петок, 23 мај 2008

Нова Македонија: Владата ќе бара отштета за проневерите во телекомот

Владата ќе поведе постапка за обесштетување поради финансиските малверзации во „Македонски телекомуникации“, со кои од касата на компанијата од 2004 до 2006 година биле проневерени околу 6,7 милиони евра. Правници велат дека Владата, која е сопственик на акционерски капитал во компанијата, има легитимно право да бара одговорност и обесштетување за финансиските проневери. Во телекомот немаат коментар за овој случај.
Ивица Боцевски, портпарол на Владата, вели дека дефинитивно ќе се поведе постапка.
- Апсолутно ќе поведеме постапка за обесштетување. Ќе ги следиме сите наоди од истрагата. Откако ќе има конечни наоди, ќе следува постапка - вели Ивица Боцевски, портпарол на Владата.
Борче Давитковски, професор на Правниот факултет и поранешен член на одборот на директори на телекомот, вели дека одлуките за вакви услуги никогаш не биле одобрувани од одборот. Тој додава дека во купопродажниот договор имало клаузула со која доминантните сопственици можеле извесна сума пари да ја трошат на консултантски услуги без претходно одобрување од одборот на директори. Давитковски вели дека државата има право да бара отштета од „Маџар телеком“.
- Во тоа време државата поседуваше речиси 49 отсто од капиталот во телекомот. Така што, како оштетен акционер има легитимно право во судска постапка да побара одговорност и финансиски средства како обесштетување - вели Давитковски.
Завчера „Маџар телеком“, мнозински акционер во телекомот, објави дека од „Македонски телекомуникации“ од 2004 до 2006 година незаконски се одлеале 6,7 милиони евра. Оттаму презентираа дел од извештајот на американската ревизорска куќа „Вајт и Кејс“, ангажирана да открие нерегуларности во работата на телекомот, во кој се вели дека има потврдени докази за незаконитост во формирањето и спроведувањето шест договори за советодавни и маркетинг-услуги, извештаи за работата на компанијата и лобирање во Македонија во периодот 2004-2006 година. Во извештајот се вели дека спорните договори биле склучени со консултантска компанија од Кипар. Финансиските малверзации во телекомот беа извршени кога прв човек на компанијата беше Атила Сендреи. Откако беа откриени незаконските исплати од касата на телекомот, на „Маџар телеком“, компанија што котира на берзата во Њујорк, и беше наложено да ја ангажира познатата ревизорска куќа од САД за детално да го испита случајот. Тогаш Атила Сендреи беше сменет и од функцијата, а според официјалната верзија тој се повлече од здравствени причини. Според неофицијалните податоци, токму со одобрување од Сендреи во неколку наврати на сметката на кипарската „Чаптекс холдинг лимитед“ биле префрлани суми од по еден милион евра. Неколкуте договори со консултантската куќа биле потпишувани на оваа сума за да не се бара одобрување од одборот на директори. Се испитува дали телекомот воопшто добивал некакви услуги од оваа фирма. Истрагите за финансиските проневери во телекомот предизвикаа дополнителни штети, бидејќи „Маџар телеком“ не можеше навреме да ги подготви финансиските извештаи, поради што добиваше казни од надлежните институции. Во телекомот велат дека нема да го коментираат случајот, со оглед на тоа што истрагата ја води „Маџар телеком“ и се уште е во тек.

Извор: В.Н. (23.5.08). Владата ќе бара отштета за проневерите во телекомот. Нова Македонија.

Нема коментари: