сабота, 17 мај 2008

Утрински: Новата влада ќе ја троши дивидендата од „Телеком“

„Македонски телеком“ одлучи да дели дивиденда во износ од 79,5 милиони евра за акционерите, од добивката искажана за 2007 година. Од вкупната добивка која за 2007 година достигнала 147 милиони евра, компанијата како дивиденда ќе подели 50 проценти, односно 79,5 милиони евра. Исплатата на дивидендата ќе стартува од 30 јуни оваа година.

Инаку, познато е дека за 2006 година акционерите на „Македонски телеком“ одлучија нето-добивката за таа година да се распредели во акумулирана добивка. Односно, од неа не беше поделена дивиденда. Сега, пак, при утврдувањето на дивидендата за 2007 година, ќе се имаат предвид и акумулираната добивка од 2006 и нето-добивката за 2007 година.

Од ова може да се изведе заклучок дека „Македонски телеком“, всушност, сега заедно ќе ја дели дивидендата и за 2007 и за 2006 година.

Притоа, треба да се има предвид дека станува збор за вкупна добивка што ја оствари „Македонски телеком“, односно заедно со својата фирма-ќерка „Т-мобиле“.

Колкава сума ќе добие македонската Влада, која е втор по големина акционер во „Телеком“, засега се' уште точно не се прецизира. Но, со оглед на фактот што Владата поседува акционерски пакет од околу 35 - 36 проценти, доколку се направат пресметки согласно со нејзиното учество во капиталот, тие покажуваат дека таа би можела да се надева на дивиденда од околу 28 милиони евра. Но, таа сума засега останува само во сферата на шпекулациите, бидејќи точниот износ ќе се утврди на Собранието на акционери.

Тоа значи дека во државниот буџет во почетокот на јули годинава би требало да легнат околу 28 милиони евра. Што ќе се прави со нив, ќе одлучи новата влада, што ќе ја формираат победничките партии на претстојните парламентарни избори.

„Македонски телеком“ вчера информираше дека одлуката за распределба на дивидендата треба да ја верификуваат уште и акционерите, на нивното Годишно собрание што треба да се одржи на 11 јуни годинава.

„Одборот на директори на ’Македонски телеком‘ донесе одлука да му предложи на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2007 година. Според одлуката, Одборот предлага да се исплати 50 отсто од добивката за 2007 година, која изнесува 9.043.912.770 денари, или за исплата на дивиденда за изминатата година се предвидени 4.891.535.769 денари. Вредноста по една акција е во висина од 56,71 денар“, се вели во соопштението од компанијата.

Инаку, неофицијално се дознава дека покрај „Маѓар телеком“ и Владата, како два најголеми акционера во „Македонски телеком“, дивиденда ќе добијат и околу 3.000 малцински акционери на компанијата. Или поточно, сите акционери кои ќе бидат евидентирани во книгата на акционери на „Македонски телеком“ на 19 јуни 2008 година имаат право на дивиденда за 2007 година.

По информацијата дека ќе се дели дивиденда, акцијата на „Македонски телеком“ вчера на Македонската берза порасна за 3,82 процента во однос на претходниот ден, а се продаваше по цена од 621,37 денари за акција. Беше истргувана количина од 3.169 акции на компанијата.

Извор: (17.5.08). Новата влада ќе ја троши дивидендата од „Телеком“ . Утрински Весник.

Нема коментари: