вторник, 13 мај 2008

Дневник: „Онтел“ понуди поевтина телефонија

Телекомуникацискиот оператор „Онтел“ од вчера почна да нуди услуги во фиксната телефонија со месечна претплата од 990 денари. Во овој пакет се вклучени 300 бесплатни минути разговор кон броеви на „Македонски телеком“, бесплатен приклучок и неограничени локални разговори во мрежата на „Онтел“.По искористувањето на бесплатните минути кон телекомот, разговорите ќе чинат 0,8 денари за минута. Од „Онтел“ соопштија дека цените на разговорите кон мобилната телефонија ќе бидат пониски за 15 до 20 отсто, а националните и меѓународните разговори ќе бидат поевтини до 60 отсто во споредба со тие на „Македонски телеком“. Минута разговор кон мобилните мрежи ќе чини 8,5 денари, а кон првата зона во странство шест денари. Телеком наплаќа 9,9 денари за мобилни разговори, а 12, 8 денари кон странство. Сите цени се без пресметан ДДВ од 18 отсто.Вториот фиксен оператор бара Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на конкуренцијата да преземат мерки за регулација на интерконекциските цени за граѓаните да добијат вистинска либерализација на телекомуникацискиот пазар.Силно ќе притискаме тие што поскоро да ги регулираат големопродажбените цени што ги нуди телекомот. Апсурдно е големопродажбените цени да се поголеми од малопродажбените. Со тоа телекомот директно ја спречува конкуренцијата и може да се казни со седум до десет отсто од вкупниот приход бидејќи ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот - вели Предраг Чемерикиќ, директор на „Онтел“.Раководството на „Онтел“ истакна дека свесно почнуваат да работат со загуба, а очекуваат до есенва да се создадат фер услови за работа. Месечната претплата на „Македонски телеком“ е 400 денари. За да ја користиме нивната жица бараат да им плаќаме по 582 денари за корисник. Уште поапсурдно е што телекомот наплаќа по 1.200 денари за инсталација на телефон во нов стан. Кога „Он.нет“ ја бара веќе поставената жица за свој корисник, нам ни наплаќаат 3.500 денари - рече Чемерикиќ.„Онтел“ ќе функционира како посебен бренд во рамките на интернет-провајдерот „Он.нет“, кој од 2006 година е сопственост на групацијата „Телеком Словенија“.Услугите на вториот фиксен оператор на почеток ќе може да ги користат само граѓаните во Скопје. Според Чемерикиќ, високите цени за интерконекција и за пристап до централите на „Македонски телеком“ се пречка за да услугите бидат достапни и во другите градови.Пазарот на фиксната телефонија, иако законски е либерализиран од пред неколку години, во пракса е монополизиран. Граѓаните досега немаа можност да избираат алтернативен оператор.

Извор: М.Б. (13.5.08). „Онтел“ понуди поевтина телефонија. Дневник.

Нема коментари: