четврток, 29 ноември 2007 г.

Време: ТВ-парламентот досега добивал само предупредувања

Градските власти уште од август ја предупредувале А1-телевизија да го отстрани објектот на ТВ-парламентот од плоштадот, но дури пред една недела донеле решение да го урнат, иако монтажната градба е поставена во јули. Од градот не коментираат дали има поврзаност меѓу решението за уривање и емисиите во кои се критикуваше работата на градоначалникот Трифун Костовски што му претходеа, а кои се снимија токму во објектот на ТВ-парламентот. Според градските инспектори, градбата е незаконски поставена, затоа што за неа не било издадено одобрение од надлежен градски орган. Сепак, телевизијата добила одобрение за објектот од општината Центар, со која и се дозволува да го постави објектот од 10 јули годинава. - За незаконитоста во поставувањето на привремениот објект ја известивме А1-телевизијата уште на 29 август, со службен акт број 14, и побаравме да го отстрани. На ова добивме одговор од телевизијата дека таа има уредна документација. Уште еднаш, со писмен допис, упативме предупредување на 29 септември и наложивме веднаш да се тргне објектот. Потоа градските инспектори уште двапати им укажаа на претставници од телевизијата да постапат според претходно упатените дописи. На крајот беше донесено конечно решение да се отстрани привремената градба - велат градските власти. Минатиот четврток претставници од градскиот комунален инспекторат направиле записник во кој се вели дека за објектот на ТВ-парламентот немало дозвола од надлежните градски органи. Тие наложиле веднаш да се отстрани градбата, а во спротивно најавиле дека ќе поднесат барање да се поведе прекршочна постапка пред Основниот суд Скопје 1. Претходно од истиот објект се емитуваше редовното продолжение на емисијата „ТВ-парламент“, во која универзитетски професори, новинари, екологисти и други гости ја критикуваа работата на градоначалникот Трифун Костовски. Во емисијата досега се одржале серија дебати за разни теми од актуелниот живот во градот. Решението со кое се дозволува да се постави монтажната градба на плоштадот го донел секретарот на општината Центар Ратко Савовски, а тоа е заверено и со општинскиот печат. Во него се вели дека и се дозволува на А1-телевизија да го намести импровизираното студио за да ја емитува емисијата „ТВ-парламент“.

Извор: Г.Т. (29.11.2007). ТВ-парламентот досега добивал само предупредувања. Време.

среда, 28 ноември 2007 г.

Време:На Интернет и банкарските сметки на одгледувачите на говеда

Стотици имиња и презимиња, матични броеви и банкарски сметки, Министерството за земјоделство и водостопанство неовластено ги објави на својата веб-страница. Поводот за објавување на овие податоци е исплатата на субвенции на одгледувачите на говеда за 2007 година, а последицата - кршење на Законот за лични податоци и можност за злоупотреба на податоците на овие лица.
Од Дирекцијата за заштита на личните податоци велат дека иако намерата на министерството најверојатно била најдобра, во овој случај е направена грешка. Министерството настојувало да биде транспарентно со тоа што ги објавило банкарските сметки и банките, меѓутоа со тоа објавило лични податоци и извршило повреда на доверливиот однос банка-клиент.
- Ако на пример отидете во банка и прашате дали тоа и тоа лице има сметка кај вас, тие не смеат да дадат таква информација, а да не зборуваме да ви го дадат бројот на сметката. Министерството за земјоделство на својата веб-страница ги открива сите овие информации - вели Зоран Пандев, заменик-директор во Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Ова не е единствен случај Министерството за земјоделство бесправно да објавува лични податоци. За исплатата на субвенциите за 2006 година министерството покрај името и презимето на лицата на кои им се доделени субвенциите и сумата која им е исплатена, на својата веб-страница ги објави и нивните адреси.
- Во овој случај не можам, а да не мислам на тоа за што се може да бидат искористени овие информации. Помислете на сите оние лица кои живеат во руралните средини, сами. Идеална мета за крадците. Доволно е да ја отворат веб-страницата на министерството, да видат дека добиле 30 или 40 илјади денари, да ја прочитаат адресата и да појдат во поход. Колку пати се случило во изминативе години, старци да бидат нападнати во нивните домови и ограбени - вели Пандев.
Според него, ако министерството сакало да биде транспарентно доволно било да се објави името, презимето, датумот на раѓање , општината во која живее лицето и сумата која е доделена. На овој начин би биле заштитени и корисниците на субвенциите и министерството.
Од Министерството велат дека ова било ненамерна грешка која веднаш ќе ја исправат.
- Превид. Веднаш ќе реагираме и ќе ја поправиме грешката - вети Соња Трајкова, портпаролка на Министерството за земјоделство.
Таа остана на ветувањето бидејќи истиот ден податоците беа тргнати од веб-страницата на министерството.
Од 19 декември стапува на сила новиот Закон за заштита на лични податоци, според кој за објавување на лични податоци ќе може да се поднесе и прекршочна пријава. Досега Дирекцијата за заштита на лични податоци можеше на прекршителите да им достави само указ, а од декември прекршокот и ќе се казнува. За правни лица казната ќе изнесува од 200 до 300 илјади денари, додека за физички од 40 до 50 илјади денари. Во двата случаја може да се изрече и забрана за обработка на лични податоци.


Извор:
Ивана Билбиловска. (28.11.2007). На Интернет и банкарските сметки на одгледувачите на говеда. Време.

Дневник: Кабелските телевизии без странски преводи

Во „Кејблтел“ велат дека веќе почнале преговори со странските телевизии за да обезбедат македонски титл

Кабелскиот оператор „Кејблтел“ од пред неколку дена ги исклучи преводите на хрватски, српски и на бугарски јазик на странските канали Холмарк, ТВ 1000, Дискавери, Нешнл географик, Фокс крајм по добиената прекршочна пријава на барање на Советот за радиодифузија. Според Законот за радиодифузната дејност, на овие канали мора да има превод на македонски јазик или кабелските оператори ќе мора да прекинат да ги реемитуваат.

Во „Кејблтел“, кој пред неколку месеци купи 13 кабелски телевизии во земјава, велат дека започнале преговори со странските телевизии за да обезбедат македонски превод.

- Странските телевизии поставуваат услов да имаме најмалку 100.000 претплатници за да пуштат македонски титл. Инаку не им се исплатело. Ова ќе го решиме наскоро бидејќи во завршница се преговорите за да купиме уште 30 кабелски телевизии со што ќе го исполниме лимитот. Ако треба, ќе им платиме поскапо на продуцентите, но македонски превод ќе обезбедиме - вели Стојан Ѓоргоски, директор на „Кејблтел“.

Советот за радиодифузија побара од сите кабелски оператори веднаш да престанат да ги реемитуваат програмските сервиси кои не се титлувани на македонски јазик.

- Мониторингот ќе продолжи. Пратено е барање до Министерството за култура и до Инспекцијата за авторски права да го проверат работењето на сите оператори. Законот мора да се почитува, како за преводот на македонски јазик така и за реемитување на програми за кои не се склучени договори за уредени авторски права - изјави Мирче Адамчевски, претседател на Советот за радиодифузија.

Советот се повикува на Законот за радиодифузната дејност, во кој е пропишано дека програмите што се реемитуваат и се титлуваат на поинаков јазик од оригиналниот мора да бидат преведени на македонски. Во спротивно, на кабелските оператори им се заканува глоба од 3.000 до 5.000 евра, а во краен случај против нив ќе се покрене прекршочна постапка со барање за забрана за работа од шест месеци до две години. Советот му наложи на „Кејблтел“ и да ги исклучи нерегистрираните телевизиски програми како Нова, Зона, Визион плус и Реалити.

- Кабелските оператори треба да донесат валиден договор со Нова дека имаат право да ја пренесуваат. Тогаш ќе им го регистрираме каналот во програмските пакети - вели Адамчевски.

Извор: Марјан Блажевски. (28.11.2007). Кабелските телевизии без странски преводи. Дневник.

вторник, 27 ноември 2007 г.

Дневник: Плаќање со ваучер во рокот, а подигање на компјутерот може и подоцна

Плаќањето на компјутерите со ваучер студентите треба да го завршат до 15 декември, а испораката може да биде и подоцна од овој рок, велат од Владата. Смирувачките пораки доаѓаат по стравувањата на дел од компјутерските фирми дека нема да успеат да одговорат на побарувачката до крајниот рок, поради што ваучерите ќе пропаднат.

Некои од компјутерските фирми се разочарани бидејќи одѕивот на студентите за купување со ваучер засега бил многу слаб, односно досега реализирале едвај дваесетина отсто. Дел од сопствениците се исплашени дека студентите ќе навалат неколку дена пред истекот на рокот, поради што нема да имаат доволно компјутери за сите заинтересирани. Други фирми, пак, тврдат дека акцијата се одвива според планираното и оти досега продале поголем број компјутери, особено лаптопи.

Во Владата велат дека се' уште немаат точна информација како оди продажбата.

- Очекуваме деновиве да ја добиеме таа информација. Важно е студентите да ја завршат паричната трансакција до крајниот рок, односно до 15 декември. Целата процедура ќе биде под контрола на Управата за јавни приходи и на Министерството за финансии - вели владиниот портпарол Ивица Боцевски.

Според Законот за издавањето вредносни бонови, компјутерските фирми треба да ги достават реализираните ваучери до Владата најдоцна до 22 декември, а краен рок за да ги наплатат е четири дена подоцна.

Со последните измени во Законот се предвидува вредносни бонови за купување компјутер да добијат сите студенти што до објавувањето на измените во „Службен весник“ запишале завршна година од студиите.

Извор: Д.Т. (27.11.2007). Плаќање со ваучер во рокот, а подигање на компјутерот може и подоцна. Дневник.

Вест: Вработени во Т-Мобиле договарале штрајк по и-мејл

Група вработени во "Т-Мобиле Македонија", незадоволни од платите и условите за работа, преку и-мејл преписка со членството на Синдикатот, повикувале на штрајк. Синдикалната организација денеска организира редовен состанок за целото членство, на кое тие ќе можат да се изјаснат и дали ја поддржуваат идејата што изминатата недела кружела по интерната електронска пошта, или станува збор за несолена шега која почнала да создава проблеми. Според синдикалците, ваквите преписки не требало да се сфаќаат сериозно бидејќи најчесто вработените се шегувале меѓу себе и, обидувајќи се да се надмудрат и да испаднат подуховити, се добивал лажен впечаток оти постои проблем.
Претседателот на Синдикалната организација на "Т-Мобиле Македонија" Роберт Михајловски вчера не сакаше да ги коментира и-мејл преписките меѓу вработените, но еден час подоцна изјави:
"Штрајк нема ниту има размислување на таа тема. Утре има редовен состанок на Синдикатот", вели Михајловски.
Неофицијално, во договорите за вработување на "Т-Мобиле Македонија" се предвидува платите да го следат растот на животните трошоци и на инфлацијата, а во последниве години тој договор во компанијата не се почитувал.
Наши извори велат дека преписката меѓу незадоволните вработените почнала наивно, со една забелешка од вработен, кој се пожалил дека животните трошоци во изминатава година биле зголемени, а платите во компанијата тапкале во место. На ова незадоволство се надоврзале и оние што се со времено вработување преку надворешни агенции. Друг искоментирал дека во "Дојче телеком" за вакви проблеми се штрајкува и почнал да се дуе балонот од незадоволство. Неофицијално, вработените биле и прекорени дека не смеат да користат ресурси на компанијата за организирање штрајк, по што целата ситуација се смирила.
Извор: Т.Ј. (27.11.2007). Вработени во Т-Мобиле договарале штрајк по и-мејл .Вест.

понеделник, 26 ноември 2007 г.

Време: Стипендии за 125 информатичари

Сто дваесет и пет студенти со највисок просек од сите години на државните и приватните универзитети во земјава вчера добија стипендии како подарок од Владата. Премиерот Никола Груевски свечено им ги додели стипендиите на студентите, кои месечно ќе добиваат по 5.000 денари. - Со овој чекор сакаме да им помогнеме и да им дадеме на студентите морална поддршка, од кои многу очекуваме. Високообразовани кадри се главниот приоритет на Владата. Доказ за тоа е новоотворениот факултет по информатика на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а на скопскиот универзитет се зголеми квотата за прием на поголем број студенти-информатичари - рече Груевски. Студентите велат дека трката по стипендија била тешка. Според нив, условот што требало да го исполнуваат за да дојдат до неа било да имаат најмалку 9,00 просек. Но, поради големиот број пријавени, границата се поместила на 9,31. - Го поздравуваме овој чекор на Владата. Мора на овој начин да не стимулираат. Мора да се зголеми желбата за работа кај секого од нас. Токму ова е добар начин тоа да се постигне - вели Димитар Солев, студент во прва година на Електротехничкиот факултет, отсек информатика.

Извор: А. П. (26.11.2007).
Стипендии за 125 информатичари. Време.

Утрински: „е-Македонија“ продолжува со поддршка на информатичкото општество

Над четириесет проекти за развој и унапредување на информатичкото општество се стигнати на конкурсот од Фондацијата „е-Македонија“, основана од „Македонски телекомуникации“. Се очекува деновиве Управниот одбор на Фондацијата да донесе одлука кои институции - невладини организации ќе добијат поддршка за реализација на проектите кои во себе вклучуваат едукација и информирање за можностите и придобивките од информатичката технологија. Од година во година интересот на институциите што аплицираат се зголемува, што само по себе зборува дека „е-Македонија“ се етаблира како фондација која води сметка за континуирано зголемување на употребата на информатичката технологија.

Буџетот на Фондацијата за поддршка на проектите изнесува 50.000 евра, исто како и минатата година. Но, лани, поради големиот интерес и квалитетните апликации, Управниот одбор на „е-Македонија“ одлучи буџетот од 50.000 евра да го зголеми за дополнителни 24.000 евра.

Клучен критериум при изборот на апликациите ќе биде целната група што ќе биде вклучена во реализацијата на проектите. Предност ќе имаат организациите што планираат да вршат обука за користење на информатичката технологија, пред се', на младите лица, на лицата со посебни потреби, невработените и етничките малцинства, како и оние што планираат да ја поттикнат употребата на Интернетот, првенствено на АДСЛ. Од Фондацијата „е-Македонија“, која по четврти пат ќе спонзорира проекти, истакнуваат дека ќе им помагаат и на невладините организации од внатрешноста на државава, со цел еднакво да се стимулира и поттикне информатичкото општество.

Буџетот од 50.000 евра Фондацијата ќе го искористи за доделување опрема-компјутер и на обезбедување Интернет, односно АДСЛ.

Извор: В.Г. (26.11.2007). „е-Македонија“ продолжува со поддршка на информатичкото општество. Утрински Весник.

Утрински: Владата стипендира 125 студенти по информатика

Премиерот Никола Груевски во Народната универзитетска библиотека „Климент Охридски“ свечено додели 125 стипендии по информатика, од планираните 500 во период од четири години, како дел од владината програма „Македонија земја на информатичари“. „Високообразовните кадри се главен капитал на една држава и претставуваат генератор на прогресот и просперитетот на општеството, а ја зголемуваат и конкурентноста на државата во привлекување странски инвестиции“, рече Груевски во обраќањето пред добитниците на стипендии, ректори и професори на универзитети и во присуство на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.

Владата вчера го промовираше и новиот проект за формирање секретаријат за информатичко општество. „Секретаријатот ќе биде место во Владата каде што ќе се следат трендовите поврзани со дигитализирањето, глобализацијата и информатичките текови“, изјави владиниот портпарол Ивица Боцевски.

Извор: МИА. (26.11.2007). Владата стипендира 125 студенти по информатика. Утрински весник.

недела, 25 ноември 2007 г.

Време: Имаме компјутери, немаме Интернет

На врвот на зградата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ има еден куп предаватели преку кои на Интернет може да се приклучат граѓани од цело Скопје, а ние немаме никаква можност да се приклучиме кон мрежата, реагираат студенти во домот. Тие досега, како што тврдат, поднеле барања до сите македонски интернет-провајдери, но досега никој не се нафатил да приклучува цели студентски објекти на мрежата. Провајдерите стравуваат дека ако ги приклучат, студентите ќе прават злоупотреби - ќе симнувале премногу филмови и музика и, според тоа, дневно ќе се трошеле многу гигабајти. Од „Он.нет“ велат дека има реална можност студентите да сурфаат, но само ако се направи договор помеѓу раководството на домот и провајдерот, а не договор со секој студент поединечно. Во „Гоце Делчев“ има 600 студенти што имаат компјутери во собите, но само мал број користат Интернет. - Делот од зградите на домот што гледаат кон центарот на градот нема проблем и студентите можат да се приклучат на Интернет. Но, оние што се сместени во внатрешната страна не можат. Некои имаат направено своја интернет-мрежа - еден е легално приклучен на безжичен Интернет и од него користат уште четворица студенти, а месечната сметка ја делат - објаснува Ристе Шурбевски, потпретседател на Сојузот на студенти при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој е сместен во овој дом. Во „Гоце Делчев“ има интернет-кафуле каде што за еден час сурфање студентите плаќаат 30, а за цела вечер 100 денари. Надлежните во „Он.нет“, како и оние во кабелската телевизија „Кејблтел“, велат дека не е точно дека не постојат шанси студентските домови да добијат Интернет. Според нив, студентите требало само да изразат желба и тие ќе ги приклучеле. Самоил Малчевски, пак, претседателот на ССУКМ, вели дека посебен владин тим веќе извесно време работел на проектот за бесплатен Интернет по студентските домови. - Во моментов се подготвува технички елаборат. Членовите на тимот ги одредуваат техничките услови - се утврдува дали на Интернет ќе се приклучуваат цели студентски објекти или секоја соба посебно. Неофицијално, проектот ќе се реализира во февруари и ќе функционира неограничено, како и интернет-кафулињата што се отворија во повеќе градови во земјава - вели Малчевски.

Извор: Антонија Поповска. (25.11.07). Имаме компјутери, немаме Интернет. Време.

Утрински: Интернет користи секој петти Македонец

Бројот на Интернет-корисници во Македонија во изминатите седум години е зголемен за 1.210 отсто, односно од 30 илјади во 2000 на околу 400 илјади во 2007 година, покажуваат податоците објавени на специјализираната статистичка веб-страница „Интернет ворлд стат“.

Македонија е меѓу земјите со најбрз раст на бројот на Интернет-корисници, но и натаму заостанува во однос на европските стандарди и повеќето свои соседи. Од земјите во регионот Македонија е пред Албанија (15,3 отсто) и Србија (13,9 отсто), а зад Хрватска (35,3 отсто), Грција (33,5 отсто), Бугарија (21,7 отсто) и Босна и Херцеговина (20,3 отсто).

Во Европа, процентуално, најмногу корисници на глобалната веб-мрежа има во Исланд (86,3 отсто) и во Шведска (75,6 отсто), а најмалку во Ватикан (12,1 отсто) и во Украина (11,5 отсто).

Според „Интернет ворлд стат“, во светот користат Интернет околу 1,25 милијарди луѓе, најмногу во САД - 211 милиони, во Кина – 162 млн., Јапонија – 86 млн. и во Германија 50 милиони.

Извор: МИА. (25.11.07). Интернет користи секој петти Македонец. Утрински весник.