само за „Сивус“. Планираме тоа да биде центар - лидер во регионов, каде што ќе ја развиваме информатичка технологија во Македонија - изјави вчера извршниот директор Игор Лештар. Центарот ќе се простира на 20 илјади квадратни метри, а се очекува бројот на вработените во наредните години да се зголеми на 1.500. Просторот кај Тутунскиот комбинат, каде што ќе биде центарот, во наредните 12 месеци ќе се реновира. Предвидено е во првите три години во употреба да се пушти половина од центарот, а остатокот да биде завршен во наредните две години.- Македонија има потенцијал и можност во иднина да стане една од водечките центри за оваа област во регионот. Владата ќе продолжи да инвестира, пред се', во образованието, но и за тренинг и развој на кадри кои потоа ќе бидат магнет за инвеститорите и за отворање нови работни места. Тоа ќе ги поттикне извоз и девизниот прилив - изјави премиерот Груевски, кој присуствуваше на промоцијата на инвестицијата на „Сивус“.

Извор: Дневник. (07.08.2008). „Сивус“ ќе отвори технолошки центар-парк во Скопје.

среда, 6 август 2008 г.

Дневник: Отпуштените од МТВ без испратнини

Запрена е исплатата на испратнините за околу 300 работници на МРТ кои во април договорно биле отпуштени. Тие досега добиле само надоместоци за април, мај и јуни, а нема најава кога ќе ја добијат испратнината за јули. Со спогодбеното раскинување на работниот однос овие вработени требаше да добијат 21 плата во 12 еднакви месечни рати почнувајќи од 15 април. Не знаеме зошто ни е прекината исплатата на надоместоците. Дојдовме во ситуација да не можеме да ги платиме месечните сметки. Таа испратнина ми е единствен извор за егзистенција, бидејќи мажот ми е стечаец - вели поранешна вработена во МРТ. Во МРТ вчера не можеше да се добие одговор за тоа кога ќе бидат исплатени испратнините. Собранието неодамна донесе промени во Законот за радиодифузијата со кои се овозможува стечај и ликвидација на овој јавен сервис чии загуби се движат од 10 до 15 милиони евра. Но, се' уште не е соопштено дали наскоро ќе се покрене стечајна постапка.

Извор: Б.Ѓ. (06.08.2008). Отпуштените од МТВ без испратнини. Дневник.

Утрински: Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот

Поплаките на Комората за информатичко-комуникациски технологии при Сојузот на стопански комори дека „Македонски телеком“ на нефер начин им одзема педесет отсто од пазарот на компјутерските компании во Македонија, се' уште се разгледуваат во Комисијата за заштита на конкуренцијата. Оттаму велат дека својот став околу поплаките на Комората за ИКТ ќе го изложат наскоро. „Побаравме да ни се достават дополнителни информации од ’Македонски телеком‘. Можно е за една недела да се произнесеме по повод барањето на Комората за ИКТ“, вели првиот човек на Комисијата Чедо Кралевски.

Во барањето за заштита на конкуренцијата, поднесено во јуни, претставниците од Комората за ИКТ наведуваат дека со промоцијата на Интернет-пакетите со вклучени компјутерски системи, „Македонски телеком“ им го отежнува настапот на останатите компјутерски компании во земјава и ги крши законските регулативи.

Телекомуникацискиот провајдер, сега познат на домашниот пазар како „Т-хоум“, на своите корисници на Интернет-услуги им ја нуди можноста да користат и евентуално да откупат персонален компјутер доколку се претплатат за некои од пакетите „макс АДСЛ“ за широкопојасен Интернет.

„Македонски телеком“, според Комората за ИКТ, на потенцијалните потрошувачи им нуди многу поволен модел за купување персонални и преносни компјутери, понуди кои другите ИТ-компании во земјава не можат да ги состават.

„Во овој случај, ’Македонски телеком‘ воспоставува квазисистем на лизинг, бидејќи тој е истовремено и продавач и понудувач на лизинг во однос на корисниците на услугите, со што грубо ги прекршува одредбите на Законот за лизинг“, се наведува во барањето на Комората.

Од Комората за ИКТ додаваат дека со увид во кварталните планови за продажба на „Македонски телеком“ се доаѓа од 25 до 30 илјади продадени персонални компјутери годишно, што според Комората за ИКТ претставува над 50 отсто од вкупниот годишен промет на ИТ-индустријата во Македонија.

Доколку се продолжи со оваа практика, може да се случи да се затворат голем број на ИТ-компании во Македонија и оваа индустрија да се доведе во криза, се наведува во барањето на Комората.

Според претседателот на Сојузот на стопански комори Венко Глигоров, Комората за ИКТ самостојно настапила кон поднесување на барањето до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Комората за ИКТ настапува самостојно, бидејќи нејзините активности се во врска со една одредена индустриска гранка. Сојузот на стопанските комори се занимава со општи проблематики кои се однесуваат на бизнис-климата во земјава и досега нема расправано за постапките на Комората за ИКТ“, објаснува претседателот на ССК Венко Глигоров.

Извор: А.П. (06.08.2008). Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот. Утрински.

вторник, 5 август 2008 г.

Вест: Колку пари толку коментатори во Пекинг

Директорот на МРТ Јанез Сајовиц најавува дека во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, но вработените велат дека преносот ќе зависи од тоа колку пари ќе се обезбедат.
Македонската радио - телевизија (МРТ) се подготвува за пренос на Летните олимписките игри 2008, кои од петок, 8 август, до 24 август ќе се одржат во Пекинг, Кина. Главниот извршен директор Јанез Сајовиц вели дека МРТ до крајот на неделава на најголемиот светски спектакл во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, од кои еден спортски новинар минатата недела веќе заминал за Кина и за кој е сигурно дека ќе известува од отворањето на Игрите.
"Денеска за Пекинг треба да заминат уште двајца новинари од екипата, а најдоцна во петок или сабота да им се придружат и останатите. Пренос од Олимпијадата ќе има, а во Пекинг треба да известува екипа од вкупно девет репортери", вели Сајовиц.
Но, неофицијално од МРТ коментираат дека може да се случи за Пекинг да не замине целата екипа зашто јавниот сервис нема пари.
"Ние зборуваме за стечај на МРТ, вие прашувате за Олимпијада", коментираа вчера новинари од јавниот сервис.
Од тоа колку репортери и сниматели на МТВ ќе бидат во Пекинг, ќе зависи и бројот на натпревари што јавниот сервис ќе ги пренесува на своите канали и од каде што ќе се коментираат.
Целата екипа се планира да обезбеди двојазичен пренос на натпреварите, кои ќе почнуваат секој ден во 3 часот изутрина. Околу пладне се најавува получасовна пауза, во која ќе се емитува емисија од скопското студио, а потоа повторно ќе следува директен пренос од Пекинг до 18.30 часот.
Според најлошата варијанта, ако новинарите останат дома, Игрите би се коментирале од скопските студија на МТВ.
Уредникот на Спортската редакција Горан Милковски вели дека и покрај финансиските потешкотии во кои се наоѓа МТВ, Спортската редакција се подготвува за Олимпијадата, како и дека вработените се ентузијасти дека ќе направат пренос на Игрите каков што се правел во времето кога јавниот сервис немал финансиски проблеми.
Директорот на МРТ Јанез Сајовиц вчера не беше конкретен околу прашањето колку пари обезбедила МРТ за преносот на Олимпијадата од Пекинг, но потврди дека МРТ на Европската унија за радиодифузија (ЕБУ) се уште и нема платено 200.000 американски долари за телевизиските права за преносот на Олимпијадата во Атина од 2004 година, додека директорка беше Гордана Стошиќ. За Игрите во Пекинг, пак, МРТ на ЕБУ ќе треба да и плати уште 210 илјади швајцарски франци.

Извор: Т.Ј. (05.08.2008). Колку пари толку коментатори во Пекинг. Вест.

понеделник, 4 август 2008 г.

Шпиц: Текстови за македонија во „Њујорк Тајмс“ на цеде

НАСЛОВИ на 2.285 текстови за Македонија во „Њујорк Тајмс“ , објавени меѓу 1851 и 1922 година, се најдоа на цеде-ром продуциран од Милчо Манчевски, Марина Костова и компанијата „Еин Соф“. Подготвувачите на Илинден им го подарија цеде-ромот на сите државни институции „Беља во Македонија“, „Масовни погобувања во Македонија“, „Херојската борба на Македонија за слобода“, „Мис Стон најпосле слободна“, „Смрт на македонскиот поглавица“, „Анархија во Македонија“, „Грците ги предадоа Македонците“, се само дел од насловите на 2.285 новински текстови објавени во „Њујорк Тајмс“. Речиси сите текстови се појавуваат за прв пат во нашата јавност. Иницијатива за собирање на овој материјал потекнува од времето кога Манчевски го подготвувал филмот „Прашина“, кој го опфаќа периодот околу Илинденското востание. Тогаш тој во архивите на „Њујорк Тајмс“ пронашол новинарски текстови кои многу го изненадиле.

Извор: (04.08.2008). Текстови за македонија во „Њујорк Тајмс“ на цеде. Шпиц.

Вест: Електронски овчар Ќе ги чува македонските овци

Електронскиот овчар овците ќе го чувствуваат сензорски преку електронските вибрации и не ќе можат да се приближуваат до оградата која, пак, ќе ги штити стадата и од волците кои постојано ги напаѓаат.

Ирската компанија "Сибрич- агро" во соработка со македонската Влада, воведува посебен систем на евиденција на податоците за секоја овца во трлото кое ќе биде електронски оградено. Мрежата ќе може да се дислоцира доколку се сели стадото овци на друго пасиште. Електронскиот овчар овците ќе го чувствуваат сензорски преку електронските вибрации и не ќе можат да се приближуваат до оградата која, пак од друга страна, без никакви трошоци ќе ги штити стадата и од волците кои постојано ги напаѓаат овците и јагнињата. Изготвената програма е по ирски терк која нуди заштеда на трошоците од 15 до 25 евра од грло не само од електронската замена на овчарот туку и од намалувањето на трошоците за кабеста храна.

"Ако се сака намалување на трошоците и подобар квалитет, сточарите ќе мора да си подигнат свои посебни пасишта со квалитетна трева исто како што се обработува една територија на пример со пченка или сончоглед. Ареалот Ќе биде уште побогат ако се изградат и бунари за наводнување на пасиштата затоа што сега македонските пасишта се суви и неквалитетни", вели д-р Мулен ирски експерт по овчарство и додава: "Македонскиот фармер се радува само до Велигден кога Ќе ги продаде овците, односно јагнињата, а потоа продолжува да плаче. Затоа треба во текот на целата година да има квалитетна производствена програма која ќе биде во функција за намалување на трошоците.

Ирците кои веќе посетиле голем број стада низ Македонија и ја знаат состојбата за симболичен износ од 3 до 5 евра нудат услуга за анализа на почвата, анализа на водата и пасиштата кои многу често знаат да бидат отровни и заразени. Ќе се вршат и ветеринарни услуги за што веќе се обезбедени четворица ветеринарни стручњаци кои бесплатно ќе одат на фармите и ќе бидат во контакт со фармерите за сите проблеми што ќе ги имаат, од здраствен, финаниски или менаџерски аспект

Извор: Т.Јовановски.(04.08.2008). Електронски овчар Ќе ги чува македонските овци. Вест.

сабота, 26 јули 2008 г.

Вечер: Студент од ЕУРМ дизајнираше компјутер во форма на топка

Апостол Тноковски, студент на Првиот приватен универзитет Европски универзитет РМ, на само 25 години дизајнираше компјутер во форма на топка, со која на натпревар на Мајкрософт за дизајн на нова генерација на персонални компјутери постигна забележителен успех. Од 1000 конкуренти влезе во тесниот избор од 80-тина.

Студентот во трета година на отсекот графички дизајн, на Факултетот за арт и дизајн, го изработи визуелниот идентитет на тренинг центарот ЦС Глобал од Скопје, извесен период работеше во маркетинг агенција, каде дизајнираше печатени материјали. Ја дизајнираше и веб-страницата на годинашниот Скопски филмски фестивал во соработка со доц. Гордана Вренцоска. Моментално работи во продукцијата "Наше маало" како графички дизајнер.

Учествуваше на натпревар на Мајкрософт. Појасни ни за што станува збор?
- NEXT GENERATION PC DESIGN COMPETITION е натпревар организиран од Мајкрософт за дизајн на нова генерација на персонални компјутери. Овој натпревар се организира со цел да се генерираат нови идеи, кои би придонеле за развојот на компјутерската индустрија во иднина. Оваа година беа пријавено над 1000 концепти од целиот свет, а јас успеав да влезам во 80-те најдобри. Влегов со мојот концепт за многу мал персонален компјутер со невообичаен облик на топка. Концептот е наречен E-BALL, односно електронска топка.

Објасни ни го концептот на твојот проект
- E-ball е производ со дијаметар од 16 сантиметри. Целата идеја ми беше тоа да биде најмалиот компјутер со најчуден облик. Кога велам најмалиот, не мислам на ПДА компјутер кој има релативно ограничени карактеристики, туку мислам на најмал персонален компјутер со карактеристики на десктоп/лаптоп компјутер: ДВД рекордер, Хард диск со голем капацитет, многу рам меморија, солидна графичка картичка, голем екран и сл. Основна карактеристика на овој производ е компактноста на елементите.

Дали мислиш дека проектираше практичен и атрактивен производ?
- Овој производ би бил доста примамлив за бизнисмените, како и за тинејџерите. Еве некои карактеристики кој го прават овој производ примамлив: мала димензија (можеме да го носиме в џеб, кога не го користиме да го чуваме во фиока), уникатна форма, можност да се користи за презентации без носење на дополнителни елементи како звучници и проектор, можност да се користи како целосен мултимедијален центар (за слушање музика, гледање филмови на проектор, сурфање и сл.).

Од каде дозна за конкурсот и дали ова Ти е прво учество на ваков конкурс?
- Во последниве неколку години многу често учествувам на конкурси за индустриски дизајн и мислам дека веќе ми станаа навика. Бидејќи се работи за конкурси на кои проектите се праќаат преку интернет, преку интернет пребарување доаѓам до информација за некои конкурси, така го открив и конкурсот на Мајкрософт.

Извор: (26.7.08). Студент од ЕУРМ дизајнираше компјутер во форма на топка. Вечер.