петок, 30 мај 2008

Утрински: Наместо 500 вработени, засега „Телеком“ го напуштаат само 400

Од „Македонски телеком“ засега доброволно ќе си заминат само 400 вработени. Имено, во речиси едномесечниот период даден од компанијата за прибирање барања за излегување од фирмата со испратнина, наместо 500, се пријавиле 100 вработени помалку. На дел од вработените веќе им тече отказниот рок и се планира тие да го напуштат „Телеком“ до средината на јуни. Апликациите на дел од вработените се' уште се во фаза на разгледување заради организирање на понатамошната работа преку согледување кои работни места ќе се испразнат.

Од „Македонски телеком“ велат дека пријавените 400 вработени за заминување од фирмата се задоволителна бројка, иако тие првично имаа проекции за заминувања на 500 лица од работа.

Оттаму не сакаа да коментираат што ќе се случи со 100 вработени, кои како бројка се' уште го оптоваруваат работењето на компанијата.

Паралелно со акцијата за доброволно заминување, компанијата сака да се ослободи и од дејностите за кои смета дека повеќе не и' се потребни. Се бараат надворешни фирми да ги преземат секторите напојување и информации, а се планираат и 100 нови вработувања во согласност со плановите за реструктурирање на компанијата.

Процесот на внатрешните промени во „Македонски телеком“ преку намалување на бројот на вработени со исплата на испратнини ќе ја чини компанијата 11 милиони евра. Од компанијата најавија дека идната година ќе има мали корекции на бројот на вработени.

Извор: А.С. (30.5.2008). Наместо 500 вработени, засега „Телеком“ го напуштаат само 400. Утрински Весник.

Нема коментари: