петок, 16 мај 2008

Вест: Дојче телеком го купи и Космофон

Претставници на "Дојче телеком" в понеделник доаѓаат кај Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) да ја информираат за преземањето на управувањето во грчкиот оператор ОТЕ. "Дојче телеком" ќе плати околу 3,2 милијарди евра за вкупно 25 отсто од капиталот на ОТЕ и управувањето со компанијата, а грчката Влада задржа за себе 25 отсто. Со тоа "Дојче телеком" под свое ќе ги има единствениот фиксен оператор Македонски телеком, и двата најголеми мобилни оператора "Т-мобиле Македонија" и "Космофон", кои заедно имаат 92 отсто од мобилниот пазар во земјава. Претседателот на КЗК Чедомир Краљевски вели дека од содржината на информацијата од германскиот телекомуникациски гигант ќе зависи решението со кое антимонополците треба да го спречат враќањето на телекомуникацискиот монопол во Македонија. "Не е важно колкаво ќе биде учеството на 'Дојче телеком' во грчката телекомуникациска компанија, битно е дека има промена во управувањето со компанијата. Обврската за информирање на Комисијата за концентрација на моќ на пазарот настанува бидејќи го преземаат управувањето со грчкиот оператор. Комисијата потоа има рок од 30 дена да донесе решение за спречување на евентуалниот монопол, а решението ќе зависи од информацијата што ќе ја добиеме в понеделник", вели претседателот на Комисијата Краљевски.Според законот, КЗК, откако ќе направи анализа на пазарот, може да му дозволи на "Дојче телеком" во Македонија истовремено да биде газда и на двата мобилни оператора "Т-Мобиле Македонија" и "Космофон", односно, наместо да ја продаде, да ја издава инфраструктурата на "Космофон" по регулирани цени. Краљевски потенцира дека е се уште рано да се каже кое решение ќе се одбере. Ана Бисхоф од канцеларијата за информирање на "Дојче телеком" вели дека не може да зборува за плановите на "Дојче телеком" во Македонија, се додека за акционерскиот договор меѓу германскиот и грчкиот оператор не се изјаснат надлежните регулаторни тела и грчкиот Парламент. "'Дојче телеком' и грчката Влада во вторникот потпишаа акционерски договор, според кој 'Дојче телеком' ќе ја преземе управата со ОТЕ и целосно ќе ја консолидира компанијата", вели Бисхоф.Во телекомуникациските кругови инстантно се проширија и шпекулации дека германската компанија веќе преговара за продажба на "Космофон", како и дека меѓу најзаинтересирани се "Теленор" (присутен е на пазарот во Србија), "Водафон", руски компании, па и "Мобилком Австрија", кој е газда на третиот мобилен "Вип оператор".

Извор: Т.Ј. (16.5.08). Дојче телеком го купи и Космофон. Вест.

Нема коментари: