сабота, 24 ноември 2007 г.

Дневник: Секој петти Македонец користи интернет

Бројот на корисниците на интернет во Македонија во изминатите седум години е зголемен за 1.210 отсто, односно од 30.000 во 2000 на околу 400.000 годинава, покажуваат податоците објавени на веб-страницата „Интернет ворлд стат“, јави МИА. Околу 20 отсто од населението во земјава користи интернет.

Македонија е меѓу земјите со најбрз пораст на бројот на интернет-корисниците, но и натаму заостанува зад европските стандарди и повеќето свои соседи. Од земјите во регионот, земјава е пред Албанија (15,3 отсто) и пред Србија (13,9 отсто), а зад Хрватска (35,3 отсто), Грција (33,5 отсто), Бугарија (21,7 отсто) и Босна и Херцеговина (20,3 отсто). Во Европа, најмногу корисници на глобалната веб-мрежа има во Исланд (86,3 отсто) и во Шведска (75,6 отсто), а најмалку во Ватикан (12,1 отсто) и во Украина (11,5 отсто).

Според „Интернет ворлд стат“, во светот интернет користат околу 1,25 милијарди луѓе, а најмногу во САД - 211 милиони, во Кина - 162 милиони, Јапонија - 86 милиони и во Германија - 50 милиони.

Извор: (24.11.2007). Секој петти Македонец користи интернет. Дневник.

Време: Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата и УНДП вчера промовираа спот што од понеделник ќе се прикажува на електронските медиуми по четири пати дневно. Кампањата наречена „Стоп корупција“, како што велат од комисијата, треба да ја зајакне антикорупциската свест кај граѓаните. И покрај ова, една година по формирањето на комисијата, главните забелешки на јавноста одат во насока дека антикорупциската комисија промовира спотови, а од друга страна затајува во работењето и во отворањето корупциски случаи, односно не работи транспарентно како минатиот состав.
Откако почна да работи новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, беа објавени имотните листови на државните функционери на Интернет, но не во целост. Почнаа со претседателот, премиерот, министрите и пратениците, го објавија имотот на членовите на Судскиот совет, Врховниот и Уставниот суд, но имотот на судиите, обвинителите, градоначалниците остана тајна. Во последнава година комисијата отвори 12 случаи за непотизам и конфликт на интереси. Кај четири од нив не најде непотизам, а за другите, оние покрупните, се уште нема одговор. Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна да одлучува како мајката на премиерот Никола Груевски ги купила четирите стана и не најде корупција и криминал во случајот со градежното земјиште зад „Рамстор“. И бизнисменот Љупчо Палевски до комисијата достави документација дека сопругата на претседателот Бранко Црвенковски уплатила пари за објектот „Тифани“. Комисијата не постапи по овој предмет затоа што го бараше оригиналниот документ за купопродажба на недвижниот имот. Од друга страна, антикорупционерите поведоа барање за прекршочна постапка против четириесетина функционери што воопшто не доставиле или ненавремено доставиле анкетен лист за имотната состојба. Позитивна оцена во јавноста доби донесувањето на Програмата за превенција и репресија на корупцијата и покренатата иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешната директорка на УЈП Петра Митева и на нејзината колешка од скопската регионална дирекција Мирка Мандевска. Сепак, ниту еден расветлен случај на организиран криминал и корупција досега не излезе од оваа институција. Од СДСМ неколкупати досега изјавија дека не ја признаваат Државната комисија за спречување на корупцијата.
- СДСМ поздравува секаква акција што оди кон борба против корупцијата. Изминативе 15 месеци видовме еден куп пропагандни спотови направени со народни пари, кои не вродија со плод. Затоа, ја повикуваме антикорупциската комисија конечно да се освести и да почне да работи во согласност со своите надлежности и да ги решава претставките поврзани со функционерите од власта - велат од партијата.

Извор: М.Ј. (24.11.07). Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата. Време.

Нова Македонија: Космофон со две нови пост пејд тарифи

Космофон, вториот мобилен оператор во Македонија, започна да нуди два нови пост-пејд тарифни модели Селецт Смарт и Селецт СМС. Како што наведуваат во соопштението на компанијата, станува збор за тарифи без месечна претплата. Првата понуда има два тарифни модела. Селецт Смарт 200, каде минута разговор ќе се наплатува 5,6 денари во текот на денот и 1,8 денари навечер и Селецт Смарт 500, каде минута разговор ќе чини 4,4 денари дење и 1,8 денари ноќе. Во новата тарифа за смс пораки Селецт СМС, пораките ќе чинат 0,9 денари во мрежата на Космофон.
Како што велат од Космофон, овие цени се дополнително 50 отсто намалени за повици и СМС пораки кон трите омилени броеви во “Мојот свет“. За користење на новите тарифни модели корисниците треба да остварат месечен сообраќај во минимален износ од 200 денари за СЕЛЕЦТ СМАРТ 200, 500 денари за СЕЛЕЦТ 500 и 300 денари за СЕЛЕЦТ СМС.

Извор: (24.11.07). Космофон со две нови пост пејд тарифи. Нова Македонија.

четврток, 22 ноември 2007 г.

Време: Лаптопи за поинтересна настава

Вторачиња од две паралелки во основните училишта „Војдан Чернодрински“ во општината Карпош и „Дитурија“ во Сарај од минатата недела почнале наставата на часовите да ја следат со помош на лаптоп-компјутери. Решаваат задачи, пишуваат и цртаат на компјутерите што ги добиле како донација од американската фондација ОЛПЦ. Студијата, која вклучува и обука на наставниците, е финансирана од УНДП, Програма за развој при Обединети нации, со поддршка од Министерство за информатичко општество. Наставниците велат дека часовите станале поинтересни откако дел од наставата се одвива преку лаптопи. - Се цели кон тоа постепено наставата по сите предмети да се одржува преку компјутер. Овој начин на работа е нов и интересен, како за децата, така и за мене. Тие имаа за домашна задача со помош на вградената камера во компјутерот да ги фотографираат нивните родители и потоа да напишат нешто за нив. Освен тоа, тие на часовите пишуваат и решаваат задачи по математика. Но, се уште се одржуваат и класични часови, на кои се работи нормално - со учебници и тетратки - вели Билјана Нелоска, наставничка во „Војдан Чернодрински“. Розалинда Стојова, пак, координаторка на студијата во УНДП, објасни дека менијата на апликациите не се сложени и се приспособени за деца од шест до 16 години. - Има повеќе функции, но не се сложени и не им се тешки на децата. Менито е на англиски јазик и тоа воопшто не им е проблем. Лаптопот има опција за цртање, пишување, играње игри, снимање аудио и видеозаписи и нивна репродукција. Има можност и децата да се приклучат на Интернет. Има вградено и камера, микрофон, слушалки и антени, а со тоа им се овозможува групно да работат на часот и надвор од училиштето. Еден ваков лаптоп чини околу 200 долари, но не може да се набави на парче. Набавката за овие лаптопи се одвива по посебни процедури - објасни Стојова. Таа додаде дека училиштата што се пријавиле за овие компјутери требало да исполнуваат низа критериуми. УНДП по извесен период ќе и даде препорака на Владата за тоа колку е ефикасна наставата што се одвива преку работа на овие компјутери.

Извор:
Антонија Поповска. (22.11.2007). Лаптопи за поинтересна настава. Време.

Вест: За 8 дена штрајк во МРТ

Штрајкот на вработените во МРТ почнува за осум дена. В.д. претседателката на синдикалната организација Љубица Пуцаревиќ вчера донесе одлука во текот на осумдневниот законски рок да се договорат дали штрајкот ќе биде генерален со прекин на сите програми на МРТ. Според синдикалците, досега немам никаква комуникација меѓу извршните директори и Синдикатот, а тоа ќе биде решавачки критериум дали програмата ќе биде целосно прекината.

"Извршниот директор цело време најавува имплементација на санационата програма, но се уште немаат дефинирано социјални пакети. Тоа не може да се направи без дијалог со Синдикатот", вели Пуцаревиќ.
Според Синдикатот, во МРТ нема услови за имплементација на санационата програма.
"Извршните уредници на програмските пакети до Управниот одбор доставија приговори на новата систематизација и реорганизација зашто е зголемен обемот на работа, а се превидува намалување на бројот на вработени", вели Пуцаревиќ.

Вчера од кабинетот на извршниот директор на МРТ Јанез Сајовиц најавија дека изминал законскиот рок за приговори на санационата програма и оти почнува нејзината примена. Според менаџментот, во следните 90 дена ќе се направи изборот кои вработени со истекот на овој период ќе добијат отказни решенија. Прво ќе се формираат комисии кои, заедно со уредниците, ќе ја одберат екипата која останува да работи во јавниот радиодифузер. Бројката од 338 вработени се уште не е дефинитивна, според менаџментот може да расне или да се намали.

Извор: Т.Ј. (22.11.2007). За 8 дена штрајк во МРТ. Вест.

Дневник: Електричари готват терен за владините компјутери

Околу 90 основни и средни училишта во земјава имаат стара електрична инсталација, која не одговара за компјутерите што Владата ги набави за учениците. Поради тоа стручни екипи ја оспособуваат електричната мрежа во училиштата каде што тоа е неопходно. Контролата што екипите на ЕСМ-ЕВН ја извршиле по барање на Министерството за образование покажала дека електричната мрежа во овие училишта нема доволен капацитет за работење на апаратите од владиниот проект „Компјутер за секое дете“.

Недоволната моќност на мрежата беше главниот проблем што директорите на училиштата го истакнуваа откако Владата го најави проектот. Тие стравуваа дека инсталирањето на новите компјутери може да предизвика колапс на мрежата, па дури и да предизвика пожари.

Од ЕСМ-ЕВН објаснуваат дека нивните екипи извршиле целосно снимање на состојбата и од завчера интервенираат во проблематичните училишта. Тие ја надградуваат електричната мрежа и го зголемуваат капацитетот на трафостаниците.

- Работите се одвиваат во договор со директорите. Крајниот рок за средување на инсталацијата, кој го договоривме со Министерството за образование, е 15 декември, поради што интензивно се работи. Целиот проект за подобрување на мрежата ќе биде на наш трошок, како донација за Владата - вели Ленче Карпузовска, портпаролка на ЕСМ-ЕВН.

Планирано е во средните и во дел од основните училишта да се инсталираат околу 100.000 компјутери, набавени од Кина. Досега во земјава пристигнале околу 52.000 од нарачаните компјутери.

- Инсталирањето ќе почне кога ќе стаса и последната тура, но и откако ќе завршат работите на електричната мрежа во училиштата. Прво ќе се опремат средните, а по нив и дел од основните училишта. Очекуваме инсталирањето да заврши до март - вели Дрита Мамути, портпаролка на Министерството за образование.

Првичните најави на Владата и Министерството беа дека опремувањето на училиштата ќе почне од септември. Тогаш беа инсталирани компјутери во три средни училишта, а премиерот Никола Груевски најави дека преостанатите ќе ги добијат до крајот на ноември. Но, оттогаш акцијата запре. Од Министерството за образование велат дека се задоволни од досегашната реализација на проектот и оти очекуваат да заврши до предвидениот рок.

Извор: Даница Тунтевска. (22.11.2007). Електричари готват терен за владините компјутери. Дневник.

вторник, 20 ноември 2007 г.

Вест: Владата ќе преземе 50 вработени од МРТ

Преземените работници ќе ја одржуваат и чистат големата зграда која е во сопственост на Владата и МРТ, а точната бројка на технолошки вишок ќе се утврдува во дијалог со Синдикатот, тврди директорот на МРТ Јанез Сајовиц

Околу 50 вработени, од вкупно 338 во Македонската радио-телевизија, чии имиња треба да се најдат на листата за технолошки вишок, се предвидува да ги преземе владината Служба за заеднички работи. Извршниот директор на МРТ Јанез Сајовиц објаснува дека преземањето на овие вработени е дел од преговорите меѓу раководството на јавниот радиодифузен сервис и владината Служба за да се надминат проблемите со одржувањето на висококатницата. МРТ во оваа зграда користи три, од вкупно 22 ката, но сите сметки за нејзиното одржување пристигнуваат кај јавниот радиодифузер.
"Според катастарските документи, зградата е во сопственост и на Владата и на МРТ. Претходното раководство го отстапило просторот без никаков надоместок и ниеден кираџија не плаќа кирија. Целта е трошоците да ги преземат владините институции и останатите кираџии кои се сместени во зградата. Дел од договорот е 50 вработени од МРТ да останат да го одржуваат и чистат просторот", вели Сајовиц.
Висококатницата има и 8 лифта, од кои само неколку работат, зашто нема пари за нивно одржување. Сајовиц објаснува дека поради големите трошоци што зградата ги влече со себе, дел од парите кои Владата и ги префрла на МРТ, наместо за плати за вработените и за потребите на телевизијата, се трошат за наплата на отужени побарувања. "Топлификација" побарува околу 1,6 милиони евра, УЈП 810 илјади евра, "Македонски телекомуникации" 500 илјади евра. "Сите овие тужби се со извршни решенија", вели Сајовиц.
Бројката од 338 лица, кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок, според Сајовиц, е се уште прелиминарна и во дијалог со синдикалната организација ќе се дефинира конечната листа за отпуштање, како и висината на испратнините. "При спроведувањето на новата систематизација клучно е да имаме дијалог со синдикалната организација, за да може да се избориме за подобри услови за оние што треба да ја напуштат МРТ. Во оваа фаза од санационата програма клучно е да има дијалог со синдикалната организација", вели Сајовиц.
Дел од вработените што треба да бидат прогласени за технолошки вишок во МРТ за неколку години треба да се пензионираат.

Извор: Т.Ј. (20.11.2007). Владата ќе преземе 50 вработени од МРТ. Вест.

Вечер: Во училиштата инсталирани 52.000 компјутери

Веќе 52.000 компјутери од 100.000 компјутери преку проектот на македонската Влада се пристигнати во училиштата, и тоа прво во средните, а потоа и во основните училишта. Во насока на зајакнување на овој проект во училиштата се формираат тимови за одржување на компјутерите, активност што се реализира со помош на УСАИД. Во тимовите се вклучени ученици од седмо и осмо одделение во 164 училишта во земјата, а нивниот број во наредниот период се очекува да се зголеми за уште 200 училишта. Тие имаат задача да ги оддржуваат компјутерите и да нудат помош како на учениците, така и на наставниците. Вчера три училишни тима од Скопје, Куманово и Кочани беа прогласени за победници од натпреварот за избор на лого за Проектот за поддршка на студентскиот технички клуб.

- Училишните тимови се важни за одржување на компјутери што постојат во 164 училишта и тоа не само за одржување на компјутерите, туку и за подигнување на интересот на учениците во врска со информатичко-комуникациските технологии. Нашата цел со проектот "Компјутер за секое дете" не е компјутерите да бидат само поставени во училиштата, туку тие да бидат како алатки кои ќе се употребуваат во образованието, вели министерот за образование Сулејман Рушити.
Тој најави дека стоте илјади компјутери се инсталираат во предвидената динамика и како што доаѓаат компјутерите, така се инсталираат. Во некои училишта веќе е почнато и подобрувањето на надворешната електрична мрежа со поддршка од ЕВН.

- Листата на училиштата во кои треба да се поправа надворешната инсталација е веќе испратена во ЕВН, рече министерот Рушити. За следната година тој посочи дека во Министерството за образование ќе започнат со креирање на нови дигитални содржини и обука на наставниците.

Извор: М.Г. (20.11.2007). Во училиштата инсталирани 52.000 компјутери. Вечер.

Дневник: Недостапен договорот за ЕСМ поставен на интернет

Граѓаните и стручната јавност вчера не можеа да го видат договорот за продажба на ЕСМ на австриската компанија ЕВН, иако Владата го постави на својата веб-страница. Документот не можеше да се отвори поради бавното симнување на податоците, а требаше и авторизација со корисничко име и лозинка.Најавата на Владата дека ќе го објави договорот предизвика силен потрес во односите со Австријците. Од централата на ЕВН во Виена велат дека според меѓународната пракса за објавување договор, треба согласност од двете страни. Владиниот портпарол Ивица Боцевски тврди дека во договорот нема одредба за обострана согласност за објавување.

- Во договорот пишува дека може да биде објавен една година по потпишувањето. Во знак на добра волја ја известивме ЕВН за објавата на интернет - вели тој.

Според Боцевски, клучно за интересот на граѓаните е да знаат според кои меѓународни практики продавачот треба да враќа пари, откако ќе продаде нешто.

Односите помеѓу Владата и ЕВН се влошија откако од кабинетот на Никола Груевски ги објавија измените на Законот за енергетиката, за кои Австријците имаа многу забелешки. Владата го зголеми притисокот со изјавата дека сака да ја откупи компанијата од ЕВН. Состојбата се вжешти до меѓудржавен спор по најавата од Владата дека јавно ќе го обелоденат купопродажбениот договор и дека Австријците ќе плаќаат пенали за неисполнетите инвестиции.

Неофицијално, нашата амбасадорка во Виена, Весна Борозан, била повикана во Министерството за надворешни работи на Австрија за да и' изразат протест за односот на македонските власти кон австрискиот инвеститор.

Во македонското МНР не добиле информација дека Виена протестирала во врска со компанијата ЕВН.

Извор: Марјан Блажевски (20.11.2007). Недостапен договорот за ЕСМ поставен на интернет. Дневник.


среда, 7 ноември 2007 г.

Нова Македонија: Третиот мобилен оператор со постпејд услуги

Третиот мобилен оператор во Македонија од вчера воведува постпејд тарифен модел со цена од 5,7 денари за една минута кон сите мрежи.
Како што соопштија од Вип, корисниците ќе имаат можност до 10 декември да станат постпејд корисници без да платат месечна претплата во наредните три месеци.
Третиот оператор воведува четири постпејд понуди со тарифни модели почнувајќи од 200 до 1.500 денари месечна претплата, со можност за избор на три Вип пријатели кон кои повиците и СМС пораките ќе се тарифираат по цена од 4 денари.
Постпејд корисниците ќе го користат префиксот 078, а главниот извршен директор на компанијата, Младен Пејковиќ, првиот постпејд му го даде на македонскиот музичар Влатко Стефановски.

Извор: (7.11.07). Третиот мобилен оператор со постпејд услуги. Нова Македонија.