четврток, 15 мај 2008 г.

Вечер: ВИП работи со загуба

Третиот мобилен оператор ВИП кој со работа почна во септември лани, на крајот на март годинава имал 163.000 претплатници и удел од 8,1 процент од мобилниот пазар во земјава, кога пенетрацијата на мобилната телефонија изнесуваше 99 проценти.

Според финансиските резултати што вчера ги објави Групацијата Телеком Австрија во чии рамки е ВИП, во првиот квартал е остварен приход од 1,8 милиони евра, додека трошоци за овој период резултирале со загуба од шест милиони евра. Оперативните загуби пак, во истиот период изнесуваат 6,9 милиони евра.

Извор: (15.05.2008). ВИП работи со загуба. Вечер.

вторник, 13 мај 2008 г.

Дневник: „Дојче телеком“ и ОТЕ пред договор

Договорот за купување акции во грчката телекомуникациска компанија ОТЕ од „Дојче телеком“ ќе биде потпишан до четврток, објави весникот „Имерисија“. Владата во Атина и германската компанија преговараат за идниот удел и за управувањето со ОТЕ, јави МИА. Во минатата недела Комисијата за приватизација даде зелено светло за зделката, која треба да биде одобрена и од Владата, но и од грчкиот парламент. „Имерисија“ тврди дека преговорите се во крајна фаза и дека е договорено „Дојче телеком“ да купи три отсто од акциите што сега се сопственост на државата. Германската компанија веќе постигна договор за купување 20 проценти од акциите на ОТЕ, кои се сопственост на „Марфин инвестмент груп холдингс“.Според весникот, во овој договор се дава можност „Дојче телеком“ до 2011 година да купи 40 проценти од акциите на ОТЕ. „Нафтемборики“ пишува дека моделот за приватизација на телекомот ќе биде употребен и во други случаи.„Министерството за економија планира да направи серија од помали зделки за приватизација. Први на списокот се пристаништата во Пиреја и во Солун, чии делови ќе бидат дадени на концесија и до 30 години“, објави весникот.

Извор: (13.5.08). „Дојче телеком“ и ОТЕ пред договор. Дневник.

Дневник: „Онтел“ понуди поевтина телефонија

Телекомуникацискиот оператор „Онтел“ од вчера почна да нуди услуги во фиксната телефонија со месечна претплата од 990 денари. Во овој пакет се вклучени 300 бесплатни минути разговор кон броеви на „Македонски телеком“, бесплатен приклучок и неограничени локални разговори во мрежата на „Онтел“.По искористувањето на бесплатните минути кон телекомот, разговорите ќе чинат 0,8 денари за минута. Од „Онтел“ соопштија дека цените на разговорите кон мобилната телефонија ќе бидат пониски за 15 до 20 отсто, а националните и меѓународните разговори ќе бидат поевтини до 60 отсто во споредба со тие на „Македонски телеком“. Минута разговор кон мобилните мрежи ќе чини 8,5 денари, а кон првата зона во странство шест денари. Телеком наплаќа 9,9 денари за мобилни разговори, а 12, 8 денари кон странство. Сите цени се без пресметан ДДВ од 18 отсто.Вториот фиксен оператор бара Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на конкуренцијата да преземат мерки за регулација на интерконекциските цени за граѓаните да добијат вистинска либерализација на телекомуникацискиот пазар.Силно ќе притискаме тие што поскоро да ги регулираат големопродажбените цени што ги нуди телекомот. Апсурдно е големопродажбените цени да се поголеми од малопродажбените. Со тоа телекомот директно ја спречува конкуренцијата и може да се казни со седум до десет отсто од вкупниот приход бидејќи ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот - вели Предраг Чемерикиќ, директор на „Онтел“.Раководството на „Онтел“ истакна дека свесно почнуваат да работат со загуба, а очекуваат до есенва да се создадат фер услови за работа. Месечната претплата на „Македонски телеком“ е 400 денари. За да ја користиме нивната жица бараат да им плаќаме по 582 денари за корисник. Уште поапсурдно е што телекомот наплаќа по 1.200 денари за инсталација на телефон во нов стан. Кога „Он.нет“ ја бара веќе поставената жица за свој корисник, нам ни наплаќаат 3.500 денари - рече Чемерикиќ.„Онтел“ ќе функционира како посебен бренд во рамките на интернет-провајдерот „Он.нет“, кој од 2006 година е сопственост на групацијата „Телеком Словенија“.Услугите на вториот фиксен оператор на почеток ќе може да ги користат само граѓаните во Скопје. Според Чемерикиќ, високите цени за интерконекција и за пристап до централите на „Македонски телеком“ се пречка за да услугите бидат достапни и во другите градови.Пазарот на фиксната телефонија, иако законски е либерализиран од пред неколку години, во пракса е монополизиран. Граѓаните досега немаа можност да избираат алтернативен оператор.

Извор: М.Б. (13.5.08). „Онтел“ понуди поевтина телефонија. Дневник.

Утрински: Стартуваше со работа вториот фиксен оператор „Онтел“

Конечно, се појави конкуренција и во фиксната телефонија. Под брендот „Онтел“ од вчера почна да функционира долгонајавуваниот втор фиксен оператор во државава, под капата на „Он.нет“, а во сопственост на групацијата „Телеком Словенија“. „Онтел“ се промовираше како оператор што ќе дава поевтини услуги од оние на „Македонски телеком“, а во догледно време од објективни причини негови корисници ќе можат да станат единствено претплатниците од Скопје. Новиот фиксен оператор засега нуди само еден пакет за корисниците, и тоа по цена од 990 денари без пресметан ДДВ, кој вклучува бесплатен приклучок, бесплатни неограничени разговори со сите корисници на „Онтел“ и 300 минути бесплатен разговор кон броевите на конкурентскиот „Македонски телеком“. Доколку претплатникот зборува повеќе од предвидените гратис-минути во пакетот, секоја дополнителна минута разговор ќе го чини 0,89 денари плус ДДВ. Една минута разговор, пак, со кој било мобилен оператор ќе се наплаќа по 8,5 денари плус ДДВ. Предраг Чемерикиќ, генерален директор на „Он.нет“, на вчерашната промоција на „Онтел“ посочи дека неговите цени во споредба со оние на „Македонски телеком“, кои се однесуваат на разговори кон мобилните оператори, ќе бидат пониски за 15-20 отсто, а за 60 отсто ќе бидат поевтини разговорите кон странство. Карактеристично за новиот оператор, во споредба со конкурентот, е тоа што цената на разговорите нема да зависи од времето кога тие се водени, односно не постои евтина и скапа тарифа, а истовремено не се плаќа ниту месечна претплата. Од „Онтел“ изјавија дека се' додека Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на конкуренцијата не ги ребалансираат цените за интерконекција, тие ќе можат да го нудат засега единствениот промовиран пакет.„За да можеме да дадеме пакет каде што нема вклучени минути, АЕК и Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да поработат на делот на злоупотреба на доминантната позиција. За нов број од ’Телеком‘ плаќате 1.200 денари, а „Онтел“, ако сака да земе свој корисник, плаќа 3.500 денари“, изјави Чемерикиќ, кој посочи дека во инсталирањето на потребната оптичка инфраструктура во Скопје компанијата инвестирала 5 милиони евра. Новиот оператор ќе работи со сопствена телефонска централа, користејќи ја мрежната структура на „Македонски телеком“. Од „Онтел“ очекуваат во наредниот период барем 35 отсто од телефонските корисници во државава да станат дел од нивната мрежа. Чемерикиќ објасни дека постапката за преминување на корисниците од „Македонски телеком“ на „Онтел“ е едноставна, односно заинтересираните треба да ги имаат намирено сите сметки со МТ, да потпишат договор со новиот оператор и да поседуваат макар и најобичен телефонски апарат. Броевите од вториот фиксен оператор обично ќе почнуваат на „51“. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој присуствуваше на промоцијата на „Онтел“, рече дека зголемената конкуренција во секој сегмент од економијата е чекор кон усовршување на понудите и услугите, но и намалување на цените што ги плаќаат граѓаните за тие услуги.

Извор: (13.5.2008). Стартуваше со работа вториот фиксен оператор „Онтел“. Утрински Весник.

понеделник, 12 мај 2008 г.

Утрински: Грчки „Космоте“ ќе се преименува во „Т-мобиле“

Атина – Грчкиот мобилен оператор „Космоте“, во чија сопственост е македонскиот оператор „Космофон“ наскоро ќе биде преименуван во „Т- мобиле“, пишува весникот „Елефтерос типос“. Ребрендирањето е предвидено со договор за стратегиско партнерство за државната компанија ОТЕ, што наскоро треба да биде потпишан помеѓу грчката влада и раководството на германската компанија „Дојче телеком”.Надлежната комисија за приватизација даде зелено светло за склучување на договорот, кој треба уште да биде одобрен од посебна владина комисија и да биде ратификуван од грчкиот парламент, пишува „Елефтерос типос”.Според истиот извор, предвидено е ОТЕ да си го задржи името, а неговата компанија ќерка „Космоте”, која е присутна на неколку балкански пазари, вклучително и во Македонија, ќе биде преименувана во „Т-мобиле”. Грчкиот весник пишува дека „Дојче телеком” не бил многу заинтересиран за фиксната телефонија на ОТЕ, колку што силно посакува да има контрола над „Космоте”. „Т-мобиле” е сопственик и на најголемиот мобилен оператор во Македонија, а останува нејасно како понатаму ќе се развива пазарот, доколку и вториот мобилен оператор го добие истиот име. Во Македонија од неодамна се формираше и трет мобилен оператор, по што Владата најави дека ќе оди кон понатамошна либерализација со распишување на тендер за четврт мобиле оператор.
Извор: (12.5.08). Грчки „Космоте“ ќе се преименува во „Т-мобиле“. Утрински Весник.

Утрински: Од 17 мај „Македонски телеком“ со нови пакети

Со ребрендирањето, „Македонски телеком“ ќе почне со воведување новини што ќе опфаќаат надградба на телекомуникациската инфраструктура во Македонија. Оттаму најавуваат воведување атрактивни пакети на интегрирани производи на телекомуникации, Интернет и Интернет- телевизија, поедноставни телефонски услуги со подостапни фиксни тарифи, понуди на атрактивна комуникациска опрема, како и најкомплетни и технолошки напредни пакети на решенија за комуникации и поврзување за потребите на нашите деловни корисници, итн.Почнувајќи од 17 мај, на резиденцијалните и на бизнис- корисниците ќе им се понудат нови тарифни модели. Резиденцијалните корисници ќе имаат можност за минимална месечна претплата да користат бесплатни локални и национални разговори секој ден во периодот од 19 до 8 часот. Овој тарифен модел најмногу им одговара на корисниците кои сакаат долго и безгрижно да разговараат на телефон, како што се домаќинки, тинејџери и слично. Понудата овозможува долги разговори, без страв од големи телефонски сметки, едноставност и заштеда, како и намалување и контрола на телефонските месечни сметки. Прв пат на пазарот, „Македонски телеком“ нуди различни тарифни опции за сегментот на мали деловни корисници. Станува збор за два нови тарифни модели кои нудат целосно нова шема на тарифирање, со вклучени разговори во месечната претплата и атрактивни цени. Малите бизнис-корисници на тој начин ќе стигнат до заштеда - намалување и контрола на сметките, но истовремено тарифните модели овозможуваат атрактивни цени кон поскапите дестинации.
Извор: (12.5.08). Од 17 мај „Македонски телеком“ со нови пакети . Утрински Весник.

петок, 9 мај 2008 г.

Утрински: Доаѓа нов монопол во мобилната телефонија

Македонија се наоѓа на добар пат да добие монопол во мобилната телефонија по преземањето на грчки ОТЕ од страна на „Дојче телеком“, што најверојатно ќе се случи наскоро. Имено, инвестиционата компанија „Марфин инвестмент груп“, која поседува 20 отсто од капиталот на ОТЕ, кои се предмет на разговори за купопродажба со „Дојче телеком“, најавила склучување на договорот до крајот на месецов, што значи дека „Дојче телеком“ веќе добил зелено светло за купување на акциите. Според „Елефтеротипија“, зделката за продажба на грчката компанија на „Дојче телеком“ се очекува да се финализира. Весникот наведува дека владината комисија треба да ги разгледа и последните детали од оваа зделка, и покрај противењето на опозицијата и на вработените во ОТЕ.Минатата седмица грчката влада соопшти дека преговара со „Дојче телеком“ за идниот удел во акциите. Државата моментно е најголем акционер во ОТЕ со 28 проценти од акциите и има право да назначува претседател на компанијата.Во март „Дојче телеком“ соопшти дека планира да купи 20 отсто од акциите на ОТЕ од грчката „Марфин инвестмент груп холдингс“ за цена од 2,5 милијарди евра, но оваа зделка зависи од тоа дали ќе биде постигнат договор со грчката влада. Со преземањето на ОТЕ од страна на „Дојче телеком“, „Т-мобиле“ и „Космофон“ ќе имаат ист газда, а единствен конкурент ќе им биде операторот ВИП. Во земјава Германците преку „Т-мобиле“ имаат повеќе од милион корисници, а Грците преку „Космофон“ повеќе од половина милион корисници, што вкупно означува држење на околу 90 проценти од пазарот. Според Законот за заштита на конкуренцијата, монопол може да се појави ако некој субјект има контрола на повеќе од 40 проценти од клиентите и услугите, но за да се утврди монопол, треба да се проверат дополнителни критериуми. „ВИП го следи развојот на настани во врска со можната аквизиција на дел од акциите на ОТЕ од страна на ’Дојче телеком‘. Доколку овој развој на глобално и регионално ниво почне да влијае врз македонскиот пазар на електронски комуникации, веруваме дека Комисијата за заштита на конкуренцијата професионално и во согласност со својата ориентираност за заштита на конкуренцијата ќе преземе соодветни мерки да го заштити пазарот на мобилна телефонија, а, пред се' корисниците, од евентуално монополистичко однесување“, велат од ВИП.Доколку Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека е воспоставен монопол и дека постои опасност потрошувачите во Македонија да имаат повисоки цени, Комисијата може да побара од „Дојче телеком“ да ја врати состојбата пред воспоставената концентрација.„Процедура во вакви ситуации е откако ќе се потпише договорот за купување на некоја фирма, купувачот да влезе во фирмата, да воспостави свој менаџерски тим и потоа да ја пријави концентрацијата во земјата во која има фирми, во случајов Македонија. Потоа ние ја започнуваме процедурата за испитување на концентрацијата и доколку има такви обиди, наше е да не дозволиме создавање монопол кој подоцна би можел да ја злоупотреби својата доминантна положба“, вели претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Чедомир Кралевски.

Извор: А. Стевковска. (9.5.08). Доаѓа нов монопол во мобилната телефонија. Утрински Весник.

понеделник, 5 мај 2008 г.

Вечер: ОУ "Васил Главинов" доби 16 лаптоп компјутери

Американската агенција за развој, УСАИД, во рамките на проектот Компјутер за секое дете на велешкото училиште "Васил Главинов" му подари 16 лаптоп компјутери и друга придружна опрема. Вредноста на донацијата изнесува 20.000 долари.

Одговорните во училиштето велат дека со добивањето на лаптоп компјутерите ќе се подобри образовниот процес. Во ова велешко училиште учат над 2.000 ученици, и е едно од 14. осмолетки во земјава во кои УСАИД со проектот Компјутер за секое дете донираше лаптопови.

Од УСАИД велат дека во периодот од 1993 година па досега тие во Македонија имаат инвестирано над 500 милиони долари, од кои најголем дел се за набавка на компјутери и друга опрема за училиштата.

Извор: С.А. (5.5.2008). ОУ "Васил Главинов" доби 16 лаптоп компјутери. Вечер.

Утрински: Драмски театар нуди Интернет- продажба на билети

Светот е виртуелно глобално село, но единствениот виртуелен контакт кој што во моментов можете да го остварите со некоја од театарските институции во земјава е Драмскиот театар од Скопје. Ова е единствената театарска куќа во земјава која деновиве доби нов, функционален сајт(www.dramskiteatar.com.mk ) на кој можат да се најдат информации за претставите на репертоарот, за актерскиот тим, за гостувањата, за наградите... Сепак, она што е исклучително значајно е фактот што со посредство на овој сајт Драмски театар веќе нуди и Интернет-продажба на билети. Оваа театарска куќа е единствената во земјава која е фискализирана и вмрежена преку „Дајнерс“, така што на самиот систем кој го има поставено „Дајнерс“ може да се врши наплата на билетите со „виза“ и „мастеркард“.

Токму овој многу значаен сегмент, не само што нуди комодитет на потенцијалната публика, која наместо да мора да го набави својот билет од билетарницата на театарот, ќе може да го стори тоа он-лајн, туку ги намалува и финансиските трошоци на институцијата и го зголемува нејзиниот профит. Се намалуваат трошоците за печатење билети, но и цената на чинење на билетот е загарантирана. Досега, со вклученоста на аквизитерите во процесот на продажба на билетите, нивната цена се намалуваше. Поточно, генерално околу 40 отсто од билетите во македонските театри се продаваат преку аквизитери, а 60 отсто од продажбата се остварува на благајната. Билетите кои ги земаат аквизитерите се организирани билети со пониска цена. Исто така, аквизитерите во просек земаат 25 отсто од цената на билетот. Со изземање на аквизитерите од кругот на продажбата и со имплементирање на Интернет-продажбата на билетите по нивната стандардна цена, расте профитот на институциите.

Покрај Драмски, во овој период беше најавуван и стартот на новиот сајт на МНТ, но изработката на овој сајт доцни. „Интернет-страницата во моментов се гради и се дигитализира целото театарско наследство. Преку спонзорство ги обезбедивме техничките средства, компјутери, скенери и се' што ни е потребно за дигитализација на видео и печатените материјали, но поради одредени технички проблеми изградбата на сајтот се' уште не е завршена“, вели директорот на МНТ, Сашо Миленковски.

Тој вели дека, како и во случајот со Драмски, по промовирањето на новиот сајт на МНТ ќе стартува и Интернет-продажбата на билети. „На овој план ќе соработуваме со австриската фирма ’Тикет лајн’ која има своја филијала во земјава. МНТ ќе ја користи како аутсорсинг фирма на која и оставаме мал процент од секој продаден билет. Продажбата на билети ќе се врши преку линк на сајтот на МНТ“, вели Миленковски. Тој додава дека во план е до септември оваа година продажбата на билетите на МНТ да се врши само на билетарницата и он-лајн.

Токму во овој временски период, во втората половина на годинава, и Стопанска банка стартува со воведување на заштитни механизми на платежните картички за сигурно плаќање на Интернет.

Извор: Лилјана Митевска. (5.5.2008). Драмски театар нуди Интернет- продажба на билети. Утрински Весник.

четврток, 1 мај 2008 г.

Вест: Т-Мобиле и Космофон не даваат пониски цени

Двата мобилни оператора ги обжалија ценовниците на Агенцијата за електронски комуникации, според кои треба ги намалат цените кон ВИП операторот за околу 50 отсто, со што ќе паднат и цените кон граѓаните

"Т-Мобиле" и "Космофон" ги обжалија поевтините ценовници кои им ги наложи Агенцијата за електронски комуникации. Станува збор за цените кои мобилните оператори си ги наплаќаат меѓусебно за секој реализиран повик. Агенцијата им наложи на "Т-Мобиле" и "Космофон" да ги намалат нивните цени кон ВИП операторот за околу 50 отсто, додека ВИП и понатаму на двата оператора треба да продолжи да им испорачува за 50 насто повисоки фактури. Ваквиот пад на цените треба да овозможи и намалување на малопродажните цени во за граѓаните.
По жалбите кои двата оператори ги доставија до Комисијата за електронски комуникации минатата недела, согласно законската постапка, Комисијата треба да одлучи во рок од два месеца. Одлуката на Комисијата е извршна и операторите имаат обврска да ја применат во рок од 30 дена.
Практично, ако Комисијата го искористи максималниот рок за нејзината одлука, "Т-Мобиле" и "Космофон" ќе ја развлечат постапката за намалување на цените до август годинава, со што ќе се заглави понатамошниот пад на малопродажните цени за граѓаните.
Неофицијалните коментари се дека операторите сметаат на тоа дека Комисијата нема да брза со носење на одлуката поради престојните избори. Односно, иако станува збор за независно регулаторно тело, се говори дека регулаторот ќе го чека резултатот од изборите пред да пресуди по жалбите.

Извор: Т.Ј. (01.05.2008). Т-Мобиле и Космофон не даваат пониски цени. Вест.