сабота, 17 мај 2008

Дневник: Секој против секого во Македонската радио-телевизија

Управниот одбор на Македонската радио-телевизија подготвува обемно досие со документација за финансиски малверзации на извршниот директор Јанез Сајовиц, што ќе го достави до државните органи. Досието се подготвува како одговор на завчерашните обвинувања изречени од Сајовиц дека другите раководни кадри од сметката на јавниот сервис незаконски извадиле големи суми пари и набавувале опрема без да се знае за која намена.Додека раководството на МРТ е во кавга, вработените најавија дека во вторник ќе стапат во штрајк ако не им се исплатат две плати и хранарината за првите пет месеци од годинава. Синдикатот побара извршните директори и Управниот одбор да си поднесат оставки ако не ги решат овие проблеми до понеделник, за да преговараат со Владата.Директорот Сајовиц им порача на синдикалците да не бараат пари од него, туку од претседателот на Управниот одбор, Леонид Наков. Тој го обвини Наков дека го понижувал, му ги суспендирал менаџерските права, незаконски му го поништил менаџерскиот договор, а на крајот му ги суспендирал ингеренциите. Во УО велат дека членовите на комисиите што биле задолжени за определување на технолошки вишок им укажале дека Сајовиц погрешно ја водел процедурата. Членовите на комисиите ќе достават докази до УО за малтретирањата и за притисоците на кои биле изложени од страна на Сајовиц.Во досието ќе има докази за склучени штетни финансиски договори од страна на Сајовиц. Тој отстапувал поголемо рекламно време без наша согласност и потпишувал договори надвор од неговите ингеренции. Членови на Комисијата за систематизација на работните места се жалеа дека директно влијаел врз нивната работа - велат членови на УО.Во управата на МРТ тврдат дека е неточна изјавата на Сајовиц дека донел 33 милиони денари, туку дека последниот прилив на средства од 61 милион денари е наменски побаран и одобрен од Владата од други високи структури во јавниот сервис.Извршната директорка на МРТ, Маја Мишковска, во реакцијата на обвинувањата од Сајовиц, вели дека со својот интегритет гарантира дека сите активности што досега ги презела се во согласност со законот.

Извор: Марјан Блажевски. (17.5.08). Секој против секого во Македонската радио-телевизија. Дневник.

Нема коментари: