петок, 14 декември 2007 г.

Вечер: Истекува рокот за вредносните ваучери

Рокот за искористување на вредносните ваучери истекува в сабота 15 декември 2007 година, кој е последен ден за нивно искористување, соопштуваат од Владата. Како што е познато ваучерите можат да се искористат за купување на лаптоп или декстоп компјутер или за купување на куќиштето од десктоп компјутерот. До крајниот датум треба да биде извршена трансакцијата, односно да биде купен компјутерот од фирмите кои продаваат компјутери и издаваат фискална сметка за тоа, а испораката на компјутерот може да се случи подоцна. Според податоците со кои располага Владата на Република Македонија, до завчера искористени се точно 9298 ваучери, а Универзитетите и факултетите досега подигнаа вкупно 11.200 ваучери.

Извор: (14.12.2007). Истекува рокот за вредносните ваучери. Вечер.

четврток, 13 декември 2007 г.

Време: Компјутери се продаваат како алва

Скопските софтверски фирми деновиве се преполни со студенти кои купуваат компјутери со ваучери, зашто утре истекува крајниот рок во кој тие треба да ги искористат вредносните бонови, подарок од Владата. Сопствениците на фирмите се задоволни од продажбата и од огромниот интерес за нивните понуди, но сепак, некои од нив стравуваат дека нема да успеат да ги реализираат сите ваучери во предвидениот рок.
- Продавницата ни е секој ден преплавена од муштерии. Најмногу се продаваат персоналните компјутери, за лаптопите интересот е помал. Навалица очекуваме и утре - велат „Нико компјутери“.
И во останатите компјутерски фирми сопствениците тријат раце од големата продажба.
- Еднакво продаваме и лаптопи и класични компјутери. Реализирани се онолку ваучери колку што и планиравме да примиме - велат во „АМЦ“.
Во „Риверсофт“ велат дека досега реализирале само 450 ваучери. Оттаму стравуваат дека нема да стигнат во овој кус период да продадат неколку стотици компјутери.
Од Владата, ниту од Министерството за информатичко општество вчера не беа достапни да кажат колку вкупно ваучери се реализирани досега. Како што велат сопственици на компјутерски фирми, нивната бројка засега изнесува над 8.000.

Извор: А. П. (13.12.2007). Компјутери се продаваат како алва. Време.

Нова Македонија: Реализирани 7,547 ваучери за компјутери

Владата информира дека досега се реализирани 7.547 ваучери за компјутери. Владиниот портпарол, Ивица Боцевски, напомена дека рокот за реализирање на ваучерите истекува и апелираше до студентите што поскоро да ги искористат ваучерите.
Ваучерите ги доделува Владата на сите студенти кои за прв пат запишале апсолвентска година и се во вредност од 200 евра.

Извор: (13.12.2007). Реализирани 7,547 ваучери за компјутери. Нова Македонија.

среда, 12 декември 2007 г.

Утрински: Државата пак ги даде „Телеком“ и „Т-мобиле“ на суд

„Македонски телекомуникации“ и „Т-мобиле“ повторно се на суд. Централниот регистар поднесе прекршочна пријава, бидејќи двете компании не ги доставија во законскиот рок финансиските резултати од работењето во 2006 година. Првото рочиште, како што дознаваме неофицијално, е закажано за денеска во Основниот суд Скопје 1, Одделение за прекршоци. Ќе се водат две независни судски постапки затоа што „Телеком и „Т-мобиле“ се независни правни субјекти. Надлежните од компаниите засега не сакаат да коментираат ништо околу судскиот процес.

„Телеком“ и „Т-мобиле“ не ги испочитуваа роковите за доставување на финансиските резултати за 2006 затоа што во компаниите траеше финансиската истрага по наводите за проневера на пари, што претставува клучна пречка за усвојување и доставување на ревидираните резултати до финансиските институции во државава. Со оглед на тоа дека роковите не беа запазени, надлежните го информираа Централниот регистар за причините. Но, тоа за Централниот регистер воопшто не е оправдување, така што сите фирми во држава кои доцнеа со финансиските резултати, меѓу нив и „Телеком“ и „Т-мобиле“, заработија прекршочни пријави.

Законот за трговски друштва предвидува компаниите што доцнат со поднесување на финансиските извештаи да се казнат парично со сума од 50 до 150.000 денари или пак да се донесе одлука за забрана за вршење на дејност на фирмите во траење од три месеци до една година. Има и казни за раководството на фирмите. Така, првите луѓе на „Телеком“ и на „Т-мобиле“ се соочуваат со парична казна од 10.000 до 50.000 денари или пак ќе добијат забрана да бидат директори за период од три месеци до една година.

„Телеком“ и „Т-мобиле“ доцнеа и со поднесување на финансиските извештаи за 2005 година и затоа, исто така, се водеше судски процес. Според нашите информации, „Телеком“ како компанија мораше да плати парична казна од околу 2.500 евра, бидејќи не ги испочитува законските рокови за доставување на резултатите од работењето во 2005 година.

Независно од тоа што Централниот регистар не ги доби навреме резултатите за 2006 година, тие веќе и' се познати на јавноста. Двете компании, кои се во доминантна сопственост на унгарски „Маѓар телеком“, во изминатата година оствариле профит пред оданочување од 162,3 милиони евра. Тоа е за 22 милиона евра повеќе споредено со 2005 година, кога имале ќар во висина 140 милиони евра.

Извор: Верче Георгиевска. (12.12.2007). Државата пак ги даде „Телеком“ и „Т-мобиле“ на суд. Утрински Весник.

Вечер: ВИП нема да зрачи од болници и градинки

ВИП оператор ќе избегнува своите базни станици, преку кои го пренесува сигналот до корисниците, да ги поставува врз или во близина на болници, училишта или детски градинки. Првите луѓе на оваа компанија велат дека ќе го слушаат гласот на јавноста и ако тие се осетливи по тоа прашање, ВИП нема да направи ништо со што ќе ги иритира. Оваа изјава доаѓа откако во јавноста се крена прав по информацијата дека ВИП поставил базна станица над зградата на Гинекологија на скопскиот Клинички центар и дека електро-магнетното зрачење ќе влијае врз здравјето на новороденчињата.

- Таа базна станица не работи, но кога би ни се овозможило да направиме мерење на зрачењето најмалку за три часа, верувам дека вредноста ќе биде 10 илјади пати помала од онаа што е дозволена во земјите од ЕУ, впрочем чии стандарди и ние ги користиме. Мерењето ќе го направиме заедно со Министерството за здравство бидејќи нас, како оператор, не ни веруваат - вели досегашниот главен извршен директор на ВИП оператор, Младен Пејковиќ.

Тој вели дека во Хрватска, мобилниот оператор Випнет кој е компанија сестра на ВИП Оператор имаат ставено базни станици врз детски градинки и дека таму нема реакции. Сепак, Пејковиќ вели дека се подготвени да ја тргнат базната станица над зградата на Гинекологија ако тоа од нив го побара Министерството за транспорт и врски.
Досега овој оператор во државата има поставено околу 100 сопствени базни станици (не се сите во функција) и дека процедурите за добивање на градежни дозволи се во тек. Одговорните од компанијата уверуваат дека приоритет во 2008 година ќе им биде изградбата на сопствена мрежа. ВИП во моментов користи национален роаминг преку мрежата на Т-Мобиле Македонија.

- Со сигнал на ВИП оператор досега се покриени 30 проценти од населението на земјава со што го исполнивме првиот услов од добивањето на лиценцата за работа, а тоа овој процент да го постигнеме во првата година од работењето. Очекувам во првиот квартал од идната година да имаме покриеност до 50 проценти на населението со сигнал, а брзо потоа и до 80 проценти и тоа првенствено во градовите и главните патни правци во државата - истакна Пејковиќ.

Од оваа компанија сметаат дека трите мобилни оператори ќе учествуваат на тендерот за добивање лиценца за третата генерација на мобилна телефонија - 3Г, бидејќи моделот што го избра Агенцијата за електронски комуникации им овозможува на сите да користат единствена инфраструктура.

- Победникот на тендерот ќе треба да понуди малопродажни цени за граѓаните и големопродажни цени за другите заинтересирани за услугата - 3Г. За ова да функционира е потребен јак регулатор кој ќе ги контролира цените - смета Пејковиќ.

Од компанијата не прецизираат колку претплатници имаат во моментот, но шансата ја гледаат во пораст на пенетрацијата на мобилната телефонија во земјава. Место сегашните осум, од ВИП очекуваат дека за неколку месеци ќе имаат триесетина роаминг партнери.

Извор: Светлана Блажевска. (12.12.2007). ВИП нема да зрачи од болници и градинки. Вечер.

вторник, 11 декември 2007 г.

Вест: 5.000 евра за откривање матичен број

Дирекцијата за заштита на личните податоци од 19 декември ќе може да покренува прекршочни постапки и да казнува за неовластено откривање на лични податоци. Наредната недела изминува законски утврдениот транзициски период во кој сите институции и сите физички и правни лица имаа обврска да го усогласат своето работење со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.
"Изминативе две години сите требаше да научат дека личните податоци можат да се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. "На пример, нема потреба да се зема матичен број кога се зачленувате во видеотека и кога земате филм. Исто така, нема потреба да ви ја скенираат личната карта. Кога аплицирате за вработување нема потреба да ве прашуваат за вашиот брачен статус. Тоа се преобемни информации, односно се собираат повеќе информации отколку што се потребни за да се оствари конкретната цел", објаснува директорката.
Како прекршување на заштитата на лични податоци Марушиќ ги наведува и институциите кои речиси никогаш не ги бришат еднаш собраните лични податоци. "Ако си аплицирал за вработување и не те примат податоците може да останат само ако ти се согласиш. Кога во телекомуникациите ќе откажеш некој мобилен или фиксен број, твоите податоци и понатаму остануваат во базата на податоци. Тоа го прават речиси сите, а тоа не смее да се случува", кажува Марушиќ.
Од наредната недела инспектори на Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе може да вршат контрола, а прекршочната комисија во Дирекцијата да изрекува казни. Согласно Законот, прекршочните санкции за правните лица се движат од 200.000-300.000 денари, а за физичките лица од 20.000-30.000 денари. Во собраниска процедура се измени на Законот за заштита на личните податоци каде се предлага зголемување на висината на казните.
Дирекцијата ќе казнува и во делот на видеонадозорот и нарушување на приватноста на лицата. Секој објект каде што има поставено камери, мора да биде обележан и на видно место да стои известување дека објектот се снима.
Сите институции и правни и физички лица имаат обврска да предвидат технички и организациони мерки за заштита на личните податоци. Контролите на Дирекцијата ќе се реализираат согласно со годишната програма за работа. Но истовремено инспекторите ќе вршат проверка и по барање на граѓани.
"Граѓаните чии лични податоци се на каков било начин неовластено откриени или злоупотребени од страна на контролорите можат да и се обратат на Дирекцијата заради утврдување на повредата", вели Марушиќ.

Извор: Р.Ф. (11.12.2007). 5.000 евра за откривање матичен број . Вест.

понеделник, 10 декември 2007 г.

Дневник: Донирана компјутерска опрема за лица со хендикеп

Специјална компјутерска опрема за лица со хендикеп, факс-машини, безжични телефони и плејстејшн се дел од донацијата на компанијата „Германос телеком“, наменета за Центарот на граѓанското здружение „Отворете ги прозорците“.
Центарот, приспособен за потребите на лицата со физички хендикеп и интелектуална попреченост, моментно го посетуваат 24 лица. - Бизнис-секторот во Македонија станува се' посвесен за потребата од пристап до компјутерската технологија за лицата со хендикеп, а со тоа и активен поддржувач на оваа идеја. Со пристапот до информации и знаење, го помагаме образованието на овие лица. Целта ни е да станат активни учесници во општеството - рече Лидија Крстевска од здружението „Отворете ги прозорците“.

Техничката опрема им ја предаде претставничката на „Германос“, Артемис Христодолу, која на децата им подели и новогодишни пакетчиња. Таа нагласи дека ова е само прв чекор во соработката на компанијата со граѓанското здружение.

Извор: Д.Т. (10.12.2007). Донирана компјутерска опрема за лица со хендикеп. Дневник.

Вест: Студентските домови не може да се приклучат на Интернет


Не можеме да приклучиме цели студентски домови на Интернет, зашто во ниту еден од нив нема соодветна внатрешна инсталација, односно технички услови за тоа да се направи, велат од „Македонски телекомуникации“, по најавите на Сојузот на студенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (ССУКМ) дека владин тим подготвува проект за спроведување бесплатен Интернет за студентите. Од Министерството за информатичко општество, каде што го подготвуваат овој проект, вчера не беа достапни да објаснат дали е планирано да се приспособат простори за интернет-кафулиња во домовите, или, пак, кон мрежата ќе се приклучува секоја соба посебно. Студенти од неколку скопски дома велат дека досега безуспешно повеќепати барале од македонските провајдери да приклучат цели домови кон мрежата. - Зградата на „Пелагонија“ е изградена пред повеќе од 40 години. Точно е дека инсталацијата е стара и затоа не може да се спроведе Интернет во целата зграда. Баравме да не приклучат, но не одбија. Засега дел студенти на своја рака користат Интернет - вели Ристе Кокутанов, претседател на Советот на станари во студентскиот дом „Пелагонија“. Мал е бројот и на студенти во „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“, како и во „Кузман Јосифовски Питу“ што користат Интернет. - Ни рекоа дека ако ја приклучеле цела зграда, ќе сме правеле многу злоупотреби, а и многу гигабајти дневно ќе сме трошеле. Тоа беа нивните образложенија кога баравме да ни стават Интернет - вели Александар Макариоски, претседател на станарите во „Гоце Делчев“. Како што тврдат студентите, во „Стив Наумов“ веќе биле претставници од Министерството за информатичко општество, кои проверувале дали има простор и технички услови за да се монтира Интернет. ССУКМ пред извесно време најави дека посебен владин тим подготвува проект за бесплатен Интернет во домовите. Она што досега е познато е дека се подготвува технички елаборат, односно членовите на тимот проверуваат дали има услови за да се реализира проектот. Според првичните најави, студентите во домовите ќе почнат бесплатно и неограничено да ја користат оваа услуга од февруари.


Извор: Антонија Попвска. (10.12.2007). Студентските домови не може да се приклучат на Интернет. Време.

Утрински: Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ

Музичката продукција, која досега функционираше како составен дел на Македонската радио-телевизија, ќе се издвои како посебна целина и ќе биде независна од јавниот сервис. Според новата систематизација, музичката продукција која е формирана уште од создавањето на МРТ, сама ќе се грижи за остварување приходи преку организирање настапи и концерти.

ВО музичката продукција работат околу 70 луѓе. Во нејзин состав влегуваат „Бинг бенд“ или забавниот оркестар, народниот оркестар, оркестарот на народни инструменти, музичките продуценти, редакциите за сериозна, за забавна музика итн. Во фонотеката на оваа продукција има околу еден милион снимки кои постојано се емитуваат на програмата на МРТ и претставуваат вистински музички национален архив. Таа истовремено е нераскинливо поврзана и ги следи сите значајни музички настани во земјава: „Охридско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“.

Вработените во музичката продукција сметаат дека со новата систематизација, раководството на МРТ сака продукцијата да згасне и сите да останат на улица. Тие стравуваат дека без работа ќе останат познати имиња на композитори, уметници и аранжери.

„Музичката продукција во изминатите децении одигра значајна улога и во афирмација на автентичното и квалитетно творештво и на македонската популарна музика, што претставува, всушност, идентитет на нашиот народ што некои соседи сакаат да ни го укинат. Дури и светот не' препознава по фолклорот и традицијата, кои сме должни да ги надградуваме. Раководството треба да се замисли дека уметниците во ниедно општество не се пречка за развојот, туку поттик“, велат вработените во музичката продукција на МРТ кои нагласуваат дека таму поминале сите музички имиња, почнувајќи од Сариевски, Бадев, Калиопи, па се' до нашата најголема ѕвезда, која трагично го загуби животот, Тоше Проески.

Но, од Управниот одбор велат дека музичката продукција нема да се укине или да згасне. Едноставно, вработените нема да бидат директно под капата на јавниот сервис, односно на платен список на МРТ, туку сами ќе заработуваат. Ќе имаат посебна жиро-сметка и ќе се регистрираат како ДООЕЛ. На почетокот, помошта од менаџментот, како што нагласуваат од УО, ќе биде сигурно обезбедена.

Од кабинетот на извршниот директор на МРТ, Јанез Сајовиц, појаснуваат дека не е целта да се избркаат луѓето и да се затвори музичката продукција, туку да се најде нејзината суштина. Од кабинетот велат дека музичката продукција ќе функционира според системот на проекти, кои дел и самите вработени ќе ги предлагаат, а меѓу нив влегуваат и организирање концерти во земјава и странство, од што ќе се обезбедуваат пари. Но, осмислувањето на иднината на музичката продукција се' уште трае, така што сите сугестии од вработените ќе бидат разгледани.

Од Управниот одбор, пак, на МРТ истовремено истакнуваат дека целата архива која е создадена од музичката продукција нема да биде заборавена или отфрлена, туку таа ќе се префрли и ќе биде во сопственост на продукцијата со заштитени авторски права.

Извор: Верче Георгиевска. (10.12.2007). Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ. Утрински Весник.

сабота, 8 декември 2007 г.

Дневник: Претприемачите учат информатика и комуникации

Во рамките на проектот „Зајакнување на претприемништвото, конкурентноста и иноваторството“ на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија, во тек е кампања за подобро запознавање на претприемачите со важноста од воведување на информатичко-комуникациската технологија во нивното работење.

Партнер во кампањата е Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, а се реализира во соработка со Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија, како и општините од неколку градови. Целта на кампањата е да се запознаат што е можно поголем број претприемачи за важноста од воведување на оваа технологија.

Јавните презентации во рамките на кампањата се состојат од два дела. Во првиот се презентираат позитивните страни и искуства за улогата на информатичко-комуникациската технологија за подобрувањето на конкурентноста на малите и средните претпријатија, а во вториот дел се врши презентација на компании од регионот.

Извор: (8.12.2007). Претприемачите учат информатика и комуникации. Дневник.